Достапни линкови

Како Романија стана илегална депонија на ЕУ


нелегален смет во Романија
нелегален смет во Романија

Три години откако Кина го блокираше увозот на отпад од развиените земји, Романија станува нова депонија за илегално увезен отпад од претежно европски земји.

Романскиот министер за животна средина Танцос Барна, неодамна изјави за локална телевизиска емисија дека шверцот со отпад во Романија „е широко распространет феномен, заснован врз правилото што дозволува пренос на суровини од една земја-членка на ЕУ во друга“.

Дивите депонии - вообичаена слика на Балканот

„Она што теоретски се внесува со овие контејнери е суровина за рециклирање. Јас велам „теоретски“, бидејќи многу често во овие контејнери има нешто друго освен она што е декларирано, рече Барна.

Во земјите како Германија, Белгија и Грција, опасниот отпад може да чини до 1.000 евра по тон за отстранување.

нелегален смет откриен од граничната полиција на Романија
нелегален смет откриен од граничната полиција на Романија

Наместо тоа, компаниите се обидуваат да ги намалат своите трошоци со испраќање на ѓубрето во Романија, каде што организации на црниот пазар наплатуваат околу 250 евра по тон за да го примат отпадот.

Но, наместо да се фрли според прописите, отпадот едноставно се фрла на депонии или се пали.

Октавијан Берчеану, шеф на романската агенција за заштита на животната средина, вели дека околу 3.700 тони отпад се прошверцувани во Романија само во 2021 година.

Што сѐ Европската Унија ќе финансира во Западен Балкан?

На 7 мај беа откриени 10 контејнери од Германија исполнети со мешан отпад, вклучително и хартија и пластика.

Кон крајот на истиот месец 10 тони стаклен отпад натоварен во Грција бил наменет за компанија лоцирана во округот Калараси.

Овчар ги чува своите овци во близина на една од главните депонии во Букурешт
Овчар ги чува своите овци во близина на една од главните депонии во Букурешт

Од Грција дошле и 20 тони пластика наменети за компанија во Ѓиргиу кои биле откриени на границата.

Над 16 тони отпад, главно облека и обувки, биле откриени од граничната полиција Бихор. Возачот на камионот не презентираше документи со кои се дозволува увоз.

За Европа ѓубрето е ресурс, Македонија не може да го собере по улици

На 3 август крајбрежната стража во Констанца идентификуваше еден шлепер кој наводно, носел жито од Србија. На бродот беа откриени повеќе од 1.000 тони отпад.

Во пристаништето во Констанца сѐ почесто се открива и нелегален увоз на отпад што доаѓа од Јапонија, Кина и Саудиска Арабија.

Берчеану вели дека приливот драматично се зголемил во текот на изминатите неколку години, бидејќи земјите бараат места за фрлање отпад откако Кина и неколку други азиски земји одбиваат да го прифатат.

нелегален смет откриен од граничната полиција на Романија
нелегален смет откриен од граничната полиција на Романија

Но, откривањето на илегалниот отпад на границата е посложено ако станува збор за легален увоз на материјали како што е на приме отпадна пластика, кои романските погони за рециклирање ги купуваат од странство за да продолжат да работат со полн капацитет.

Во 2019 година, Романија рециклираше само 12 проценти од својот отпад - една од најниските стапки во Европа.

ЕУ порачува дека недоволно се бориме за животната средина

Министерот за животна средина Барна вели дека „отпадот што пристигнува во Романија од други европски земји е наведен во официјалните документи како суровина за рециклирање, но компаниите што увезуваат отпад обработуваат само 10 проценти, додека остатокот оди на депонија.

Шверцерите ги избегнуваат царинските службеници, опишувајќи го отпадот како половни производи што ќе им се продаваат на Романците.

„Сакаме да го зајакнеме законодавството за да можеме да изрекуваме затворски казни“, вели Берчеану, додавајќи: „Од моја гледна точка, тоа е прашање на национална безбедност“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG