Достапни линкови

Вести

Демонстрантите во Цетиње остануваат на барикадите

Противници на устоличувањето на Јоаникиј и ноќеска ќе останат на барикадата поставена на еден километар пред влезот во Цетиње од правец на Подгорица.

Граѓаните на Црна Гора кои се противат на устоличувањето на црногорско-приморскиот митрополит Јоаникиј во Цетински манастир најавија дека ќе останат на барикадите цела ноќ односно се додека Српска православна црква не се откаже од церемонијата во Цетиње.

Противниците на устоличувањето во текон на денот поставија барикади од автомобилски гуми, контејнери, шут на влезот во Цетиње. На една од барикадите има и шлепер. Демонстрантите сакаат да спречат срскито патрихарх Порфириј и митрополитот Јоаникиј да пристигнат на Цетиње каде утре во осум часот наутро треба да почне церемонијата.

Српскиот поглавар, пак, е во Подгорица каде одржа вечерна литургија пред Храмот на Христовото воскреснување. Патријархот Порфириј на Инстаграм ги негираше пишувањата на некои медиуми дека устоличувањето е одложено. Утре одиме за Цетиње да го устоличиме владиката Јоаникиј, напиша поглаварот на СПЦ.

„Ме зачуди тоа што одредени медиуми вечерва објавија дека сум се откажал од устоличувањето во манастирот во Цетиње. Се работи за ноторна лага и дезинформација“, напиша тој на Инстаграм.

Верници пред Храмот на Христовото воскреснување во Подгорица.
Верници пред Храмот на Христовото воскреснување во Подгорица.

Демонстранти соопштија дека ќе ги запалат автомобилските гуми што се поставени на барикадите, ако полицијата се обиде да ја отстрани блокадата.

Претходно на кружниот тек во Цетиње демонстрантите се судрија со полицијата.

Црногорската полиција соопшти дека безбедносната ситуација во Цетиње е неповолна и ризична.

Во Цетиње претходно пристигна претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

Противниците бараат чинот на устоличување да се изведе во кој било друг град во Црна Гора, само не во Цетиње, кој е културно-историски центар на Црна Гора. Манастирот во Цетиње е седиште на црногорско-приморската Митрополија на СПЦ.


види ги сите денешни вести

Косовската полиција негира дека нејзини припадници претепале тројца Срби

Единица за специјални операции на косовската полиција патролира во областа во близина на граничниот премин помеѓу Косово и Србија во Јариње, 22 септември 2021 година

Косовската полиција негираше дека нејзини припадници претепале тројца Срби во близина на преминот Брњак. Косовската полиција во соопштението вели дека информациите се неточни и имаат за цел „да ја дезинформираат јавноста, да ја направат ситуацијата небезбедна за граѓаните и да исполнат различни политички амбиции надвор од Косово“. „По официјалните проверки, таквите информации се покажаа како невистинити, бидејќи на граничниот премин немаше запирања или контакт со ниту еден демонстрант, но полициската единица провери три камиони, односно нивните возачи, кои возеа зад полицискиот конвој, загрозувајќи ја безбедноста на полициските операции“, објави косовската полиција, наведувајќи дека „полициските службеници приведоа, проверија, а потоа ослободија тројца косовски возачи, на кои им беше наложено да се пријават во полициската станица во Јужна Митровица“.

Тензии на граничните премини на северот на Косово


Заедно со објавата, беа доставени и документите за идентификација на тројцата уапсени, кои беа проверени од полициските службеници. Како што претходно објави РТС, „двајца од тројцата Срби кои утрово беа претепани од припадниците на специјалните полициски единици на административниот премин Брњак, се здобија со тешки телесни повреди и беа хоспитализирани на хируршкото одделение во Митровица“. Директорот на КБЦ Косовска Митровица, Златан Елек, изјави за РТС дека „повредите што произлегуваат од ударите со кундаци и нозе“.

Кандидатите за германски канцелар се за силна Европа

Претседателка на „зелените“ Аналена Баербок, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Армин Лашет и германскиот министер за финансии и кандидат на Социјалдемократската партија Олаф Шолц

Првите двајца кандидати кои се борат да ја заменат Ангела Меркел на функцијата канцелар на Германија повикаа на посилна Европска унија во последната телевизиска дебата пред изборите на 26 септември. Конзервативната Христијанско-демократска, Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ) на Меркел заостанува во анкетите зад левоцентристичките социјалдемократи (СПД), но го намали јазот во последните денови.

Ултимативен водич низ германските избори

Во нивниот последен заеднички телевизиски настап на 23 септември, двајцата главни кандидати за наследник на Меркел-министерот за финансии и вицеканцелар Олаф Шолц од СПД и Армин Лашет од ЦДУ/ЦСУ, повикаа на силна, суверена Европа. „Ни треба повеќе Европа, треба да зборуваме со еден глас“, рече Лашет, кој е премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија. „Треба да започнеме проекти заедно, исто така проекти за вооружување за да можеме да дејствуваме заедно“. Шолц рече дека ЕУ треба да се држи заедно за да остане релевантна на глобалната сцена и ја истакна важноста на соработката со САД и НАТО.

Меркел во изминативе 16 години


Шолц повтори дека не би се согласил на радикални политики како што е повлекување од НАТО доколку формира левичарска алијанса. Тој, исто така, вети дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана. Аналена Баербок, кандидат за партијата на Зелените, повика на заедничка политика на ЕУ во врска со Кина „за да не се играме едни против други“, заговарајќи комбинација на „дијалог“ и „цврстина“ со Пекинг. Климатските промени се појавија како главна грижа меѓу проценетите 60 милиони граѓани со право на глас. Денеска се очекуваат голем број луѓе да излезат на улиците, како дел од глобалната демонстрација за климата, а климатската активистка Грета Тунберг ќе присуствува на маршот во Берлин.

Вашингтон и ЕУ за смирување на кризата во Косово

американскиот државен секретар Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, архивска фотографија

Американската администрација ќе биде посилно вклучена во напорите на Европската унија да го прекине ќор -сокакот во дијалогот Белград -Приштина и што поскоро да ја смири кризата во северно Косово, што ја загрозува стабилноста на регионот. Ова се очекувањата што произлегуваат од разговорите во Њујорк меѓу високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Косово бара од Србија намалување на тензиите на границата

Извори од двете делегации изјавија дека американската администрација и ЕУ се против еднострани потези што го попречуваат дијалогот и преговорите и оти таквите чекори доведуваат до намалување на поддршката во меѓународната заедница. На маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН, Борел и Блинкен, покрај кризата во односите САД-ЕУ, „разговараа и за други прашања од заеднички интерес, вклучувајќи ги Авганистан и Иран.

Лидерите на Западен Балкан на вечера со Борел

Европската унија е убедена дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е решена материјално да им помогне на напорите на Брисел за конечно нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград.

Времето денеска: сончево и потопло

Наутро студено, во текот на денот претежно сончево и потопло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 18 до 28 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 24 степени.

На црногорско-албанската граница најдена дрога во возило со македонски таблички

Граничниот премин Сукобин меѓу Албанија и Црна Гора

Службеници на царинската испостава Сукобин која се наоѓа на границата меѓу Албанија и Црна Гора во координација со Управата за полиција спречиле криумчарење наркотици, соопшти Управата за приходи и царини на Црна Гора, а пренесува држваната црногорска телевизија. Возилото, како што се наведува во пренесното соопштение било со македонски регистарски таблички.

"Службениците на царинскиот терминал Сукобин во координација со Управата за полиција при контрола на патничко моторно возило пронајдоа поголема количина растителна супстанција за која постои основано дека се работи за наркотици. Возилото со регистарски таблички од Република Северна Македонија кое се движело во насока од Албанија кон Црна Гора, а супстанцијата спакувана во повеќе различни пакувања е пронајдена скриена во бункер на возилото наметенето за криумчарење“, се наведува во соопштението.

Во согласност со протоколите за билатерална соработка, како што се наведува, понатамошната постапка за утврдување на составот на материјата и потеклото на истата како и процесуирање на предметот ќе го спроведат надлежните органи на Република Албанија.

Нови 526 заразени, пријавени 28 починати

Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство информирa дека во последните 24 часа се регистрирани 526 нови случаи на ковид19. Од нив најмногу во Скопје – 245, Куманово – 43, Велес – 22, Прилеп и Охрид – по 19, Штип – 18, Кавадарци – 17, Струмица – 16, Крива Паланка – 15, Битола – 12, Тетово – 11, Гостивар и Кочани – по 10. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Во текот на изминатите 24 часа починале 14 лица, од нив тројца на 42 години, а највозрасните починати се двајца на 83 години. Сите пријавени лица се починати во болнички услови. Дополнително, информираат од Министерството за здравство, согласно Регистерот на умрени лица со дијагноза ковид 19 од системот Мој Термин, пријавени се уште 14 лица со датум на смрт во период од 02.09.2021 до 17.09.2021 година.

„Починатите се на возраст од 37-92 години, од кои седум лица починале во болнички услови, додека останатите седум лица се починати во домашни услови“, информираат од Министерството за здравство.

Во последните 24 часа се регистрирани и 830 оздравени пациенти .
Со ова вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 188.635 бројката на оздравени пациенти е 169.946, на починати е 6.539, а бројот на активни случаи изнесува 12.150.

По иницијатива на Вучиќ, повлечен предлог законот за внатрешни работи

Претседателот на Србија Александар Вучиќ

Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, денеска изјави дека го повлекол нацрт -законот за внатрешни работи од процедура по иницијатива на претседателот Александар Вучиќ. Предлог законот беше остро критикуван од опозицијата и професионалната јавност, а Вулин рече дека со повлекувањето сакал „да се избегне крв на улиците на Белград “.

„Преку разузнавачка работа дојдовме до информации дека неколку странски западни разузнавачки служби, преку нивната агенциска мрежа во медиумите, невладините организации и политичките партии, извршија медиумска подготовка за организирање насилни протести насочени кон дестабилизација на Србија“, изјави Вулин во писмената изјава доставена до медиумите од МВР.

Како што пренесува МИА Вулин во изјавата додава дека законската регулатива за поставување камери што ќе препознаваат лица и силуети е немерлива во помошта на полицијата да решава убиства и најтешки злосторства, но дека ова решение е нападнато од „сите западни невладини организации и нивните финансиери и клиенти“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека причината поради која „го замолил министерот Вулин“ да го повлече нацрт-законот за внатрешни работи е „формална“, бидејќи, како што рече, до изборите имало уште шест месеци и дека таков важен закон не е добро да се донесе во овој период.

Пендаровски пред ОН: подготвени сме да се вклучиме во конструктивен дијалог со Бугарија

Њујорк-претседателот Стево Пендаровски на Генералното собрание на Обединетите нации

Претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање на генералната дебата од 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) што се одржува во Њујорк рече дека Западен Балкан е соочен со сериозни предизвици во однос на неговите аспирации за европска интеграција.

„Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени. Од друга страна, ваквата состојба ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи, толку важни за регионалната перспектива за стабилност и за просперитет“, рече Пендаровски.

Претседателот нагласи и дека земјава ја докажала својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“.

„Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка“, рече Пендаровски.

При тоа ја сподели загриженоста на многу лидери за последниот развој на настаните во Авганистан напоменувајќи дека земјава водена од чувството за морална обврска, како и солидарната одговорност веднаш ја искажа својата подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето кои долги години работеа за агенциите на Обединетите нации во таа земја.

„Подготвени сме да дадеме свој придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможиме подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција“, порача Пендаровски.

Втора група Авганистанци пристигнаа во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:07 0:00

Претседателот зборуваше и за пандемијата со коронавирусот, климатските промени и други теми. Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е тој да се сретне и со генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

ВМРО-ДПМНЕ: неодговорен e пристапот на Заев кон прашањето со Бугарија

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ попладнево во соопштение реагира дека пристапот на премиерот Зоран Закон кон прашањето со Бугарија бил „неодговорен, несовесен, ненаучен и игнорантски“, надополнет со „нула однос и емоција кон идентитетот и историјата на нашата земја“.

Од опозициската партија наведуваат дека се сомневале оти овие потези на Заев биле за да се наметне темата со Бугарија во кампањата за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври. На тој начин, тврдат од таму, актуелниот премиер се обидувал да им каже на странците кои, како што наведуваат, веќе кренале раце од него, дека се ќе прифател за да го спасувале на избори.

„А, не сфаќа Заев дека тука гласаат граѓаните на оваа земја, и дека меѓународниот фактор веќе го запознаа многу добро, знаат се што се случува и што се прави овој човек, и нема повторно да паднат на неговите измами, едноставно нема да бидат вовлечени. Ако гледате Заев очајно бара кавга на етнички и национални теми, и за негова жал веќе сите го читаат и се чудат до кај е спремен да оди. И сега е најопасен за себе и за јавноста“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека ќе се брише придавката „бугарски“ од спомениците и од учебниците во кои сега пишува „бугарски фашистички окупатор“ затоа што фашизмот нема етничка боја. Тој рече дека целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички. На новинарско прашање дали ќе се брише и германскиот и италијанскиот окупатор тој не кажа конкретно, туку додаде дека имало соработници со фашистичкиот окупатор и овде во Македонија.

Кај Лојане откриени 52 илегални мигранти од Африка и Азија

Полиција

Во атарот на село Лојане, општина Липково, кај местото викано „Шорта“, изутрината околу 6:30 часот, од полициски службеници од Полициската станица за Граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север, биле откриени 52 илегални мигранти со потекло од африкански и азиски земји.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, тие биле приведени и однесени во Транзитниот центар Табановце. Четири лица од Пакистан биле лишени од слобода затоа што кај нив биле пронајдени нелегални супстанци и ладно оружје, а биле посочени и дека физички ги напаѓале останатите од групата. Тие се предадени во СВР Куманово.

МВР дополнува дека по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Високи владини претставници на Киргистан се сретнаа со талибанците во Кабул

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид

Талибанците соопштија дека двајца високи претставници на владата на Киргистан дошле во Кабул на разговори со лидерите на групата, што претставува и највисока киргистанска делегација која се среќава со нив откако ја преземаа власта во Авганистан во средината на август.

Извршниот министер за надворешни работи на талибанската влада Амир Кан Мутаќи се сретнал со заменик претседателот на киргистанскиот совет за безбедност Талатбек Масадуков и со шефот на одделот за надворешна политика во претседателскиот кабинет Јенбек Кулубаев, напиша на Твитер портпаролот на талибанците Забихула Муџахид.

Засега за ова нема потврда од официјален Киргистан. Талибанскиот портпарол напиша и дека Мутаќи ги поздравил, им се заблагодарил за поддршката, нагласувајќи дека состанокот бил посветен на билатералните односи и продолжување на соработката.

Состанокот се случува додека меѓународната заедница се соочува со дилема дали да ги признае талибанците како водачи на Авганистан по нивното преземање на власта. Светските сили отворија канали за комуникација со групата, истовремено нагласувајќи дека тоа не значи признавање.

ДИК: ќе може да се гласа и со истечени лични карта или пасоши

Лична карта

Државната изборна комисија денеска ја одржа 26. седница на која едногласно беше усвоено предлог-упатството за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, кое произлегло од новите измени на Изборниот законик.

„Една од измените е дека граѓаните можат да гласаат со истечена лична карта, која им е истечена од денот на распишување до денот на одржување на изборите“, рече потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.

Втората измена, како што појасни таа, е дека граѓаните ќе можат да гласаат со патни исправи, но според измените на Законот за патни исправи, важноста на патната исправа ќе се смета со рок на важност од 31 јули 2020 до 31 декември 2021 година.

„Третата измена е по препорака на ОБСЕ, која и пратениците ја прифатија, а се однесува на тоа граѓаните кои не се во Избирачкиот список, а ги исполнуваат условите да гласаат на денот на изборите по добивање решение од ДИК, по поднесен приговор за заштита на личното изборачко право и откако Општинската изборна комисија ќе утврди дека граѓанинот ги исполнува условите, дента да биде запишан во Избирачкиот спискок или по добивање пресуда од Управниот суд, дента на тие граѓани ќе им се дозволи да гласаат и Избирачкиот одбор со добиени копиии од решението ќе ги запише во Избирачкиот список и ќе им овозможи да гласаат“, рече Шеху.

На денешната седница едногласно беа усвоени и измените на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиум (интернет портали), а беше усвоено и барањето за пет набљудувачи на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС – Канцеларија во Северна Македонија.

На 17 октомври ќе се одржат седмите локални избори од независноста на Македонија. Изборната кампања почнува на 27 септември на полноќ и ќе трае до 15 октомври.

Заев: не се мешам во работата на историската комисија

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека ќе се брише придавката „бугарски“ од спомениците и од учебниците во кои сега пишува „бугарски фашистички окупатор“ затоа што фашизмот нема етничка боја. Тој рече дека целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички.

„Ако има одредени други провокации кон нацијата, а не кон фашизмот и однесувањето во тој период, не можете да кажете дека градите добрососедство. Но, не смееме да обвинуваме цели нации за фашизам, како што не смее да се обвинува ниту германската, италијанската, или јапонската па така и бугарската“, рече Заев.

На новинарско прашање дали ќе се брише и германскиот и италијанскиот окупатор тој не кажа конкретно, туку додаде дека имало соработници со фашистичкиот окупатор и овде во Македонија.

„Ги знаеме сите тие соработници на фашизмот и апсолутно не треба според мене, а еве и јавноста нека каже, да изедначуваме цели нации, цели етникуми со фашизмот затоа што не е ред така“, рече Заев.

Премиерот не смета дека менување на терминот бугарски и во учебниците е мешање во работата на заедничката македонско бугарска комисија за историски и образовни прашања.

„Назначувањето или именувањето на фашистички окупатор или давајќи етничка димензија на фашистичкиот окупатор не е делокруг на работата на историската комисија. Историската комисија го работи делот на историските моменти, на тоа што се случувало до тогаш, кој каков револуционер бил, за што се борел, кој каков партизан бил или припадник на фашистичкиот режим во тоа време. Политичкиот аспект е делот на политиката и затоа слободно го дискутирам“, рече Заев.

Инаку комисијата е составена според Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Досега одржа 14 состаноци, а последниот во јуни заврши со став на македонскиот тим дека Бугарија сака да наметне свој поглед на минатото. Тие усвоија препораки за учебниците за историја во петти клас во Бугарија и шесто одделение во Македонија.

Односите меѓу Скопје и Софија поради кој источниот сосед ја блокира македонската европска интеграција беа во фаза на мирување поради изборите во Бугарија кои и покрај двата циклуса годинава не донесоа можност за формирање политичка влада.

Во ноември таму ќе се одржат нови парламентарни избори заедно со претседателските, а темата за спорните точки меѓу двата соседа, главно поврзани со историјата, повторно се отвори по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Софија.

По средбата со него неделава бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Бугарија очекува ефективни активности од институциите на Европската унија за промовирање на вредностите на демократија и почитување на човековите права во Република Северна Македонија.

За 9,3 милиони евра Чифлиганец купи две топлани и имотот на „Топлификација“

Топлификација

„Адора инженеринг“ по пат на јавна лицитација за 9,3 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“ и најголемиот дел од останатиот имот на „Топлификација“ АД, која е во стечај.

Како што соопшти компанијата, со оваа купопродажба успешно завршила стечајната постапка и се отворало ново поглавје во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија.

„Важен позитивен аспект од оваа зделка што ја одлучи судбината на досегашниот загубар „Топлификација“ АД, е што регулираниот бизнис со производството на топлинската енергија ќе биде во рацете на сигурна компанија со целосно домашен капитал и менаџмент“, наведува „Адора“.

Заменик-генералниот директор и одговорен за деловниот развој, Душко Чифлиганец, рече дека овој бизнис аспект ќе функционира како посебен правен ентитет под името „Адора Енерџи Солушн“, а менаџментот и раководството ќе биде целосно составено од домашни човечки ресурси.

Украина донесе закон со кој се ограничува влијанието на олигарсите

Украина- опозицициските пратеници се расправаат со собранискиот спикер за време на носењето на таканаречениот „закон за олигарсите“ 23.09.2021

Украинските пратеници го одобрија законот кој има цел да го ограничи влијанието на олигарсите, еден ден откако автомобилот на советник на претседателот Володимир Зеленски кој се залагаше за реформата, беше изрешетан со куршуми додека се возеше низ едно село.

Предложениот текст познат како „закон за олигарси“, денеска беше усвоен од Врховната Рада во второто и последно читање. Законот, кој сега мора да се биде потпишан од претседателот Зеленски, воведува правна дефиниција за олигарх, формирање на регистар на тајкуни и воведува ограничувања за нивните активности, како што е забрана за финансирање на политички партии.

Тимот на Зеленски навести дека незадоволството од законот може да биде причина за вчерашниот обид за убиство на Сехиј Шефир, близок соработник и пријател на претседателот. Шефир не беше повреден, но неговиот возач е хоспитализиран со прострелни рани.

САД долго време ја повикуваат Украина да се справи со неколкуте магнати кои имаат огромно политичко влијание зад сцената на штета на земјата и нејзините граѓани. Сепак, критичарите на законот предупредуваат дека предложениот текст отвора простор за субјективно таргетирање.

Според законот, Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана ќе донесе конечна одлука дали некој поединец ги исполнува критериумите за лице кое има значително економско или политичко влијание во јавниот живот, односно олигарх. Советот на министри, членови на Централната банка. Советот за одбрана, Антимонополското министерство или Службата за безбедност имаат право да предложат име на магнат разгледување од страна на Советот за национална безбедност.

Џафери го вратил предлогот за формирање Анкетна комисија за пожарот во Тетово

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја вратил доставената Предлог-одлука за основање Анкетна комисија за утврдување на факти и одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово, оти предлогот не е во согласност со Уставот, односно не го содржи уставното име. Предлог одлуката се враќа како неуредна, се наведува во одговорот потпишан од Џафери на поднесената Предлог-одлука од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Истата, се наведува во одговорот, треба да се усогласи во рок од 15 дена.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски претходно денеска на прес-конференција рече дека добиле неофицијална информација дека собраниското мнозинство ја одбива Предлог-одлуката за формирање на Анкетна комисија.

„Сметаме дека со ваквиот потег, парламентарното мнозинство не сака да се расчисти овој случај и не сака да добијат одговор прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност за оваа трагедија која чинеше 14 човечки животи. Сметаме дека г-динот Зоран Заев се уште тактизира за да го заштити министерот Филипче, а пратеничкото мнозинство СДСМ – ДУИ за да ги заштити и надлежните во Општина Тетово и во клиничката болница во Тетово, рече Милошоски.

На 8 септември во модуларната болница во Тетово загинаа 14 луѓе.

ДЗС апелира на трпеливост – попишувачите ќе го посетат секое домаќинство

Теренскиот попис на домаќинствата

Државниот завод за статистика апелира до граѓаните за трпеливост – попишувачите се на терен и ќе го посетат секое домаќинство. Би сакале да ги потсетиме граѓаните дека треба да ги проверуваат овластувањата на попишувачите и да ги примаат само оние кои имаат овластувања од Државниот завод за статистика, соопштија денеска од Државниот завод за статистика (ДЗС).

Уште осум дена остануваа за спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите.

Од ДЗС потсетуваат дека податоците од Пописот се исклучиво за статистички цели и ќе се објавуваат само збирно, а никако како лични податоци. Никој нема пристап до личните податоци, а целиот процес на обработка ќе биде автоматизиран и без каков било субјективизам, велат од ДЗС.

„Одговорите на т.н. чувствителни прашања – за етничка припадност, за вероисповед и за мајчин јазик претставуваат лично чувство на секој граѓанин и попишувачите (или некој друг) не смеат да сугерираат одговори. Попишувачите имаат должност да овозможат увид во внесените податоци, а секој граѓанин треба да го следи процесот на попишување и да гледа што попишувачот внесува во апликацијата. Доколку некој врши притисок по кој било основ, граѓанинот има право да го пријави случајот“, се наведува во соопштението од Државниот завод за статистика.

Вкупно 1.309.840 луѓе, 405.266 домаќинства и 556.415 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во змјава започна на 5 септември и ќе трае до 30 септември.

Последниот попис во земјава се спроведе во 2002 година.

Партиите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Премиеорот и лидер на СДСМ Зоран Заев и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Претставници на политичките партии учесници на изборите денеска потпишаа Кодекс за фер и демократски избори, со што се обврзаа на демократски изборeн процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со што би имало транспарентни, инклузивни и отчетни избори.

Кодексот први го потпишаа претставниците на двете најголеми политички партии, Зоран Заев и Владо Мисајловски, а по нив Фатмир Бесими и Биљал Касами од ДУИ и БЕСА, Горан Милевски и Маја Морачанин од ЛДП и ДОМ, Зијадин Села и Афри Гаши од Алијанса на Албанците и Алтернатива. Кодексот го потпишаат и ДПА, ГРОМ, Демократската партија на Турците, Партијата за движење на Турците, Левица, Интегра, ПОДЕМ, на Бошњачки демократски сојуз, Титови леви сили и Зелен хуман град.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски истакна дека изборите и другите политички процеси се клучни за квалитетот на управувањето и дека можат во голема мера да го унапредат долгорочниот демократски развој на земјата, како и приоритетите, регионалните и глобални надворешни политики, а најфундаменталниот принцип што ги дефинира кредибилните избори е слободното изразување на волјата на народот.

Како учесници во политичките избори, на настанот што се одржа во Клубот на пратеници беа спомнати и медиумите, за кои Даштевски рече дека треба да бидат слободни, да собираат и пренесуваат информации за учесниците во изборите и прашањата од политичка важност и да ги покриваат сите учесници точно, праведно и правично.

Талибанците воведоа „екстремно опасни“ правила за новинарството

Новинари во Авганистан

Репортери без граници соопшти дека листата на правила што владата предводена од Талибанците бара од авганистанските новинари да ги почитуваат го отвора патот кон „цензура и прогон“, со што се зголемува меѓународната загриженост за слободата на медиумите во Авганистан.

Организацијата предупредува дека 11-те правила до кои новинарите мора да се придржуваат се „крајно опасни“, поради тоа што се нејасно формулирани и може да се користат за прогон на новинари.

Правилата „оставаат простор за угнетувачка интерпретација, наместо да обезбедат заштитна рамка што ќе им овозможи на новинарите, вклучително и на жените, да се вратат на работа под прифатливи услови“, вели во денешното соопштение генералниот секретар на Репортери без граници Кристоф Делуар.
По преземањето на власта на средината на август, талибанците рекоа дека медиумите ќе останат „слободни и независни“, под услов да работат според „исламските принципи“, да бидат фер и да им служат на „националните интереси“.

Првите три правила им забрануваат на новинарите да објавуваат стории „спротивни на исламот“, „навредуваат државни личности“ или ја нарушуваат „приватноста“. Милитантите исто така им рекоа на новинарките од државните медиуми да престанат да доаѓаат на работа, вршеа претреси во домовите на новинари и направија промени во програмата.

Репортери без граници предупредува дека не е прецизирано кој и врз каква основа утврдува дали нешто е спротивно на исламот или значи непочитување на државна личност, што значи дека правилата може произволно да се толкуваат и да се злоупотребуваат. Организацијата изрази загриженост и за други три правила според кои новинарите „нема да се обидуваат да ја извртат содржината на вестите“, „да ги почитуваат новинарските принципи“ и да „се осигураат дека нивното известување е балансирано“.

Опасноста од враќање на контролата и цензурата на вестите се зголемува со четирите други правила, кои исто така може произволно да се толкуваат, смета Репортери без граници. Правилата предвидуваат „новинарите да се придржуваат до принципите на неутралност“ и „да објавуваат само вистини“.
Авганистан е на 122 место од 180 земји според индексот за слобода на медиумите објавен во април годинава.

И во Македонија трета доза вакцина против ковид, но не за сите

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Се препорачува трета доза на вакцина против ковид-19 за луѓето над 60 години, како и за здравствените работници и за хронично болните, без разлика на која возраст се, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Третата доза ќе биде од Фајзер, без разлика со која вакцина лицето претходно е вакцинирано со две дози.

Во државата вчера пристигаа 100 илјади дози од вакцините на Фајзер и 50 илајди од Синовак.

Министерот за здравство најави и дека земјата може да добие донација од Данска од 250 илјади дози вакцина од производителот Џонсон, кои досега ги немало во земјава.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 778.408 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31 процент од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Филипе најави дека наскоро ќе се објави планот за тестирање на ученици со брзи антигенски тестови. Тој вели дека има одредена трансмисија во училиштата, многу мала, но сакаат да направат скрининг на состојбата, поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители.

Во врска со големата смртност како последица на ковид, министерот рече дека ќе се прави една поголема анализа, но дека за тоа е потребно време.

Авионска несреќа на Далечниот Исток на Русија

Остатоци од авионот што се урна во Далечниот источен регион Хабаровск.

Загинале сите шест членови на екипажот на авионот што се урна за време на технички лет во рускиот далечен источен регион Хабаровск.

Посмртните останки биле пронајдени на местото на несреќата.

„Нема преживеани", изјави денеска претставник на службите за итни случаи за државната новинска агенција ТАСС.

Авионот Антонов Ан-26 исчезна вчера.

Претходно, на 23 септември, официјалните лица изјавија дека местото каде паднал авионот е откриена од страна на екипаж на хеликоптер, но дека силниот ветер и непристапниот, суров терен го оневозможиле слетувањето на авионите, па властите биле принудени да испратат спасувачка екипа преку копно на местото на несреќата.

ТАСС објави дека авионот припаѓал на компанија која вршела технички проверки на руските аеродроми и дека бил во служба 42 години.

Несреќите со авиони кои се постари не се невообичаени во Русија.

Во јули, во авионска несреќа на Ан-26 загинаа 28 луѓе. Несреќата се случи на полуостровот Камчатка, исто така на далечниот исток на Русија.

Царовска – Приоритет е училиштата да останат безбедни и отворени што подолго

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на средба со претставниците на учениците и средношколците, архивска фотографија

Сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со ковид во училиштата, која засега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките, училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците, рече денеска министерката за образование Мила Царовска. Таа денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола.

Според последниот извештај на Комисијата за заразни болести, состојбата со ковид-19 во училиштата во државата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата.
Со неколку исклучоци, настаната на 1 септември почна со физичко присуство.

Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата, на дневна основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Вакциниран е над 72 отсто од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.

Затворена истрагата против новинари за експлозиите во складиште за муниција во Казахстан

Експлозија во склад за муниција во Казахстан, август, 2021.

Полицијата во Казахстан ја затвори истрагата што ја водеше против двајца новинари кои беа дел од истрагата за смртоносните експлозии на муниција минатиот месец. Тие беа осомничени дека ширеле лажни вести. Поради експлозиите во магацини за оружје, министерот за одбрана Нурлан Ермекбаев си даде оставка.

Случајот против новинарите Исламбек Дастан од Туранинфо.кз и Данијар Алимкул е затворен, оти не се најдени докази за криминални елементи во нивното известување за експлозиите, изјави денеска портпаролот на регионалната полиција Бегман Кутмурзаев за РСЕ.

Полицијата ги повикала двајцата новинари на распит на 16 септември. Дастан беше повикан како сведок, а Алимкул, како сведок со право да се брани од слобода.


Дастан за РСЕ, откако беше сослушан, рече дека полицијата го испрашувала за неговиот пренос во живо на Фејсбук, во кој се опфатени експлозиите и пожарот во складиштето за муниција на 26 август, кога загинаа најмалку 17 лица. Во несреќата едно лице се води за исчезнато.

Во експлозиите се повредени и 98 лица - околу половина од нив се вработени во Министерството за вонредни состојби.

Алимкул, пак, одби да го коментира испрашувањето.

Досега вакцинирани над 778 илјади граѓани

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 778.408 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.624 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 7.518 луѓе. Во државата вкупно се аплицирани 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Од Министерството велат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.

Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31 процент од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Бројот на дневно аплицирани дози порасна откако властите донесоа одлука од 16 август задолжително да се бара доказ за вакцинација за влез во угостителски објекти и за организирање на културни, забавни и други вид на настани.
Според податоците на Институтот за јавно здравје заклучно до 18 септември, во државава најголем дел од луѓето се вакцинирани со кинеските вакцини Синовак и Синофарм. Дадени се околу 450 илјади дози Синовак и околу 300 илјади на Синофарм. Потоа околу 541 илјада дози на Фајзер, 116 илјади дози на АстраЗенека и околу 45 илјади дози Спутник Ве.

Животот на жените во Авганистан се промени преку ноќ

Херат, Авганистан.

Талибанците вршат широко распространети и сериозни прекршувања на правата на жените и девојчињата во авганистанскиот град Херат, велат здруженијата за човекови права. Тоа предизвикува сериозна загриженост дали водството на талибанците во Кабул е подготвено да ги контролира дејствата на своите членови низ Авганистан.

Во соопштението на Хјуман рајтс воч и Институтот за човекови права на Државниот универзитет во Сан Хозе објавено денеска, се наведува дека откако талибанците ја презедоа власта во Херат на 12 август, тие внесоа страв кај жените и девојките преку пребарување на жени од висок профил, потоа им ја забрануваат слободата на движење на жените надвор од нивните домови, наметнаа задолжителни правила за облекување, строго го ограничија пристапот до вработување и образование, а се ограничува и правото на мирно собирање.

Двете организации велат дека интервјуирале седум жени во Херат по телефон, вклучувајќи активисти, едукатори и студенти на универзитетот, за нивните искуства откако талибанците ја презедоа контролата врз градот. Жените побарале да бидат анонимни, стравувајќи за нивната безбедност.

Интервјуираните жени рекле дека по доаѓањето на талибанците нивните животи се целосно сменети. Тие се „заглавени“ дома, се плашат да излезат надвор без машки продуружник од семејството или поради ограничувањата во облекувањето, а целосно е завршен и нивниот пристап до работа или до образование.

Жените се соочиле и со економски грижи поради загубениот приход и нивната неспособност за работа, а стравуваат и за своето ментално здравје.

„За жените во Херат што ги интервјуиравме, животот што го знаеја исчезна преку ноќ, и тие беа оставени да се кријат во затворени простории, чекајќи во страв да видат дали талибанците ќе дојдат кај нив“, рече авганистанската научничка Халима Казем-Стојановиќ од Институтот за човекови права.

Талибанците ја презедоа власта во Авганистан на 15 август. Тие велат дека овојпат ќе бидат поумерени, за разлика од нивното претходно владеење од 1996 до 2001, кога им забрануваат на девојчињата да одат на училиште и на жените да работат. Но потоа формираа влада составена само од мажи, а наметна и построги правила за жените. Жените може да учат, но само одвоено од мажите, има рестикции во облекувањето, ќе им треба машки член од семејството да ги придружува на патувања подолги од три дена, а се задушуваат и протести на жени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG