Достапни линкови

Што значат жените во STEM?


Нина Јовановска, практикант во Младински сојуз – Крушево.
Нина Јовановска, практикант во Младински сојуз – Крушево.

Иако жените во Северна Македонија се побројни кога станува збор за стекнување со високо образование во STEM областите, сепак бројот на вработени мажи е поголем. Ова се должи на инфериорната позиција која ја имаат жените на пазарот на трудот и традиционалните вредности кои никако не можеме да ги искорениме, пишува Нина Јовановска, практикант во Младински сојуз – Крушево во младинската онлајн колумна на РСЕ.

За дваесет и првиот век несомнено можеме да кажеме дека е период кој би го карактеризирале како еден од најклучните, од аспект на научно-технолошкиот развој, бидејќи сите ние сме сведоци на револуционерните откритија и дострели кои секојдневно ги постигнуваат научниците, инженерите, математичарите, програмерите, медицинарите. Позитивни примери за ова се напредоците во областа на нанотехнологијата, потоа 3Д принтањето и роботиката, градежништвото и во областа на медицината - вакцините и лековите кои беа создадени за рекордно време. Сите овие откритија се благодарение на областите STEM. Но, што точно значи овој термин?

Всушност, STEM претставува еден интердисциплинарен пристап на учење кое во себе ги има интегрирано четирите области од кои се состои и самиот термин STEM - Наука, Технологија, Инженерство и Математика (или анг. Science, Technology, Engineering and Mathematics). Оваа интеграција е од огромно значење за човештвото, бидејќи секој човек, свесно или не, секојдневно ги ужива поволностите и продуктите кои излегуваат од неа. На пример, започнувајки од основната, електрична енергија, па се до најкомплексните форми како што се Вештачката интелигенција и холограмот, самата поврзаност на STEM областите овозможува напредување во научно-технолошкиот свет, потоа стекнување на продлабочени концептуални сфаќања и развивање на знаења и вештини од областите кои се меѓусебно поврзани. На овој начин, кај луѓето кои се дел од овие области се бележи значително зголемување на страста кон учењето и напредувањето, како и желбата за решавање на проблемите со кои се сретнуваат и секако поедноставување на начинот на живот.


Но, што се случува кога ќе ги погледнеме статистиките? Поточно, кога ќе обрнеме внимание на броевите кои кажуваат колку од луѓето во STEM се жени, а колку од нив се мажи?

Гледајќи ги најновите статистики објавени во дванаесеттото издание на публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“, подготвено врз основа на податоците од Државниот Завод за статистика, јас дојдов до заклучок дека во нашата држава постои еден феномен кој ќе се обидам накратко да го претставам. Имено, во 2019 година, на природно-математички, техничко-технолошки, медицински и биотехнички науки дипломирале вкупно 2 898 студенти од кои 1 642 биле жени, додека пак 1 265 биле мажи. Од ова можеме да заклучиме дека бројот на дипломирани жени на додипломски студии бил поголем во однос на мажите. Слична ситуација имаме и кај постдипломските студии, магистрите, специјалистите и докторите на науки. Од друга страна пак, кога ќе ги погледнеме податоците за вработени луѓе, ќе забележиме родов јаз во однос 40.1 наспроти 59.9. Особено би го земала за пример градежништвото како сектор во кој бројот на вработени жени во 2019 година изнесувал само 3 652, додека пак бројот на мажи бил 52 384.

Да сумирам, иако жените во Северна Македонија се побројни кога станува збор за стекнување со високо образование во STEM областите, сепак бројот на вработени мажи е поголем. Ова се должи на инфериорната позиција која ја имаат жените на пазарот на трудот и традиционалните вредности кои никако не можеме да ги искорениме.

Откако ги увидовме статистиките за жените и мажите во STEM, како и родовиот јаз кој дефинитивно постои, би сакала да се осврнам на нешто посуштинско, а тоа е значењето на жените во овие области. Поконкретно, зошто треба да имаме повеќе жени и девојки во STEM?

Значењето на жените во STEM е РЕВОЛУЦИОНЕРНО и ова го тврдам од неколку причини. Прво, овие жени секојдневно се спротивставуваат на наметнатите традиционални сфаќања и на класичната поделба на професиите на „машки“ и „женски“ која за мене е апсурдна и сосема непотребна. Тие, со својата храброст, одлучност и решителност, ги поместуваат границите и покажуваат дека „жена - инженер, жена - програмер и жена - научник“ не е ништо помалку вредно од „маж - инженер, маж - програмер и маж - научник“.

Потоа, жените во STEM се силни двигатели на нови, иновативни идеи и изуми кои всушност претставуваат чекор напред во научно-технолошкиот развој. Како што велат, „разновидноста ја прави науката поуспешна“, така и жените ги прават STEM областите поуспешни со нивните уникатни искуства, ставови и размислувања.

Жените во STEM исто така претставуваат инспирација за идните генерации. Поточно, тие директно допринесуваат во одржливиот развој на земјите така што ги мотивираат идните девојки да ги одберат овие области како следен чекор во сложувалката наречена образование. Со зголемувањето на бројот на девојки во STEM образованието, ние добиваме поголем број на жени научнички, програмерки, инженерки, кои пак во иднина ќе можат дополнително да го забрзаат темпото и да помогнат да се надомести загубеното време во постигнувањето на одржливиот развој.

Но, за да имаме повеќе позитивни примери или „role models“ кои ќе ги инспирираат младите девојки и ќе им помогнат да се замислат себеси како идни STEM Queens, потребно е да: создадеме механизми кои ќе ги охрабруваат и поддржуваат жените во STEM, потоа потребно е да ја промениме културата и да ја редефинирамe сликата за тоа како изгледа еден научник, програмер, инженер, и најважното од се е да имаме поквалитетно, инклузивно образование и промоција на овие области уште од најмала возраст. Еден многу добар пример за ова е младинската размена „Queens Tech“ која беше организирана од страна на „Младински Сојуз - Крушево“ и истата имаше за цел да собере 40 млади луѓе од 7 држави (Северна Македонија, Грција, Србија, Турција, Романија, Полска и Португалија) и да им овозможи место за дискусија и разменување на сопствени ставови и идеи поврзани со невработеноста кај младите и напредокот во технолошките трендови кој носи нови можности за работа. Дополнително, размената имаше за цел и да ја зголеми свеста за родовиот јаз во STEM областите.

За крај, би сакала само да кажам дека „значењето на жените во STEM“ е една листа која никогаш не завршува бидејќи жените секојдневно ни покажуваат и докажуваат кое е нивното значење и зошто се потребни во овие области. Нивните револуционерни напредоци, откритија и изуми говорат многу погласно за нивното значење отколку самите зборовите. Затоа, секоја држава, а особено нашата, треба да се стреми кон изедначување на родовиот јаз во STEM областите така што ќе поттикне и поддржи во иднина да имаме ПОГОЛЕМ број на ЖЕНИ - НАУЧНИЧКИ, ИНЖЕНЕРКИ, ПРОГРАМЕРКИ, МАТЕМАТИЧАРКИ...

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG