Достапни линкови

„Тоа не е моја работа“, некого може да го чини живот!


Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР

Во земјава трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација е доминантна форма. Борбата против оваа опасна појава бара мултидисциплиниран пристап на релевантните институции, вели Магдалена Несторовска, национален координатор на Комисијата за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

Госпоѓо Несторовска, општ тренд во светот е дека трговијата со луѓе не се намалува, туку е во пораст. Кои видови на трговија со луѓе се присутни во Македонија и на кој начин се мамат потенцијалните жртви на оваа појава?

Македонија не е исклучок од светските трендови на трговија со луѓе. Најчесто трговијата со луѓе во појавните форми е сексуална злоупотреба, многу често заради работна експлоатација на жртвите, а најчесто жртви се жени или деца. Во последната година, од вкупно седум детектирани случаи во Македонија, шест се деца. Појавните форми не се разликуваат од светските трендови.

На каков начин Македонија се справува со трговијата со луѓе, и што е клучно за сузбивање на оваа појава?

Владата има формирано национална комисија за борба против илегалната миграција и трговијата со луѓе. И во таа национална комисија се застапени повеќе државни институции коишто ја тангираат оваа област, но застапени се сите граѓански, невладини организации кои од различни аспекти имаат допир со оваа појава. Нешто што е значајно, како еден од успесите и резултатите на оваа комисија, е иницијативата за формирање на „таск форс“. Тоа е една специјална мултидисциплинарна единица за борба против трговија со луѓе која е составена од единицата за борба против трговија со луѓе и од МВР, од Обвинителството за организиран криминал и инструментот за упатување во Министерството за труд и социјална политика, а мобилните тимови на таск форсот на едно место ги собираат претставниците на локалната заедница, на полицајците, социјалните работници на општините и тие работат директно на терен.

Дали е ова доволно и дали се потребни законски измени во казнената политика за овие дела?

Сè додека има само една жртва на трговија со луѓе, значи дека не е доволно. Треба повеќе превенција, повеќе активности на државните организации, поголемо вклучување на невладиниот сектор и јавноста. Само една жртва говори дека не е доволно, дека треба да се менуваат процедурите на постапување, дека треба да се менуваат законските рамки, да станува построго казнувањето на извршителите. Еве на пример, оваа година ние прв пат имаме изрекување на казна на обвинет за трговија со дете, 13 години затвор. Тоа говори дека е потребен е еден мултидисциплинарен пристап во кој ќе се вклучат и МВР и Министерството за труд, Обвинителството, судството и целата заедница. Тоа е еден мозаик и мора сите делови од мозаикот да се вклопат, за да имате ефект во борбата.

Дали кај нас е проблем неказнивоста или висината на казните кај сторителите на вакви дела?

Повеќе е проблем неказнивоста. Во рамките на одмерувањето на казната мислам дека може да е направи повеќе, иако постои независност на судската власт, меѓутоа свеста во јавноста дека ова е едно зло на човештвото кое дефинитивно го уништува животот на жртвата само по себе ќе доведе до тоа да се искористуваат сите средства и во рамките на обвинителството и во судството да ги користат крајните лимити на и одмерувањето на казната.

Како да ја подигнеме свеста кај ранливите категории да не бидат потенцијални жртви на трговија со луѓе и дали се доволни само кампањи?

Потребно е користење на многу инструменти во рамките на јавната кампања и во рамките на подигање на јавната свест. Меѓутоа потребно е и многу повеќе труд и свесност на самите родители, на самите жртви, на учениците, на децата коишто се најчести жртви на трговија со луѓе. Потребна е свесност на целата заедница и оние кои се во непосреден контакт со жртвите, на пријатели, соседи или целата заедница. Реченицата „тоа не е моја работа“ не вреди, таа реченица некого ќе го чини живот. Сите ние сме одговорни ако замижуваме пред некакви сигнали и затоа велам дека сè помага, и едукативните работилници и превентивните кампањи, постојаното користење на средствата за информирање на начини кои се достапни до младите, преку сите форми на информатичка технологија, на секој начин сите мораме да бидеме будни и свесни дека на секој чекор тоа се случува и мора да ги држиме очите будно отворени.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG