Достапни линкови

Вести

Продолжуваат летовите од Кабул ден по експлозиите

Аеродромот во Кабул.

Стотици Авганистанци и странци денеска со авиони се изнесени од Авганистан, еден ден откако во две експлозии загинаа десетици луѓе кои чекаа пред аеродромот да заминат од земјата во која власта ја презедоа талибанците. Во експлозиите загинаа најмалку 85 луѓе, меѓу кои и 13 американски маринци.

Жители на главниот град велат дека од рано утрово можеле да се видат авиони како полетуваат од аеродромот во Кабул.

Одговорноста за нападите ја презеде авганистанското крило на милитантната организација Исламската држава, група позната како „Исламска држава на провинцијата Корасан“ или (ИСИС-К). Оваа група е непријател и на Талибанците и на Западот.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен останува напната. Шефот на Централната команда на САД, генерал Френк Мекензи, вели дека војниците се во состојба на готовност и очекуваат повеќе напади од ИСИК-К.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека терористичкиот напад нема да ги одврати американските војници од мисијата за евакуација на илјадници американски државјани, сојузници и загрозени Авганистанци од Авганистан.

Се проценува дека околу 1.000 американски државјани се уште се во Авганистан, како и илјадници Авганистанци кои работеа со меѓународните сили во последните две децении. Повлекувањето на САД од Авганистан треба да заврши на 31 август.

Неколку западни земји, сојузници на САД во Авганистан, веќе ги завршија своите авионски операции за повлекување. Тоа го сторија Канада, Холандија, Белгија и Германија.

види ги сите денешни вести

Грција со демарш до Турција за вознемирување на брод за научни истражувања

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас

По наредба на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, биле дадени упатства до грчката амбасада во Анкара да достави демарш поради вознемирувањето од турски бродови на бродот за истражување „Nautical Geo“, како и за издавање нелегална Навтекс, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

„Овој континуиран турски став е целосно неприфатлив“, додаваат од Министерството за надворешни работи на Грција.

Според грчките медиуми, станува збор за француски брод што плови под знамето на Малта и изведува истражувања источно од грчкиот остров Крит, а секогаш кога е вон територијалните води е попречуван од турски воени бродови.

Експлозии во Авганистан, најмалку двајца загинати

Илустрацуија- белото знаме на талибанците

Во три експлозии во Авганистан загинаа најмалку две лица, а повредени се дваесет, јавуваат медиумите. Експлозиите се случија во главниот град на источната провинција Нангархар.

Очевидци и член на администрацијата предводена од талибанците се цитирани од медиумите дека велат оти најмалку една од екплозиите во Џалалабад погодила возило во кое биле талибански борци. Меѓу повредените, како што се јавува има жени и деца. На фотографиите од местото на случувањето се гледа пик ап возило со бело талибанско знаме опкружено со остатоци додека вооружени сили гледаат во него. Засега нема други детали.

Претходно денеска, бомба експлодираше во главниот авганистански град Кабул при што се повредени две лица, соопшти полицијата. Целта на нападот се уште не е позната, но локалните медиуми јавуваат дека се случило во област во која доминатно живеат етнички Хазари во западниот дел од градот. Талибанците влегоа во Кабул на 15 август по што беше отстранета авганистанската влада која беше поддржана од западните земји.

Исламистичката група досега не излезе со соопштение за инцидентите и не се знае кој ја презема одговорноста. Талибанците и локалниот огранок на екстремистичката група Исламска Држава-Корасан ја користеа оваа тактика во минатото за извршување напади. Исламска држава-Корасан се непријатели на новите владетели со Авганистан. Отпорот кон талибанците исто така е застапен во Панџшир, планинска област лоцирана околу сто километри североисточно од Кабул.

Македонското знаме во НАТО во Пентагон

Пентагон- Министерката Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер пред македонското знаме во холот на НАТО

Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.

Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодарила на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот.

Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.

Државава во март 2020 година стана 30-та членка на НАТО. Аспирацијата да биде дел од воениот сојуз беше стопирана на самитот на алијансата во 2008 година во Букурешт, кога Грција стави вето поради нерешениот спор за името. На 17 јуни 2018 година Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, а по завршувањето на процедурата влезе и во НАТО.

Франција ги отповика своите амбасадори од САД и Австалија

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан

Франција објави дека итно ги отповикува своите амбасадори од Соединетите Американски Држави и Австралија откако официјална Канбера склучи договор за набавка на нуклеарни подморници со САД и Британија со што заврши договорот со Франција за набавка на конвенционални подморници. Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан вчера рече дека нивниот потег е оправдан земајќи ја предвид „сериозноста на соопштението“ испратено од САД и Австралија на 16 септември.

Во своето соопштение Ле Дријан наведува дека откажување на Австралија од големиот договор за набавка на француски конвенционални подморници во замена за нуклеарни американски подморници е неприфатливо однесување.
Амбасадорите се повикани на консултации по барање на францускиот претседател Емануел Макрон, наведува шефот на француската дипломатија.

Американскиот Стејт Департмент и Белата куќа досега не одговорија на барањето на Радио Слободна Европа за коментар. Одлуката за договорот за нуклеарни подморници е дел од новото ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот од кое се дел САД, Австралија и Британија. Партнерството беше објавено на 15 септември. На 17 септемри австралискиот премиер Скот Морисон ги отфрли критките од Франција дека Париз не бил предупреден наведувајќи дека ја навестил можноста на средбата со францускиот претседател во јуни.

Уште двајца приведени за протестот во Мала Речица, вкупно пет лишени од слобода

Протест во Тетово на кој роднини на загинатите во пожарот во модуларната ковид болница бараа побрзо да се реши случајот, 17 септември 2021

Тетовската полиција денеска приведе уште две лица поради учество во вчерашниот настан во Мала Речица кога група луѓе се обидоа насилно да поминат преку полициски кордон за да стигнат до седиштето на политичката партија ДУИ. Со тоа досега пет лица се лишени од слобода.

„Денеска претпладне се лишени уште две лица В.А (роден 1988) и А.Ш (1991) двајцата од Тетово. Петте лица се задржани во полициската станица во Тетово. Се документира случајот и во координација и консулатација со Јавен обвинител се изготвува соодветен поднесок“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Полициски службеници на СВР Тетово вчера лишија од слобода 52-годишник од Тетово и 31-годишник од Кичево, а вечерта и 33-годишник од Мала Речица поради нивна инволвираност во протестот.

Инцидентот следуваше по протестниот марш од плоштадот до општината со кој се побара одговорност за 14 лица кои ги загубија животите во пожарот во модуларната ковид болница кој се случи вечерта на Денот на независноста Осми септември. Група млади лица го продолжи маршот кон Мала Речица при што насилно се обидоа да го поминат полицискиот кордон. Притоа повредени беа четворица полициски службеници.

Државен завод за статистика: досега попишани 871 488 лица

Теренскиот попис почна на петти, а ќе трае до 30 септември

Вкупно 871 488 лица, 272.177 домаќинства и 368.595 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 193.236 лица.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на петти септември ќе трае до 30 септември. Последниот попис во земјава се спроведе во 2002 година.

Војската на САД призна дека нападот со дрон во близина на аеродромот во Кабул бил грешка

Американскиот генерал Кенет Мекензи

Американскиот генерал Кенет Мекензи рече дека смртоносниот напад со дрон кој американската војска го спроведе во близина на аеродоромот на главниот авганистански град Кабул на 29 август бил грешка и се извини за загинатите невини жртви. Мекензи, кој е главен на американската централна команда, рече дека во нападот биле убиени десет цивили, меѓу кои седум деца, а не екстремисти како што соопшти првично војската.

"Тоа беше грешка, искрено се извинувам„, рече Мекензи на вчерашниот брифинг.

Toj додаде дека сега верува оти е малку веројатно дека тие кои беа убиени се милитанти од Исламска држава или дека претставувале директна закана за американските сили на аеродромот во Кабул.

Пред нападот Мекензи рече дека војската верува во своите точни информации дека автомобилот кој беше нападнат претставувал закана. На 26 август, три дена пред американскиот напад со дрон, во самоубиствен напад на Исламска држава- Корасан на аеродромот во Кабул загинаа околу 170 цивили и 13 припадници на американските војници.

Според американските медиуми, експерти за експлозиви сега покренуваат сомнеж за тврдењата на војската дека во нападот бил погоден автомобил натоварен со експлозив. Според извештаите возачот бил долгогодишен вработен во американска хуманитарна организација.


Запленети 860 килограми режан тутун на пазари и во магацини во Скопје

Скопје- режан тутун запленет во акција на полицијата и царината

Запленети се 860 килограми режан тутун по пазарите и во магацински простории во заедничка акција што ја спроведоа вчера на територијата на Скопје Одделението за истраги – Сектор за контрола и истраги при Царинската управа, Одделот за криминалистичка полиција при МВР и Пазарната инспекција.

Предмет на акцијата, соопшти денеска Царинската управа, била контрола и заплена на производи кои нелегално се продаваат, а кои претставуваат акцизни добра.

„Во акцијата се запленети 860 килограми режан тутун кој беше пронајден по пазарите и други магацински простории. Со ова се избегнати давачки во износ од 1.763.000 денари. Против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“, се наведува во соопштението од Царинската управа.

Втор ден избори во Русија, забелешки за нерегуларности

Русија- војници гласаат на парламентарните избори

Русите денеска гласаат на вториот ден од трите предвидени за одржување на изборите за руската дума. Популарната апликација за пораки Телеграм ги прекина сите соби за разговор што се користеа во руската изборна кампања што се смета за уште еден удар врз иницијативата за паметно гласање на затворениот опозициски почитичар Алексеј Навални. Претходно компаниите Епл и Гугл ја тргнаа апликацијата „Водич за избори“ од нивните продавници.

Владејачката Единствена Русија поддржана од Кремљ се очекува да ги добие парламентарните избори откако властите ги задушија и ги елиминираа од изборниот процес гласните критичари и ги замолкнаа независните медиуми.
На првиот ден од гласањето невидени редици беа забележани на гласачките места ширум земјата главно составени од луѓе вработени во државната администрација и војската.

Апликацијата на Навални за паметно гласање исчезна од онлајн продавниците на Епл и Гугл што се смета за цензура и притисок. Основачот на Телеграм Павел Дуров извести дека сервисот ќе се придржува до рускиот закон за изборен молк според кој се забранува кампања во текот на гласањето.

Во последните месеци властите спроведуваат огромна акција против сојузниците на Навални и се вклучија во големите напори да го потиснат паметното гласање, алатка промовирана од опозицијата за помош на оние кои сакаат да гласаат против претседателот Владимир Путин . Апликацијата им помага на гласачите да ги идентификуваат кандидатите кои имаат најголеми шанси да го победат кандидатот на Обединета Русија - дури и ако тој алтернативен кандидат доаѓа од некоја од другите политички партии.

Истекува рокот за потврда на кандидатите за локалните избори

Граѓани гласаат на избирачко место во Скопје на локалните избори што се одржаа во 2017 година

Денеска истекува рокот до кој општинските изборни комисии (ОИК) официјално треба да ги потврдат сите листи на кандидати за градоначалници и членови на општинските совети и Советот на Град Скопје поднесени од политичките партии, коалициите и групи граѓани за учество на локалните избори закажани за 17 октомври.

Вака потврдените листи ОИК ги доставуваат до Државната изборна комисија (ДИК), која најдоцна до 23 септември треба да изврши жребување за нивниот редослед на гласачките ливчиња. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на избирачките одбори.

Исто така најдоцна од 23 септември, предвидено е овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи на кандидати за локалните избори, на централно ниво да потпишат Кодекс за фер и демократски избори, во организација на Државната изборна комисија, а во соработка со Националниот демократски институт.

Кампањата за локалните избори на 17 октомври започнува на 27 септември и ќе трае до 15 октомври на полноќ. Изборите ќе се одржат со почитување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19.

Времето денеска облачно, температурата до 33 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен ветер од западен правец. Преку денот ќе има локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Максималната температура ќе биде во интервал од 25 до 33 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно. Преку денот ќе биде нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе достигне до 28 степени.

Променливо облачно ќе биде и утре претпладне со локален пороен дожд и грмежи. Услови за локален пороен дожд ќе има и во понеделник. Од вторник ќе преовладува претежно стабилно време со пониски дневни температути, информираат од УХМР.

Палмер именуван за американски пратеник за изборните реформи во БиХ

Метју Палмер

Соединетите Држави го назначија поранешниот пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер, да ја надгледува проблематичната програма за изборни реформи во Босна, потег за кој Вашингтон вели дека е знак на неговата посветеност кон регионот.

Габриел Ескобар, кој претходниот месец беше назначен за заменик -помошник државен секретар за Јужна и Централна Европа, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Палмер ќе биде главен човек на САД на жешката тема.

Ескобар рече дека изборната реформа во БиХ е еден од првите чекори потребни за да се направи Западен Балкан „пофункционален“ како држава.

„Многу сум среќен што Метју Палмер останува околу тој дел од работата, бидејќи има само огромно знаење, огромни контакти и одлична визија за тоа како треба да функционираат изборите во Босна“, рече Ескобар.

Ескобар истакна дека изборите мора да бидат „потранспарентни и повеќе во согласност со вистинската волја на народот“.

Ескобар рече дека назначувањето на Палмер за водечки човек на изборите во Босна е „важен знак“ за посветеност на земјата.

Двајца приведени демонстранти, четворица полицајци повредени на протестот во Тетово

Тетовската полиција информира дека за време на денешниот протест во градот и во Мала Речица има повредени полицајци, како и приведени лица меѓу демонстрантите.

„Полициски службеници на СВР Тетово лишија од слобода две лица, 52-годишник од Тетово и 31-годишник од Кичево, поради нивна инволвираност во денешниот протест. Полесно се повредени четворица полициски службеници“, информира портпаролот Марјан Јосифоски.

Според информациите на СВР Тетово, во координација со јавен обвинител, се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Инаку денеска околу илјада граѓани одржаа протестен марш низ улиците на Тетово, барајќи целосно расчистување на катастрофалниот пожар во модуларниот ковид-центар на 8 септември, во кој загинаа 14 луѓе. Демонстрантите фрлаа јајца кон зградата на општината, а подоцна дел од нив се обидоа насилно да влезат во седиштето на ДУИ. Полицијата го спречи обидот, но притоа полесно беа повредени четворица полицајци.

Новозаразени 561, починале 29 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 4.384 тестирање, а регистрирани се 561 нов случај
на КОВИД-19.

Најмногу случаи има во Скопје-249, Куманово – 49, Струмица – 40, Охрид – 30, Штип – 25, Тетово – 23, Прилеп – 18, Кавадарци – 16, Битола – 14, Велес – 12, Кичево – 10, Гостивар – 9, Радовиш – 8, Кочани – 7, Струга и Свети Николе – по 6, Ресен и Дебар – по 5, Гевгелија, Берово, Виница и Македонска Каменица – по 4, Неготино – 3, Крива Паланка, Делчево, Валандово и Кратово – по 2, Пробиштип и Богданци – по 1.

Во изминатото деноноќие починале 29 лица. Од нив 27 се починати во болнички услови, а 2 лица се починати во домашни услови. Регистрирани се 507 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.242.490 тестирање на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 186.010 бројката на оздравени пациенти е 166.606, на починати е 6.396, а бројот на активни случаи изнесува 13.008.

Американски санкции за оние кои ги поддржуваат Хезболах и Иран

Соединетите Држави објавија дека ќе ги санкционираат финансиските канали од Либан и Кувајт кои ја финансираат либанската шиитска група Хезболах, како и финансиските посредници и компании кои ја поддржуваат оваа група и Иран.

Хезболах „продолжува да го експлоатира легитимниот комерцијален сектор за финансиска и материјална поддршка, што и овозможува на групата да извршува терористички акции и да ги деградира либанските политички институции“, се вели во соопштението на Министерството за финансии,“ пренесува Ројтерс.

Хезболах е проиранска политичка организација на шиитски муслимани во Либан, во чии рамки дејствува и военото крило. Хезболах е важен играч во политичкиот живот на Либан.

Санкциите важат и за бизнисменот Мортез Минаје Хашеми, кој живее во Кина и кој испраќал пари до иранските сили Куодс, соопшти Министерството за финансии.

Двајца кинески државјани му помогнале на Хашеми да отвори банкарски сметки и дејствувале како сопственици на неговите компании, лоцирани во Хонг Конг и Кина, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

„Заедно, овие мрежи испрале десетици милиони долари преку регионални финансиски системи и спровеле операции за размена на валути и тргување со злато и електроника во корист и на Хезболах и на ИРГЦ-КФ (Силите на Иранскиот Кудс и Револуционерната гарда) “, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Хезболах ги користи приходите на овие мрежи за финансирање терористички активности и за одржување нестабилност во Либан и целиот регион“, се вели во соопштението.

Блинкен изјави дека Хезболах се повеќе бара дополнителни извори на приход и ги повика владите ширум светот да преземат чекори за да обезбедат другите терористички групи да не ја експлоатираат нивната територија и финансиските институции.

„Соединетите Држави нема да попуштат при таргетирање на овие мрежи и ние ќе продолжиме да преземаме чекори за да ги нарушиме нивните активности“, рече тој.

Министерството за финансии објави дека санкциите ќе вклучуваат заплена на имотот на поединци и ентитети со седиште во САД и ќе ги забранат сите трансакции со нив.

Почина двегодишно дете, позитивно на ковид и со многу болести

илустрација, возило за брза помош

Универзитетската Клиника за детска хирургија во Скопје, до Центарот за социјални грижи и до СВР Скопје пријави случај за две годишно дете кое од страна на згрижувачко семејство во тешка состојба било донесено на Клиниката, каде и покрај напорите на лекарите да го спасат, починало.

Како што информираат од Министерството за здравство, станува збор за дете кое имало долга историја на болести.

„Се работи за дете кое имало неколку тешки заболувања, пред една година врз малиот пациент биле направени повеќе операции, тоа имало тумор на мозок, хидроцефулус, вродена непроодност на цревата за што се направени повеќе хируршки интервенции. Детето имало и проблеми со срцевиот ритам, застој во растот, проблеми со дишењето“, се вели во соопштението од МЗ.

Од министерството додаваат дека пред пет дена детето 15 минути пред полноќ изгладнето и дехидрирано било донесено на Клиниката за детска хирургија, а од згрижувачкото семејство на лекарите и медицинскиот персонал не им биле дадени никакви информации за здравствената состојба на детето. Немало температура но било малаксано, дехидрирано и слабо реагирало на дразби. Поради критичната состојба, лекарите веднаш пристапиле кон интензивно лекување.

„Лабораториските анализи покажале анемија и влошени параметри како последица на болестите кои ги имало. И покрај сета дадена терапија, состојбата на детето се влошувала. Поради ковид протоколите, на малиот пациент му бил направен ковид тест и истиот бил позитивен“, се наведува во соопштението.

Протестен марш во Тетово, полицијата спречила поединци да влезат во седиштето на ДУИ

Macedonia-Protest in Tetovo in which relatives of the victims in the fire in the modular hospital demanded faster investigation, 17.09.2021

Околу илјада граѓани денеска одржаа протестен марш низ улиците на Тетово, барајќи целосно расчистување на случајот со пожарот во модуларниот ковид-центар во кој загинаа 14 луѓе. Протестот, кој беше најавен на социјалните мрежи, почна на градскиот плоштад, каде беа засадени 14 дрвца, во спомен на жртвите во трагедијата.

Бељуљ Бељуљи, чија сестра настрадала во пожарот побара одговорност од целата Владата и градоначалничката на Тетово, затоа што, според него, било одобрена работа на болницата без потребната документација.

„Да не не лажат да изгорат уште луѓе. Сакаме побрзо да се дознае. Мене сестра ми ми изгоре. Да умреше од болест не би дошол овде, било од Господа, ама таа изгоре. Никому да не даде Господ. Барам да се каже што е и како е работата со болницата. Не да не лажат, со недели, изјави Бељуљи.

Како што јавува нашиот дописник од Тетово Александар Самарџиев, групата демонстранти потоа се упатила кон зградата на Општина Тетово кон која фрлале јајца, а дел од нив извикувале навредливи пораки.

Пред присутните се обратил и Блерим Амеди од Кичево, познат во јавноста од 2019 година кога организираше протести против ДУИ, поради аудио снимките кои на социјалните мрежи ги објавуваше неговиот брат познат по прекарот Ел Чека. Во своето обраќање тој побарал одговорност од Владата за пожарот, а групата предводена од него продолжила кон седиштето на ДУИ извикувајќи разни пароли со навредлива содржина.

Дел од лицата се обиделе преку приватни имоти и дворови да стигнат пред зградата на ДУИ и насила да го пробијат полицискиот кордон, но сепак не успеале. Како што јавува нашиот дописник, поединци ги убедувале полицајците да им дозволат да отидат до седиштето на ДУИ, а во еден наврат бил спречен повторен обид насилно да ја поминат бариерата од полицајци. Потоа дел од групата се вратила кон Тетово и го блокирала сообраќајот на булеварите на излезот од градот кон Мала Речица.

Со реакција се јави Демократската унија за интеграција која го осуди „физичкото и вербалното родово насилство на протестот“.

„Политичката бруталност на албанската опозиција, изразена преку нејзината скриена рака не познава граници, ниту болка за семејствата на починатите кои за жал ги загубија животите во трагедија што досега не сме ја доживеале. Ова е уште еден доказ за обидите на опозицијата да добијат ниски политички поени во пресрет на локалните избори“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Вучиќ: Предизборниот процес во согласност со демократските стандарди

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази уверување дека предизборниот процес ќе биде во согласност со највисоките демократски стандарди, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Претседателот.

Вучиќ денеска ги прими членовите на Европскиот парламент и медијаторите во меѓупартискиот дијалог, организиран пред претстојните претседателски, парламентарни и белградски избори објавени за август 2022 година.

Во соопштението се наведува дека Вучиќ изразил доверба дека предизборниот процес ќе биде во согласност со општата политика за сериозен и одговорен пристап кон еден од најважните процеси во функционирањето на државата.

Според соопштението, соговорниците посочиле дека е од голема важност да се применат резултатите од дијалогот и тие изразиле посебна подготвеност да помогнат во предизборниот процес за да се спроведе она што е договорено.

Втората фаза од меѓупартискиот дијалог под покровителство на српскиот парламент и со посредство на Европскиот парламент, ќе се одржи на 17 и 18 септември во Палатата на Србија.

Претходно, медијаторите од Европскиот парламент испратија нацрт -работен документ за условите за подобрување на изборните услови во Србија.

Мнозинството опозициски партии оценија дека документот не содржи конкретни предлози за подобрување на изборните услови, поради што Партијата на слободата и правдата, Демократската партија, Движењето на слободните граѓани, Да не го удавиме Белград, Движењето за промени и Заедно за Србија, им ја испратија својата верзија на условите за спроведување слободни и фер избори, на медијаторите на ЕП.

Наставнички пленум бара пократки часови во наставата со физичко присуство

Наставничкиот пленум бара од Министерството за образование и наука скратување на времетраењето на часовите во наставата со физичко присуство од 45 на 30 минути бидејќи, како што наведува во соопштение, наставниците имаат големи потешкотии да ја реализираат наставата во затворен простор и почитување на сите протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.

Пленумот од МОН бара и во училишта во кои има повеќе од 15 ученици во паралелка да се премине на комбинирано учење односно физичко присуство и онлајн-настава.

„Итно да се реши проблемот со обезбедување на училиштата и општините кои се надлежни и задолжени за овој проблем тоа итно да го решат. Да се ослободат наставниците од секојдневните дежурства предвидени за период на учење со физичко присуство за време на пандемија“, наведува Наставничкиот пленум во барањата пратени до МОН и министерката Мила Царовска.

Министерката Царовска пак денеска изјави дека процентот на новозаразени во училиштата вчера бил 0,01, како и во двата дена претходно, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто. Според министерката Мила Царовска, тоа укажува на стабилност со вирусот во училиштата, но доколку Комисијата за заразни болести предложи промена на моделот, МОН ќе го примени.

„Министерството за образование и наука е во дневна координација со сите здравствени служби и неделно информира на состаноци на Главниот координативен штаб за состојбите во училиштата. Многу е значајно училиштата последни да се затворат, а први да се отворат и ова не е паушална изјава што ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации УНИЦЕФ и ОЕЦД кои се грижат за квалитетот на образованието во сите држави во развој, меѓу кои е и нашата, изјави Царовска“, додавајќи дека Владата одговорно ги следи сите инструкции, искуствата од другите држави и дека се утврдени и антиковид-протоколи.

Државен завод за ревизија реагира за пренесување на сопственост на стварите на општините

Илустрација

Државниот завод за ревизија денеска соопшти дека со носење на одлуки во делот на движните и недвижните ствари во сопственост на општините потребно е да обезбедат законитост на истите и владеење на правото.

„Имено, Државниот завод за ревизија со вршење на ревизии на единиците на локалната самоуправа, во континуитет констатира несоодветно постапување на Советите на општините носејќи одлуки за пренесување на сопственост на преносни компјутери и мобилни телефони (движни ствари) на членовите на Советот без надомест, притоа оштетувајќи го имотот на општината, за остварување на лични цели“, наведуваат од ревизија.

Според ревизија, таквото постапување не e во согласност со одредбите од Законот за располагање со ствари во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со член 64 и 66 од Законот за локална самоуправа каде е утврдено дека Општината со сопственоста располага како добар домаќин и стварите во сопственост на општината може да се продаваат по пат на електронско јавно наддавање, со цел чување и соодветно користење на имотот на единиците на локалната самоуправа.

Од ревизија наведуваат и дека таквото постапување не е во согласност со член 54 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси согласно кој секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени.

„Забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење. Во овој контекст Државниот завод за ревизија упатува на законито, етичко, одговорно и транспарентно работење од страна на сите службени лица“, се додава во соопштението.

Општина Центар предложи советниците на кои им завршува мандатот да си ги задржат службените лаптопи, но под притисок ја јавноста предлогот беше тргнат од дневен ред.

Кампања за ослободување на активисти за човекови права во Белорусија

Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија на Хјуман Рајтс Воч

Група од 23 меѓународни и белоруски невладини организации започнуваат кампања со која се бара ослободување на седум членови на белорускиот центар за човекови права „Вјасна“, кои беа приведени како дел од пошироката акција против граѓанското општество по претседателските избори минатата година.

Според соопштението, кампањата „СлободаВјасна“ е иницирана на истиот ден кога групите за човекови права ја одбележуваат годишнината од започнувањето на „бесрамниот лов на вештерки“ од страна на белоруските власти против Вјасна со приведување на координаторката на организацијата Марфа Рабков.

„Во следните месеци, шест други членови на организацијата за човекови права беа ставени зад решетки и обвинети за „неосновани“ кривични дела за извршување на нивната легитимна работа за човекови права“, се вели во заедничката изјава.

Кампањата, како штос е наведува, има за цел да ја истакне и маката на стотици други луѓе кои беа „гонети и затворени исклучиво за остварување на нивните права за мирно собирање и слобода на изразување“, откако на спорните претседателски избори во август 2020 година авторитарниот лидер Александар Лукашенко го доби шести мандат.

Владата на Лукашенко води војна против граѓанското општество и безмилосно ги потиснува сите форми на несогласување, рече Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија на Хјуман Рајтс Воч.

„Клучните меѓународни актери треба да ги здружат силите за да побараат итно и безусловно ослободување на членовите на Вјасна и другите затворени активисти и да дадат се од себе за да помогнат и заштитат белоруското граѓанско општество“, порача тој.

Организациите за човекови права ги повикаа луѓето да се приклучат на кампањата.

Филипче: Од октомври ќе се бара сертификат за целосна имунизација

Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека од октомври онаму каде се барало потврда за само една доза вакцина, ќе се бара сертификат за целосна имунизација, со две дози. Според него, за други рестрикции засега не се размислува.

„Единствено нешто на што засега размислуваме е да биде дозволен влез со целосна имунизација таму каде што досега се бараше една доза вакцина. Но, ќе оставиме доволно време, две или три недели, за граѓаните, затоа и најверојатно оваа мерка ќе се воведе во октомври. За задолжителна вакцинација е се уште рано, но не ја исклучувам можноста. Некои земји можеби идната година ќе воведат и таква мерка, но засега граѓаните треба да се свесни и да одговорат на апелите да се вакцинираат, зашто тоа е единствен начин за борба против пандемијата, истакна Филипче.

Според него, каде што е најголем опфатот со вакцинацијата, Охрид, Ресен, Вевчани, Неготино, Кавадарци, најмал е притисокот врз болниците, а онаму каде што има најмалку вакцинирани, како во Тетово и Гостивар, притисокот е огромен.

Филипче порача и дека не бега од одговорност и од прашањата и дека секогаш е достапен и обид за дефокус нема, но здравствениот систем е комплексен и мора да се менаџира. Одговорајќи на новинарски прашања во врска со трагедијата во Тетово, Филипче рече дека модуларната болница била пуштена откако надлежните потврдиле дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата.

„Модуларните болници се модел без кој ниту една земја не ќе можеше да ја менаџира кризата. Направивме 700 болнички кревети за помалку од два месеца. Алтернатива на тоа ќе беше италијанското сценарио, да нема луѓето каде да се сместат и да не може да им се помогне. Во ситуација на пандемија само модуларна болница е решение. За модуларната болница во Тетово не известија дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата. Сите потврдија дека се е во најдобар ред“, рече

Триесет затвореници имале статус на лице кое е во отворено или полуотворено одделение

Министерот за правда Бојан Маричиќ

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска изјави дека 30 лица кои се на издржување на затворска казна оваа година имале статус на лице кое е во отворено или полуотворено одделение и имаат можност да работат коментирајќи ја ситуацијата со осуденикот Зоран Милевски Кичеец. Според него, целосна будност и одговорност треба да покажат Управата за извршување на санкции и директорите на затворите.

„Директорите на затворите правата проценка и даваат мислење околу некое лице, а Судот одлучува каков статус ќе има, меѓутоа мислам дека во сите овие случаи присуството и ограниченоста на овие лица е гарантирана. Секој од нив има конкретен статус. Тој што го спомнавте, Зоран Милески Кичеец е повторно на продолжување на издржување на казната затвор во Затворот во Струга, со одземени сите погодности кои ги имал претходно од Судот“, изјави Маричиќ.

Во однос на случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, тој рече, дека ако по одобрение на Судот бил на лекар, тоа е случај со многу други притвореници и затвореници.

„Ниту се случило некое бегство, ниту пак некој бил под таква опасност. Во секој од тие случаи, Судот треба да цени и постапува, исто како и Обвинителството и директорите на затворите, затоа што тие се надлежни за обезбедување на овие лица. Никогаш не треба притворот да биде казна, но мора да биде превентивна мерка против влијаење на сведоци, бегство и повторување на делото и треба системот ефикасно да ги спречува сите овие лица за кои има индиции“, изјави Маричиќ.

На Зоран Милевски Кичеец му беше дозволен прекин на отслужување на затворската казна од 30 дена поради тахикардија, а Рашковски беше фотографиран како слободно е движи низ Скопје, иако е во домашен притвор.

Симовски до утре очекува да бидат попишани милион граѓани

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика , Апостол Симовски денеска изјави дека пописот се одвива со посакуваниот интензитет и без проблеми. Тој порача и дека е убеден оти пописот успешно ќе заврши во планираниот рок.

„До вчера попишани се точно 800.008 граѓани, а до утре очекуваме бројка од милион попишани граѓани. Бројот на оние кои одбиваат е незначителен, а по разговорите, кај нив повеќе нема двоумење се попишуваат. Оние кои повикуваат на бојкот, главно преку социјалнте мрежи не и мислат добро на државата. Повторувам дека пописот е статистичка, а не политичка операција“, рече Симовски кој денеска престојуваше во Дебар.

Тој заедно со соработниците тој имаше средба со пописната комисија, како и со градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука. Според него, на тоа подрачје до сега не е регистриран случај на одвивање за попишување. Истата оценка ја изнесе и за општина Маврово и Ростуше, каде бил во посета пред Дебар.

И претседателот на пописната изборна комисија Решат Ќормемети искажа идентична оценка околу текот на пописот во општините Дебар и Центар Жупа, каде досега се попишани над осум илјади граѓани.

Ивановска: За граѓаните корупцијата е препознатлива, но мал дел пријавуваат

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска

Директорката на Државна комисија за спречување на корупцијата Биљана Ивановска денеска изјави дека се е подготвено за локалните избори. Во функција, како што рече, е веб-апликација за пријавување на нерегуларности, како и апликација од регистарот на службени возила, со која се набљудува нивната злоупотреба.

„Имаме обезбедено набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во неколку градови. Првпат оваа година имаме тројца аналитичари, економисти кои ќе ги сумираат резултатите од набљудувачите“, рече таа за време на гостувањето во Утрински Брифинг.

Таа додаде и дека во рамки на ИПА проект е обезбедена програма, преку која граѓаните ќе можат да пријават корупција.

„Голем дел од граѓаните, на анкетни прашања одговорија дека корупцијата е препознатлива и луѓето не сакаат да ја има. Но, многу мал процент од луѓето би се охрабриле да пријават“, додаде Ивановска и ги охрабри сите кои имаат свои забелешки да пријават, но и да се придржуваат до Законот за укажувачи.

Според неа, со цел да биде овозможено дискретен начин на пријава потребна е соработка и со Народниот правобранител и Министерството за внатрешни работи.

Во однос на оставката на министерот за здравство Венко Филипче, Ивановска порача дека во јавноста се прави забуна меѓу оставка од морален аспект и професионална одговорност.

„Можеби затоа оставката на министерот за здравство, Венко Филипче ни се чини задоцнета, меѓутоа е понудена и треба да се прифати“, рече Ивановска.

Филипче понесе пишана оставка до премиерот Зоран Заев по пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Заев рече дека ќе почека да заврши истрагата па потоа ќе донесе одлука дали ќе ја прифати истрагата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG