Достапни линкови

Вести

Османи потврди - Македонија протера уште еден руски дипломат, деталите се доверливи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи

Македонија протерала уште еден руски дипломат, потврди денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но не откри детали, бидејќи, како што нагласи, „информациите од тој тип се обично од доверлив карактер“.

„Министерството за надворешни работи (МНР) секогаш кога ќе добие потврдени и документирани информации за однесување на акредитирани странски дипломати што е спротивно на принципите на Виенската конвецнција презема мерки за заштита на својата национална безбедност, но и на сојузниците во сојузот во кој припаѓаме, така да информацијата е точна. Бидејќи информациите од тој тип се обично од доверлив карактер не можам да влезам во детали“, рече Османи.

Претходно во мај годинава беше протеран руски дипломат од Амбасадата на Руската федерација во Скопје, со образложение дека биле утврдени „постапки несоодветни со дипломатскиот статус“. Според тогашната изјава на министерот Османи, тие постапки биле „документирани, истражени и потврдени од Министерството за надворешни работи“.

На тоа протерување Русија во јуни одговори реципрочно и од Москва протера македонски дипломат. Тогаш од македонското МНР објавија дека вршителот на работите во македонската амбасада во Москва, Оливера Чаушевска- Димовска, била повикана во руското МНР каде ѝ била врачена Нота за прогласување 'персона нон грата' на наш дипломат - аташе од Амбасада на Македонија во Москва.

види ги сите денешни вести

Над 3.000 вработени во УКИМ ќе добијат повисоки плати

Студенти пред Филозофскиот факултет на УКИМ, Скопје
Студенти пред Филозофскиот факултет на УКИМ, Скопје

Повисоки плати за околу 22 отсто од ќе добијат вработените на најстариот Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“(УКИМ)- Скопје од овој месец, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за јануари, соопшти Министерството за образование и наука на 27 февруари.

Од Министерството соопштуваат дека на тој начин се исполнува обврската на државата која произлегува од колективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29 декември 2022, а со примена од 1 јануари 2024.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека повисоки плати ќе добијат 3200 вработени во УКИМ. Во нивното соопштение се наведува дека одлуката за повисоки плати била заглавена во Министерството за труд и социјална политика и со доаѓањето на техничкиот министер Ѓоко Велковски започнал легалистичкиот процес за решавање на проблемот.

Повеќе пари ќе добијат и професорите, асистентите, но и административни и технички лица.

Ангелова - Платите во високото образование се непристојни
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:24 0:00

Покрај ова зголемување од околу 22 отсто, кое им следува според колективниот договор, тие од март ќе имаат дополнително зголемување за одреден процент оти е предвидено зголемување на минималната плата во државата. Основицата на плата се пресметува според минималната плата помножена по коефициент на сложеност, според различни профили на вработените.

Минатата година, во интервју за Радио Слободна Европа, ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, изјави дека никогаш порано во историјата универзитетските професори немале пониски плати. Доцентите имаат плата на ниво на просечна плата во Северна Македонија. А асистентите со магистратура имаат под македонскиот просек, рече Ангелова.
Просечната плата во земјата е 20 илјади денари, а од март треба да се зголеми за 200о денари.

Агелер - Изборната кампањата да се фокусира на суштински прашања, а не на лични напади

Анџела Агелер, американска амбасадорка во Северна Македонија
Анџела Агелер, американска амбасадорка во Северна Македонија

Изборите се за граѓаните, но и за иднината на државата, порача американската амбасадорка Анџела Агелер на 27 февруари.

Таа се надева дека изборната кампањата ќе се фокусира на суштинските прашања, а не на лични напади, затоа што, како што вели, луѓето се уморни од негативности.

„Дури тогаш гласачите ќе можат да направат избор меѓу кандидатите за оние за кои веруваат дека најдобро ќе им помогнат да ги остварат своите надежи и соништа за себе, нивните деца и нивното општество“,, изјави Агелер за порталот PRESSonline.al.

Таа вели дека се надева оти овие одлуки ќе ја доближат државата до целосна интеграција во европската заедница.

Американската амбасадорка вели дека владините институции треба да воспостават процеси за слободни и фер избори за претседателските и парламентарните избори.

„Гласачите мора да се информираат преку сигурни извори на информации, а да ги препознаат и отфрлат сите дезинформации и манипулации. И што е најважно, гласачите мора да гласаат! Демократијата функционира кога сите ја исполнуваме нашата обврска. Моите очекувања за изборите се исти како и оние на гласачите, а тоа е целиот процес, од периодот на кампањата до формирањето на идната влада, да се одвива на транспарентен начин, преку кој ќе се обезбедат слободни и фер избори“, рече Агелер.

Првиот круг од претседателските избори се закажани за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските и парламентарни избори.

Зеленски во посета на Саудиска Арабија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија на 27 февруари
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија на 27 февруари

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пристигнал во Саудиска Арабија на 27 февруари за да разговара со престолонаследникот Мохамед бин Салман. Зеленски на својот профил на социјалната мрежа „X“, порано Твитер, напиша дека првата тема е Формулата за мир.

„Минатата година во Џеда одржавме ефективен состанок на советници за да разговараме за неговото спроведување. Сега се приближуваме до првиот мировен самит и се потпираме на тековната активна поддршка на Саудиска Арабија“, напиша Зеленски.

Втората тема е враќањето на заробениците и депортираните.

„Раководството на Кралството веќе придонесе за ослободување на нашиот народ. Уверен сум дека и оваа средба ќе даде резултати“, напиша Зеленски.

Ријад посредуваше за ослободување на група украински заробеници во септември 2022 година.
Освен тоа ќе се разговара и за перспективните за економска соработка и за учеството на Саудиска Арабија во обновата на Украина.

Протест на полските фармери против политиките на ЕУ

Протест на полски фармери
Протест на полски фармери

Илјадници земјоделци во Полска излегоа на улиците во Варшава на 27 февруари, ескалирајќи го протестот што започна на почетокот на февруари против увозот на храна од Украина и зелените правила на ЕУ.

Земјоделците ширум Европа протестираат со недели против ограничувањата што им ги поставуваат регулативите за „Зелениот договор“ на ЕУ, наменети за справување со климатските промени, како и зголемените трошоци и, како што велат, нелојалната конкуренција надвор од ЕУ, особено Украина. Полските фармери се собраа во центарот на Варшава пред да маршираат кон парламентот, а потоа и кон кабинетот на премиерот.

Полските земјоделци започнаа серија протести низ целата земја на почетокот на овој месец, а за време на протестите целосно ги блокираа и сите украински гранични премини, како и пристаништата и низ целата земја.

„Нема да се откажеме. Немаме избор. Нашите фарми ќе банкротираат, ќе ги загубиме нашите средства за живот“, рече Павел Валковиак, 47 - годишен производител на пченка и пченица од Конарзево во западна Полска.

Полскиот премиер Доналд Туск за време на посетата на Прага во вторникот рече дека ЕУ мора да ги реши проблемите создадени со нејзината одлука да ги отвори границите за увоз на украински прехранбени производи откако Русија го нападна својот сосед на почетокот на 2022 година.

„Никој нема право да мисли дека Чешка и Полска не ја поддржуваат Украина, но... ќе работиме заедно во Брисел за корекции кои ќе го заштитат нашиот пазар од негативните ефекти на оваа одлука“, рече Туск.

СДСМ поднесе измени на закони за да нема нов раст на функционерските плати

Денари и евра
Денари и евра

Измени на шест закони со кои ќе се спречи зголемувањето на платите на функционерите, поднесе пратеничката група на СДСМ и коалиција.

Со овие измени треба да бидат опфатени околу 1.060 именувани и избрани лица, соопшти на 27 февруари пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.

Ќе се менуваат Законот за плата на функционери, Законот за пратениците, за платите на обвинителите, судиите, на членовите на Судски совет и Советот на јавните обвинители. Сите ќе се менуваат по скратена постапка.

Но со овие измени платите на избраните и именуваните функционери нема да имаат нов раст, кој годинава треба да е околу 15 отсто. Сепак платите на функционерите остануваа зголемени, оти минатата година со одлука на Уставен суд платите им се зголемија за 78 отсто.

Повисоките функционерски плати поттикнаа протести на разни групи работници, а на улица ги извадија и пензионерите.

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата очекуваат поддршка од сите пратеници во македонското Собрание.

За соработниците на Навални нема место во Москва за збогување со него

илустрација
илустрација

Соработниците на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални велат дека не можат да најдат локација во руската престолнина за да одржат јавна церемонија за збогување со критичарот на Кремљ, откако неговата мајка рече дека официјални лица ја уценувале да одржи тајна комеморација.

„Ги повикавме повеќето приватни и државни агенции за погреби, трговски субјекти и погребални салони. Некои велат дека местата се зафатени. Некои одбиваат да разговараат кога ќе го слушнат името на Навални. На едно место директно ни кажаа дека им било наредено да не соработуваат со нас“, напиша портпаролката на Навални, Кира Џармиш, за платформата X.

Роднините на Навални допрва треба да ги потврдат деталите за прошталната церемонија и погребот на борецот за борба против корупцијата, објави Current Time, медиумски проект на руски јазик кој го води Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка.

Телеграмскиот канал База во понеделникот (26 февруари), повикувајќи се на неименувани извори на гробиштата Борисовско во Москва, објави дека неговите вработени започнале со подготовките за погребот на Навални во текот на ноќта, додавајќи дека 29 февруари е одреден како прелиминарен датум.

База објави и видео што го добило од следбеник, а на кое се гледа дека местото на гробиштата Борисовско претходната вечер било темелно исчистено од снег, со присуство на голем број полициски возила. Видеото не е независно потврдено.

Неколку телеграмски канали спомнаа можни места каде што би можел да биде погребан Навални, вклучително и три гробишта во Москва, Борисовско, Хованско и Троекуровско.

Телото на Навални и беше предадено на неговата мајка Људмила Навални на 24 февруари, повеќе од една недела по неговата сомнителна смрт во казнената колонија на Арктикот. Причината за смртта на 47-годишниот лидер на опозицијата не е соопштена.

Пред да биде предадено телото, Навалнаја рече дека властите поставуваат услови за тоа каде, кога и како да биде погребан нејзиниот син.

„Тие сакаат тоа да биде тајно“, рече таа.

Во меѓувреме, стотици Руси беа уапсени додека му оддаваа почит на Навални на локации низ Русија. Роднините, соработниците и западните претставници на Навални го обвинија претседателот Владимир Путин за смртта на опозицискиот лидер во затвор. Руските власти ја отфрлија вината и го нарекоа „хистеричен“ гневот на Меѓународната заедница поради смртта на Навални додека беше во затвор.

Митрески за продолжување на рокот на патните исправи: Меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон

Јован Митрески, претседател на Собранието на РСМ
Јован Митрески, претседател на Собранието на РСМ

На прашањето дали мнозинстовото во законодавниот дом утре (28 февруари) ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, претседателот на македонското Собрание, Јован Митрески одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

„Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот“, изјави Митрески.

Тој додаде дека во текот на денешниот ден ќе го дополни дневниот ред за утрешната седница за законот на патни исправи, а во врска со поддршката на пратениците рече дека одлуките ги носат самите пратенички групи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владеjачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски минатата недела пак, изјави дека залудно ќе биде менување на закон со којшто ќе се продолжи рокот на траење на пасошите со Република Македонија, затоа што тоа треба да биде усогласено со Грција и со ЕУ.

Тој посочи дека Владата треба да обезбеди согласност од земјите-членки на ЕУ и од другата потписничка страна – Грција, па потоа да разговара за менување на закон.

Столтенберг вели дека НАТО не планира испраќање борбени трупи во Украина

Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО
Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата не планира да испрати борбени трупи во Украина. Тој рече дека земјите-членки на НАТО и даваат поддршка без преседан на Украина.

„Тоа го правиме од 2014 година. Меѓутоа, нема планови за распоредување борбени трупи на НАТО во Украина“, рече Столтенберг.

Отфрлајќи ја можноста за воена акција на НАТО, Столтенберг повтори дека рускиот напад врз Украина сериозно го крши меѓународното право и дека врз основа на тоа, украинската страна има право на самоодбрана.

„НАТО има право да ја поддржи Украина да се брани од руската агресија“, рече Столтенберг.

Претходно пак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека појавувањето на војници на НАТО на територијата на Украина ќе доведе до директен конфликт со Русија и ескалација на ситуацијата.

Осврнувајќи се на вчерашната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема консензус за испраќање војници на европските земји во Украина, но дека „ништо не треба да се исклучи“, портпаролот на Кремљ кажа дека дискусиите на западните земји за можноста за испраќање свои војници во Украина претставува нов, многу важен елемент.

„Сите други елементи во говорот на францускиот претседател веќе се претставени на еден или друг начин и веќе ги зедовме предвид“, рече тој, додавајќи дека Москва добро ја знае позицијата на Макрон - „на Русија треба да и се нанесе стратешки пораз."

По вчерашната конференција за Украина во Париз, Макрон изјави дека нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, но нагласи дека „ништо не треба да се исклучува“.

„Во моментов нема консензус за испраќање војници. Ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме се за Русија да не победи“, рече Макрон на прес-конференција, пренесоа медиумите.

На самитот во Париз присуствуваа околу 20 европски лидери, а Елисејската палата соопшти дека целта на состанокот беше да му се испрати на рускиот претседател Владимир Путин „порака дека Европа е решена да и помогне на Украина и да се спротивстави на „наративот на Кремљ“ дека Русија мора победи во војната, која влезе во третата година“.

Во Брисел состаноци за користењето на динарот на северот на Косово

илустрација
илустрација

Со посредство на Европската Унија (ЕУ) во вторник (27 февруари)во Брисел се одржуваат средби во рамки на дијалогот Косово-Србија, со цел да се најде решение за користењето на српскиот динар на територијата на Косово.

Белградската страна на средбите ја претставува главниот преговарач Петар Петковиќ, а Приштина - гувернерот на Централната банка на Косово (ЦБЛ), Ахмет Исмаили.

Регулативата на ЦБК, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото како единствена валута за готовинско плаќање во Косово и забранува употреба на српскиот динар.

Според ЕУ, оваа одлука предизвикала практични проблеми за српската заедница во Косово, која го користела динарот и добивала помош од Србија во таа валута. Затоа, ЕУ свика состанок за 27 февруари за да се најде решение за прашањето.

Србите од Косово бараат да се поништи одлуката за забрана на динарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:06 0:00

Главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими, на 21 февруари рече дека ја одбил поканата на претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, објаснувајќи дека тоа не е состанок на кој главниот преговарач мора да оди бидејќи, како што рече, „ прашањето за динарот не е дел од дијалогот“.

Лајчак во вторник најпрвин се среќава со претставниците на српската делегација, а потоа и со косовската делегација. Заеднички состанок може да се случи доколку двете страни се подготвени да најдат практични решенија.

ЦБК донесе одлука единствено средство за готовина и платежни трансакции да е еврото, со што се укинува српскиот динар. Оваа одлука беше критикувана од Меѓународната заедница, која ги повика Приштина и Белград да најдат решение за ова прашање во рамките на дијалогот за нормализација на односите.

Припадниците на српската заедница добиваат различни приходи од српскиот буџет во динари, а Меѓународната заедница предупреди дека одлуката на Косово да го укине може да ги зголеми етничките тензии.

Рускиот активист за човекови права Орлов осуден на две и пол години затвор

Активистот за човекови права Олег Орлов во судницата за време на читањето на пресудата, Москва, 27 февруари 2024 година
Активистот за човекови права Олег Орлов во судницата за време на читањето на пресудата, Москва, 27 февруари 2024 година

Рускиот активист за човекови права, ветеранот Олег Орлов во вторник (27 февруари) беше осуден на две и пол години затвор, откако судот во Москва го прогласи за виновен за дискредитација на руските вооружени сили, процес што меѓународните набљудувачи го осудија како политички мотивиран.

Седумдесетгодишниот Орлов повеќе од две децении беше еден од водачите на групата за човекови права Меморијал. Таа организација ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година, една година откако беше забранета и распуштена во Русија.

Обвинителството побара од Головинскиот окружен суд во Москва да го осуди Орлов на две години и 11 месеци затвор, обвинувајќи го за постојано „дискредитирање“ на руската армија поради инвазијата на Украина.

Околу 200 поддржувачи чекаа во ходникот пред судницата за да се простат од него.

Орлов беше обвинет за дискредитација на руската војска во колумна напишана за француското онлајн издание Медиапарт и беше осуден во октомври по првото судење.

Казната беше релативно лесна казна и обвинителите побараа ново судење.

Додека другите активисти бегаа од се посуровата репресија, Орлов остана во Русија, велејќи дека е „покорисен“ таму, отколку во странство.

Орлов, чие повторно судење започна на 16 февруари, дојде во судот држејќи копија од романот „Процес“ на Франц Кафка, во кој се зборува за човек кој бил уапсен и суден за обвиненија за кои не знаел.

Тој неодамна за АФП изјави дека кариерата помината работејќи на историската меморија на советските злосторства и кршењето на човековите права во модерна Русија - особено во Северен Кавказ - не му оставила друг избор освен да води кампања против офанзивата во Украина.

Меморијал организацијата се етаблираше како клучен столб на руското граѓанско општество со зачувување на споменот на жртвите на комунистичката репресија и кампања против кршењето на човековите права.

Организацијата беше официјално распуштена од руските власти кон крајот на 2021 година и ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година заедно со водечка украинска група за човекови права и ветеран белоруски активист.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG