Достапни линкови

Автопати во четири очи го зголемуваат ризикот од корупција


Илустрација: Автопатот Тетово - Гостивар
Илустрација: Автопатот Тетово - Гостивар

Секој договор што го склучила државата во четири очи во изминатите 30 години, почнувајќи од Окта, завршувајќи со кинеските автопати, бил на штета на Македонија, потсетува поранешната антикорупционерка Вања Михајлова.

Законот за изградба на автопати без тендер со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, кој Собранието го донесе пред неколку дена, го отвора прашањето колку ние како земја сме заинтересирани за борба против корупцијата, односно за превенција на корупцијата и секако дека ќе има одраз и во меѓународните извештаи за земјава, вели антикорупционерката Вања Михајлова.

„Главните принципи на јавните набавки се ефикасност, транспарентност и конкуренција. Кога има конкуренција, секогаш има и ефикасност и транспарентност и секогаш добивате подобра понуда за помалку пари. Во случајов ние не знаеме ни колку ќе чини, ни кои се критериумите, ни кои се условите, апсолутно ништо. И вие да склучите меморандум или договор или закон во којшто ниеден од овие критериуми не ви е познат, значи се потпишува на слепо, тоа зборува за една неодговорност како се трошат народните пари“, вели Михајлова.

Таа потсетува дека секој договор што го склучила државата во четири очи во изминатите 30 години, почнувајќи од Окта, завршувајќи со кинеските автопати, бил на штета на Македонија.

Собранието на 15 јули, по скратена постапка, го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

Законот беше донесен со 55 гласови за, и ниту еден против или воздржан. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше одредени забелешки на законот, но не гласаше против.

Законот предвидува директни преговори за изградба на автопатите по принципот „клуч на рака“ - од физибилити студија, проект до целосна изведба.

Во владата постојано повторуваат дека овој начин на изградба ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати.

Антикорупциската комисија побара од претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за прогласување на законот, и најави дека, доколку го потпише, ќе го даде на Уставен суд. Според антикорупционерите, овој закон „претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно“.

„Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава“, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска.

Претседателот Пендаровски завчера го потпиша законот образложувајќи дека тој е „донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против“.

Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа автопати кои ги следеа низа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија. За сите овие имаше обвинувања дека се преплатени.

Поранешниот американски амбасадор во Приштина Кристофер Дел, кој според косовските медиуми лобирал за договорот за автопатот кон Албанија вреден 820 милиони евра, пред неколку месеци се вработил во компанијата Бехтел Корпорејшн на позицијата менаџер за Африка. Ангажманот го добил само неколку месеци откако ја завршил тридецениската кариера во Стејт департментот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG