Достапни линкови

Кинескиот „нов пат на свилата“ поплочен со јаглен на Западниот Балкан


Термоелектраната Тузла. Фото - архива.

Европската унија (ЕУ) планира најдоцна до 2050 најдоцна да ги затвори сите термоелектрани. Додека Унијата се обидува во производството на електрична енергија да не се користи јаглен, земјите од Западен Балкан не мислат така. А во тоа голема помош имаат и од Кина.

Во Босна и Херцеговина, на пример, во ноември треба да почне изградба на Блокот 7 на термоелектраната Тузла. Подготовките ги направија домашни фирми, а градењето го презедоа кинески изведувачи, потврдуваат за Радио Слободна Европа од Електростопанство на БиХ, кои управуваат со термоелектраната Тузла. Блокот 7 ќе се финансира од кинески кредити преку Ексим банка во износ од 641 милион евра. Остатокот од парите ќе ги обезбеди Електростопанство на БиХ.

Директорот на Енергетската заедница на БиХ Јанез Копач вели дека едно од проблематичните прашања околу Блокот 7 е и тоа што се прави во време кога цела Европа, па и светот, настојуваат да се „разделат од јагленот“, а во БиХ се планира изградба на термоелектрана.

„Јагленот полека ќе изумре како ресурс за производство на електрична енергија. Морам да кажам дека Блокот 7 е еден од двата последни проекти за изградба на термоелектрани во Европа. Никој веќе не гради на јаглен. Светот се движи во правец на декарбонизација и ЕУ тоа го поддржа со шемата на тргување со емисии на јаглерод-диоксид, и сега еден тон јаглерод-диоксид чини 25 евра. Тоа ги прави термоелектраните неконкурентни и полека се затвораат“, вели Копач.

Вложувањето во јаглен е вложување во минатото

Копач смета дека е погрешно да се вложува во јаглен, кога сите одат кон тоа да вложуваат во обновливи извори на енергија.

„Тоа е вложување во минатото со што се губи иднината. Сосема е економски нелогично да се оди во такви инвестиции“, вели тој.

Македонија се откажува од јаглен или не баш?

Македонија во моментов увезува 30 отсто од потрошувачката на енергија, а остатокот го добиваме главно од производството на термоелектраните на лигнит во Битола и Осломеј и од големите хидроцентрали.

Со новата Стратегија за енергетика Македонија во следните две децении планира да ги затвори сите термоелектрани на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија. Во програмата на владата во делот за животна средина, пак, на маса се враќа отворањето на рудникот за јаглен „Живојно“. На тоа реагираат и невладини организации, коментирајќи ја програмата на владата.

Од невладината организација „Еко свест“ очекуваат да се забрзаат декарбонизацијата на сите сектори и активностите за прилагодување кон новонастанатите климатски услови за ранливите сектори. Сметаат дека затворање на сите ТЕЦ на јаглен и изградба на соларни електрани како и олеснување на условите и зголемување на субвенциите за кровни фотоволтаици на домаќинствата е најмалку што Владата може да направи за да обезбеди ублажување на климатските промени. Сепак, од граѓанската организација се загрижени што во програмата сè уште се остава простор за експлоатација на минерални суровини. Тие предлагаат отпочнување на транзицијата кон затворање на сите копови и премин кон алтернативни економски гранки.

„Ревитализацијата и модернизацијата на сите три блока во РЕК Битола со редукција на прашина и десулфуризација се навистина долгоочекувани проекти, меѓутоа, Енергетската стратегија предвидува затворање на РЕК Битола во период од следните осум години, во зависност од сценариото. Се отвора прашањето зошто се прават планови кои се во конфликт со сите сценарија на Енергетската стратегија? Дополнително, не е јасно какви можности за употреба на различни типови на гориво се предвидуваат за РЕК Битола со ревитализацијата“, се наведува во реакцијата од Еко свест.

Отворените прашања околу Блокот 7 во Тузла

Координаторот на програмата за енергија и климатски промени во Центарот за екологија и животна околина во БиХ, Денис Жишко вели дека основен проблем на Блокот 7 е што граѓаните ќе ги враќаат кредитите за негова изградба. Тој вели дека станува збор за ризичен проект, особено ако дојде до воведување такси за СО2 емисии, со што Електростопанството би се нашло во проблеми. Но, од Електростопанството велат дека не може да се доведат во ситуација да не може да го вратат кредитот.

Договорот за изградба на Блокот 7 предвидува парите што се земени да мора да се вратат на кинески компании, односно се мора да се купи од кинески произведувачи и мора да работат кинески работници, вели Жишко.

„Тие со ваквите договори ги оплодуваат своите пари оти имаат вишок пари, вишок производствени капацитети и вишок работници. На тој начин тие нè користат нас за својата економија“, вели Жишко.

Но, од Електростопанството тврдат дека според договорот 20 отсто од вкупниот проект треба да го сработат компании од БиХ, притоа не сметајќи ги подготвителните работи.

Бенквоч - Кина е „посебно активна“ во Југоисточна Европа

На проблемот со кинеското кредитирање и градењето термоелектрани во Југоисточна Европа во рамки на иницијативата „Појас и пат“, популарно наречен „нов пат на свилата“, укажаа и невладини организации. Тие ја повикуваат Европската унија да ги зајакне постапките во врска со кршењето на правните постапки од страна на кинеските компании. Проектот „Појас и пат“ е за поврзување на Азија со Европа и Африка преку големи инвестиции во поморски, патни и железнички проекти.

Ваква молба на 14 септември упати Мрежата на невладини организации Бенквоч за време на самиот ЕУ - Кина. Самитот беше во онлајн форма, а на него учествуваа германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со претседателот на Кина Си Џинпинг. Тие меѓу другото разговараа и за плановите за кинеските вложувања.

Невладините организации предупредија дека кинеските државни компании во последните години се „посебно активни“ во Југоисточна Европа, повикувајќи се на потпишаните договори за изградба на четири нови фабрики за јаглен, санација на две фабрики за јаглен, инвестиции во тешка индустрија и вложувања во друга инфраструктура.

Во Србија кинески компании исто така купија фабрика за железарија и рудник за бакар, а планираат и изградба на фабрика за гума, наведува мрежата на невладини организации.

„Многу од проектите ги кршат националните и законите на ЕУ за животна околина, за набавки и за државна поддршка“, наведува Мрежата.

Кинески инвестиции со политички опаш?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:45 0:00

Тие додаваат дека ниту еден од проектите не е во согласност со најновите стандарди на ЕУ за контрола на загадувањето, многу од проектите имаат „многу слаби“ студии за проценка на влијанието врз околината, а во проектот за ширење на рудникот за лигнит Дрмно во Србија, воопшто и немало таква проценка.

Минатата година и од Европската комисија изразија загриженост поради изградбата на Блокот 7 во Тузла, кога тогашниот комесар за проширување Јоханес Хан оцени дека одлуката на владата на БиХ покажува дека не се определила за европскиот пат.

Жишко смета дека Кина на ваквите проекти гледа како на добар начин да ја „гради своја економија“.

„Ние не сме единствени, ние дури сме последни од земјите. Кина истото го прави и во Азија. На пример во Монголија или во Пакистан, Индија. Тоа е ист начин на работа, со кој Кина заработува пари, ги задолжува тие земји, имаат финансиска корист, а од друга страна тие на тој начин имаат потенцијална политичка корист од задолжувањето на идните членки на ЕУ“, вели Жишко.

Тој вели дека за ова се повеќе се мисли и се говори и во ЕУ и потсетува на случајот со Грција каде се случуваше слична работа со парите кои доаѓаа од Кина.

„На тој начин Кина има влијание на одлучувањето во ЕУ - ја задолжува земјата која има глас во ЕУ и на основа на тоа може да се влијае да се поддржат или да не се поддржат одредени мерки кои ЕУ би ги вовела за да спречи влијание од Кина“, заклучува тој.

Тој сепак вели дека тоа е само една од причините зошто кинеските банки даваат кредити на државите во Југоисточна Европа да градат термоелектрани. Друга причина гледа и во тоа што другите банки престанаа да го прават тоа, меѓу нив и европските и американските.

„Европските банки не смеат да даваат такви кредити. Има мораториум за такви кредити“, вели Жишко.

Како тивкиот џин го освојува Балканот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:43 0:00

Кина инвестира во сите земји од Западен Балкан. Најголемите инвестиции се во Србија во износ од 1,3 милијарди евра.

Во Македонија најголемите кинески инвестиции се во инфраструктурата, пред сè во автопатишта. Сепак, се работи за кредити, а не за директни инвестиции.

Кинески фирми ја градеа хидроелектраната Козјак и автопатиштата Кичево-Охрид и Миладиновци Штип. Градбата на автопатиштата ги следа низа контроверзии. За двата автопати се подигнати кинески кредити во износ од околу 600 милиони евра. А според податоците на Народна банка до 2019 година во земјава влегле околу 80 милиони евра кинески инвестиции.

Во ЕУ во тек е постепено укинување на јагленот. Девет членки на ЕУ сега воопшто не користат јаглен, а 11 планираат да ја укинат електричната енергија произведена од јаглен до 2030 година.

Во 2016 се затворени 52 термоелектрани, кога ЕУ ја засили својата посветеност на ублажување на климатските промени и си зададе цел до 2050 да дојде до нула емисија на стакленички гасови.

Проблем во остварување на овие цели на ЕУ можат да бидат кинеските кредити за земјите од Југоисточна Европа кои и понатаму се потпираат на производство на електрична енергија во термоелектрани и иако кинеските медиуми и државните претпријатија тврдат дека овие проекти се еколошки, Европската комисија во 2019 во своите стратешки погледи на односите меѓу ЕУ и Кина нагласува дека „Кина во многу земји гради електрани на јаглен, а со тоа ги поткопува глобалните цели на Парискиот договор“.

Мрежата на невладини организации Бенквоч и забележува на ЕУ што, освен овие критики, не презела конкретни мерки како да ги спречи овие проекти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG