Достапни линкови

И воздухот мириса на политика во Битола


Илустрација: Битола, ѓубре

Битолската опозиција обвини дека СДСМ дојде на власт со ветување за почист воздух, но тоа не го стори. Советниците од владејачкото мнозинство велат дека воздухот во Битола сега е многу почист, благодарејќи и на локалните политики.

Темата за загадениот воздух повторно се врати на дневен ред во битолскиот Совет на три месеци пред локалните избори. Тоа исто така беше еден од најзначајните теми на претходните избори за локална власт пред четири години. Опозицијата и власта во битолскиот Совет деновиве два часа меѓусебно се обвинуваа кој што (не) направил за почист воздух додека бил или е на власт.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ во Битола на власт дојде со ветување дека ќе го исчисти воздухот, но тоа не го стори.

„Предлагате измени во Програмата за животна средина која завршува со мизерни 5 милиони денари, а од оваа мизерна сума вие уште не знаете каде ќе ги потрошите 1,5 милиони денари, пишува разни трансфери и субвенции“, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со точаците и инвертерите сè е тоа лицкање, козметика, со тоа не го решаваме проблемот. Податоците за 25 проценти почист воздух не држат место, без разлика и да било така во тие месеци на дедо Боже треба да му заблагодариме зашто не презедовме ништо во тој однос. Големите капитални проекти не се спроведени - топлификација, гасификација, пречистителната станица, електростатските филтри. Тие ќе нè спасат, а не козметика“, рече Тони Коњановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

На критиките возврати Тања Крнчева, советничка од владејачкото мнозинство на СДСМ и претседател на Комисијата за животна средина. Таа рече дека се преземаат мерки и дека податоците во јануари 2015 година покажувале ПМ10 честички од 130 микрогами на метар кубен, а во јануари 2020 - 84. Декември 2015 -141 , а 2020 - 39 и „нека ме убеди било кој дека ова не е резултат на конкретни, ситни, но сигурни решенија“.

„Буџетот за животна средина се зголеми од 3 на 5 милиони денари во последните две години. Тој е сè уште далеку од потребниот. Но, сè почна со ситни чекори кои сите заедно претставуваат сериозен исчекор кон подобрување на квалитетот на воздухот. 6 милиони денари за субвенционирање на печки на пелети во само 1 години во изминатите 12 од претходната власт, наспроти над 10 милиони денари од оваа власт 4 години само за субвенционирање. 2,5 милиони евра дадени за субвенционирање ја клима инвертери. Плус средства за училиштата и јавните претпријатија за енергетска ефикасност и промена на котли со современ начин на греење“, рече Крнчева.

Советникот од независната советничка група Поинаку, Иван Чулакоски, од говорница им рече:

„Мурто и Курто изгледа ги имате заборавено, пак се враќаме на старата приказна“.

Потоа најави дека „од октомври нема да се зборува дали воздухот е загаден, туку како да имаме најчист воздух во земјава“.

На ова го прекина Валентин Груевски, претседател на Советот, велејќи му да не води изборна кампања од говорница.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG