Достапни линкови

Кочани опасно, Скопје нездраво, а Балканот дише поотровно од Европа


Мерни единици за загаден воздух во лето во Кочани

Македонските граѓани, заедно со соседите во регионот од Косово и Босна и Херцеговина, дишат потоксичен воздух од нивните европски сограѓани. Пулмолозите предупредуваат дека загадениот воздух го олеснува патот на вирусите до белите дробови особено кај децата.

Мерните единици во неколку македонски населби и во лето покажуваат дека дел од жителите дишат токсичен воздух. На веб страницата која е дел од Светскиот проект за мерење на квалитетот на воздухот може да се забележи дека во средата воздухот во Кочани бил опасен по живот на граѓаните со 875 микрограми на метар кубен од ПМ 10 честичките, додека ПМ 2,5 честичките изнесуваа 801 микрограми на метар кубен. На мапата во цела Европа само Кочани беше означено со виолетова боја и предупредување за опасен воздух, додека воздухот во центарот во главниот македонски град беше означен како нездрав за чувствителни групи. Македонските граѓани, заедно со соседите во регионот од Косово и Босна и Херцеговина, дишат потоксичен воздух од нивните европски сограѓани, особено тие кои што живеат во урбаните средини, покажуваат податоците од Светската Банка.

Балканот најзагаден во Европа, најзагрозени децата
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:54 0:00

Дел од светските истражувања покажуваат дека во просек во Европа околу 15 проценти од смртните случаи од ковид-19 се должат на загадувањето на воздухот. Новата студија, изработена од германски и кипарски научници, покажува дека емисиите на издувни гасови влијаат и врз стапката на смртност од коронавирус. Таквата поврзаност може да се види и во македонската слика за време на вториот бран од пандемијата во земјава. Тогаш Скопје не само што беше високо на топ листата на најзагадени градови, туку во исто време водеше битка со најголем број заразени со ковид-19, но и сериозен раст на дневниот црн биланс на починати од коронавирусот.

Мерни единици за загаден воздух во лето во Прилеп
Мерни единици за загаден воздух во лето во Прилеп

Загадениот воздух ги празни игралиштата

Загадениот воздух е сериозен проблем веќе неколку години во земјава. Кога растат бројките на ПМ честички во воздухот, скопските игралишта осамнуваат без детски џагор. Родителите се загрижени и ги чуваат децата дома. Стравуваат дека токму загадениот воздух е една од причините поради која и полесни настинки завршуваат посериозно кај децата. Токму стравот од влијанието на загадениот воздух врз здравјето на своите деца е причината поради која Невена Георгиевска се занимава со екоактивизам.

„Она необјасниво разболување, кога нема вируси, нема бактерии, а се влошува ситуацијата, завршуваме во Козле, од алергии кои потоа се покажа дека не се јаки, а ние добивме пневмонија. Почнав да следам што се случува и забележав дека и во летните месеци имаме одредено загадување“, вели таа.

Таквата состојба, особено назима кога е грејна сезона, сериозно влијае врз здравјето на возрасните, но и на децата.

„Цело време си во страв да не се случи некоја мала настинка, потоа да се влоши, и повторно да завршиме во болница, со инхалации, вентолини, буквално секоја зима, дочекот на зимата е со некој страв, не е убав таков живот, живееме во страв што може да ни се случи од мала настинка која кај децата може да помине лесно, кај децата од икс причини се влошува“, вели Георгиевска.

Таа вели дека основни превентивни мерки кои ги користела било носење на маски за лица и прочистувач на воздух.

„Маските што сега ги носиме, што на некои им смета, јас и моите деца ги носевме секоја зима кога е премногу загадено. Не ги остават да играат навечер, нив тоа им сметаше затоа што другарите им беа надвор. Дома имаме прочистувач на воздух и кога се луфтира влегува загаден воздух и се активира прочистувачот на воздух“, објаснува Георгиевска.

Пулмолозите предупредуваат дека аерозагадувањето не само што само по себе претставува голема опасност, туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови особено кај децата.

ПМ честичките ги напаѓаат белите дробови, но и мозокот на децата

Доктор Благица Манчева, која е педијатар и пулмолог во приватната болница Жан Митрев вели дека детскиот организам е недоразвиен и кај нив лесно се воочливи последиците од аерозагадувањето.

„Родителите ги носат децата со симптоматологија на назначена носна секреција, црвени очи, кашлица со ларингален призвук, наод на бронхит, а без доказ на вирусна или бактериска етиологија. Сè тоа се должи на зголемениот внес на овие ПМ честички. Поголемите ПМ честички влијаат на воспалителен процес на горни дишни патишта, а оние помалите ПМ честички влијаат на подолните дишни органи“, вели доктор Манчева.

Таа додава дека децата имаат потесни дишни патишта, тие побрзо дишат, и со тоа многу повеќе внесуваат од овие штетни честички во својот организам. Дополнително предупредува дека загадениот воздух остава негативни последици и врз детскиот мозочен развој.

„Делува и на неурокогнитивниот развој особено кај детскиот организам, затоа што колку е помлад организмот толку е почувствителен и вурнелабилен на помалите концентрации на кислород, а мозочето е вториот орган на кој најмногу ми треба кислород за развој. Општо познато е дека аерозагадувањето кај децата на прво место делува на респираторниот систем, со зачестени респираторни инфекции, но многу побитен е и, дава отстапувања во неокогнитивниот развој. Овие деца честопати подоцна имаат проблем во учењето, но и зголемената појава на аутизам во одредени истражувања се поврзува со зголемената експозиција на аерозагадувачи во раното детство“, објаснува Манчевска.

Кој е најголем загадувач?

Според новинарските анализи првите неколку месеци од годинава скопскиот воздух бил позагаден од лани истото време. Покрај значителното зголемување на аерозагадувањето на воздухот во Скопје изминатите февруари и март годинава на повеќето мерни станици во главниот град бил измерен позагаден воздух од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во споредба со март 2020 година.

Состојбата со загадувањето на воздухот изминативе години се влошува и во другите градови. Според последните податоци од европското здружение за здравје и животна средина најголем загадувач во Македонија е РЕК Битола. Оваа термоелектрана годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина. Според последниот извештај РЕК Битола беше во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно.

Зачестени ларингити, алергии и кашлици кај децата во Битола

Жанета Здравковска

Зачестени се горно респираторните инфекции, надразнувачките кашлици и алергиите кај децата во битолско, а дел од родителите се сомневаат дека врз здравствената состојба на нивните деца влијае и аерозагадувањето.

„Родител сум на малечко дете и имаме проблем со загадениот воздух. Штом почне грејната сезона почнува кај него да се јавува ларингит со гушење. Тоа посебно се случува навечер, со голема кашлица, па мора да го однесеме на болница. Таму ни даваат кортикостероиди, дексазон, а потоа продолжуваме со антихистамини, лоратадин пиеме цело време дури има проблем зашто има лоша кашлица“, вели битолчанката Ирена Нечовска.

„Јас сум баба на внуче кое има алергија на полен. Покрај поленот и загадениот воздух дополнително му прави тешкотии. Секоја пролет нападите се подолги и посилни, а во остатокот на годината му се јавува ринитис“, вели Марија Николовска од Битола.

Загаден воздух во Битола
Загаден воздух во Битола

Живко Даскаловски, матичен лекар во Новаци, општина во битолско која е најблиску до РЕК, потврдува дека кај децата се јавуваат респираторни инфекции, но дека досега ни една институција не ја испитала нивната поврзаност со загадениот воздух.

„Можам да кажам дека кај нас имаме зголемени горно респираторни инфекции со алергиски реакции во смисла на ларингити, трахеити, со надразнувачка кашлица, гребење на грлото. Тоа го има кај нас, зголемена е инциденцата. Но, во земјава нема лаборатории, нити може да го испита тоа кај нас некој дали е од загадениот воздух. Кога би имале посебни институти тоа да го испитуваат ќе можеме да кажеме дали е од загадувањето или не. Алергиите не се само од загадување, комплексни се“, рече доктор Даскаловски.

Во Извештајот на Центарот за јавно здравје Битола за 2020 година како извори на загадување на воздухот се посочуваат сообраќајот, согорувањата на биомаса од страна на домаќинствата, горење на горива како дрвото и јагленот од затоплувањето на административните установи, домовите и фабричките оџаци на РЕК Битола оддалечени околу 10-12 км воздушна линија од градот. Битола е град со тесни улици и густ сообраќај со намалена можност за воздушно струење во централното градско подрачје. Од мерењата на аероседиментот, таложна прашина на честички поголеми од 10 микро метри, најпогодена е периферијата на градот.

Според Министерството за животна средина, најголем проблем на загадениот воздух остануваат ПМ 10 честичките. Во јануари годинава четири дена, а во февруари 12 дена суспендирани честички биле два до три пати над максимално дозволените концентрации. Анализи вршат и невладините организации.

„Од направените анализи (2018г.) се констатира дека најголем процент на загадување до 70 проценти емитираат домаќинствата зашто користат огревно дрво кое има голем процент на влага и создава многу големи количини на ПМ честички“, рече Мите Ристов од „Геосфера“.

Нема мерки за намалување на аерозагадувањето
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Во извештајот на Институтот за јавно здравје во периодот од 2008 до 2018 година бројот на новорегистрирани случаи на рак на респираторни органи се движел од 30 до 50 случаи годишно во Битола. Малигни заболувања на респираторни органи кај мали деца нема, туку на други органи.

Анета Димитриевска од Здружението на граѓани за советување на поддршка на лица со карцином „Јасмин“ од Битола вели:

„Имавме изработено проект, сакавме да ги опфатиме децата со него и од неофицијални извори, сепак ќе речам од медицински институции, добивме бројка дека се малку и се движи од 4 до 5 деца со малигни заболувања во Битола.“

Кога се зборува за аерозагадување во Битола, секогаш се споменува РЕК. Долги години проблем беше одлагалиштето за пепел кое не се прекриваше со земја редовно. Од комбинатот во повеќе наврати посочиле дека сликата е променета и од 30.000 метри квадратни со пепел непокриен со земја, сведени се само на 5.000 метри квадратни.

Тендерот за набавка на филтри за оџаците пропадна, а од раководството најавија дека во следните години ќе се вложат 310 милиони евра за трансформација на производството од јаглен на обновливи извори.

Ќе има ли чист воздух во Тетово?

Тетово беше еден од најзагадените градови во земјава, и заедно со Скопје често се борат за високите позиции во топ листата на најзагадени градови во Европа. Само во Тетово неофицијално се проценува дека се возат над 120.000 автомобили, интензивно се гради без да се запазат еколошки стандарди, постојат голем број на диви депонии, а зелени површини речиси и да не постојат.

Александар Самарџиев

Ограниченото движење и активности кај луѓето во време на пандемијата го намалија присуството на отровните честички во воздухот, па враќањето во нормала е новиот предизвик со кој ќе се соочи и Тетово – Дали повторно ќе има загаден воздух како што тоа беше со години наназад?

Во 2020 година имало 138 денови за загаден воздух односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен, но во 2019 година Тетово имаше само 88 денови чист воздух, 120 со загаден и 157 без податоци.

Доктор Ратко Давидовски од Центар за јавно здравје Тетово потсетува дека присуството на ПМ10 честичките е само намалено и дека интензивирањето на активностите може повторно да придонесе кон поголемо аерозагадување.

„Имаме подобрување некаде просекот за Тетово на годишно ниво беше 130 микрограми на метар кубен, имаме подобрување, некаде околу 100 е просекот 100/105. Секое намалување и за еден процент е добробит, бенефит за здравјето на луѓето. Не треба да се задоволуваме со овие бројки, затоа што сме два пати повеќе од просекот. Како што знаете Тетово според студиите на 100 илјади жители е водечки по смртност во Македонија од аерозагадување. Очекуваме да има зголемување меѓутоа да се надеваме дека нешто извлековме некои лекции, населението посовесно ќе се однесува кон овој проблем а секако и надлежните институции ќе си вршат своите работи согласно своите законски прописи“, изјави доктор Ратко Давидовски.

Службата за социјална медицина и статистика при Центарот во 2020 година бележи 1059 посети на матичен лекар врз основа на неоплазма – малигно заболување на одреден орган при што доминираат заболувања на дојка, а на второ место се тие на респираторни органи. Докторите предупредуваат дека загадениот воздух и понатаму ќе влијае врз зголемениот број болести на органите за дишење.

„Што важи за возрасните, важи и за децата. Бидејќи децата се повунерабилни односно покревки. И кај нив стеснувањето на дишните патишта може да направи уште поголеми проблеми бидејќи нивните дишни патишта се потесни. Почнувајќи уште во детска возраст да се предизвикува оштетување на дишните патишта ќе значи последици во животот како возрасни лица. Понатаму ќе доведе до влошување на здравствената состојба општо на целото население, изјави докторот Костески.

Сообраќаен метеж во Тетово.
Сообраќаен метеж во Тетово.

Активистот Валентин Тасески за ефективно намалување на загадувањето на воздухот го смета затворањето на дел од тешката индустрија. Сега според него надлежните треба да се фокусираат на останатите помали производствените погони кои најмногу придонесуваат за концентрација на отровните материи во воздухот.

„Прво инспекциските служби треба да ја утврдат фактичката состојба кај Б и кај А лиценците, второ тие капацитети треба да ги преземат мерките пропишани со дозволата што ја добиле и да бидат подложни на интензивен мониторинг. Двата други фактори во загадувањето повторно секако сме ние луѓето, автомобилите и нашите ќумбиња во кои во најголема мера се горат дрва“, изјави Тасески.

СБ -Годишно во Македонија умираат 1600 луѓе како последица на загадувањето

Според последните проценки на Светска банка (СБ), околу 1600 луѓе годишно во земјава умираат предвреме како последица од загадувањето на воздухот. Една петтина од нив живеат во Скопје.

Екологистите посочуваат дека последниве години кај македонските граѓани е подигната свеста за загадувањето и последиците од него, но она што се презема за решавање на овој децениски проблем во земјава е многу малку.

Активистката Георгиева од О2 иницијативата вели дека загадувањето во земјава доаѓа од различни извори. Непланското градење, индустријата, неквалитетните горива за греење како проблематичниот мазут, сообраќајот како и грејната сезона се дел од причините за загадениот воздух. Таа вели дека мора да се преземат драстични мерки за да може во иднина да се намали загадувањето.

„Ние баравме од Парламентот да имаме надзорна седница да се види каде институциите задоцниле и не го извршиле тој план што требало. Ние на хартија ќе направиме план ама имплементацијата ни е никаква. Ако немаме резултати мора да видиме каде сме згрешиле за да се коригираме, затоа што грешките во иднина ни се дуплираат и ќе имаме повеќе работа да се санираат“ вели таа.

Според Георгиевска досега преземените мерки од централната и локалната власт не се доволни. Дополнително, на годишно ниво, помалкуте загадени денови се должи и на временските прилики.

„Тоа што се смени начин на греење во одредени места, нема податоци ниту анализа да се покаже колку во тоа место има промени во начинот на греење и колку е намалено загадувањето на тоа место. Дека се прави нешто во промена на начин на греење е малку. Треба да се смени начинот на греење во јавните институции кои користат мазут“, вели таа.

Смртоносно загадување во Босна, слично и во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00

Почист воздух - поздрави деца

Во меѓувреме во Британија Научниците се обидуваат да ги проценат ефектите од загадувањето на воздухот во Лондон со следење на здравјето на белите дробови на учениците. Скоро 3.500 ученици учествуваа во четиригодишно истражување за да покажат дали обидите за подобрување на квалитетот на воздухот во британската престолнина имаат влијание врз здравјето на младите.

Гоце Атанасов

Aпаратите за набљудување активности се дел од четиригодишно истражување за да се види какво е влијанието на загадувањето на воздухот во Лондон врз здравјето на децата. Истражувачите од универзитетот Квин Мери во Лондон велат дека децата се особено ранливи на загадување од сообраќајот. Доказите покажуваат застој на растот на белите дробови на децата во загадените подрачја ширум светот, оставајќи ги под ризик од доживотни нарушувања на дишењето и прерана смрт. Загадувањето предизвикува и астма, напади на астма и инфекции на градите.

„Децата се особено ранливи затоа што минуваат низ период на брзо растење, кога нивните клучни органи: срцето, белите дробови и мозокот, за кои знаеме дека се погодени од загадувањето на воздухот, растат многу брзо“, вели соработникот на истражувањето Џејмс Скејлс.

„Покажавме дека загадувањето на воздухот го спречува нивниот раст на белите дробови и знаеме дека застојот во детството доведува до предизвици во зрелоста, без разлика дали тоа е астма кај возрасни и други респираторни заболувања“, вели тој.

Овие апарати - заедно со годишните здравствени проверки - им кажуваат на истражувачите дали здравјето на училишните деца се подобрува како резултат на подобрениот квалитет на воздухот.

„Ова ќе ни каже дали има некое подобрување што го гледаме во здравјето на децата, дали тоа доаѓа од подобрување на квалитетот на воздухот или дали тоа произлегува од преземање поздрави одлуки“, објаснува Скејлс.

Лондон го има најлошото загадување на воздухот во Европа.

Основното училиште „Архиепископ Самнер“, во Кенингтон, се наоѓа на само неколку метри во зоната Ултра ниска емисија на британскиот главен град, шема воведена во април 2019 година. Наменета за подобрување на квалитетот на воздухот во Лондон, со овој систем се казнуваат оние влегуваат во областа со возила што не исполнуваат одредени стандарди за емисија на штетни гасови.

Според градското собрание на Лондон, возилата што загадуваат придонесуваат со околу 50 проценти од штетните емисии на воздух во градот. „Во Лондон има многу автомобили и транспорт и нема многу електрични, така што се носи многу загадување“, вели 10-годишната Меј Енџел.

„Ова место е безбедносна зона затоа што има круг околу Лондон каде поминуваат многу автомобили кои носат многу валкано загадување на воздухот“, вели 9-годишниот Дарен Орџи.

„Мислам дека тоа е веројатно грижа за сите родители и за сите семејства, дури и ако живеете на село во моментот, знаете дека не сте далеку од главниот пат, од фреквентниот пат“, вели Фај Ангел, мајката на Меј. 84 училишта учествуваат во четиригодишното истражување, вклучително и скоро 3.500 деца на возраст од 6 до 9 години. Ова го вклучува основното училиште Нетли.

Наставникот Герет Морис се надева дека студијата може да доведе до вистински промени.

„Нашиот главен влез е на навистина фреквентен, пренатрупан пат. И во време кога децата доаѓаат на училиште, тоа е моментот кога најголемиот сообраќај се одвива на патот до работа", вели тој.

„Се надеваме дека тоа ќе има влијание дека училиштата ќе имаат зони со ниски емисии или затворање на патиштата за време на тие клучни времиња за да се осигураме дека децата не се изложени на највисоко ниво на емисии кога доаѓаат и од училиште.“

Додека пандемијата и блокирањата резултираа со помалку загадување на воздухот поврзано со сообраќајот, секундарните хемикалии, всушност се зголемија, вели Скејлс кој се надева дека нивната работа ќе покаже дали политиките како лондонскиот систем го намалуваат загадувањето на воздухот и го подобруваат здравјето на децата.

„Потребни се големи интервенции низ целата земја за да се подобри здравјето. Првата зона со ниски емисии го намали загадувањето на воздухот во голема мера, сепак, тоа всушност немаше влијание врз здравјето на децата“, вели тој.

„Потребни ни се стратегии за широко распространетост на загадувањето на воздухот низ градот за да имаат влијание врз здравјето. Во минатата година, еден суд пресуди дека загадувањето на воздухот придонесе за смртта на деветгодишната лондончанка Ела Киси-Дебра од напад на астма.

Високиот суд ја поништи првичната пресуда, според која Ела починала од акутна респираторна слабост. Но, новите докази покажаа високи нивоа на опасно загадување на воздухот близу до нејзиниот дом. Сега, во неговиот извештај Филип Барлоу, асистент судија во Лондон, ја повикува владата на Британија да постави построги законски обврзувачки цели за загадување, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација со цел да се намали бројот на смртни случаи.

По пресудата за второто испитување во декември минатата година, Ела беше првата личност во Велика Британија со загадување на воздухот наведен како причина за смртта на сертификатот за смрт.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG