Достапни линкови

Предан – Ако ЕУ не се прошири на Западен Балкан, ќе дојде некој друг


Предан - За инвестиции е потребна стабилна и правна држава
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:02 0:00

Предан - За инвестиции е потребна стабилна и правна држава

Премиерот Јанез Јанша јасно кажа дека проширувањето не е техничко прашање, туку е големо геостратешко прашање за ЕУ. Ако ЕУ не успее да се прошири на Западниот Балкан, некој друг ќе го направи тоа, вели словенечкиот амбасадор Милан Предан во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Предан, Словенија го презема претседавањето со ЕУ на 1 јули. Проширувањето, според најавите, ќе биде приоритет, а европска перспектива за граѓаните од Западен Балкан треба да биде потврдена на самитот на Унијата во октомври. Што тоа конкретно значи?

Самитот ЕУ - Западен Балкан ќе биде во основа главниот настан за време на нашето шестмесечно претседателство. Ние очекуваме дека тоа може да биде самит кога ќе може да објавиме или ќе може да ја видиме многу јасната перспективата во однос на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија. Што значи дека ние очекуваме дека ќе можеме на овој Самит, не само во основа да ја потврдиме поддршката на ЕУ за проширувањето, туку дека ќе можеме да презентираме многу јасен напредок и прашањето за отпочнување на преговори со Северна Македонија и Албанија секако ќе биде главниот предизвик за нашето претседателство. Тоа е наша тивка цел, да го употребиме времето по формирањето на новата бугарска влада. Веројатно тоа очекуваме да биде најдоцна до крајот на август, за во септември да направиме дополнителни напори да дојдеме до компромис со Бугарија, меѓу Скопје и Софија и тогаш ќе може да ги преземеме сите неопходни одлуки за двете земји кои го чекаат овој момент многу долго време и мислам дека двете го заслужуваат тоа. Ние ќе можеме да кажеме дека сме го скршиле овој мраз и дека до крајот на годината двете земји ќе може да ги отпочнат преговорите. Ние не сакаме да шириме лажен оптимизам. Ние не сакаме да ветуваме политички чуда. Но, ние сме сè уште самоуверени дека после две претседателства кои се обидуваа да го решат овој проблем и кои не успеаја, дека е време за ова конечно да се случи.

Словенечкото претседателство го наследи португалскиот предлог, кој ќе биде основата за решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија во следните месеци. Се загрозуваат ли македонскиот идентитет и јазик во португалскиот предлог?

Да, јас мислам дека е многу добар предлог. Многу балансиран. Јас мислам дека се грижи за интересите на двете страни. Морам да кажам дека очекувањата поврзани со португалскиот предлог, кога се однесува на Западен Балкан, не беа навистина многу високи, особено бидејќи оваа земја никогаш не беше многу инволвирана во овие прашања. Затоа мислам дека треба да им дадеме признание. Тие подготвија многу добар предлог. Штета е што на крајот оваа несреќна изјава на нивниот државниот секретар во однос на македонскиот јазик некако ја уништи оваа цела позитивна слика. Но, морам да подвлечам дека оваа изјава во однос на македонскиот јазик нема врска со содржината на документот. Не беше во духот на овој предлог. Можам да ги разберам реакциите на луѓето тука кои не го виделе овој предлог дека имаат логичен заклучок оти има врска со тоа. Меѓутоа, кој и да го видел овој документ знае дека тоа не е точно. Ние сме прилично задоволни дека сега го имаме овој предлог на маса кој не беше одбиен од бугарската страна, што исто е многу важно. Имаме нешто на кое можеме да работиме. Ние не почнуваме од нула во справувањето со ова прашање. Ние го имаме многу добриот португалски предлог, а го имаме исто така и патоказот кој беше ѝ презентиран на бугарската страна за време на посетата премиерот и неговата делегација на Софија, мислам на 17 јуни, кој исто, како што сфативме, не беше одбиен од бугарската страна. Сега нормално, ова е документ кој не може да се каже дека е конечен и ќе се дискутира за него. Но, ние имаме најмалку две основи за постигнување договор. Но, најважната работа е да се најде политичка волја за договор. Најважно е дека за португалското претседателство не беше лесно да се скрши мразот, бидејќи имаше проблем кај бугарската страна, бидејќи немаше влада. Имаше само техничка влада. Немаше парламент. Само претседателот на републиката. Беше прилично јасно дека во такви околности нема да биде лесно да се постигне решение. Ви треба некој кој има овластување да постигне решение. Сега треба да чекаме како ќе се развиваат изборите во недела во соседната земја. Нашата надеж е дека резултатите ќе бидат такви што формирање на силна влада ќе биде можно. Се надеваме дека ќе се случи во наредниот месец и половина. Добрите околности се дека временската рамка за формирање на бугарската влада се прилично кратки и ако резултатот го овозможи тоа ќе имаме влада за време на летото и тогаш ќе имаме некој со кој ќе разговараме. Но, ние не чекаме само на тоа, туку сме активни. Така што немаме намера само да чекаме да се формира нова влада. Знаеме дека треба да го подготвиме тлото за компромис во наредниот да речеме месец и половина. Не сакаме да чекаме до декември.

Државниот врв на Словенија ја посети Софија. Планираат ли во наредниот период да го посетат и Скопје?

Дијалогот е многу интензивен и причината е како што реков дека ние сакаме да го решиме ова прашање ако е можно до самитот во октомври. Не сакаме да чекаме до декември. Знаеме дека ќе има избори. Освен локални избори во Северна Македонија и ќе има и претседателски избори во Бугарија. Некои мислат дека решение може да се најде само после сите овие избори. Но, јас верувам дека нема да чекаме до последниот месец од нашето претседателство во декември, бидејќи тоа ќе биде ризично, оти временска рамка за решение ќе биде кратка и затоа сакаме ако е можно тоа да го направиме порано.

Словенечкиот претседател Пахор рече дека одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно. За разлика од него премиерот Јанша порача дека земјите-членки имаат предност пред кандидатките. На што се должи разликата на нивните ставови?

Јас мислам дека нема разлики меѓу двете изјави. Премиерот Јанша го кажа она што е очигледно, и тоа јас и тука им го кажувам на моите македонски пријатели, а тоа е дека ЕУ е заедница каде големите одлуки се носат со консензус. И секоја земја членка очекува одредено ниво на солидарност и разбирање за нивните позиции. Кога Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ и тие ќе го имаат истото очекување. Понекогаш и кога другите земји членки мислат дека една членка не ја прави вистинската работа, тие сè уште треба да покажат одредено разбирање кон нејзината позиција, што не значи дека тие ја поддржуваат таа позиција и се согласуваат со нив. Јас мислам дека ова е пораката од излагањето на Јанша во Европскиот парламент што треба да биде нагласена. Тој силно се заложи за проширувањето на ЕУ. Тој многу јасно рече дека проширувањето не е техничко прашање, туку е големо гео-стратешко прашање за ЕУ, затоа ние треба така да го гледаме. И тој силно посочи дека треба да ги направиме нашите напори за да почнеме преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро ако сакаме да го задржиме кредибилитетот на ЕУ во овој регион. Тој исто така многу јасно рече дека ако ЕУ не успее да се прошири во Западен Балкан, некој друг ќе го направи тоа. Мислам дека ова е многу јасна изјава што покажува дека ние навистина сакаме и сме способни да го решиме ова прашање, бидејќи знаеме една работа, дека најважниот критериум во Северна Македонија за тоа дали нашето претседавање ќе биде успешно или не ќе биде дали ние ќе можеме да го решиме ова прашање. Ако не го направиме тоа, тогаш што и друго добро и позитивно да направиме за време на нашето претседателство нема да има таква важност. И не е само важно за Северна Македонија, важно е и за Албанија, нормално, бидејќи судбините на овие земји сега се поврзани, и ќе биде важно и за целиот регион, бидејќи ако не бидеме во можност да го решиме ова прашање меѓу Македонија и Бугарија, како ЕУ ќе може да го реши прашањето меѓу Белград и Приштина што бара повеќе внимание, а да не зборуваме за прашањето на Босна и Херцеговина. Затоа, ние знаеме дека ако успееме да го решиме ова прашање, тоа ќе биде успех за нас како земја, нормално ќе биде и многу позитивно и за ЕУ, затоа ние сме мотивирани, многу мотивирани да го решиме. И како што претседателот Пахор зборуваше во Охрид, ова беше практично главната порака и на сите високи учесници, говорејќи за кредибилитетот на ЕУ. Ако му ветите на некого дека ќе направите нешто за него, ако тие го направат својот дел, а вие не им го испорачате, тогаш е голем проблем. Ние ја имаме сега таа ситуација. И затоа ние заедно со нашите партнери во ЕУ, ние не сме сами во ова. Ни треба поддршка од другите нашите партнери во ЕУ, а исто така ни треба поддршка и од САД, за решавање на ова прашање.

Дали земјите членки на ЕУ треба да имаат предност пред кандидатите во услови кога во случајов од Северна Македонија се бара да ги признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик?

Ако ова не е прашање, тогаш ние нема да имаме проблем. Од друга страна, ако покажеме одредено разбирање за едната страна, како земја членка, ние целосно ја разбираме позицијата на македонската страна, ако сакате да му објасните на некого кој навистина не го знае регионот, што е влогот тука и без да споменете некоја земја посебно, без да навредите некого или да направите некоја шпекулација. Ако некој ви рече, знаете, вашиот јазик, вие не сте тоа што сте, вие сте нешто друго. Вашиот јазик не е тоа што го зборувате, туку јазикот е нешто друго, мој е. Ова е нешто кое ниту една држава не може да го живее и прифати. Решението за прашањето меѓу Софија и Скопје, единственото решение е прашањето за јазикот и идентитетот да се тргне од преговарачкиот процес. Бидејќи дури ниту една друга земја членка на ЕУ не може да прифати дека такво билатерално прашање ќе стане дел од преговарачкиот процес. Ние сега се обидуваме, исто со нашите бугарски пријатели да најдеме решение. Како што реков, сметаме на прагматизмот и на политичката волја, затоа што јас верувам дека тие имаат интерес Северна Македонија да стане членка на ЕУ. За нив тоа може да биде само од предност.

Јанша порача и дека ако ЕУ не направи напредок во нејзиниот ангажман со Западен Балкан, „тоа ќе го направи некој друг со различни вредности и интереси“. На кој друг се мисли?

Денеска имаме, би рекол, доста нова и специфична геополитичка ситуација. Само до пред неколку декади имавме само две супер сили и ЕУ беше нешто меѓу нив. Сега светот стана многу покомплексен. Не морам да кажувам дека има други земји со интерес во овој регион. Можеби не се секогаш многу видливи, јас дури и не тврдам дека се агресивни, но, знаете, ако ЕУ го остави овој дел од Европа надвор од својот видик, надвор од своето влијание, тогаш како што беше речено на Преспа форумот, на оваа јасна мапа, ако ја видовте мапата со големата дупка на средина од Европа, таа дупка нема да биде пополнета. Европа нема да биде комплетна. И тоа го кажа Јанша во Парламентот пред два дена, ова е геополитичко прашање. Не мислам дека треба посебно да ги посочам земјите кои имаат влијание. Само да појаснам, за да нема недоразбирање, нивниот интерес е легитимен. Ништо што тие го прават, сите сакаат да го наметнат нивното влијание, сè зависи дали другата страна ќе дозволи тоа да се случи. И ако другите го наметнат своето влијание тоа ќе биде наша одговорност, нема да има друг да го обвиниме за тоа, сите си ги следат своите економски, политички, би рекол на прво место економски интереси и затоа мора да се погрижиме за ова да не се случи.

Амбасадоре Предан, Словенија негира изработка на нон пејперот за промена на границите на Балканот, што наиде на многу реакции и во ЕУ и во регионот, но и во самата земја?

Морам да признаам дека сум малку уморен од одговарање на ова прашање. Не знам колку јавни изјави нашите политичари, од претседателот Пахор, премиерот Јанша, министерот за надворешни работи Логар ќе бидат потребни за некој да почне да ни верува дека никој во Словенија овој наводен документ го нема видено. Мислам ова е документ кој секој може да го направи со многу малку знаење за регионалната политика и со некое знаење на англиски јазик. Сега веќе има некои шпекулации кој може да биде автор на овој документ кој нема врска со Словенија. Содржината на овој нон пејпер нема врска со политиката на Словенија кон Западен Балкан. Ние сме го докажале тоа многу пати. Ние сме го докажале во минатите 30 години и ќе го докажеме за време на нашето претседателство. Има толку многу комбинација од јас би рекол многу шпекулации и лажни вести. Знаете како е со лажни вести. Првата лажна вест експлодира и може да имате 10 изјави потоа велејќи дека ова не е точно. Но, оваа прва информација ќе остане и затоа реков дека сум малку уморен од сите прашањата за нон пејперот.

Освен решавање на проблемите со Бугарија потребно е и спроведување на реформите. Најгласни во последно време беа повиците од меѓународната заедница за поголема борба со корупцијата во земјава. На кои реформи македонските власти треба да се фокусираат?

Веќе споменавте едно прашање, бидејќи ова прашање е многу поврзано со многу други прашања. На Северна Македонија ѝ се потребни нови инвестиции и ѝ се потребни нови работни места. Странските инвеститори, вклучително и словенечките инвеститори сакаат да дојдат во земја каде навистина може да работат во многу стабилна и во добра правно регулирана средина. Овде прашањата на корупција и организиран криминал се суштински. Јас ќе речам дека мислам оти овој процес овде почнал. Иако сум овде една година и не можам да имам јасна перспектива како било порано, но можам да видам дека сега има политичка волја да се оди во овој процес. Имаме високопрофилни судски процеси сега што докажува дека судскиот систем почнува да ја работи својата работа. Но ќе треба време. Ова е многу долг процес. Ниту една земја не имуна на корупција. Дури и во земји каде нивото на корупција е многу ниско не се случи напредок преку ноќ. Секако има врска и со менталитетот, но најмногу со тоа како системот функционира. Кога луѓето чувствуваат дека сите се еднакви и дека нема разлика како државата и судскиот систем работат кога се однесува на многу важна личност или кога се однесува на обична личност. Кога луѓето имаат чувство дека правдата е еднаква за сите тогаш тие ќе почнат да веруваат во судскиот систем. Мислам дека Северна Македонија почнува да оди по овој пат, но секако ќе треба време. Мислам дека сè за што зборуваме сега е многу поврзано со големиот проблем на оваа земја, а тоа е дека младите, вешти и способни луѓе ја напуштаат земјата. Ако оваа средина стане таква да тие веруваат дека имаат еднакви можности овде, без разлика дали се членови на одредена политичка партија или не и ако има доволно добро платени работни места мислам дека повеќето од нив ќе останат. Која сака да оди во странство, никој не сака да ја напушти својата куќа и дом толку лесно и затоа има итна потреба од сите овие реформи за младите луѓе повторно да имаат доверба дека нивната иднина е тука, не во Словенија или било каде во западна Европа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG