Достапни линкови

ЕУ не знае за нон-пејпер и отфрла дискусија за промена на граници на Западен Балкан


Илустрација
Илустрација

Официјалните претставници на Унијата реагираат дека ниту добиле, ниту виделе нон-пејпер за прекројување граници во Западен Балкан, ниту, пак, разговараат за такво нешто

Официјални претставници на Европската унија (ЕУ) изјавија дека не се запознаени со постоење на нон-пејпер од словенечката страна, според кои, распадот на Југославија не е завршен, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓерачина Тухина.

Питер Стано, портпарол на ЕУ, за новинарите изјави дека претставниците на Брисел биле информирани за пишувањата во медиумите, но дека „не е познато дека таков нон-пејпер постои“.

„Дефинитивно не сме примиле, не видовме или не знаееме за таков нон-пејпер, така што нема да ја коментираме претпоставената тема за содржината на овој документ“, изјави за новинарите портпаролот Стано.


Во понеделникот, на 12 април, порталите во Босна и Херцеговина, но и во Македонија, ја објавија веста за постоењето на таканаречен нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша неодамна му го предал на претседателот на Европскиот совет (ЕС), Шарл Мишел. Според пишувањата на сараевските портали, „овој нон-пејпер наводно го споменува прецртувањето на границата меѓу Србија и Косово и предвидува можност за отцепување на ентитетот Република Српска, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство кон Албанија, и припојување на западна Херцеговина кон Хрватска“.

Од Кабинетот на претседателот на Европскиот совет им беше соопштено на новинарите дека „не можат да потврдат дека добиле таков нон-пејпер“.


Словенечкиот премиер Јанез Јанша на Твитер објави во повеќе наврати, но тој не ги потврди ниту ги демантираше тврдењата за постоење нон-пејпер. Во понеделникот вечерта, тој изјави дека станува збор за активности насочени кон „штета на Словенија во ЕУ“.

Сепак, претставниците за печат во седиштето на ЕУ ја отфрлија идејата дека воопшто може да се разговара за промена на границите на територијата на поранешна Југославија, јави дописничката на РСЕ од Брисел.

„Кога станува збор за границите, позицијата на ЕУ е јасна: нема што да се промени“, подвлече Питер Стано.

Тој додаде дека сите треба да работат на процесот на регионална соработка и помирување, бидејќи идејата и логиката на пристапниот процес е да се обидат да ги решат сите прашања меѓу земјите „а кои не преминуваат во опасна зона“ и кои се придржуваат кон законите на ЕУ и ЕУ-принципите.

XS
SM
MD
LG