Достапни линкови

Младите останаа надвор од владиниот економски корона чадор


Угостителски објекти во Скопје во пандемија
Угостителски објекти во Скопје во пандемија

За неколку дена, на 13 март, ќе се наврши точно една година откако Светската здравствена организација прогласи пандемија на коронавирусот. Тогаш, личните надежи на повеќето беа-ова нема да трае долго. Една година подоцна, тешко дека некој се надева дека светот ќе се врати на старо за кратко време.

Многумина се погодени- здравствено, лично, економски, а една од категориите на кои им се скратија пари, едукација и дружби се младите. Студирам и подработувам во кафуле- оваа стратегија за поминување на студентските денови на оваа возрасна група се чини е потешко остварлива во време на пандемија.

Кафулињата и рестораните, чести места каде што студентите работат, се силно погодени од пандемијата со коронавирусот, па дел од нив затворија, а некои отпуштија вработени. Од нив, пак, најмногу се млади, бидејќи тие се вработени со договор за дело кој овозможува и полесно да бидат отпуштени, покажуваат истражувањата на Младинскиот образовен форум. Но и на оние кои ги задржале работните места, не им е ист полн џебот како и пред коронавирусот.

„Голем дел од младите останаа без своите работни места земајќи го предвид фактот дека голем дел од младите се вработени во угостителската област. Од тука со сите оние мерки кои што беа во изминатите месеци за спречување на ширењето на пандемијата и затворањето на овие објекти каде што работат младите, логично е да очекуваме дека токму младите се најпогодени во оваа индустрија“, вели Петар Барлаковски од Младински образовен форум.

Ирена Ивановска, претседателка на Секција на млади во Сојузот на синдикати на Македонија вели дека според досегашните податоци секој четврти човек што останал без работа од почетокот на пандемијата досега е млад до 29 години со што младинската невработеност во земјава дополнително се влошува и изнесува 35 отсто, што е меѓу повисоките во Европа.

„Младите се една од најризичните и најранливите категории кога станува збор за нивните права од работниот однос. Како што може да покажат и податоците со кои располагаме од почетокот на здравствената криза речиси 35 000 луѓе останаа без работа и егзистенција, а речиси 34 отсто од нив се млади лица до 29 години“, вели Ивановска.

Таа додава дека најголем број млади лица кои ги загубиле своите работни места биле со договори на определено работно време, а дел од нив работат и на црно. Покрај тоа што формалните документи за вработувањата не им се средени, младите често заработуваат и доста помалку од повозрасните кои се на исти работни места. Тоа е така и пред пандемијата, но во време на коронавирусот и оние кои ги задржале работните места, според анализте на Младинскиот обрзавен форум, имаат намалени приходи.

„Освен тоа што имаме зголемување на младинската невработеност дополнително младите се соочуваат и со намалување на нивните плати. Па така увидовме, според одредена анализа на податоци дека во месеците по февруари имаат намалени приходи“, вели Барлаковски.

Им помогна ли Владата?

Во меѓувреме владата најави пет пакети мерки за намалување на последиците од ковид19 врз економијата. Младите се опфатени во третиот пакет, но не опфаќаат доволен број млади луѓе, вели Ивановска.
„Владата обезбеди помош за млади лица од 16 до 29 години и мислам дека изнесуваше некаде околу 12 милиони евра со што би требало да се обезбедат младите и нивната куповна моќ преку одреден сет на мерки, мислам дека беа три. Тоа што нас не интересира е зошто немаме податоци колку се искористени и колку се корисни овие мерки“, вели Ивановска.

Пакетот за млади кој го споменува Ивановска беше презентиран лани во мај. Предвидуваше еднократна помош до 6000 денари за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, пари кои требаа да се користат исклучиво за партиципација за студирање на универзитетите и за сместување, потоа ваучер во максимален износ до 30.000 денари за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини и третиот тип мерки беше домашна платежна картичка со расположлив износ од 3.000 денари, која ќе биде наменета за студентите и ќе се користи исклучиво за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности кои се најпогодени од кризата.

Според Барлаковски, владата нема стратегиски пристап за справување со економските последици кои ги чувствуваат младите. Со правење генерални планови, вели тој, се случува групите кои се најоштетени да не добијат соодтветна помош.

„Како пример ќе ја земам мерката за платежна картичка од 3000 денари. Оваа ја гледаме како позитивна мерка но би било уште попозитивно кога оваа мерка ќе се насочи токму кон оние на кои им е најпотребна односно оние млади луѓе кои се соочуваат со намалени приходи и лично но и во рамки на нивното семејство“, вели Барлаковски.

Невладината организација Реактор заедно со неколку други невладини организации лани во април, скоро по прогласувањето на пандемијата, изработи документ именуван Итни препораки за намалување на негативните ефекти од ковид19 кризата врз младите. Тогаш организации препорачаа мерки за помош од неколку апсекти- невработеност и економски ефекти, образование, психо-социјални и здравствени последици и младинска ангажираност и волонтерство.

Пред една година, во делот на економски мерки тие препорачаа право на паричен надоместок за млади невработени лица додека трае вонредната состојба, да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), спроведување на политиката Младинска гаранција на цела територија, обезбедување на бесплатно правно советување и консултации за млади, државните служби поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби во време на кризава, при спогодбени откази, да се гарантира дека работодавците кои работат во текот на кризата ќе обезбедат задолжителна заштита на работното место која ќе спречи зараза од корона вирусот, да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризава.

Една година подоцна, Блажен Малески од невладината организација Реактор вели дека документот што го изработиле бил во многу рана фаза на пандемијата кога никој не можеше да претпостави како ќе се одвиваат работите. Но она што денес, вели дека ги загрижува е што во владините мерки немаше фокус на младите. Поради тоа, додава Малески, сега може да се оцени дека финансискиот стимул на владата за купување домашно или пак за млади невработени не беа доволни да ги задржат младите на пазарот на трудот.

„Од она што може да го видиме владата применува „чадор политики“ односно пробува да ги заштити сите, ама во одреден момент некој не стои под тој чадор и ќе наврне. Во овој случај тоа се младите бидејќи не ги задржаа своите работни места, особено во угостителството и други бранши кои што најмногу трпат за време на пандемијата“, вели Малески.
Младите и во светот се жртви на пандемијата.

По полнолетство - Самостојни или со мама и тато?
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:58 0:00

Во Париз невладини организации им помагаат за храна на младите

Според податоците на Меѓународната организација на трудот секој шести кој го изгубил своето работно место во време на пандемијата е млад. За тоа во каква состојба се младите во Париз од прилогот на Гоце Атанасов.

Како и стотици други млади луѓе, 21-годишната Лејла Идедаим застанува на ред за помош во храна во Париз. Без изгледи за работа, студентката за угостителски менаџмент се бори да ги задоволи нејзините основни потреби. Една четвртина од француските млади професионалци не можат да најдат работа, а многу студенти стојат во редови за храна или се јавуваат на телефонски броеви за психолошка помош. Тие се иднината на Франција и нивната мака е од клучно значење за битката на земјата за излез од пандемијата и за заживување наекономијата.

Плановите на Идедаим се целосно изменети од појавата на пандемијата. Кога во минатата година се пресели во Париз од југозападот на Франција, не можеше да студира со самоиздржување, како што планирала, бидејќи рестораните беа затворени. Но, ѝ беше укажана помош од Линки, организација со седиште во Париз, која собира неискористена храна.

Линки е една од низата програми за помош во храна што им помага на студентите низ целата земја.

„Ова е одличен поттик за моралот - да знам дека ќе јадам добро и да дојдам на место со многу луѓе и сите се расположени“, вели таа за „Асошиејтед прес“.

Секој месец, Идедаим, која треба да се издржува финансиски, треба да плати над 800 евра за сметки за сместување, транспорт и комунални услуги. Живеејќи во париско предградие, енергичната и снаодлива студентка е „многу среќна“ што неодамна започна стажирање во камп на 45 километри источно од Париз, каде што оди со автомобил неколку дена во неделата. Заработува 300 евра месечно.

„Се обидувам да најдам привремена работа кога е достапна затоа што нема работа во ресторани. Па кога можам, пробувам да најдам привремена работа во трговски центри.“

Со само три недели на директни предавања од септември и како ново лице во градот, таа исто така чувствува дека е лишена од социјалните врски што се толку неопходни за градење на секојдневниот живот.

„Изготвувам список на Гугл и ги ставам своите трошоци и фиксни трошоци секој месец. Па гледам колку ми влегува и пресметувам што ми останува и каде можам да го затегнам појасот - на пример на храна. Кога се сметки, треба да ги платам. Затоа, се обидувам да работам секој месец, но она што е тешко е што не е истата сума што доаѓа секој месец“, вели таа.

Линки, која обезбедува свежа храна, средства за хигиена за студентите, бележи растечка побарувачка во последните месеци. Жилиен Мејмон, претседател на Линки,вели дека скоро три тони храна им се даваат на околу 500 студенти во само една вечер.

„Тоа значи дека вечерва, повеќе од два и пол тони храна се делат во овие вреќи. Повеќе од два и пол, всушност, скоро три тони. Не знам дали сфаќате, но тоа е огромна. Затоа не има толку многу волонтери - многу се студенти, тие се волонтери, но тие исто така ќе си заминат со своја торба вечерва.“

Со насмевка во гласот, Идедаим ја покажа торбата со салата и карфиол, јаболка, пушен лосос, јогурти и чоколадо.

„Олеснување е - ќе јадам подобро. Би била заглавена со тестенини секој ден или ефтина храна. Значи, јадам подобро и многу заштедувам секој месец не морајќи да купувам храна, а исто така и средства за лична хигиена. Значи, се разбира, сè уште имам трошоци, вклучувајќи кирија, осигурување и превоз. Но, тоа е многу пари секој месец да се купи храна и да се јаде добро - тоа е важен дел од животот. Особено за вашето расположение!“

Франција е под строг полициски час од 18 часот, а рестораните и туристичките места кои обично помагаат да се поттикне економијата остануваат затворени. Владата прави напори да помогне. Таа понуди државен бонус до 8.000 евра за компаниите кои ангажираат млади луѓе. Деновиве универзитетите им дозволија на студентите да се враќаат на часови еден ден неделно за да им помогнат да повратат некое чувство за нормален живот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG