Достапни линкови

Вести

Папата ја повика војската на Мјанмар да им помогне на бегалците

папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, го осуди страдањето на бегалците во Мјанмар и повика да се почитуваат верските објекти како неутрални прибежишта.

Во својот говор на плоштадот Свети Петар во Ватикан, по повод Светскиот ден на бегалците, тој рече дека се придружува на повикот на епископите во Мјанмар кои бараат воспоставување на хуманитарни коридори. Папата Франциск изрази жалење што илјадници бегалци во Мјанмар умираат од глад.

ООН бара ембарго на продажбата на оружје на Мјамнар

Насилството во Мјанмар стана вообичаено по пучот на 1 февруари, кога војската ја презеде власта и ја собори демократски избраната влада на премиерката Аунг Сан Су Чи.

Папата Франциск се приклучи кон апелот на католичките бискупи во Мјанмар, „свртувајќи го вниманието на целиот свет кон илјадниците луѓе во таа земја кои се раселени и гладуваат“ и повика да се почитуваат црквите, манастирите, џамиите и болниците како неутрални места каде што можат бегалците да најдат засолниште.

види ги сите денешни вести

Дел од Хрватска погоден од силна бура

Бура денеска го погоди подрачјето на Сисачко-мославачка жупанија, ветерот предизвика материјална штета во Сисак, Петриња, Глина, Кутина и Хрватска Костојница. Силниот ветер корнеше дрвја и оштети домови, автомобили и други објекти, а сообраќајот се одвива отежнато.

Невремето предизвика и прекин во снабдувањето со електрична енергија во неколку населени места.

Според метеоролозите следната недела Хрватска ја очекува променливо облачно и несатбилно време.

Пендаровски непријатно изненаден од изјавата на Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа нотар на Заев

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“, реагираат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

„Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола““, наведуваат од претседателскиот кабинет.

Реакцијата следува откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека „дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски нема да биде делегација на ВМРО-ДПМНЕ“.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на новиот концепт кој го најави претседателот за одбележување на Илинден според кој тој да има говор, туку снимено видео обраќање, делегации ќе положат цвеќе, а ќе има културно-уметничка програма. Идејата, како што кажа на неодамнешниот брифинг со новинарите, е сите политичари да дојдат во Крушево, да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување.

„Претседателот Пендаровски жали што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата“, наведуваат од кабинетот на претседателот.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на реакцијата на претседателот наведувајќи дека Пендаровски е тој кој што покажува крајно непочитување на традицијата за одбележување на најголемиот македонски празник Илинден и непочитување на жртвата на илјадници македонски херои кои го положија животот за слобода и независна Македонија.

„Длабоките политички разлики и поделби во Македонија се производ на политиките и однесувањето на власта на која што припаѓа самиот Пендаровски. Доколку сакаше Пендаровски ваквите состојби да ги смени имаше можност преку конкретни дела тоа да го направи, но тој реши да остане во скутот на Зоран Заев и да биде обичен нотар на неговите штетни политики, нем свидетел на корупцијата на власта и одобрувач на газењето на македонските национални и државни интереси“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Управата на Олимпијадата истражува недозволен собир на спортистите

Првиот човек на организацискиот комитет на Олимпијадата во Јапонија Тоширо Муто

Претставници на Олимписките игри во Токио денеска соопштија дека испитуваат сомнеж за заедничко конзумирање алкохол на повеќе спортиски и други учесници на игрите. Олимпијадата што се одржува во јапонскиот главен град се одвива под силни мерки за спречување на ширењето на Ковид19 меѓу кои и забрана за надворешни посетители, а организаторите им забранија и заедничко пиење алкохол на сите 11 000 спортисти кои учествуваат на игрите.

Првиот човек на организацискиот комитет Тоширо Муто не кажа од кои земји и кои спортисти се во прашање, но додаде дека полицијата пристигнала по собирот што се случил на 30 јули и преставувал прекршување на правилата.
Токио и околните региони се под интензивни антиковид мерки и во вонредна состојба откако почна да се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот.

И досега имаше прекршувања на протоколите на игрите вклучително и на забраната за спортистите да излегуват од олимпскито село. Двајца Грузијци кои освоија злато за својата земја во џудо ги изгубија олимписките овластувања по завршувањето на нивните настапи. Тие беа забележани во близина на кулата во Токио на 27 јули што надлежните за Олимпијадата го нарекоа јасно и сериозно прекршување на правилата. Грузиската амбасада во Токио се извини за нивното однесување. Најмалку 264 акредитирани лица на Олимпијадата се позитивни на ковид19 од први јули досега, а од нив 27 се спортисти.

Шахпаска- вакцинирани 59 отсто од вработените во градинките

Детска градинка

Работата во градинките и покрај летните одмори се одвива согласно насоките и препораките на здравствените власти, а она на што во моментот е фокусирано Министерството за труд и социјална политика е зголемување на бројот на вакцинирани вработени лица во градинките, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. При посетата во Берово таа информираше дека досега се вакцинирани 59 проценти од вработените во градинките во државата веќе се вакцинирани, а тенденцијата е таа бројка да биде уште поголема.

„Ги повикувам и останатите 41 проценти од вработените да се довакцинираат за да може да биде обезбеден престојот на децата во градинките“, рече Шахпаска.

Таа додаде дека во моментот побарале од Комисијата за заразни болести да се зголеми бројот на групите на деца кои посетуваат градинка

Иран ги отфрла наводите на Израел дека тие стојат зад нападот на танкерот

Американската морнарица се подготвува да го придружува нафтениот танкер кој беше оштетен од нападот со дронови во Арапското море

Иран ги отфрли наводите на Израел дека Техеран стои зад минатонеделниот напад на нафтениот танкер управуван од израелска компанија во близина на брегот на Оман при што загинаа двајца членови на екипажот, Романец и Британец. Во инцидентот кој се случи на 27 јули беше оштетен танкерот кој пловеше под знаме на Либерија, а е во сопственост на Јапонија.

Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Саид Катибзаде денеска рече дека Израел создава „несигурност, терор и насилство“ и додаде дека Техеран ги осудува наводите за вклученоста на Иран во нападот. Тој додаде дека таквите обвинувања имаат цел Израел да го сврти вниманието од фактите и дека се неосновани. Израелскиот премиер Нафтали Бенет го обвини Иран дека се обидува да избегне одговорност и рече дека негирањата на Техеран се кукавички.

Американската воена морнарица вчера соопшти дека првичните индиции јасно покажуваат дека се работи за напад со дронови и дека два американски воени бродови ќе го придружуваат оштетениот танкер до безбедно пристаниште.
Танкерот беше менаџиран од лондонската компанија Зодијак, која е дел од групацијата на израелскиот милијардер Ејал Офер. Министерот за надворешни работи на Израел Јаир Лапид рече дека им кажал на израелските дипломати во Обединетите нации да притискаат за акција против „иранскиот тероризам“. Лапид вчера разговараше и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и двете страни побараа истрага.

ВМРО-ДПМНЕ нема да има делегација на Илинден во Крушево

Архивска фотографија- коњаниците од 40-иот Илинденски коњички марш 2018 тргнаа кон Мечкин Камен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали партиска делегација ќе оди утре во Крушево на церемонијата за одбележување на Денот на Републиката Илинден рече дека „дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски нема да биде делегација на ВМРО-ДПМНЕ“.

Инаку партијата досега постојано испраќаше делегации на одбележувањето на Илинден во Крушево, a лидерот Мицкоски традиционално за одбележување на празникот оди во струшкото село Ташмаруништа, каде што, како што најави ќе биде и утре.

Партијата се противи на новиот концепт за прослава на Илинден кој го најави и го спроведува претседателот Пендаровски. Портпаролката на опозициската партија Марија Митева вчера рече дека Пендаровски ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден.

„Но, кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег“, рече Митева.
Инаку за првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево претседателот нема да има свое обраќање туку ќе има кратко видео обраќање од две минути.

Според агендата која ја објавија од кабинетот на претседателот на централната свеченост на Мечкин Камен ќе настапат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, опреската певица Весна Ѓиновска-Илкова, музичарот Влатко Стефановски, воениот оркестар на Армијата а зборот и пораките на илинденците ќе ги пренесе актерот Никола Ристановски.
Пендаровски ги покани во Крушево и лидерите на сите политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Шмит ја презема функцијата висок меѓународен претставник во БиХ

Германскиот политичар Кристијан Шмит кој од денеска е висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина

Германецот Кристијан Шмит денеска ја презема функцијата висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина во услови на зголемен притисок внатре и надвор од земјата за иднината и позицијата на оваа висока позиција на Обединетите нации. Тој доаѓа на местото на австрискиот дипломат Валентин Инцко, кој 12 години како висок претставник на меѓународната заедница се сметаше за чувар на граѓанските и правни аспекти на балканскиот мировен договор постигнат во 1995 година.

Шмит кој има 63 години се смета за тежок регионален и федерален политичар кој не бега од контроверзни одлуки. Инцко, пак, неодамна беше принуден да се спротиставува на критичиратите на набљудувачката позиција на ОН во БиХ, меѓу кои Русија и Кина, чиј заеднички предлог за постепено повлекување на позицијата висок претставник не помина.

Најгласниот домашен политичар против меѓународната мисија е Милорад Додик, лидерот на Република Српска, област во која претежно живеат етничките Срби и која е дел од БиХ. Земјата се уште е раководена според 25 години стариот Дејтонски мировен договор со кој се стави крај на меѓуетничкото насилство со кое се распадна Југославија. И позицијата на висок претставник на меѓународната заедница произлегува од тој договор кој му дава надлежности за носење одлуки и разрешување службеници.

МВР- спречен меѓународен транспорт на околу 80 килограми марихуана

Струга- пакетите со марихуана кои ги пронашла полицијата,31.07.2021

Припадници на Министерството за внатрешни работи синоќа спречиле меѓународен транспорт на дрога во вредност од околу 250.000 евра, информираат денеска од полицијата.

Како што соопштија припадници на полициската станица за Граничен надзор „Охридско Езеро“, во соработка со Одделението за прекуграничен криминал, а во координација со Основното јавно обвинителство Струга, вчера во вечерните часови, на регионалниот пат Струга-Охрид, во близина не месноста Сатеска кај Струга, на брегот на езерото, привеле две лица, во чија непосредна близина се пронајдени четири торби со марихуана во вкупна тежина од околу 80 килограми, во вредност од околу 250 илјади евра.

По извршениот увид, додава МВР, пронајдената дрога е подигната за вештачење, а по насоки на ОЈО Струга ќе биде поднесена кривична пријава, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, по член 215 од Кривичниот законик.

Илинден 2021- Џафери во Скопје, Заев во Пелинце, Пендаровски во Крушево

Споменикот Мечкин камен во Крушево

Одбележувањето на 2 август, Денот на Републиката ќе започне со настани во Скопје, во организација на Собранието со почеток во 09:00 часот, информираа денеска од владината прес служба. Од таму прецизираат дека собраниската делегација ќе ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев, а потоа ќе одржи говор по кој ќе следи културно-уметничка програма.

Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце во 09:45 часот. Делегацијата таму ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски и министерите за внатрешни работи и за одбрана Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска.

Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, пак, се во организација на претседателот Стево Пендаровски и тие започнуваат со панихида во храм Св.Никола, во 10:20 часот. Пендаровски деновиве најави нов концепт за прослава на Илинден без говори, туку со снимено видео обраќање. Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август - Денот на Републиката ќе започне во 18:00 часот на Мечкин Камен, а владината делегација попладнето во Крушево ќе ја предводи премиерот Заев.

Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар.

На 2 август Македонија ги одбележува двата Илиндена- илинденското востание во 1903 година и создавањето на Крушевската република и првото заседание на АСНОМ во 1944 година, што се сметаат за столбовите на републиката и на државноста. Годинешното одбележување на најголемиот државен празник, наведуваат од Владата, се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Талибанците го нападнаа аеродромот во Кандахар

Авганистан- раселени фамилии од областа во која се водат борбите меѓу владините сили и талибанците во Кандахар, 27.07.2021

Талибанците во текот на ноќта го нападнаа аеродромот во јужниот авганистански град Кандахар додека владините сили продолжуваат да ja oдбиваат талибанската офанзива која се заканува да заземе три важни града. Талибанците на први август преземаа одговорност за нападот, а раководството на аеродромот наведе дека е оштетена пистата и дека сте стопирани летовите, но дека веќе се работи на поправки на оштетувањата.

Нападот доаѓа во време кога талибанските милитанти се борат покрај за Кандахар и за два други важни града во Авганистан- Херат и Лашкар Гах. Судбината на трите града, кои се главни на провинциите, може да биде клучна за тоа дали владата во Кабул ќе ја задржи контролата врз поголемите градови и остатокот од земјата без меѓународните војници кои се бореа против талибанците повеќе од две децении.

Авганистанските безбедносни сили се судрија со талибанците на влезот на западниот град Херат вчера, ден откако властите соопштија дека бил одбиен нападот на милитантите. Во меѓувреме се јавува и за тешки борки во Лашкар Гах, главниот град на провинцијата Хелманд, во чии делови талибанците влегоа пред два дена.

Од Зелен хуман град револтирани од изјавата на Заев за прагот за независните кандидати

Илустрација- гласање на предвремените парламентарни избори во 2020 година

Од граѓанска иницијатива Зелен хуман град денеска наведуваат дека се крајно револтирани од изјавата на премиерот Зоран Заев за прагот за независните листи на локално ниво од еден отсто, кој велат дека се обидувал да го покаже како намалување.

„Веруваме дека премиерот Заев е свесен дека со неговите калкулации ќе бидат потребни повеќе потписи за независна советничка листа за Град Скопје отколку за пратеничка листа? За кандидирање на парламентарни избори, независна листа треба да собере 1.000 потписи од цела изборна единица, а за Град Скопје со зголемувањето на прагот на 1% треба да се соберат 5.000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 гoодина „тежел“ еден советнички мандат“, наведуваат од граѓанската иницијатива.

Од таму наведуваат дека до претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда и Собранието поднесуваат пет барања: изборниот законик да се отвори за јавна дебата во која ќе учествува и нивни член, актуелниот праг за собирање потписи за независни листи на локално ниво да се намали десеткратно и да се воведе собирање потписи надвор од општинските канцеларии на Државната изборна комисија, секакви правила поврзани со моделот на отворените листи кои може да ги збунат гласачите на претстојните избори да не се воведуваат сега, секакви измени за рекламирање да не бидат во корист на
големите партии и последното, пратениците, министерствата и претседателот строго да се придржуваат до препораката од ОБСЕ/ОДИХР за неменување на Изборниот законик најмалку 6 месеци пред одржувањето на изборите.

Нивната реакција следува откако премиерот Заев вчера рече дека ќе биде намален прагот од два отсто, веројатно на еден отсто или можеби и укинат. Минатата недела во собраниска процедура влегоа предлог измените на Изборниот законик во кои првично се предвидуваше за независните кандидати да може да учествуваат на локалните избори што треба да се одржат во октомври да соберат потписи од два отсто од гласачите запишани во општинскиот избирачки список.

Според така предложените измени на пример ако на последните локални избори во 2017 година во избирачкиот список во град Скопје имаше запишано 461 312 гласачи би значело дека за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да собере 9,226 потписи, а според постојните правила за ваков потег досега беа потребни 1000 потписи. Заев вчера најави дека прагот ќе биде тргнат од предложените измени.

Пет лица повредени во пожар на Пелопонез

Во големиот шумски пожар што избувна на Пелопонез кај Патра, пет лица се повредени, а десетина куќи се изгорени, соопшти грчката цивилна заштита.
Повредените имаат проблеми со дишењето и се префрлени во блиските болници, се наведува во соопштението.

Болниците во Патра и соседните градови се во состојба на готовност, како и крајбрежната стража од страв дека капачите може да бидат загрозени од чад.
Пет села се евакуирани, а според противпожарната служба, 145 пожарникари, 50 камиони, осум авиони и хеликоптери се мобилизирани за гаснење на пожарот. Автопатот помеѓу Пелопонез и копнена Грција е затворен.

Времето денеска многу топло, температурата до 43 степени

Скопје

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе се движи од 14 до 23, а максималната од 35 до 43 степени. УВ индексот 9.

Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде 20, а максималната ќе достигне до 42 степена.

Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно и многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температурни вредности вдолж Повардарието за 2 до 3 степени ќе го надминуваат 40 степени. И во наредните денови насекаде ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури.

Над 400 повредени во пожарите во Турција, шест загинати

Пожар во Анталија

Бројот на повредени во шумските пожари во јужна Турција надмина 400 лица, изјави шефот на републичкото Министерство за здравство, Фахретин Коџа.
Претходно, беше соопштено дека шест лица загинаа, а 185 биле повредени во пожарите.

„Во моментов имаме 410 лица повредени во пожарите. 400 луѓе се отпуштени од болница, 10 се хоспитализирани”, напиша Коџа на Твитер.

Речиси сите 98 шумски пожари во Турција се локализирани, изјави претходно министерот за земјоделство Бекир Пакдемирли. Десет пожари продолжуваат да горат во регионите Анталија, Ајдин, Муглу и Османије.

Поради Ковид19 Јапонија прогласи вонредна состојба во три региони околу Токио

Јапонија- жена со заштитна маска поминува прокрај логото за Олипмиските игри

Во три региони во близина на Токио Јапонија прогласи вонредна состојба поради порастот на новозаразени со Ковид19 што може да фрли сенка на Олимписките игри кои се одржуваат во јапонскиот главен град. Новите вонредни мерки се усвоени вчера откако во Токио се регистрирани 3300 новозаразени со коронавирусот меѓу кои и 17 луѓе кои се поврзани со Олимписките игри кои, пак, се одржуваат една година подоцна поради ланската пандемија.

Иако Јапонија одбегна големо избувнување на коронавирусот Токио е ставен под вонредни околности од четвртти степен поради стравувањата дека илјадници спортисти кои се движат низ градот може да го зголемат бројот на заболени и со тоа да се подријат напорите на здравствените власти за борба со Делта сојот кој е многу заразен.

Властите негираат дека Олимпијадата влијае на кој било начин врз бројот на заразени со Ковид19. Од први јули досега вкупно 225 луѓе акредитирани на Олимписките игри беа позитивни на коронавирусот.

За 45 отсто повисок број заразени со Ковид19 во Словенија

ПЦР тестирање за Ковид19

Поради забрзаното ширење на позаразната делта варијанта на коронавирусот, бројот на новозаразени во Словенија оваа недела е за 45 отсто поголем од претходната и највисок во последните седум недели.

Во последните 24 часа тестирани се 1.673 граѓани на Словенија, од кои 135 се позитивни, т.е. 8,1 проценти, што е за цел процент повеќе од претходниот ден, пренесува агенцијата СТА.

Динамиката на заразување во период од две недели во моментов изнесува 48 случаи на 100.000 жители, а бројот на активни случаи во Словенија денеска е 1.044, се вели во соопштението на Националниот институт за јавно здравје.

Заев: прагот од два отсто за независните кандидати ќе биде намален

Премиерот Зоран Заев

Секако дека не се плашиме од независни листи рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања поврзани со предлог измените на Изборниот законик кои се во собраниска процедура и во нив се предвидува за независните кандидати да може да учествуваат на избори да мора да соберат потписи од два отсто од гласачите запишани во општинскиот избирачки список. Тој најави дека тие предлог измени ќе бидат тргнати од предложените законски измени.

„Вчера поминав цел дел во парламентот и ги слушнав пратениците буквално од сите пратенички групи, укажувањата од стручната јавност се прифатливи и верувам дека веќе е изнајдено решение. Изборниот законик ќе биде согласно укажувањата кои стигнаа и од експертската јавност, но и од помалубројните партии заради тоа што тие оценија дека не е коректно поголемите партии да го определуваат прагот за неопходен број собрани потписи за поднесување на независните листи. Видов дека има амбиент и ќе биде намален прагот од два отсто, веројатно на еден отсто или можеби и укинат. Како ќе одлучат пратениците, јас како политичар тоа ќе го поддржам“, рече Заев.

Претседателот Стево Пендаровски вчера брифираше дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред сè поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври.

Според вака предложените измени кои се во собраниска процШедура на пример ако на последните локални избори во 2017 година во избирачкиот список во град Скопје имаше запишано 461 312 гласачи би значело дека за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да собере 9,226 потписи, а според постојните правила за ваков потег досега беа потребни 1000 потписи

Русија ќе и испрати помош на Турција за пожарите

Пожар во турските одморалишта во Анталија

Русија ќе ѝ испрати на Турција пет авиони и три хеликоптери за да помогнат во гаснењето на пожарите што беснеат во земјата, јави Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска оствари телефонски разговор со својот руски колега Владимир Путин, соопшти Кабинетот за комуникации при турското Претседателство.

За време на разговорите, Путин порачал дека Русија ќе ѝ пружи поддршка на Турција во борбата со пожарите и најавил дека на Турција ќе ѝ бидат ставени на располагање пет авиони „Илјушин-76“ со капацитет од 40 тони вода и уште три хеликоптери за гаснење на пожарите. Путин упатил зборови на солидарност и поддршка за Турција во овие тешки моменти, за што Ердоган му се заблагодари, се наведува во соопштението.

Инаку, турските пожарникари трет ден се борат со шумските пожари. Десет пожари се уште се активни, вклучително и три во реонот на летувалиштето Анталија. Од 98 пожари што избувнаа во средата во различни региони, 88 се ставени под контрола. Гаснењето на огнот на брегот на Средоземно Море е отежнато од силните ветрови. Голем број региони и хотели се евакуирани, а туристите се однесени на безбедно место. Во пожарите досега загинаа четири лица.

Починати нема, 81 новозаразен со Ковид19

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Во последните 24 часа се направени 5.315 тестирања, а регистрирани се 81 нов случај на Ковид19, информира денеска Министерството за здравство. Од нив во Скопје – 27, во Тетово – 25, во Куманово – 9, во Гостивар – 7, во Кавадарци, Кичево, Дебар и Пехчево по 2 и во Битола, Струмица, Струга, Берово и Валандово по 1. Не се пријавени починати лица, а регистрирани сe 12 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 976.710 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 156.380, бројката на оздравени пациенти е 150.362, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 525.

ВМРО-ДПМНЕ за прославата на Илинден: недржавнички потег на Пендаровски

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Пендаровски ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден е коментарот на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева која одговори на новинарско прашање за новиот концепт на прославата на Денот на републиката кој го објави претседателот Стево Пендаровски.

„Но, кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег“, рече Митева.

Таа додаде дека партискиот претседател Христијан Мицкоски 2 август, односно Илинден ќе го одбележи традиционално во струшкото село Ташмаруништа.

Како што беше соопштено вчера за првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево претседателот нема да има свое обраќање туку ќе има кратко видео обраќање од две минути. Според агендата која денеска ја објавија од кабинетот на претседателот на централната свеченост на Мечкин Камен ќе настапат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, опреската певица Весна Ѓиновска-Илкова, музичарот Влатко Стефановски, воениот оркестар на Армијата а зборот и пораките на илинденците ќе ги пренесе актерот Никола Ристановски.

Пендаровски ги поканил во Крушево и лидерите на сите политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Филипче: можно е да се препорача трета доза вакцина

Вакцинација во Скопје

Очигледно е дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот и многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој денеска заедно со премиерот Зоран Заев ја посети реконструираната општа болница во Гевгелија. Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, според него нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите.

„Околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Будно ја пратиме состојбата. И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата“, вели Филипче.

Според него едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини. Во зависност од моменталната состојба, вели тој, ќе разговараат за евентуални рестриктивни мерки прво насочени кон оние кои не се вакцинирани.

„Затоа што нема потреба да им создаваме дополнителен ризик на луѓето кои се вакцинирани, знаејќи дека тоа е единствениот начин ние нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад. Очигледно е дека кризата продолжува. Може да трае и повеќе години. Така што ставаме акцент на вакцинацијата. Верувам дека нема да спласне интересот кај граѓаните, минатата недела неколку денови по ред бевме едни од лидерите во регионот по број на дадени вакцини на 100 жители што е добар знак“, рече Филипче.

По подолг период на стагнација на бројката на дневно заразени со Ковид19 во земјава, неделава почна постепен пораст, а вчера беа регистрирани 74 нови случаи и двајца починати. Истовремено интересот за вакцинација не стивнува, па како што соопшти Министерството за здравство вчера се вакцинирале 12.545 граѓани. Досега во земјава се вакцинирани вкупно 514.021 граѓани од кои 390.562 граѓани примиле две дози.

Ѓоковиќ заминува од Олимпијада без медал

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на Олимписките игри во Токио

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ги напушта Олимписките игри во Токио без медал откако поради повреда на рамото се повлече од натправерот за бронза во мешани двојки кој требаше да го игра денеска. Повлекувањето на српскиот тенисер следи веднаш откако изгуби во поединечен натправар од Шпанецот Пабло Карено Буста со кој утринава играша за бронза.

Денешниот натпревар со Карено Буста следуваше по вчерашниот пораз од Германецот Александар Зверев во полуфиналето со што се заврши обидот на Ѓоковиќ покрај четирите Гренд слем турнири во истата година да освои и златен олимписки медал. Тој исто така вчера го изгуби полуфиналниот натпревар во мешани двојки кој го играше заедно со Нина Стојановиќ.

Неговото денешно повлекување од натпреварот во мешани двојки значи дека бронзениот медал оди кај Ешли Барти и Џон Пирс од Австралија.

Кандидатот за бугарски премиер- нема да ги лишиме своите браќа од европска иднина

Софија- бугарскиот претседател Румен Радев му го врачува мандатот за состав на владата на кандидатот Пламен Николов, 30.07.2021

Пламен Николов, кандидатот за премиер на Бугарија предложен од партијата „Има таков народ“ која освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори, синоќа во гостување на бугарската национална телевизија БНТ ја коментираше и нивната позиција кон Македонија, ако успеат да формираат влада. Тој рече дека она што особено многу ги загрижувало членовите на „Има таков народ“ било „неисполнувањето на преспанскиот договор“.

"По никаков начин нема да ги загрижуваме своите браќа и нема да ги лишиме од можноста за нивна европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој се применува од други балкански држави, но ова не значи дека нема да опстоиме на нашиот национален интерес. Како точно ќе биде направено тоа- можеби со ревизија на самиот договор и преразгледување “ рече Николов.

На новинарското прашање дали линијата на новата влада ќе биде како на досегашната или поразлична Николов одговори дека „со сигурност нема да биде линија на конфронтација“.

Тој вчера како кандидат за премиер на „Има таков народ“ од бугарскиот претседател Румен Радев го доби мандатот за составување на влада. Освен досега владејачката ГЕРБ на Бојко Борисов сите други парламентарни партии се во игра за составување на новото владино мнозинство. Во бугарскиот парламент свои пратеници имаат и БСП, „Демократска Бугарија“, ДПС и „Исправи се БГ! Доаѓаме!”.

Мандатарот Николов е доктор по филозофија на право, политика и економија. На интернет страницата на „Има таков народ“ е претставен како човек со повеќе од 15 години искуство во бизнис и управување со проекти. Николов работи за американската мултинационална компанија која има седиште во Софија.

Делта сојот се шири во Кина

Жители на Пекинг со маски на лицата

Кина го доживува најлошото избивање на коронавирусот во земјата откако случаите првично поврзани со кластери во градот Нанџинг се проширија во повеќе региони, меѓу кои и во главниот град Пекинг. Повеќе од 200 случаи низ земјата се поврзуваат со кластерот од Нанџинг, но заразата забрзано се шири и низ други места, а се поврзува со високозаразниот сој Делта.

Делта сојот е тест за кинеската стратегија за справување со коронавирусот со која поголемиот дел од земјата не беше погоден освен во првите месеци на пандемијата. Стотици илјади луѓе се веќе затворени во провинцијата Џиангсу додека Нанџинг ги тестираше сите 9,2 милиони жители по два пати.
Нови случаи денеска се регистрирани во Фуџијан и Чонгкинг, општини кои имаат повеќе од 30 милиони жители. Властите во Чонгкинг наредија итни масовни тестирања на луѓето кои ги посетиле местата каде што има потврдени случаи.

Повеќе од 1,6 милијарди вакцини се дадени низ целата Кина, но исто така постои и сомнеж во ефикасноста на кинеската вакцина, која се проценува дека е од 50 до 80 отсто. Како и да е студиите покажуваат дека вакцини се ефикасни во спречување на сериозно развивање на болеста и смрт. Но, најголемите грижи ги предизвикуваат хигиеничарите на меѓународниот аеродром во Нанџинг, кој сите биле вакцинирани со две дози, а сега се извор на заразата.

Талибанците нападнаа комплекс на ОН во Авганистан

Авганистан- авганистанските безбедносни сили на контролен пункт во Херат, 30.07.2021

Борби меѓу талибанците и авганистанските безбедносни сили се одвиваат од вчера на периферијата на западниот авганистански град Херат, главен во истоимената провинција. Талибанците тврдат дека нивните борци влегле во дел од градот, но авганистанските власти во Кабул ги отфрлија таквите наводи и соопштија дека напредокот на талибанците бил одбиен.

Ваквите извештаи доаѓаат додека талибанците успеваат да заземат територии низ Авганистан додека САД и другите странски сили се блиску до завршувањето со нивното повлекување од земјата.

Фавад Аман, портпарол на авганистанското министерство за одбрана за радио Азади рече дека авганистанските безбедносни сили ги победиле талибанците и ги одбиле нивните напади во провинциите Херат, Кандахар, Хелманд и Тахар.

Во меѓувреме, мисијата за поддршка на Обединетите нации во Авганистан соопшти дека во вчерашниот напад врз нивниот комплекс во Херат е убиен еден член на обезбедувањето. Американскиот Стејт департмент го осуди нападот кој го опиша, како „напад на комплекс на ОН од антивладини милитанти“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG