Достапни линкови

Вести

ЕУ за пресудата на Младиќ: Клучно судење во поновата европска историја

Ратко Младиќ во Меѓународниот суд во Хаг
Ратко Младиќ во Меѓународниот суд во Хаг

Високи претставници на Европската унија оценија дека судскиот процес против поранешниот командант на армијата на Република Српска Ратко Младиќ, што заврши вчера е клучен процес во поновата историја на Европа за воени злосторства, вклучително и геноцид. Во заедничката изјава за конечната пресуда на Меѓународниот суд во Хаг против Младиќ, европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, наведуваат дека „негирањето на геноцидот, ревизионизмот и величењето на воените злосторници се во спротивност со најосновните европски вредности“.

Ратко Младиќ правосилно осуден на доживотен затвор

Тие сметаат дека Европската унија очекува сите политички чинители во Босна и Херцеговина и Западен Балкан да покажат целосна соработка со меѓународните трибунали, да ги почитуваат нивните одлуки и да ја признаваат нивната независност и непристрасност. Меѓународниот суд во Хаг вчера донесе конечна пресуда против Младиќ, откако беше обжалена првостепената пресуда на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото над несрпското население за време на војната во БиХ. На 22 ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го прогласи генералот 78 годишниот Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница; прогон на Хрватите и муслиманите низ цела БиХ; тероризирање на населението во Сараево со продолжено гранатирање и земање во заложништво на членови на УНПРОФОР.

види ги сите денешни вести

Руските сили собориле 75 украински дронови

илустрација
илустрација

Руските сили за воздушна одбрана синоќа соборија 75 украински беспилотни летала над руска територија, соопшти руското Министерство за одбрана.

Противвоздушната одбрана пресретнала и уништила 47 беспилотни летала над Ростов, по еден над регионите Белгорд, Воронеж и Смоленск и осум над провинцијата Краснодар.

„Соборени се 17 дронови над водите на Црното и Азовското Море“, се наведува во соопштението.

Вчера (21 јули) руското Министерство за одбрана соопшти дека руските борбени авиони МиГ-29 и МиГ-31 пресретнале американски стратешки бомбардери Б-52Х кои се приближувале до државната граница на Русија над Баренцовото Море.

Војската на САД врши рутински прелетувања над меѓународните води, операции што велат дека се спроведуваат во неутрален воздушен простор и во согласност со меѓународното право. Но, во последните месеци, Москва одговара поагресивно на овие вежби, а во јуни предупреди дека летовите на американските беспилотни летала над Црното Море може да доведат до „директен“ воен конфликт.

Захарова бара истрага за „заговорот“ на медиумите и политичарите за психичката состојба на Бајден

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова изјави дека по повлекувањето на американскиот претседател Џозеф Бајден од претседателската трка, треба да има истрага за заговорот на американските медиуми и политичари, кои ги обвини дека „ја прикриле вистината за неговата психичка состојба“.

„Следниот чекор мора да биде истрага за заговорот на американските медиуми и политички кругови, кои ја криеја вистината за неговата ментална состојба, манипулирање со јавното мислење и дејствување во врска со една политичка партија“, изјави Захарова, а пренесоа руските медиуми.

Синоќа (21 јули)Бајден објави дека се повлекува од трката за реизбор и ја поддржа американската потпретседателка Камала Харис во трката за претседателски кандидат на Демократската партија.

Тој рече и дека ќе остане претседател на САД до крајот на мандатот на 20 јануари 2025 година.

Продолжува борбата со пожарите, повторно има големо жариште на Серта

Активни се девет пожари (фотоархива)
Активни се девет пожари (фотоархива)

Во моментов во Северна Македонија има девет активни пожари на отворено, исто како и утрото на 21 јули, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Во видео изјава, која од терен ја испрати до медиумите, Ангелов информира дека на планината Серта повторно се појавило големо жариште. Поточно над селото Пухче и се шири кон селото Селце. Огнената стихија на оваа планина беше и најсериозниот пожар со кој се справуваа пожарникарите и припадниците на безбедносните сили изминатите денови.

Поради сериозноста на овој пожар, за негово гаснење ангажирани се двата ер-трактори од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Овде имаме и еден засебен крак на планина Серта, којшто започнува некаде зад полигонот Криволак и се движи во насока на военото стрелиште Пенуш и во насока на реката Брегалница. Тука имаме фокусирано повеќе лица на земја, покрај поголем број на локални пожарникари, имаме 30 припадници на полициските Тигри, десет припадници на Армијата, како и 40 припадници на ДЗС“, вели Ангелов додавајќи дека на Серта има уште една активна точка.

Првичниот план бил леталата на ДЗС да помагаат во гаснење на пожар кај селото Фариш, Кавадарци, но поради избивање на жариштето на Серта тие биле пренасочени.

Во текот на попладневните часови се очекува со ер-тракторите да се дејствува и на нов пожар што се појавил кај селото Мрзенци во Гевгелија.

Пожари беснеат и на територијата на Општина Чашка. За еден од нив, над селата Габрени, Мокрени и Богомила, утрово дејствувале армиски и полициски хеликоптер. Во оваа општина има пожар и на врвот Лисец.

Меѓу активните пожари е и тој кај селата Тажево и Брезница во општина Македонски Брод. Таму утрото бил упатен еден армиски хеликоптер, но поради густиот чад не можел да дејствува.

Според информациите од ЦУК, покрај локалните пожарникари и населението кое помага, вкупно на територијата на државата за гаснење на пламените јазици во моментов ангажирани се 150 припадници на Армијата, 30-тина припадници на МВР, како и 40 припадници на ДЗС.

Изминативе денови се гаснеше и со хеликоптери од земјите од регионот откако Владата побара помош. Но, во моментов дејствуваат само македонски летала, односно двата ер-трактори на ДЗС, два хеликоптери на МВР, како и два хеликоптери на Армијата.

„За жал, од странските летала останат е само црногорскиот хеликоптер, којшто покажа некој дефект и моментално му се врши сервисирање. Доколку биде успешно отстранет, тој денес ќе продолжи со дејство“, вели Ангелов.

Поради пожарите кои се појавија во екот на топлотниот бран што ја зафати Северна Македонија Владата од 14 јули прогласи и 30-дневна кризна состојба.

Експлозија кај езерото Газивода на северот на Косово

Езеро Газивода (фотоархива)
Езеро Газивода (фотоархива)

Денеска (21 јули) била фрлена експлозивна направа кај езерото Газивода на северот на Косово, потврди косовската полиција.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека нема повредени, но причинета е материјална штета на два автомобили.

Тој не можеше да прецизира за каква експлозивна направа станува збор и истакна дека полицијата спроведува истрага.

Во последните недели, езерото Газивода е честа дестинација на граѓани кои одат таму за да се разладат за време на високите температури кои достигнаа и до 40 степени. Езерото Газивода се наоѓа во општина Зубин Поток на северот на Косово, која е со мнозинско српско население. Помал дел од езерото припаѓа на општината Тутин во Србија.

Врз основа на официјалните владини документи, од хидросистемот Ибар-Лепенац кај Газивода во Зубин Поток со питка вода се снабдуваат северот на Косово, како и Приштина и околината на главниот град.

Од Газивода се испорачува и вода за термоелектраните во Обилиќ, а се користи и за ладење на електраните Косово А и Косово Б. Покрај тоа, водата од акумулацијата Газивода се користи и за наводнување на земјоделските површини.

Во случај на суша, како што беше во 2014 година, водата од Газивода служи и за полнење на езерата кај Приштина, Батлава и Бадовац.

Кличко: Зеленски се соочува со тежок период во пресрет на изборите во САД

Виталиј Кличко, градоначалник на Киев (фотоархива).
Виталиј Кличко, градоначалник на Киев (фотоархива).

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се соочува со политички тежок период додека се наближуваат ноемвриските претседателски избори во САД, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во интервју за италијанскиот медиум „Кориере дела сера“.

„Дали треба да ја продолжиме војната со нови смртни случаи и уништувања или да размислиме за територијален компромис со [рускиот претседател Владимир] Путин?“, вели Кличко.

Без разлика каков чекор ќе преземе, смета тој, Зеленски се соочува со „политичко самоубиство“.

Кличко вели дека украинскиот претседател најверојатно „ќе мора да прибегне кон референдум“ за да ја реши дилемата, додавајќи дека не е мисли оти Зеленски „ќе може сам да донесе толку болни и важни одлуки без народен легитимитет“.

Претходно во текот на оваа недела, за време на престојот на Самитот на Европската политичка заедница во Велика Британија, Зеленски рече дека целиот свет ќе мора да изврши притисок врз Русија за да ја убеди да седне на преговарачка маса и да размисли за завршување на војната.

„Ова не значи дека сите територии ќе бидат вратени насилно. Мислам дека моќта на дипломатијата може да помогне“, рече тој додавајќи дека колку е послаба Русија на бојното поле, толку е посилна позицијата на Украина на преговарачката маса.

На 15 и 16 јуни, Швајцарија беше домаќин на Глобалниот самит за мир. Министерот за надворешни работи на Швајцарија, Игнацио Касис, предложи да се одржи уште една ваква средба пред изборите во САД. Зеленски, пак, рече дека веќе има земји кои се заинтересирани да бидат домаќини на вториот мировен самит, а Киев започнал разговори со нив. Сепак, тој не ги именуваше овие држави.

Папата се надева на примирје во војните за време на Олимпијадата во Париз

Папата Франциск (фотоархива)
Папата Франциск (фотоархива)

Откако веќе повика на примирје во светските конфликти, папата Франциск денеска (21 јули) изрази надеж дека Олимписките игри во Париз ќе бидат повод тоа и да се случи. Тој ги повика и спортистите да бидат гласни со своите пораки за мир и да служат како пример за младите луѓе.

Олимпијадата ќе започне на 26 јули со церемонија за свечено отворање која ќе се одржи на реката Сена, а на која ќе учествуваат околу 10.500 спортисти и над 100 шефови на држави и влади.

За време на неговото неделно обраќање пред толпата верници на плоштадот Свети Петар, поглаварот на Римокатоличката црква рече дека се надева оти „според древната традиција, Олимпијадата ќе биде можност да се воспостави примирје во војните, преку демонстрација на искрена желба за мир“.

Тој ги спомена конфликтите во Украина, Газа, Мјанмар и други земји, порачувајќи „да не заборавиме дека војната е пораз“.

Во минатомесечната последна заедничка изјава од состанокот на лидерите на Групата седум (Г7) одржан во Италија, имаше едногласен повик за примирје во глобалните конфликти за време на Олимписките игри.

Олимпијадата, која треба да започне на 26 јули, ќе трае до 11 август. Игрите ќе се одржат на 35 локации низ Париз, регионот Ил-де Франс, континентална Франција и прекуокеанските територии.

Главниот град на Франција за време на Игрите ќе го обезбедуваат околу 45 000 полицајци и припадници на безбедносните сили. Ќе имаат и дополнителна помош од неколку илјади странски безбедносни службеници.

Во вторник средба на Нетанјаху и Бајден во САД

Бајден и Нетанјаху последен пат се сретнаа на 18 октомври 2023 г.
Бајден и Нетанјаху последен пат се сретнаа на 18 октомври 2023 г.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторник ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден, соопштија од кабинетот на израелскиот лидер на 21 јули.

Нетанјаху се очекува да отпатува за САД утре, понеделник.

Двајцата лидери последен пат се сретнаа во Тел Авив на 18 октомври, непосредно по нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври.

При нападот, милитантите на Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, убија повеќе од 1.200 Израелци и земаа околу 240 заложници.

Се претпоставува дека околу 116 заложници сè уште се држат во Газа, вклучувајќи и 42-ца за кои израелската војска верува дека се убиени.

По нападот на 7 октомври, Израел започна офанзива во Газа за да го уништи Хамас.

Како резултат на израелските копнени и воздушни офанзиви во регионот, според палестинските здравствени власти, загинале повеќе од 38.000 Палестинци.

Според извештаите на медиумите за најавената средба на Нетанјаху и Бајден, се очекува разговорите да бидат фокусирани на обидите да се обезбеди прекин на огнот во Газа и на можностите за ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници.

Во меѓувреме, во Израел се зголемуваат критиките за патувањата на Нетанјаху во странство. Демонстрантите бараат тој да го напушти Израел дури откако ќе се постигне договор за ослободување на заложниците.

За време на престојот во САД, Нетанјаху во средата ќе се обрати и пред американскиот Конгрес за да зборува за акциите на израелската армија во Газа.

Односите меѓу Бајден и Нетанјаху се сметаат за затегнати, особено по видеото што неодамна го објави израелскиот премиер, во кое тој жестоко ја критикува американската влада затоа што суспендираше дел од воената помош.

Српскиот тим, кој гасеше пожари во Северна Македонија, се врати дома

Од земјава, српскиот тим си замина со благодарница која им ја врачи директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Од земјава, српскиот тим си замина со благодарница која им ја врачи директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР), на Хеликоптерската единица и на Секторот за вонредни состојби ја завршија меѓународната мисија за помош на Северна Македонија во гаснењето шумски пожари и денеска (21 јули) се вратија соопштија од српското МВР.

Од земјава, тие си заминаа со благодарница која им ја врачи директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Тој додели благодарници и за пилотите од останатите држави кои испратија помош.

Со српскиот хеликоптер Камов Ка-32, над огнените пламени во Северна Македонија беа исфрлени 182 тони вода. Овој хеликоптер, српските власти за првпат го испратија надвор од границите на Србија.

„За пет работни дена припадниците на МВР успешно го изгаснаа пожарот кај селото Росоман, го ставија под контрола пожарот кај градот Радовиш, а заедно со други домашни и меѓународни екипи дејствуваа и на локации на планината Огражден кај Ново Село, како и на местото Пиперево“, пишува во соопштението на српското МВР.

Помошта од Србија за гаснење на пожарите пристигна на 16 јули на барање на Владата во Скопје.

Потсетуваме дека помошта за соседната земја е испратена врз основа на барањето на Владата на Република Северна Македонија за давање помош во гаснењето на шумскиот пожар.

Покрај од Србија, помош за гаснење на пожарите беше побарана и пристигна и од други земји од регионот, како Словенија, Црна Гора, Хрватска и Романија.

Русија пресретна американски бомбардери над Баренцовото Море

Авиони на НАТО, вклучително и бомбардер Б-52, за време на вежба над Шведска во јануари.
Авиони на НАТО, вклучително и бомбардер Б-52, за време на вежба над Шведска во јануари.

Руските борбени авиони МиГ-29 и МиГ-31 пресретнале американски стратешки бомбардери Б-52Х кои се приближувале до државната граница на Русија над Баренцовото Море, соопшти во неделата (21 јули) руското Министерство за одбрана.

„Руските системи за контрола на воздушниот простор над Баренцовото Море открија групна воздушна цел која се приближуваше до државната граница на Руската Федерација“, се наведува во соопштението на Министерството, пренесе РИА Новости.

„Со цел да се идентификува воздушната цел и да се спречи нарушување на државната граница на Руската Федерација, во воздух беа кренати ловците МиГ-29 и МиГ-31 од дежурните сили за противвоздушна одбрана“, наведува руското Министерство.

Се додава дека екипажот на авионот открил пар американски стратешки бомбардери Б-52Х, кои го коригирале правецот на летање и се оддалечиле од руската граница кога им се приближиле руските авиони.

Во соопштението на Министерството за одбрана на Руската Федерација се наведува дека руските ловци летале строго во согласност со меѓународните правила за користење на воздушниот простор над неутрални води и со почитување на безбедносните мерки.

Војската на САД врши рутински прелетувања над меѓународните води, операции што велат дека се спроведуваат во неутрален воздушен простор и во согласност со меѓународното право. Но, во последните месеци, Москва одговара поагресивно на овие вежби, а во јуни предупреди дека летовите на американските беспилотни летала над Црното Море може да доведат до „директен“ воен конфликт.

Претседателот на Тајван: Мора да го заштитиме својот суверенитет

Претседателот на Тајван Лаи Чинг-те (фотоархива).
Претседателот на Тајван Лаи Чинг-те (фотоархива).

Тајван мора да го заштити својот суверенитет и да ја знае сопствената култура и историја, изјави во неделата претседателот Лаи Чинг-те, отфрлајќи го, како што рече, претходното погрешно верување дека островот може да послужи како база за „повторно преземање“ од Кина.

Лаи, кој ја презеде функцијата во мај, и неговата владејачка Демократска напредна партија (ДПП) се залагаат за одвоен идентитет на Тајван од Кина, позиција што често го лути Пекинг, кој го гледа островот како неприкосновен дел од кинеската територија.

Говорејќи на годишната конвенција на неговата партија, Лаи рече дека оние кои се бореле да ја донесат демократијата во Тајван, јасно го разбираат местото на неговата држава во светот.

„Тие не се колебаа да пролеат крв и да ги дадат своите животи против погрешната идеја дека ’Тајван е база за репатријација‘ и создадоа национална политика што го става Тајван на прво место“, рече Лаи, кој е и претседател на ДПП.

Лаи вели дека Тајван сега има други приоритети.

„Сега имаме одговорност да го обединиме народот, да се спротивставиме на анексијата (од Кина) и да го гарантираме националниот суверенитет“, рече тој, зборувајќи на тајвански наместо на официјалниот јазик, мандаринскиот.

„Треба да дадеме се од себе за да ги натераме луѓето да ја разберат историјата и културата на Тајван и да создадеме национален идентитет“, рече тој.

Кина го смета претседателот на Тајван за „сепаратист“.

Лаи ги отфрла тврдењата на Кина за Тајван, велејќи дека островот мора сам да одлучи за својата иднина.

Кина секојдневно испраќа авиони и воени бродови низ Тајван.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG