Достапни линкови

Неќак: Секогаш сум се восхитувал на уметници кои се љубопитни како мали деца


Марјан Неќак во МНТ фото: Кире Галевски

Со идеја и потреба да создава „театар на еден сосема нетипичен начин“, „тотален театар“... Марјан Неќак неодамна на македонската публика и го дари своето видување на текстот на драматургот од Белград – Нина Плавањац - „Само глас“. И, потем „одјава“ во пресрет на новите уметнички предизвици.

Марјан Неќак е номад што живее за и од уметноста. Режисер, музичар, сценограф, аранжер, сценограф, дизајнер на светло... продуцент. Модерен мисионер што го живее сонот за музички театар. Еден од оние што поодамна раскрстиле со меѓите и границите во себе и воопшто во современиево преполно премрежиња. Човек чиј поглед дофрла подалеку од вообичаеното. И, како таков, неодамна благодарение на неговата упорност на сцената на МНТ бевме почестени со праизведбата на претставата „Само глас“. Со исклучително силната екипа на соработници тој пред публиката и пред македонската културна јавност распосла еден куп прашања за кои одговорот ќе мора да го побараме секој подлабоко во себе:

Постои ли лек за осаменоста и како да се пополни празнината во себе?
Бегање или самоизолација, прејадување или гладување, самоизмама или сурова искреност, фатална љубов, опсесија? Како да разликуваме опсесија од безусловна љубов, и постои ли воопшто безусловна љубов?
Како повторно да се пронајдеме себеси, кога одамна сме изгубени и животот не e налик на она што мислевме дека ќе биде? Како се станува од дното, на кое никогаш не сме мислеле дека ќе завршиме?

На 26 мај, како прва од сезоната 2021, во МНТ се случи премиерата на вашата претстава „Само глас“. Во неа играат првенците на ансамблот Звездана Ангеловска и Никола Ристановски (со снимен глас) и балетанот Мирослав Митрашиновиќ. Како му се случи на Марјан Неќак, како режисер, автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото, овој проект?

Идејата за проектот тлееше кај мене неколку години наназад. Некаде во тој период случајно прочитав неколку текстови од Нина Плавањац, млад драматург од Белград и останав пријатно изненаден. Воодушевен од нејзиниот талент веднаш и се обратив и набрзо започнавме со работа на проектот. За релативно брзо време го создадовме текстот. Потем се случи пандемијата која ми даде уште поширок простор и време да ја создадам музичката партитура и да тргнам заедно со актерите во создавање на представата. Музичкиот театар има своја специфика која во основа бара уметници кои се талентирани пред се како актери, но притоа клучна е и нивната музикалност. Токму такви се Звездана Англеловска и Никола Ристановски. Со нив мене ми беше благодет да го изразам својот музичко-театарски јазик и да создавам представа која цели кон тотален театар. За актерите овој начин бара многу поинаква и долгорочна подготовка од вообичаена драмска представа, многу одрекувања, вокални вежби и поинаква концентрација, со еден збор многу работа за на крајот драмскиот и музичкиот израз да се сплотат во единствен јазик.

Од каде потребата кај вас текстот на младата авторка Нина Плавањац да го исправите токму на сцената на МНТ и со овие актери? Таа приказна за една силна и талентирана жена, која преку една ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во животот, да ја распостелите преку своето авторско писмо, како современа музичка драма, пред македонската публика?

Искрено сакав да направиме представа за нас уметниците, за нашите подеми и падови, за нашите длабоки стравови, за сите солзи радосници и солзи тажачки кои ни течат а ние непрестано ги бришеме и одиме понатаму во име на она што најмногу го сакаме нашата професија.И уметникот е само човек, нели? Во нашата хероина ТАА, инаку уметник, секој гледач откако ќе се погледне во огледалото може да се препознае себе си, а после завршувањето на претставата да си постави многу прашања и барем на дел од нив и да си даде одговор.

Звездана Ангеловска во сцена од претставата „Само глас“ фото: Кире Галевски

Колку овој проект соодветствува со периодот од нашето битисање за кој би сакале да веруваме дека му се ближи крајот? Периодот во кој, поради пандемијата, културните работници беа принудени да станат „илегалци“ и во таа лимбо ситуација да се борат со своите стравови за себе и за најблиските и со потребата да го реобмислуваат своето натамошно делување во медиумите во кои творат? Каде беше во тој меѓупростор Марјан Неќак? Откри ли за себе и својата мисија нови патеки, нови вистини?

Еден голем период наназад осаменоста е една темите со која се занимавам. Посебно во изминатите два проекти, моно операта „Дневникот на Лудиот“ во продукција на Moving Music Theatre Bitola и „Девојката со жиците“ во продукција на Словенско народно гледалишче - Љубљана во копродукција со Moving Music Theatre Bitola. Тоа е болеста на модерното време и мислам дека ќе опстојува и понатаму... иако генерално не сметам дека е неизлечива.

Претставата исклучиво говори за ова време во кое живееме, во кое Black Mirror е наш главен животен реквизит преку кој сметаме дека сме дури и семоќни бидејки преку него ги добиваме сите „релевентни“ информации, во живо гледаме преноси на бомбардирања на градови, тој ни е спасител, другар, тој не смее и не забавува… заблуда во која и јас самиот понекогаш верувам. Во текот на пандемијата бројот на корисници на Black Mirror вртоглаво порасна што значи поголемиот дел од светската популацијата е заразена со најопасната болест - празнината и паушалноста. Постоеја мали и срамeжливи обиди na некои издавачкиte куќи да ги поттикнат читателите во време на пандемија да читааат повеќе. Тие книгите ги испраќаа бесплатно и ги доставуваа на адресата на читателот, но и тоа не беше доволно… Да се поттикне читањето и дообразованието кај популацијата е обврска на секоја власт во било која европска земја. На оние кои секојдневно ни ги читаа броевите на заболените, упокоените и преживеаните и ни се перчеа со херојска поза дека токму благодарение на нив бројките се под контрола. Ниту една власт, влада макар и некој диктатор не се сети духовно да ги поттикни своите граѓани да се лечат одвнатре додека се во своите четири зида… Секако, што повеќе страв толку поголема моќ.

Така и нашата хероина се впушта во еден разговор со непознатиот Глас које ќе ја привлече како никој до тогаш и ќе ја обвземе и ќе је припои кон Blаck Mirror но ТАА на крајот сепак успева рационално да размисли и да го зададе последниот и вистинскиот удар.

Актерката Звездана Ангеловска „Само глас“ , фото: Кире Галевски

Често работите во Словенија, сепак, иако станува збор за држава членка на ЕУ и со обмислена културна политика, колку е полесно и потешко за еден дојденец да биде доследен на себе и своите поимања за уметноста во едни такви услови? Колку досега успеавте да купите од нивната организираност наспроти нашиот, македонски инает? Или уште поточно нашето („политичко“) поигрување со културата која наместо да стане „насловна страница“ била и е „монета за поткусурување и пазарење меѓу партиите“.

До сега никаде каде што сум работел театар не сум се чувствувал како туѓинец, како „дојденец“. За среќа надвор од границите на Македонија излегов на самиот почеток на мојата кариера и секаде бев убаво прифатен и почитуван. Оние кои ме познаваат од поодамна знаат дека дисциплината и исполнителноста ми се врежани, тоа се должи од моето домашно воспитување за што се заслужни моите родители и мојот брат од кого многу работи учев и учам. И секако моите професори... не сите, се разбира. Започнав во Битолски театар, но работев и во другите македонски, наши театри соработувајки со режисери како Владимир Милчин, Љубиша Георгиевски, Мартин Кочовски... Искуството со нив многу брзо ме лансира вон границите на Македонија, најнапред соработувајќи со имиња како Бранко Брезовец и Саша Зуровац, а подоцна и со Александар Поповски.

Со политика не се занимавам, не дека немам мислење за СЕ што ни се случува туку едноставно немам време бидејќи сум фокусиран на она што го работам и она што ќе го работам. Во неколку мои изјави неодамнешни изјави за медиумите реков дека културата и образованието се темел на една држава. Ако не сме образувани тогаш е многу лесно оние кои не манипулираат да ни кажуваат кои сме, од каде сме и какви треба да бидеме… Да не месат како тесто. Дефинитивно треба да се завртиме и да гледаме напред кон иднината.

Марјан Неќак, фото: Кире Галевски

И, кога сме веќе овде како во таквите услови и во можностите за посериозни исчекори на европската културна платформа си го наоѓа својот простор вашата идеја за музички театар? Колку е таа компатибилна со постојните стремежи, а колку вие лично како творец моравте да се менувате во од?

Moving Music theatre го основав 2015 година во Битола како потреба за едно поинакво создавање театар од моето лично искуство стекнато во европските театри. Најмногу во Белгија. Тој импулс не е потреба да се делува само во локални рамки, туку да се биде отворен кон светот. Тоа е уметничка лабораторија во која јас и моите соработници создаваме театар на еден сосема нетипичен начин. Музичкиот театар го спојуваме со визуелните уметности, работиме проекти на различни јазици бидејќи секој јазик има своја музика - впрочем јазикот е музика. Проектите ги работиме онолку време колку што ни е потребно. Не сме финансирани и зависни од никого… Нашите проекти настапија на сите релевантни фестивали на Балканот и беа наградени со преку дваесет награди и секако го продолжија патот на европските фестивали во Германија, Италија, Шведска. Уметникот треба да гледа во иднината, да биде свој и секојдневно да осознава и да твори.

Како автор кој постојано е во движење и во освојување на нови културни пространства и пријателства, дојдовте ли до некаква дефиниција за тоа што значи современ, модерен театар... театар на иднината?

Секогаш сум се восхитувал на уметници кои се љубопитни како мали деца. Кои знаат да погледнат напред и кои умеат тоа да го реализираат. Впрочем, таков сум и јас, па така заеднички со нив ги остваруваме нашите соништа.

Зад вас е праизведбата на „Само глас“, а пред вас сигурно новите предизвици. Каде и на каков плакат за нов проект ќе го видиме името на Марјан Неќак во претстојниот период? На каква претстава би сакал да работи во догледно време?

Веќе започнав со подготовки за представа која ќе ја работам наесен во театарот во Сомбор на текст на Нина Плавањац, тема која е исто така интригантна но сосема различна од „Само глас“…Ќе ја работам музиката за представата „Алиса“ во Југословенско драмско позориште во режија на Александар Поповски, потоа на музиката за представата „Идиот“ од Достоевски во МГЛ Љубљана со режисерот Јуш Зидар, а веднаш после тоа во почетокот на следната сезона работам представа во националниот театар во Љубљана по текст на Тена Штивичич, тема на која заедно работиме повеке од три години.

Во овој контекст, кога повторно да ве очекуваме овде дома, во Македонија? Со македонските актери и најмногу во Битола од каде започна вашето патешествие во театарот и по светските културни меридијани?

Како режисер би почекал некој да ме покани, но како композитор во Битолскиот театар во текот на јули ќе имаме премиера со режисерот Дејан Дамјановски на проект кој беше прекинат есенва заради пандемијата. Во Охридскиот театар, пак, во текот на јуни премиера ќе има представата „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Георгиевски каде ја работев музиката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG