Достапни линкови

Вести

Беспилотни летала урнати над американска база во Ирак

Беспилотни летала

Две беспилотни летала се урнати вчера над базата во која се наоѓаат американски војници, соопшти ирачката војска. Воздухопловната база Аин ал Асад која се наоѓа во пустинскиот дел во западен Ирак била цел на нападот во кој нема жртви ниту пак е причинета материјална штета. Ирачката војска смета дека зад инцидентот стои вооружена проиранска група. Оваа американска база беше цел на напади и пред еден месец.

види ги сите денешни вести

Милановиќ – Санкциите од Западот нема да ѝ наштетат на Русија, но ѝ наштетија на Хрватска

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денска изјави дека санкциите кои Западот ѝ ги воведе на Москва поради нападот врз Украина не функционираат и дека тоа нема да ѝ наштети на Москва, но ѝ наштетило на Хрватска.

„Одговорот на Западот е никаков, баш никаков... имаме санкции кои не функционираат, на Русија тоа нема да ѝ наштети, ако тоа е целта (...) и што се случи, ни наштетија на нас“, рече Милановиќ за време на посетата на Хвар, пренесува хрватската новинска агенција Хина.

По повод изјавите на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека нема да оти на Јадранското Море и на градоначалникот на Нови Сад Милош Вучевиќ, кој рече дека не му е јасно зошто некои Срби летуваат во Хрватска, Милановиќ рече дека Србите доаѓаат на море и оти тоа му е драго.

„Добродојдовте. Тоа е соседна држава и не мора да се согласуваме во се“, рече Милановиќ.

На прашањето зошто Вучиќ го прави тоа, Милановиќ рече дека не знае затоа што е претседател на Хрватска, а не на Србија.

Рускиот шеф на Запорожје нареди референдум за приклучување кон Русија

Архивска фотографија: Украински системи ХИМАРС одат кон Запорожје на 4 јули 2022 година

Шефот на југоисточниот украински регион Запорожје, Евгениј Балицки, кого го постави Москва, официјално нареди локален референдум за можноста за придружување на таа покраина кон Руската Федерација.

Овој потег доаѓа неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ако референдумите за придружување кон Русија се продолжат во подрачјата на Украина кои се под руска контрола, не може да има мировни преговори за окончување на војната која Русија ја започна пред скоро шест месеци.

„Ставот на нашата земја останува како што беше секогаш. Нема да се откажеме од ништо што е наше“, рече Зеленски во вчерашното обраќање.

„Ако окупаторите продолжат со псевдореферендумите, ќе ја затвора за себе секоја прилика за разговори со Украина и со слободниот свет, што на руската страна очигледно ќе ѝ биде потребно во еден момент“, рече тој.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска рече дека изјавата на Зеленски била погрешно усмерена ако им се обраќал на руските граѓани или раководство, сугерирајќи дека референдумите се волја на жителите на териториите под руска окупација во Украина.

Функционерите кои ги именуваше Русија во Запорожје и во регионот Херсон најавија дека планираат да одржат референдуми за приклучување кон Русија. Според нив, такви референдуми може да се одржат веќе наредниот месец.

Германските социјалдемократи одбија да го исклучат поранешниот канцелар Герхард Шредер од партијата

Архивска фотографија: Рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во 2012 година

Претставници на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц го отфрлиле барањето за исклучување од партијата на поранешниот канцелар Герхард Шредер поради блиските врски со рускиот енергетски сектор и со претседателот Владимир Путин.

Арбитражниот одбор на огранокот на СПД во Хановер ги разгледал 17-те барања на членови на партијата за покренување постапка против Шредер.

Поранешниот германски канцелар има долгогодишни врски со рускиот енергетски сектор и одби целосно да се дистанцира од Путин откако Русија изврши инвазија врз Украина.

Сепак, партискиот одбор утврди дека неговите постапки не претставуваат кршење на правилата на партијата, објави германската новинска агенција ДПА.

Можноста Шредер да биде исклучен не беше голема, зашто во Германија исклучувањето на членови од политичките партии е сложен и често долг процес, по кој често нема исклучување.

Сепак, можна е жалба на денешната одлука.

Шредер беше канцелар на Германија од 1998 до 2005 година, а лидер на СПД од 1999 до 2004 година.

Пожарот кај Фурка сè уште активен, го гаснат авион и хеликоптер

Пожар кај селото Фурка во близина на Дојран

Пожарот кај селото Фурка и браната Паљурци, помеѓу општините Дојран и Богданци сè уште е активен. Од изутрината координирано дејствуваат пожарникари и вработени на шумските стопанства од Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Валандово и Струмица, информираат од ЦУК.

Заради зголемените дневни температури, интензитетот на пожарот и точките на горење се зголемија во средината на денот, заради што беше побарана, преку Центарот за управување со кризи (ЦУК), воздушна поддршка. Испратен е еден хеликоптер од Министерство за внатрешни работи кој дејствува заедно со авионот „ер трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување.

Ако има потреба од дополнителна воздушна поддршка, ќе биде побарана помош од Армијата, велат од ЦУК.

Активен пожар има и кас охридското село Расино. Гори дабова и борова шума, а огнот го гасат противпожарни екипи од Охрид.

Прогресивниот данок останува отворено прашање, од данокот на добивка и на личен доход ќе се соберат 54 милиони евра

Фатмир Бесими

Прогресивното оданочување останува отворено прашање за кое, како што најавуваат од Министерството за финансии, ќе се дебатира во следниот период. Во предлог-даночната реформа нема конкретен предлог за ова прашање со цел да се остави простор за дебата и да се види кое решение би било најсоодветно.

Даночната реформа ќе се спроведува етапно и на почетокот е планирано тоа да се реализира во делот на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Од данокот на добивка и на личен доход се очекува во буџетот да се слеат дополнителни 54 милиони евра.

Сѐ уште не се знае дали ќе има и различни стапки на данок за приходи од труд и од капитал. Доколку би се применувале одредбите од 1 јануари, што се во сегашното законско решение, данок од 15 проценти би имало за приходи од изнајмувања, индустриска сопственост, за капитални добивки.

Она што како предлог решение стои во даночната реформа е да се оданочуваат каматите на депозитите за 10 проценти, да се укине даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка и да се плаќа здравствено и пензиско осигурување за хонорарците.

„Ако на пример имам 100 илјади денари во банка со два проценти годишна камата, тоа значи имам добивка две илјади денари годишно. И сега би платил 10 проценти данок, значи 200 денари годишно, кон државата“, појасни министерот за финансии Фатмир Бесими на денешниот брифинг со новинарите на кој беше презентирана даночната реформа.

Бесими рече дека ќе претстои дебата и за зголемување на прагот на кој се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Сега независно од платата, тие се плаќаат најмногу на износ до 16 просечни плати. Ќе се разговара и за оданочување на нефинансиски бенефиции од менаџерски договори.

Бесими вели дека се работи за предлог-решенија за кои ќе се разговара со сите засегнати страни во следниот период. Целта е да се создаде оптимален даночен систем и да има правично оданочување кое ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. Според Бесими, станува збор за реформа на која е работено долго време и за која се направени длабински реформи.

Романскиот министер за здравство ги повика младите да набават таблети против радијација

Романскиот министер за здравство Александру Рафила

Романскиот министер за здравство Александру Рафила ги повика денеска Романците помлади од 40 години „што е можно поскоро“ да одат кај своите матични лекари или во аптеките за да земат таблети со калиум јодид.

„Апелирам сите, сите помлади од 40 години, што поскоро да се обратат кај матичен лекар од кој ќе можат да добијат рецепт за таблети калиум јодид“, рече денеска Рафила одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот додаде дека низ државата има 2.500 аптеки каде што се достапни тие таблети што луѓето можат да ги добијат бесплатно со рецепт.

Tој посочи дека со влошување на ситуацијата во Украина, можно е побарувачката за такви таблети да се зголеми.

Изјавата на романскиот министер за здравство доаѓа откако руските сили вчера повторно ја гранатираа нуклеарната централа „Запорожје“ во соседна Украина.

Таблети со калиум јодид се препорачува како прва здравствена мерка што треба да се прими во првите 24 часа од изложувањето на радијација.

Курти - Постои опасност од нова војна во Западен Балкан

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер, Албин Курти, по повод последните инциденти во северно Косово, каде што живее мнозинско српско население, изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија, односно од нова војна во Западен Балкан.

Во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“, кое денеска го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти изјави дека, со оглед дека зад Србија стои рускиот претседател Владимир Путин, опасноста од нов конфликт останува висока.

„Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата“, вели Курти.

Според него, пред руската агресија врз Украина можностите да избие нов конфликт во Западен Балкан беа мали, но „сега ситуацијата е променета“.

„Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот беше Украина. Доколку имаме втора епизода, на пример во Придњестровје, тогаш можностите дека една нова, трета војна ќе се случи во Западен Балкан, посебно во Косово, ќе бидат многу високи“, изјави Курти.

Во врска со протестите во северно Косово против мерките што ги најави неговата влада за замена на српските со косовски регистерски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи, косовскиот премиер вели дека тие не биле спонтани.

„Србите имаат 48 оперативни бази околу Косово, 28 воени и 20 жандармериски. Протестите не беа спонтани, тие беа организирани од Белград, со поддршка од Русија“, изјави Курти.

Мицотакис вели дека не знаел за прислушкувањето на политичкиот противник

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска ѝ соопшти на нацијата дека не знаел за прислушувањето на телефонот на лидерот на социјалистичката партија Никос Андрулакис од страна на разузнавачката служба на земјата во 2021 година, што предизвика политичка бура. „Она што се случи можеби беше законски, но беше грешка. Не знаев и очигледно никогаш немаше да го дозволам тоа“, рече Мицотакис во телевизиското обраќање. Тој додаде дека разузнавачката служба на земјата ја потценила политичката димензија на телефонското прислушување. „Тоа беше формално адекватно, но политички неприфатливо“, изјави Мицотакис. Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис синоќа рече дека неговиот мобилен телефон бил следен, а во исто време имало и обид да се хакира со софтверот „Предатор“. Тој додаде дека единствено одговорен е Мицотакис и побара одговори од грчкиот премиер.

Мицотакис ќе излезе со став околу случајот со прислушкувањата

Од друга страна, опозициската СИРИЗА во саботата, коментираше дека „грчкиот „Watergate“ го има потписот на Мицотакис“ и побара премиерот да си поднесе оставка. Двете опозициски партии побараа формирање истражна комисија во грчкиот Парламент за истрага на политички одговорности во случајот. Во грчките медиуми се појавија информации дека следењето на Андрулакис било по барање на странска служба, споменувајќи ги Ерменија и Украина, меѓутоа двете земји, преку нивните амбасади во Грција, најостро и категорично ги демантираа овие натписи.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство

Обвинителката Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми

Управата за финансиска полиција денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, соопшти Управата, наведувајќи дека во пријавата биле опфатени сите обвинители за кои се смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. „Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност на пријавените, тоа е се што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка“, се вели во изјавата на Управата за финансиска полиција.

Судирот Русковска - Муареми покажува во правосудството е дојдено „нож до коска“

Деновиве Финансиската полиција објави дека обвинителите доставиле до судот лажни податоци за да добијат налог за претрес, со што е прекршен Законот за кривична постапка. Обвинителката Вилма Русковска деновиве се пожали на притисоци во нејзината работа, а за тоа побара помош од странските амбасади во земјава. Но, одговорот кој го доби од САД и ЕУ беше дека случајот мора да го решат надлежните органи во нашата земја. Во меѓувреме, директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми побара од обвинителката Русковска доколку има докази да поднесе пријава против него.

Чавушоглу: Ердоган следниот месец ќе ги посети балканските земји

турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следниот месец ќе ги посети балканските земји и дека тоа ја потврдува посветеноста на земјата за мирот и стабилноста во регионот. „Посетата на балканските земји следниот месец на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја потврдува нашата посветеност на мирот и стабилноста во регионот. Турција силно ги поддржува мирот и стабилноста на Балканот“, рече Чавушоглу, говорејќи на отворањето на 13 конференција на амбасадори што се одржа во Анкара.

Чавушоглу го истакна присуството на ФЕТО како најголема пречка во односите Турција-Косово

Тој исто така изјави дека Турција го отвори патот за безбедно враќање со своите воени операции на северот на Сирија. Нагласувајќи дека Турција го поддржува ослободувањето на окупираните азербејџански територии, Чавушоглу рече дека неговата земја стои зад вистината и правдата и повторно ја предупреди Ерменија да се воздржи од нови провокации.

ЕУФОР најави пристигнување на германски војници во БиХ

Командата на ЕУФОР организираше церемонија на претставување на новите војници кои пристигнуваат во БиХ. 11 март 2022 година

ЕУФОР го објави пристигнувањето на германски воен контингент во Босна и Херцеговина, со што бројот на земји кои учествуваат во мисијата ЕУФОР Алтеа ќе се зголеми на дваесет. Распоредувањето на контингентот, кое започнува во средината на август, ќе се спроведува етапно и ќе бидат распоредени најмногу педесет војници, соопшти ЕУФОР. Се додава дека новиот персонал ќе претставува дополнителен капацитет за ЕУФОР низ целата земја. Ваквиот ангажман, како што е посочено, е уште еден показател за посветеноста на ЕУ за стабилна, просперитетна и европска иднина за сите граѓани на Босна и Херцеговина.

Германската влада го одобри распоредувањето војници во БиХ

Во јули германскиот Бундестаг одобри испраќање на 50 војници во мисијата ЕУФОР во Босна и Херцеговина. „Предвидените задачи на војниците би вклучувале поддршка и координација на обуката на вооружените сили на БиХ, помагање за создавање безбедна средина и извршување командни, набљудувачки и поддршка на задачите. Мисијата е придонес за почитување на Дејтонскиот мировен договор од 1995 година. “, стои во одлуката усвоена од Бундестагот.

Народна банка: Фиксниот курс на денарот е механизам за макроекономска дисциплина

Банкноти по 1000 денари

Фиксниот курс на денарот им дава стабилност на граѓаните, фирмите и компаниите во отплатата на нивните кредити врзани за еврото, а исто така влијае да се избегнат високи ценовни флуктуации како резултат на увозните цени, наведува Народната банка во објава на „Фејсбук“ во која се посочува дека стабилниот курс на денарот е механизам за макроекономска дисциплина и за стабилни очекувања и дека Народната банка со сите расположиви инструменти ќе го одржува курсот на денарот стабилен. „Треба да имаме предвид дека македонската економија се одликува со високо ниво на трговска размена со странство, којашто значи поголема подложност на надворешното окружување, вклучително и на промените на курсот на домашната валута во однос на странските валути. При флексибилен курс, тоа би значело релативно брзо и значајно пренесување ефекти од промените во девизниот курс врз домашните цени, со оглед на високото учество на производите кои се увезуваат. Друга одлика е тоа што нашата економија е нето-должник кон странство, што претставува и природна карактеристика за земја во оваа фаза на развој којашто има потреба од дополнителен капитал. При флексибилен девизен курс, хипотетичко намалување на вредноста на денарот би довела до повисок износ на задолженост и можна појава на потешкотии за сервисирање на постојниот долг“, пишува во објавата.

Меѓународната агенција „Фич“ го потврди македонскиот кредитен рејтинг ББ+

Со одржување на стабилен девизен курс на денарот, велат од централната банка, економијата се штити од преголеми ценовни флуктуации и раст на долгот во странска валута и се обезбедуваат стабилни пазарни очекувања, а сето тоа е во прилог на обезбедување најповолен амбиент за економски раст.

Амнести жали за „неволјите“ од извештајот во кој се обвинува Украина дека ги загрозува цивилите

Лого на Амнести интернешенел

Амнести интернешенел соопшти дека „длабоко жали за вознемиреноста и гневот“ предизвикани од извештајот во кој се обвинува Украина дека ги изложува цивилите на руски оган. Во извештајот од 4 август се вели дека украинската војска ги загрозува цивилите со тоа што ги сместува во станбени згради, училишта и болници и започнува контранапади од густо населените области. Шефот на канцеларијата на Амнести во Украина поднесе оставка во знак на протест, обвинувајќи ја организацијата „за папагалска пропаганда на Кремљ“. Претседателот Володимир Зеленски рече дека групата за права се обидела „да ја амнестира терористичката држава и да ја префрли одговорноста од агресорот врз жртвата“.

Зеленски ја обвини АИ дека се обидува да и даде амнестија на „терористичката“ Русија

Групата за човекови права објави дека „целосно стои зад овие наоди“. „Ова не значи дека Амнести интернешнал ги смета украинските сили одговорни за прекршувањата извршени од руските сили, ниту дека украинската војска не презема соодветни мерки на претпазливост на друго место во земјата“, се вели во извештајот. Во извештајот на Амнести се наведени инциденти во кои украинските сили се чини дека ги изложиле цивилите на опасност во 19 градови и села во регионите Харкив, Донбас и Миколаев.

Мицотакис ќе излезе со став околу случајот со прислушкувањата

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во текот на денешниот ден се очекува да излезе со став во однос на случајот со прислушкувањата во Грција, по оставките во петокот на Директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) и генералниот секретар на грчката Влада, но и откако целиот случај е во фокусот на грчката јавност, а опозициските партии сметаат дека главната одговорност ја има токму Мицотакис. Оставката на првиот човек на ЕИП, Панајотис Кондолеон дојде по, како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, „погрешните постапки во процесот на легалните следења“, односно во законското прислушкување, по добиено одобрение од Обвинителството, на мобилниот телефон на лидерот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, но без при тоа, според Владата, да биде информиран самиот премиер во чија надлежност е службата.

Мицотакис - Грција веќе не е „црната овца“ во Европа

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому денеска изјави дека ако Мицотакис знаел за следењето на Андрулакис, „тоа немаше да се случи“ и затоа бил отстранет директорот на ЕИП и преземена политичка одговорност. Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис синоќа рече дека неговиот мобилен телефон бил следен од ЕИП, а во исто време имало и обид да се хакира со софтверот „Предатор“. Тој додаде дека единствено одговорен е Мицотакис и побара одговори од грчкиот премиер. Од друга страна, опозициската СИРИЗА уште во саботата, коментираше дека „грчкиот „Watergate“ го има потписот на Мицотакис“ и побара премиерот да си поднесе оставка. Двете опозициски партии побараа формирање истражна комисија во грчкиот Парламент за истрага на политички одговорности во случајот, а Владата одговара позитивно на ова барање. Во грчките медиуми се појавија информации дека следењето на Андрулакис било по барање на странска служба, споменувајќи ги Ерменија и Украина, меѓутоа двете земји, преку нивните амбасади во Грција, најостро и категорично ги демантираа овие натписи.

ЕУ и руските преговарачи оптимисти за нуклеарните преговори со Иран

Главниот ирански нуклеарен преговарач Али Багери Кани во Виена

Преговарачите вклучени во обновените разговори за заживување на иранскиот нуклеарен договор со Иран од 2015 година, изјавија дека се оптимисти за можноста за постигнување договор. Енрике Мора, главниот преговарач на Европската унија, во текот на викендот рече дека е „апсолутен“ оптимист за напредокот на разговорите досега. „Ние напредуваме и очекувам наскоро да ги затвориме преговорите“, изјави тој. Рускиот амбасадор Михаил Улјанов вчера рече дека остануваат да се решат „3 или 4 прашања“. „Стоиме на 5 минути или 5 секунди од целта“, им рече Улјанов на новинарите пред хотелот каде што се одржуваат разговорите.

Иран е подготвен да продолжи со преговорите за нуклеарниот договор

Преговарачите од Иран, САД и Европската унија ги продолжија индиректните разговори за нуклеарниот договор на Техеран на 4 август по повеќемесечниот застој во преговорите. Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот пакт за време на тогашниот претседател Доналд Трамп во 2018 година. Иран реагираше со постепено отстапување од своите обврски од договорот, како што е збогатувањето ураниум. Иран го постигна нуклеарниот договор во 2015 година со САД, Франција, Германија, Британија, Русија и Кина. Со договорот Иран се согласи да го ограничи збогатувањето на ураниум под надзор на инспекторите на ОН во замена за укинување на економските санкции.

Иран - „Потребни се одредени одлуки“ од Западот за постигнување на нуклеарен договор

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан во телефонски разговор со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека неговата земја е „сериозна за постигнување силен и траен договор“. Но, тој додаде дека исходот ќе зависи од тоа дали САД сакаат да постигнат договор. Специјалниот пратеник на САД за Иран, Роб Мали, во минатата недела изјави дека Соединетите Држави се подготвени за постигнување договор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG