Достапни линкови

Вести

Ковид одведе во сиромаштија повеќе од 100 милиони работници во светот

Работници во фабрика за риби

ОН соопштија дека пандемијата на ковид-19 довела повеќе од 100 милиони работници во сиромаштија низ целиот свет. Според Меѓународната организација на трудот на ОН, со пандемијата е уништен напредокот остварен во рок од пет години во искоренување на работната сиромаштија, а во споредба со 2019 година, 108 милиони повеќе работници ширум светот сега се категоризирани како сиромашни или крајно сиромашни.

Извештајот открива дека работниците кои веќе биле во неповолна положба пред пандемијата, односно жени, млади луѓе, мигранти, неформални работници, страдале непропорционално од кризата.

Ефектот на пандемијата врз пазарот на трудот, како што се наведува, не се очекува да се промени на нивото пред ковид-19 најрано до 2023 година и дека до крајот на оваа година, а во светот сè уште ќе недостасуваат 100 милиони работни места со полно работно време.

„Ковид-19 не беше само криза во јавното здравство, туку и криза во вработувањето и човештвото“, изјави шефот на организацијата, Гај Рајдер.

Глобалната невработеност се очекуваше да достигне околу 205 милиони луѓе следната година, далеку поголема од 187 милиони во 2019 година, се вели во извештајот, додавајќи дека во исто време, на многу од работниците кои го задржале своето работно време значително им било скратено работното време.

види ги сите денешни вести

Средба Заев-Радев: Отворените прашања да бидат решени низ дијалог

Премиерот Зоран Заев на средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел.

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска на НАТО Самитот 2021 во Брисел оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на која во фокусот била „перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, а било договорено и Заев оваа недела да ја посети Софија, соопшти македонската Влада.

Радев ја подвлекол „принципиелната и континуирана поддршка“ на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кој ќе бидат разрешени отворените прашања и меѓусебните односи, се вели во владиното соопштение.

На средбата присуствувале и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Бугарија, Ѓеорги Панајотов.

Во соопштението на Владата се вели дека Радев и Заев го истакнале „позитивниот знак во односите меѓу двете земји“ кој бил постигнат за врме на заедничката посета во мај меѓу Радев и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Инаку, денеска во Брисел се одржа Самитот на НАТО 2021, што беше прв на кој учествуваше Северна Македонија како земја членка на Алијансата.

На средбата меѓу Заев и Радев била истакната и заедничката волја за постигнување на одржливи резултати во градењето на добрососедски односи на Бугарија со Северна Македонија, се вели во владиното соопштение во кое се додава дека дел од разговорите била и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната.

„На средбата беше договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела“, се вели во Соопштението.

На 23 јуни треба да се одржи самит на ЕУ на кој ќе се разгледува можноста за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија, во услови кога членката на блокот Бугарија го блокира почнувањето на процесот со С.Македонија.

Путин негира дека Русија извршила сајбер напад кон САД

РУСИЈА - Новинарот на Ен-Би-Си Кир Симонс разговара со рускиот претседател Владимир Путин во интервју емитувано на 14 јуни 2021 година.

Рускиот претседател Владимир Путин го оцени како „гротескно“ мислењето дека Москва води сајбер војна против САД во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си објавено денеска, во пресрет на средбата со неговиот американски колега Џо Бајден во Женева.

„Тие нè обвинуваат за секакви работи, како мешање во изборите, сајбер напади“, рече рускиот претседател и додаде дека „тие никогаш не се обиделе да дадат ни најмал доказ за тоа“.

Неколку големи американски компании, како гигантот за месо ЏБС или операторот на големиот американски нафтовод „Колонијал пајплајн“ неодамна беа мета на сајбер напади кои им се припишуваат на групи хакери со седиште во Русија.

Бајден на почетокот на јуни рече дека не исклучува возвратни мерки против Русија по хакирањето на ЏБС, а Белата куќа потврди дека ќе дискутира за американската загриженост околу тоа на самитот со Путин на 16 јуни во Женева, што е прв состанок на двајцата претседатели.

Во интервјуто рускиот претседател зборуваше и за можната за размена на затвореници меѓу Русија и Соединетите држави и рече дека е отворен за таква можност.

„Да, да, секако“, рече тој на прашањето за можното истовремено ослободување на Американците затворени во Русија, Пол Вилан и Тревор Рид и Русите кои се во притвор во САД.

Протест на ВМРО-ДПМНЕ: Владата и МНР да кажат за што преговараат

Архива - Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест прд Министерството за надворешни работи. Протестот се одржа во пресрет на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи закажана за среда во 15 часот со која претседава пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата бара МНР и Владата да објават за што конкретно се преговара за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Од седницата в среда бараме конкретни информации од министерот Османи, да го сослушаме и да видиме што има да ни каже нам, како претставници на народот во тој Парламент, околу тоа за што и како преговараат. Според Устав, Македонија е независна и суверена држава и секој што ќе се одлучи ова да го прекрши, односно ќе се обиде за дел од таа декларација на Бугарија, ќе значи дека го нарушува Уставот и за тоа еден ден секако ќе одговара“, изјави на протестот пратеничката Дафина Стојановска.

Инаку шефот на дипломатијата Бујар Османи соопшти дека ќе одговори на барањето на опозицијата да присуствува и да реферира по единствената точка од дневниот ред – Разгледување на прашањето за почеток на пристапните преговори со ЕУ за време на португалското претседателство, а во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.

Минатата недела ВМРО-ДПМНЕ блокираше крстосници во центарот на Скопје, а Извршниот комитет на партијата викендов одлучи да протестираат денеска и утре од 17 до 19 часот.

Директорката на СТО бара укинување на трговските бариери

Архива - Нгози Оконџо-Ивеала - Директорката на Светската трговска организација (СТО).

Директорката на Светската трговска организација (СТО), Нгози Оконџо-Ивеала денеска изјави дека се зголемуваат трговските бариери заради Ковид-19 и побара од државите тие да бидат укинати.

“Неопходно е да ги отстраниме овие рестриктивни мерки за да може да се движат побрзо медицинските материјали, стоките и вакцините“, нагласи Оконџо-Ивеала, пренесува Ројтерс.

„Трендот оди во погрешна насока“, рече Оконџо-Ивеала на виртуелниот форум на Обединетите нации, посочувајќи на бариерите за трговија со стоки поврзани со пандемијата.

Според неа, на почетокот на пандемијата минатата година имало 109 забрани кои потоа се намалиле на 51, но повторно биле зголемени на 53.

Една таква мерка е шемата на Европската унија за извоз на вакцини против Ковид-19, која треба да истече на 30 јуни.

Оконџо-Ивеала претходно изјави дека е „разочарана“ од шемата, иако Комисијата соопшти дека таа е насочена, пропорционална и привремена.

Таа ги повика сите членки на СТО до јули да постигнат договор за подобар пристап до вакцините против Ковид-19, по повеќемесечните преговори за укинување на правата на интелектуална сопственост на фармацевтските компании.

Повеќето земји во развој го поддржуваат укинувањето на правата, но неколку побогати земји сè уште се противат затоа што сметаат дека тоа ќе го отежни истражувањето што овозможи брзо производство на дози против Ковид-19.

Бајден - Членот 5 на НАТО е „света обврска“

БЕЛГИЈА - Претседателот на САД Џо Бајден за време на пленарната сесија на самитот на НАТО во Брисел. 14.06.2021.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека НАТО е „критично важен“ за американските интереси и дека клаузулата за меѓусебната одбрана на алијансата е „света обврска“.

Говорејќи во Брисел по пристигнувањето на денешниот самит на лидерите на НАТО, Бајден исто така рече дека сака Европа да знае дека Соединетите држави се покрај нив.

„Членот 5 е света обврска“, рече Бајден осврнувајќи се на доктрината за колективна одбрана во договорот за основањето на НАТО.

„Сакам цела Европа да знае дека Соединетите држави се тука“, рече Бајден.

Присуството на Бајден на самитот на НАТО е дел од неговата европска турнеја чија цел е да ги поправи односите и да ги смири трансатлантските партнери на Вашингтон по четири години спорни односи под водството на неговиот претходник Доналд Трамп.

Бајден од Брисел треба да отпатува во Женева на неговиот прв самит со рускиот претседател Владимир Путин на 15 јуни.

Претседателот на САД одржува и приватна средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во време кога односите меѓу двете членки на НАТО се особено напнати.

Лидерите на змјите членки на Алијансата прв пат од 2018 година се среќаваат лице в лице поради пандемијата на коронавирусот. Тие ќе разговараат на многу теми, вклучително и тековното повлекување војниците од Авганистан, односите со Русија и Кина и трошоците за одбрана.

Палестинскиот премиер: Без илузии за новата израелска влада

Поранешниот и новиот премиер на Израел: Бенјамин Нетанјаху и Нафтали Бенет.

Палестинскиот премиер Мохамед Штајех денеска изјави дека со заминувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се затвора поглавјето на еден од „најлошите периоди“ на израелско-палестинскиот конфликт.

„Заминувањето на израелскиот премиер по 12 години на власт претставува крај на еден од најлошите периоди во историјата на израелско-палестинскиот конфликт“, рече Штајех пред редовната седница на владата на Палестинската управа.

Моѓутоа, тој додаде дека нема илузии за новата влада ниту за изгледите за напредок кон постигнување на мировен договор со Палестинците.

„Не гледаме дека новата влада е помалку лоша од претходната и ги осудуваме изјавите на новиот премиер Нафтали Бенет со кои ги поддржува израелските населби“, рече палестинскиот премиер, осврнувајќи се на населувањето на окупираниот Западен Брег.

Тој оцени дека новата влада „нема иднина ако не ја разгледувана иднината на палестинскиот народ и неговите легитимни права“.

Мерко - Во Струга нема диви градби

Отстранување на платформи во Струга.

Денеска започна отстранување на неколку платформи на плажи на Охридското Езеро во Струга. Некои сопственици на платформите рекоа дека сами ги отстрануваат, откако пред неколку дена добиле такво решение од општинските власти.

Отстранувањето на платформите денеска го проследија градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко, вицепремиерот Артан Груби и министерот за информатичко општество и администрација Јетен Шаќири.

„Во разговори со сите чинители дојдовме до една констатација да ние не бидеме црна овца во наводници, него сите сакаат да се солидаризираат со своите колеги од Охрид и во другите места да Република Северна Македонија не го загуби статусот на УНЕСКО“, рече Мерко.

Тој додааде дека чекаат од државата и од Комисијата на УНЕСКО да им даде план за подобар развој.

Груби рече дека платформите се изградени законси со дозвола за градба, но дека тие ќе бидат отстранети во дијалог со општинските власти и според препораките на УНЕСКО.

Мерко изјави дека во Струга нема „диви градби“, наведувајќи дека отстранувањето на платформите го прават „доброволно и солидарно.“

„Ако Владата не ни дава можности да урбанизираме, да има планови за села, да има планови за градот, сигурно дека ќе градат на диво“, рече Мерко.

Уништување на Охридско Езеро и во вода и на брегот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Инаку, периодов и Општина Охрид издаде решенија за отстранување на платформи на плажите на Охридското Езеро.

Отстранување на дивоградбите е една од 19-те препораки на УНЕСКО кои властите треба да ги исполнат за Охридскиот регион да не биде ставен на листата на Светско природно и културно наследство во опасност.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го поздрави демонтирањето на платформитe и ги охрабри општинските власти во Охрид и Струга да продолжат со активностите за отстранување на таквите објекти согласно препораките на УНЕСКО.

„Ваквите активности се и во правец на остварување на Зелената Агенда на ЕУ кон која се стремиме“, се вели во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Заев - Самитот на НАТО се одржува во клучен момент за Алијансата

Брисел- македонскиот премиер Зоран Заев и полскиот претседател Анджеј Дуда на средба на маргините на самиотот на НАТО, 14.06.2021.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Самитот на НАТО се одржува во клучен момент за НАТО Алијансата и за „нашата колективна безбедност.“ Инаку, започна работата на пленарната седница на Северноатлантскиот совет на НATO Самитот 2021 на која учествуваше и Заев.

„Во ерата на новите поместувања на глобалната безбедносна сцена ги засилуваме нашите позиции наспроти предизвиците, за заедно да донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО“, изјави Заев.

Заев на самит на НАТО- заедно ќе носиме стратегиски одлуки за прилагодувањето на Алијансата

Тој додаде дека лидерите на НАТО се согласни дека ниту една земја не може „сама да се справи со овие предизвици.

„Трансатлантското единство и солидарност се од витално значење за да се одржат нашите нации безбедни. Сега имаме историска можност да ја зајакнеме врската меѓу Европа и Северна Америка и да го подготвиме НАТО за иднината и затоа иницијативата НАТО 2030 за продолжување на адаптацијата на нашата Алијанса е во срцето на Самитот“, вели Заев.

Во изјава за медиумите, Заев исто така рече дека првиот НАТО самит со 30 земји членки е „историски момент за Северна Макаедонија.“

„Ова ни е прв самит на НАТО како полноправна членка. Ова е голем успех за нашата држава и голем успех за НАТО. Денес стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сведочиме за потврдата на единството, кохезијата и солидарноста на Алијансата. Трансатлантското партнерство е силно како никогаш порано. Пред нашите НАТО сојузници истакнавме дека Северна Македонија е посветена на визијата за Балканот на 21 век, како регион на мир и стабилност. Посветени сме да изградиме нов Балкан со зајакната регионална соработка“, рече Заев.

Тој додаде дека верува оти сите земји од Западен Балкан треба да имаат јасна европска и евро-атлантска перспектива и дека се потребни кредибилни и засилени процеси на интеграција за да нема „безбедносен вакуум на Балканот.

„Сакам да му се заблагодарам на генералниот секретар Столтенберг за неговото водство во креирањето на НАТО 20-30 агендата, во соработка со НАТО сојузниците, како и за широките и инклузивни консултации со сите засегнати страни во тој процес. Агендата НАТО 20-30 навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување и го прави НАТО подготвен за 21 век“, вели Заев.

Судот во Минск ја одби жалбата на Русинката која беше уапсена со Пратасевич

Софија Сапега

Судот во Минск ја одби жалбата на руската државјанка која беше уапсена заедно со нејзиниот партнер, белорускиот блогер Раман Пратасевич. Нивниот меѓународен лет во мај го пренасочи белоруски воен авион на принудно слетување во Минск.

Судот во областа Патризански денеска донесе одлука дека апсењето на Софија Сапега е во согласност со белорускиот закон и дека таа мора да остане во притвор пред судскиот процес, објави англискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Адвокатот на Сапега, Александар Филанович вчера изјави дека против неа е поднесена кривична пријава. Но, тој не даде дополнително објаснување, велејќи дека има директива од судот да не ги објавува деталите за случајот во јавноста.

Центарот за човекови права во Минск, Вјасна соопшти дека Сапега е обвинета за организирање и подготвување активности што го нарушуваат граѓанскиот ред и мир, така што предизвикала „голема конфузија“ и поттикнала омраза.

Сапега и Пратасевич беа уапсени на 23 мај, откако белоруските власти изрекоа сомнително тврдење за бомба во авионот поради што било потребно пренасочување на летот на Рајанер меѓу Атина и Вилнус кон Минск.

Овој потег наиде на остра меѓународна осуда, а многу земји го нарекоа „киднапирање на државата“. Наметнати се нови западни санкции кон белоруските власти. Забраните и другите мерки се насочени кон патување со авион од и кон Белорусија или, во некои случаи, дури и само прелетување над оваа земја.

Лончар - Ситуацијата со коронавирусот во Србија е под контрола

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар се обрати пред медиумите откако доби донација од шест возила за брза помош од САД.

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар денеска изјави дека состојбата со коронавирусот во Србија е под контрола и дека нема поголеми проблеми.

Според него, во следниот период се очекува главна тема да бидат списоците на чекање за пациентите кои не се заболени од ковид.

„Сега сите капацитети на српското здравство ги реорганизираме во еден систем, а тоа е системот со зголемен обем на работа и на оние луѓе кои не се позитивни на коронавирусот“, рече Лончар во обраќањето пред медиумите по предавањето на шест амбуланти возила од САД за српскиот здравствен систем.

Лончар прецизираше дека целта е повеќе од 400 ковид пациенти да бидат во болниците во Батајница и Крушевац, како и во инфективните клиники на институциите што се занимаваат со тоа, а сите капацитети на здравствениот систем да бидат ставени на располагање на пациентите кои страдаат од други болести.

Лончар не сакаше да прејудицира дали Кризниот штаб за борба против коронавирусот на денешната седница дополнително ќе ги ублажи мерките.

„Треба да ги почитуваме сите мерки додека се на сила“, рече Лончар.

Тој повтори дека вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата и апелираше до граѓаните на Србија, особено до младите, да се вакцинираат.

Запрашан за можен нов бран на вирусот на есен, Лончар рече:

„Доколку се вакцинираат што е можно повеќе луѓе, вирусот нема да може да се пренесува од еден на друг или да мутира“, рече Лончар.

Четворица новозаразени со Ковид19, еден починат во последните 24 часа

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени 1.337 тестирања, а регистриран се четири нови случај на Ковид19, од кои тројца новозаразени има во Скопје и еден во Прилеп.

Пријавено е едно починато лице, од Скопје на 66 години, кое починало во болнички услови. За истиот период регистрирани се 14 оздравени пациенти.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.540, бројката на оздравени пациенти е 149.642, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 426.

Во Кавадарци, Ресен, Пробиштип, Богданци, Берово, Демир Капија, Пехчево и Дојран нема ниту еден активен случај на ковид заболен. Најмногу заразени во моментов има во Скопје, 183, а во сите други градови бројот на активни случаи е едноцифрен или двоцифрен.

Заев на средба со Дуда, Османи со Кааг, разговарале за португалскиот предлог за Софија и Скопје

Брисел- македонскиот премиер Зоран Заев и полскиот претседател Анджеј Дуда на средба на маргините на самиотот на НАТО, 14.06.202

Македонскиот премиер Зоран Заев кој е во Брисел на самитот на НАТО, прв од кога земјава е членка на алијансата, во рамките на своите дополнителни активности се сретнал со претседателот на Република Полска Анджеј Дуда, информираат од владината прес служба.

На средбата на која присуствувале и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како посебно значајна била оценета иницијативата на Полска и на земјите од Вишеградската група да приложат документ на претстојната Конференција за иднината на Европа во кој силно се поддржува пристапувањето на земјите членки на Западен Балкан во ЕУ.

„Премиерот Заев го запозна полскиот претседател Дуда со главните поенти од документот на португалското претседателство со ЕУ како предлог за решение на ветото на Република Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, кој нашата Влада го оцени како добра излезна основа за деблокирање и за организирање на првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ за почеток на преговарачкиот процес по поглавја“, наведуваат од владината служба за односи со јавноста.

За португалскиот предлог со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Сигрид Кааг разговарал и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

„Двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на Република Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство. Министерката Кааг во оваа прилика истакна дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија“, информираат од владата.

Кон крајот еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со Европската унија во Скопје и Софија донесоа предлог за решавање на отворените прашања меѓу двете земји со цел Бугарија да ја деблокира македонската евроинтеграција на самитот на Европската унија на 23 јуни. Од тогаш се интензивирани дипломатските релации меѓу двете земји, но и поддршката од други политичари за надминување на спорот.

Продолжува вакцинацијата на македонски државјани во Србија

Празни шишиња од вакцините на ФајзерБионтек

Масовната вакцинација на македонските државјани продолжи и викендов во Србија, каде нашите државјани бесплатно се вакцинираат без пријавување само со потребните лични документи, јави дописникот на МИА од Белград. ајголем број се упатуваат на вакцинација во Врање, каде на избор им се вакцините на „Фајзер“ и „Синофарм“.

Според извештајот на Здравствениот дом во Врање, во саботата, на 12 јуни бројот на вакцинирани граѓани на Северна Македонија е 581, а во неделата имунизиран е 391 Македонец.

„Досега 4502 Македонци се вакцинирани во Врање“, изјави лекарот Д-р Слаѓан Младеновиќ од Здравствениот дом, кој додаде дека граѓаните на Македонија кои ја примиле првата доза во Ниш, Белград или некој друг град, нема да можат да се ревакцинираат во Врање, туку во градот каде што ја примиле првата доза.

Според „Јужни вести“, македонските граѓани во помал број доаѓаат и во Ниш и Сурдулица, каде во салата „Чаир“ од 8 до 20 часот дневно се вакцинираат околу 100 македонски граѓани, со вакцините на „Фајзер“ и „Синофарм“.

Од Здравствениот центар во Ниш наведуваат дека поголема гужва се очекува од 18 до 21 јуни, кога е терминот за повторна вакцинација на 5700 македонските граѓани кои во март во Србија ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.

По распит во полиција во Дубаи, Пекер пуштен на слобода

Турскиот мафијашки шеф Седат Пекер на едно од своите видеа на Јутјуб

Турскиот мафијашки шеф Седат Пекер, кој периодов активно споделуваше видеа на Јутјуб поврзани со турските политичари, бил на распит во полицијата во Дубаи вчера, а по неколку часа бил ослободен. Ова, како што јавува агенцијата Ројтерс, го соопштил советникот на Пекер за односи со јавноста, а и самиот тој на социјалната мрежа Твитер.

Од почетокот на минатиот месец Пекер е во Дубаи и од таму споделува видеа на Јутјуб кои имаат и по сто милиони прегледи, а во кои зборува за врските помеѓу турското криминално подземје и претставници на владејачката Партија на правдата и развојот, АКП на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Емре Олур, кој вели дека со години работи за Пекер, за Ројтерс рекол дека полицијата го повикала Пекер да даде изјава по што тој отишол доброволно и сам. Доцна вчера Пекер кажа дека разговарал со полицијата и дека му кажале за смртни закани против него.

"Разговараме за серизоните обвинувања против мене. Полицијата ми кажа дека јас сум гостин во нивната земја како кој било друг и дека нема одлука на ИНТЕРПОЛ за мене“, напиша Пекер на Твитер.

Во објавата тој додава дека исто така му било кажано дека нема проблем да остане или да ја напушти земјата. Полицијата на Дубаи, министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати и владината прес служба, како што јавува Ројтерс досега немаат коментари. И турската влада засега нема коментар за средбата на Пекер со полицијата.

Неговиот соработник Олур, како што јавува агенцијата, рекол дека тој се обидел да се пресели во друга земја, но дека се уште е во Обединетите Арапски Емирати.

„Ова не беше апсење“, нагласил Олур за полициското сослушување.

Инаку Пекер кој има 49 години е осуден во Турција. Се смета за ултранационалистички шеф на криминалот, а побегна од родната земја за да не биде уапсен.

Неговото име е познато и во македонската јавност откако се спомена дека е меѓу лицата на кои им биле издадени пасоши со лажен идентитет од страна на вработени во македонската полиција. Тој извесен период престојуваше и во Македонија, а месецов полицијата во Истанбул го уапси мкедонскиот државјанин Бобан Томовски, кој бил негов соработник. Турските медиуми посочија дека нема информации дека Томовски извршил кривични дела во Турција, но се тврди дека Пекер престојувал во неговиот дом кога пред извесно време бил во Македонија.

Нуредини за законот за дивоградби- во заштитените подрачја да се легализираат само оние кои се домови на жители

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска истакна дека препорака на ресорното Министерство за животна средина е во заштитените подрачја да се легализираат само дивоградбите кои се дом на жители.

„Сакам да се повикам на Законот за нелегални градби. Јасно е укажано дека без дезвола од Министерството за животна средина каде што ќе се предвидува и постоење на зелени површини околу тие градби, нема да се добијат дозволи за градба, тоа се нашите укажувања. Законот се врати пак на Влада, на владина расправа, нашата препорака е дека треба да се легализираат само оние градби кои што се во сопственост на граѓани на жители кои живеат во нив“, рече Нуредини.

Собранието минатиот месец изгласа Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во кој се предвидуваше да може да се легализираат дивоградби и во заштитетни подрајча, а како исклучок беше споменато само Охридското езеро.

Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за законот да стапи во сила и го врати во Собранието со забелешки за кршење на Уставот. Од тогаш во подготовка е нов предлог закон, а министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој е подносител на предлогот рече дека во консултациите сега се вклучени и Асоцијацијата на архитекти, Комората на овластени инженери, невладините организации и сите институции.

Софискиот Врховен суд- Каракачанов ги дискриминира Ромите во Бугарија

Лидерот на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов

Поранешниот бугарски министер за одбрана и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов имал дискриминациски однос кон Ромите во Бугарија, се наведува во одлуката на софискиот Врховен администрациски суд, соопшти бугарскиот Хелсиншки комитет денеска.

Станува збор за неколку јавни коментари на Каракачанов дадени на телевизија во 2019 година за инцидент во пловдиско село во кој двајца Роми нападнеле маж, по што биле приведени. Каракачанов тогаш ги нападна Ромите и кажа дека трпението на бугарското општество е при крај.

Решението на судот е спротивно од претходните одлуки на Комисијата за заштита од дискриминација и на Административниот суд кои не утврдија дискриминација во изјавите на Каракачанов. Со решението на Врховниот суд случајот се враќа повторно во Комисијата за заштита од дискриминација, која би требало да одреди глоба за Каракачанов.

Во болниците во земјава хоспитализирани 99 пациенти позитивни на Ковид19

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Вкупно 99 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови и има околу 550 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје е хоспитализиран еден нов пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 34 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 65 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

„Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и изутрината до 8 часот имало 100 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка“, наведуваат од Министерството за здравство.

Заев на самит на НАТО- заедно ќе носиме стратегиски одлуки за прилагодувањето на Алијансата

Брисел- македонскиот премиер Зоран Заев пристигнува на самитот на НАТО, 14.06.2021

Македонскиот премиер Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска за првпат учествува на самит на НАТО откако земјава е полноправна членка. Заев пред почетокот на самитот оцени дека членството во НАТО е реализација на стратегиската цел на државата.

„Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО. Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО “, рече Заев.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, утрово се осврна на клучните теми кои ќе бидат на маса на лидерите на земјите членки и повтори дека Западниот Балкан е од голема важност за Алијансата, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Имаме нови земји членки од тој регион во последните неколку години, со тоа докажавме дека вратата на НАТО е отворена, Северна Македонија и Црна Гора се нови земји членки, но имаме и партнери во другите земји од регионот и уште го имаме КФОР во Косово, присутни сме и продолжуваме да помагаме да го стабилизираме регионот“, изјави Столтенберг во интервју посветено на иднината на НАТО во наредните 10 години.

Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та членка на НАТО. Аспирацијата да биде дел од воениот сојуз беше стопирана на самитот на алијансата во 2008 година во Букурешт, кога Грција стави вето поради нерешениот спор за името. На 17 јуни 2018 година Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, а по завршувањето на процедурата влезе и во НАТО.

Пекинг го осуди соопштението на Г7, го сметаат за мешање во внатрешните работи

Претседателот на САД Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, премиерот на Италија Марио Драги и премиерот на Канада Џастин Трудо

Кинеската амбасада во Лондон го осуди заедничкото соопштение на лидерите на Групата 7 (Г7) наведувајќи дека смета оти се работи за грубо мешање во внатрешните работи на земјата и обвинувајќи ја групата за „политички манипулации“ откако тие го критикуваа Пекинг за односот кон човековите права во покраината Ксиџијанг и во Хонгконг.

Кина се соочува со зголемени меѓународни критики за политиките во Ксиџијанг, а Соединетите Американски Држави го користат зборот геноцид за да го опишат третманот на Ујгурите и други муслимани во таа покраина.

"Ќе ги застапуваме нашите вредности, вклучително со повикување до Кина да го почитува основните слободи, особено во Ксиџијанг и нивните права и високиот степен на автономијата на Хонгконг“, се наведува во заедничкото соопштение на групата 7 најбогати земји.

Од амбасадата на Кина во Обединетото кралство, каде што се сретнаа лидерите на Г7, наведуваат дека тие треба „да сторат повеќе за промовирање на меѓународната соработка, наместо да создаваат вештачки конфронтации“. Во групата седум се Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.

Швајцарците гласаа против на трите референдуми за животната средина

Информација за одржување референдум во Швајцарија

Швајцарските гласачи ги отфрлија трите референдуми за животната средина што се одржаа вчера, меѓу кои и оној поддржан од владата за намалување на емисиите на стакленички гасови со што ќе се овозможеше земјата да ги исполни целите предвидени во Парискиот климатски договор. Предлогот за намалување на емисиите за 50 отсто до 2030 година беше одбиен со 51,6 отсто гласови против.

Владата на Швајцарија ги поддржа мерките кои предвидуваа финансиска помош при купување електрични возила, зголемување на даноците за гориво и природен глас и даноци за авионските компании.

Гласачите исто така го одбија предлогот да се забранат хемиските пестициди, а увозот на храна која ги содржи да биде забранет. Третото гласање на кое негативно се изјаснија Швајцарците беше за тоа на земјоделците да им се даваат субвенции само ако не користитат пестициди или антибиотици кога животните се болни. За последните две прашања швајцарската влада посакуваше гласачите да се изјаснат негативно бидејќи тоа, како што објаснуваа, би ја поткопало прехрамбената независност на земјата.

Во тамошниот демократски систем референдуми се одржуваат на неколку месеци. Која било идеја во јавноста може да биде ставена како прашање за изјаснување на национално ниво ако се соберат 100 000 потписи. Швајцарија има 8,6 милиони жители.

Од среда без полициски час, со дозволени забави на отворено и поголеми прослави

Полициски час во Скопје, 7 јуни 2020

Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид кризата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, информираат од владината прес служба.

Утрово комисијата одржа состанок по кој Министерството за здравство соопшти дека почнувајќи од среда се препорачува да се укине целосно полицискиот час, да се укине ограничувањето од максимум сто гости на свадби и прослави и да се дозволи организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.

Од комисијата велат дека епидемиолошката состојба е стабилна и го дозоволува ова. Конечната одлука треба да ја донесе владата на следната седница. Неколку недели бројот на новозаразени со Ковид19 во земјава е двоцифрен или едноцифрен, а вчера првпат по десет месеци не беше регистриран ниту еден починат.

Според последната ковид статистика вкупната бројка на дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.536, бројката на оздравени пациенти е 149.628, на починати е 5471, а бројот на активни случаи изнесува 437.

Ердоган во дводневна посета на Азербејџан

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев присуствуваат на воената парада по повод победата на Азербејџан против Ерменија во нивниот конфликт за контрола над спорниот регион Нагорно-Карабах, во Баку, 10 декември 2020.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе престојува во дводневна посета на Азербејџан. Тој треба да присуствува на фудбалски натпревар во Баку меѓу Турција и Велс, а потоа да го посети Шуша, историскиот град во Нагорно Карабах, кој беше заземен од Азербејџан во минатогодишната војна со Ерменија. „Иншалах ќе имаме нов одмор во Шуша, по Рамазан“, рече Ердоган во март кога првпат ги објави своите планови за патувања, кои оттогаш постојано се одложуваа. Тоа ќе биде прва посета на Ердоган на Нагорно Карабах по минатогодишната војна, во која турската поддршка се покажа како критична за Азербејџан да освои многу од териториите што ги загуби од Ерменците во првата војна меѓу двете страни во 90-тите години од минатиот век.

Турција и Русија го набљудуваат примирјето во Нагорно-Карабах


„Одморот“ на Ердоган, сепак, ќе се одржи во позадина на рапидно растечкото присуство на турските деловни активности во Карабах и другите територии над кои Азербејџан ја врати контролата. Турските фирми за градежништво, рударство и енергија склучија значајни договори за помош при реконструкција на териториите. Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев рече дека се потпишани првите договори за реконструкција со турски компании. „И ова е природно, бидејќи Турција е братска земја“, изјави Алиев.

Макрон го пофали враќањето на САД на светската сцена

Францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден на самитот на Г7 во Британија, 12.06.2021.

Францускиот претседател Емануел Макрон го пофали враќањето на Соединетите држави на светската сцена, особено силната поддршка на американскиот претседател Џо Бајден кон Европската унија. На крајот на тридневниот самит на Групата седум најразвиени земји во светот (Г7), Макрон рече дека со Бајден е пронајдена „вистинска заедничка визија и, пред сè, начин за соработка“. Макрон и Бајден се сретнаа за прв пат на самитот и тие се однесуваа како да се стари пријатели.

Џонсон - Односите меѓу Британија и САД се неуништиви


Повеќето европски сојузници на САД беа незадоволни од изолационистичката политика на Трамп, отелотворени во пристапот „Прво Америка“ и беа задоволни од обновувањето на поранешната соработка од влегувањето на Бајден во Белата куќа во јануари. Инаку, лидерите на Групата седум ветија повеќе од милијарда дози вакцина против коронавирусот за посиромашните земји, посветеност во борбата против климатските промени. Тие исто така се согласија заеднички да им се спротивстават на кинеските „пазарни економски практики“
Лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, оценија дека Г7 е подобар пријател за посиромашните земји отколку авторитарните земји како Кина.

Извесно намалување на нуклеарното оружје во светот

илустрација

Деветте нуклеарно вооружени држави - САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја на почетокот на годинава имаа околу 13.080 парчиња нуклеарно оружје, соопшти Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ) во својот годишен извештај објавен денеска Тој број претставува мало намалување од околу 13,400 парчиња оружје што ги поседуваа овие држави на почетокот на 2020 година. Бројката вклучува и застарени боеви глави кои чекаат да бидат демонтирани, а без нив воените залихи на нуклеарно оружје се искачи од 9.380 на 9.620.

Русија и САД го продолжија договорот за нуклеарно оружје

„Се чини дека вкупниот број боеви глави во глобалните воени залихи се зголемува, загрижувачки знак дека е запрен застојот на трендот на опаѓање што ги карактеризира глобалните нуклеарни арсенали од крајот на студената војна“, изјави Ханс Кристенсен, експерт за нуклеарно оружје на СИПРИ. САД и Русија сè уште имаа повеќе од 90 проценти од целото нуклеарно оружје, доволно за да го уништат животот на Земјата повеќепати.

Британија може да го одложи укинувањето на сите социјални ограничувања

Во Британија загриженост за ширење на таканаречената Делта варијанта на коронавирусот

Британскиот премиер Борис Џонсон се очекува денеска да објави дека крајот на ограничувањата на ковид-19 ќе биде одложен поради загриженост за ширење на таканаречената Делта варијанта на коронавирусот. Британија постепено ги укинува ограничувањата за пандемија според патоказот што предвидува сите социјални ограничувања да бидат укинати „не порано“ од 21 јуни. Но, како и во некои други делови на светот, варијантата Делта што силно ја погоди Индија се шири во Британија и покрај тоа што има една од највисоките стапки на вакцинација во светот.

СЗО: индиската варијанта на коронавирус - глобална загриженост

Здравствените власти велат дека варијантата Делта може да биде за 60 насто попренослива од оригиналниот вид на коронавирус, што предизвикува загриженост дека може да предизвика трет бран на инфекции и хоспитализации кај невакцинираните. Инфекциите низ поголем дел од Европа опаѓаат со поголема вакцинација, што им овозможува на земјите од регионот постепено да се отворат повторно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG