Достапни линкови

Како се справуваат луѓе со губењето работа поради пандемијата


Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Алексанадар Тошески од лани е невработен, а со години работел во секторот угостителство и туризам. Причина е пандемијата која ги затвори границите. Услугите на многу угостителски и туристички работници со месеци речиси никому не му се потребни. Овие работници на свој грб ја чувствуваат пандемијата.

Александар Тошески до пред девет месеци работел во компанија во Скопје за посредување при вработување на туристички и угостителски работници во земјава и во соседството. Во тоа здружение работел пет години. Има 39 години, а откако дипломирал на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид постојано бил работно ангажиран во угостителството вклучителни и во ресторани, хотели или кафулиња и имал добри приходи. Од април кога почна пандемијата и се затворија границите тој преку ноќ останал без работа затоа што услугите на компанијата повеќе никому не му биле потребни.

За Радио Слободна Европа Александар Тошески вели дека е загрижен како да ги обезбеди потребите на своето тричлено семејството, додавајќи дека среќа во несреќа е што сопругата не ја изгубила работата во пандемијата и сега живеат од нејзината плата и чекаат што ќе се случува понатаму.

„Откако останав без работа се случи целосен пресврт во кругот на нашето семејство. Имаме малолетно дете кое штотуку тргна во училиште. Сопругата за среќа работи во фирма од област која не е толку погодена од пандемијата и континуирано оди на работа, а нејзините примања се единствени кои ги имаме сега и се научивме да опстојуваме со нив, односно сите тие примања се распределени на основите потреби за живот. Се чувствува таа празнина во живеењето, се чувствува тоа губење на ритам. Живееме со некое забавено темпо, парите одат на храна и сметки, а се штеди на сè друго. Гледаме да опстоиме до некое наредно време“, кажува нашиот соговорник.

Александар Тошески
Александар Тошески

Објектот каде бил вработен не е затворен, но сега од 11 вработени, таму останале само двајца кои како и другите кои се занимаваат со туризам и угостителство чекаат кога ќе заживее повторно оваа дејност која претрпе најмногу штети од пандемијата. Во изминатите месеци Александар се интересирал да види дали му следува некаква помош од државата, но досега тоа не се случило, а мал паричен нодомест единствено добива во одредени денови од пријатели кои имаат потреба од некаква услуга или се подготвени да му помогнат.

Тошески - „не одбивам работа“
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00
Директен линк

„На пример некому му треба нешто да му преведам, или треба да му помогнам на некого или му треба превоз, значи, чисто онака ден за ден, ако некој нешто побара или може нешто да направам некаде за некој надомест, зошто да не, одам го правам тоа. Колега ме замоли, почнал да работи со клими, ми вели угостителството нема да живне наскоро, дојди да ми помогнеш да монтираме клими, да ти давам некоја дневница. Не велиме не, на секоја можност гледам шанса некаде да може да работиме нешто. И тоа овозможува минимални финансии, не одржува малку во живот, колку да помине денот да си дадеме причина дека работиме нешто или утешна награда за да си купиме нешто плус во семејството, ама тоа не е трајно решение, тоа е залажување до некои подобри времиња“, ја продолжува својата приказна Александар.

Официјалните податоци во Македонија зборуваат дека бројката на невработени, минатата година изнесува околу 156.432 лица. Во февруари пред здравствената и економска криза имало 105.816 невработени и доколку се одземе со бројката во декември може да се каже дека без работа останале 50.616 луѓе. Но, според објаснувањето на Агенцијата за вработување, само една третина од нив добиле отказ поради корона-кризата.

Но, според Конфедерација на слободни синдикати (КСС) сигурно дека нив ги има многу повеќе, зашто нема евиденција на работници кои работат на црно, а најголем дел од нив остануваат без работа.

„Најмногу се погодени секторите за угостителство и туризам. Не е 50 илјади, бројката е поголема зашто во угостителство и туризам има најмногу сива економија. Се оперира со бројка од 70 до 80 илјади кои останале без работа", вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Синдикати: Има и злуоупотреби

Катерина Поповска, советник во Сојузот на Синдикатите вели дека евидентно е дека има многу луѓе кои останаа беа работа, како и дека најмногу невработени се од угостителството поради пандемијата, но оти не знаат колку точно луѓе од одредени сектори останале без работа.

„Најголем број на отпуштања од работа има во угостителството, има дел на отпуштања и во трговијата како и во приватните градинки на почетокот од пандемијата кога тие објекти се затворија. Се обративме до Агенцијата за вработување и побаравме информации за бројки на лица на кои во одделни сектори им престанал работен однос по различни основи, но добивме одговор дека не се во можност да ни одговорат“, ни изјави Поповска.

Таа вели дека забележително е дека голем дел од мајките со мали деца кои ги користеле мерките на владата биле отпуштани и не им биле продолжувани договорите како и дека биле отпуштани повозрасните работници кои седеле дома почитувајќи ги мерките.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски вели дека еден од најголемите проблеми е со невработените кои немаат решен работен однос.

„Никој од оние кои останаа без работа не добиваат помош зашто дел се отпуштени со спогодбени откази каде работодавачите направија манипулација. Сите невработени по која било основа треба да добијат помош. Побаравме барем да има помош за плаќање на комуналии, како на пример за струја и вода да бидат ослободени. Се прави напор, па ќе видиме. Се надеваме на помош и со петтиот пакт. Бараме и солидарен фонд. Треба да бидеме солидарни со тие кои загубија работа“, вели Ралповски.

Владата најави и петти пакет мерки за помош на економијата. За оваа намена, се обезбедени 50 милиони евра од Буџетот, а примената на мерките ќе започне од идниот месец.

Наместо наоѓање излез од губењето работа само ублажувања ?

Минатата година Владата усвои четири пакети помош за намалување на последиците врз економијата од корона вирусот со вредност од околу една милијарда евра.

Нашиот соговорник од почетокот на приказната вели дека не е сигурен дека помошта што во изминатиот период ја даваше државата може вистински да им овозможи излез на луѓето кои останале без работа.

„На почетокот мислев дека мојата ситуација е соодветен за некоја помош. Државата даваше средства за некои слоеви. Но за жал, проверив и ниту во првиот, ниту во вториот, ниту во третиот пакет не бев вклучен во тие мерки и изгубив надеж дека државата на каков било начин може да помогне. Не очекувам да ми помогне лично, туку да помогне повеќе на општеството да се вратиме во понормален живот. Повеќе очекувам мерки со кои ќе може да почнам да работам. Таа помош е најдобра, наместо да дава средства или да ни дава платежни картички или попусти за одмор и друго. Тоа се мерки за ублажување, но не се мерки кои му помагаат вистински на народот “, ни кажа Александар.

Дел од мерките од петтиот пакет мерки на Владата се планирани за да ги мотивираат компаниите да не ги отпуштаат работниците и минималната плата да може ја задржат.

Поголем дел од синдикатите бараат Владата да обезбеди парична помош и поддршка за компаниите​ најнапред за исплата на плати, а субвенциите да се доставуваат директно на сметката на работникот​. Дополнително тие очекуваат еден од главните услови за добивање на финансиска поддршка​ да биде​ враќање на работниците кои биле отпуштени од работа.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG