Достапни линкови

Вести

Во ОН изгласано отворање меѓународна истрага за конфликтот во Газа

Мишел Бачелет

Советот за човекови права на ОН вчера гласаше за отворање постојана меѓународна истрага за последниот конфликт во Газа и „систематските“ злоупотреби извршени од Израел против Палестинците.

Резолуцијата, која беше изгласана со 24 спрема 9 и 14 воздржани, доаѓа во момент кога високиот комесар на ОН за човекови права го информира ова тело со седиште во Женева дека израелската војска можеби извршила воени злосторства во Газа и дека припадниците на Хамас од оваа палестинска енклава го прекршиле меѓународното хуманитарно право со неселективно стрелање ракети кон Израел.

Пред постигнувањето на примирјето во минатата недела, шефицата за човекови права на ОН, Мишел Бачелет изјави дека нејзината канцеларија ја потврдила смртта на 270 Палестинци во Газа, Западниот брег и Источен Ерусалим, вклучувајќи 68 деца, за време на насилствата овој месец. Ракетите на Хамас убиле 10 Израелци и жители.

Резолуцијата предвидува постојана Анкетна комисија за најновото насилство, но исто така и за „основните причини за постојаните тензии и нестабилност“. Тоа би била прва ваква истрага со постојан мандат за следење и известување за израелско-палестинскиот конфликт.

Произраелските критичари на Советот за човекови права на ООН велат дека телото е пристрасно против еврејската држава и не успева подеднакво да ги разгледува другите прекршувачи на човекови права, вклучително и многу свои членови.

види ги сите денешни вести

Гринер бара помала казна додека се преговара за размена на затвореници меѓу САД и Русија

Кошаркарската ѕвезда Бритни Гринер

Ѕвездата на ВНБА, Бритни Гринер поднесе жалба пред рускиот суд за деветгодишната казна за поседување дрога. Во меѓувреме извештаи покажуваат дека продолжуваат разговорите меѓу Москва и Вашингтон за можна размена на Гринер и други заеднички затвореници.

Адвокатите на 31-годишната кошаркарка беа цитирани од руските медиуми дека таа бара ослободителна или намалена казна. Двократна олимписка шампионка Гринер е во руски притвор откако полицијата соопшти дека во нејзиниот багаж на московскиот аеродром Шереметјево пронашла масло од канабис. Таа се враќала во Русија, каде што се натпреварува од 2014 година.

Гринер пред судот призна дека направила „чесна грешка“.
Претседателот Џо Бајден назначи преговарач во случајот на Гринер и рече дека неговата администрација „напорно работи“ на нејзиното ослободување.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Москва е подготвена да разговара со Вашингтон за размена на затвореници во која е вклучена и Гринер.

Американските власти рекоа дека нивниот предлог го вклучува и поранешниот американски маринец Пол Вилан, кој беше осуден на 16 години затвор поради обвиненијата за шпионажа што тој ги негира во 2020 година. Новински извештаи сугерираат дека договорот би можел да го вклучи затворениот руски дилер на оружје Виктор Бут.

Си-Ен-Ен цитира повеќе извори кои велат дека руската страна, исто така, притиска за предавање на Вадим Красиков, поранешен полковник од руската Федерална служба за безбедност- ФСБ, кој минатата година беше осуден за убиство на поранешен чеченски милитант во Германија.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Ковачевски вршат национално предавство

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека Владата, премиерот Димитар Ковачевски и министрите Бујар Османи и Бојан Маричиќ се откажале од се што е македонско и, како што наведуваат од опозициската партија, прифатиле Цар Самоил да е бугарски цар, а св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Наум Охридски дека твореле во бугарска држава.

„Препораките на комисијата се да се менуваат учебниците по историја во Македонија, со ова Ковачевски и СДСМ свесно се откажува од македонската историја и македонскиот идентитет. СДСМ и Ковачевски секој ден вршат национално предавство на македонскиот народ и држава“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Заедничко чествување на пет историски личности и по пет препораки за измени во историските учебници за 5 клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија, досега постигнала заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања,.

Договорено е заеднички да се чествуваат Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и Цар Самоил. За нив е постигнат заеднички текст што треба да важи и за македонската и за бугарската страна. Тие препораки им се испратени на владите и тие треба чествувањето на овие личности да го прават заедно.

Препораките за учебниците и за историските личности се постигнати во 2019, но сега Министерството за надворешни работи ги објави, за да го испочитува рокот од Протоколот ао Бугарија кој предвидува до 17 август да бидат објавени постигнувањата на заедничката Комисија.

Русија ќе дозволи посета на МААЕ на нуклеарната централа Запорожје ?

Нуклеарната централа Запорожје

Русија соопшти дека ќе стори „се што е потребно“ за да им дозволи на експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија-МААЕ да ја посетат нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина поради стравувањата за безбедноста на централата од гранатирање.

Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, беше заземена од Русија во март кратко време по почетокот на нејзината инвазија на Украина. Фабриката беше на удар во последните денови, при што Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето, за кое и двете земји велат дека ризикува нуклеарна несреќа.

„Во тесна соработка со агенцијата и нејзиното раководство, ќе направиме се што е потребно експертите на МААЕ да бидат на централата и да дадат вистинита оценка за деструктивните дејствија на украинската страна“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.

Додека Русија вели дека Украина непромислено пука во централата, Киев вели дека руските трупи сами ја погодиле за да ја обвинат Украина за какви било последователни прекини на струја. Украинските власти, исто така, велат дека руските сили ја користат централата како покритие додека ги бомбардираат околните градови и градови под контрола на Украина.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш минатата недела повика на прекин на сите борби во близина на централата.

Нема македонски универзитет на Шангајската листа

Економски факултет Скопје. Илустрација.

На најновото рангирање на универзитетите во светот во 2022 година на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Северна Македонија. Во првите сто универзитети 39 се од Соединетите Американски Држави.

Прв на листата е универзитетот Харвард од САД. Првите 15 места на листата ги држат американски универзитети и два британски Кембриџ и Оксфорд на четврто место и на седмото место.

Кина има девет универзитети рангирани во првите сто, Германија четири, а меѓу стоте најдобри се и универзитети од Франција, Шведска, Данска, Швајцарија Израел, Јапонија, Австралија, Канада.

Од земјите во регионот меѓу 301 и 400 место е универзитет во Атина, додека пак универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана се од 401 до 500 место, а со ранг меѓу 901 и 1000 место е универзитетот во Нови Сад.

Нови 889 случаи на ковид, починати 7 лица

Илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 3 дена направени се 2.095 тестови, а регистрирани се 889 нови случаи на Ковид-19. Од вкупниот број на позитивни 199 се реинфекции.

Оздравени се 1.228 пациенти, а во текот на изминатите 3 дена пријавени се 7 починати лица. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој Термин се регистрирани 3 починати лица и тоа од Радовиш (76г), Кочани (70г) и Струмица (81г), две лица се починати во домашни услови, е едно лице е починато во болнички услови. Лицата се пријавени за починати во период од 28.07 до 01.08.2022година.

Досега во земјата се направени вкупно 2.136.393 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 335.451, бројот на оздравени пациенти е 322.468, на починати е 9.424, а бројот на активни случаи изнесува 3.559.

Ѓорѓиев: Периодот на 19 и 20 век ќе бидат најтешки за историската комисија

Драги Ѓоргиев, копретседателот на историската комисија со Бугарија

Заедничко чествување на пет историски личности и по пет препораки за измени во историските учебници за 5 клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија, досега постигнала заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Историските личности се од среден век, а учебниците се однесуваат на периодот на антиката. Договорено е заеднички да се чествуваат Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и Цар Самоил.

Препораките за учебниците и за историските личности се постигнати во 2019, но сега Министерството за надворешни работи ги објави, за да го испочитува рокот од Протоколот кој предвидува до 17 август да бидат објавени постигнувањата на заедничката Комисија.

Драги Ѓоргиев, копретседателот на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања со Бугарија на денешната прес – конференција изјави дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата.

„Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија“, рече Ѓоргиев.

Тој додаде дека Комисијата не расправа за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани, туку за тоа како се тие презентирани во учебниците по историја во двете земји и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските учебници и во македонските учебници.

Прашан во однос на тоа како ќе ги исполнат роковите за постигнување резлултати од нејзината работа, кои се содржани во Протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Ѓоргиев е дециден дека тој документ содржи само охрабрување од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе зависи од членовите на Комисијата.

Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави треба да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Шахин: компромиси со фокус врз иднината, наместо заглавување во минатото

Американската сенаторката Џин Шахин

Покрај искоренување на корупцијата, во предлог-легислативата за помош и поддршка на земјите од Западен Балкан, што минатата недела ја претставија група американски сенатори, се наведува и дека САД ги признаваат јазиците и ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот. Сенаторката Џин Шахин, претседателка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, објаснувајќи што предвидува предлог-легислативата за регионот, за Гласот на Америка вели дека државниот секретар на САД ќе може да им нуди техничка помош на државите од Западен Балкан, кои сакаат да развијат национални стратегии за борба против корупцијата. „Справувањето со корупцијата е многу важен дел. А она што го прави легислативата е да го овласти државниот секретар да обезбеди техничка помош на земјите кои бараат помош при адресирање на нивните предизвици со корупција“, рече Шахин.

Ескобар: Прашањето за јазикот и идентитетот на С.Македонија не е прашање за САД

Во врска со делот од предлог-легислативата во однос на јазиците и како гледа на тоа што Бугарија го негира постоењето на македонскиот јазик, Шахин признава дека „постојат долгогодишни историски разлики меѓу етничките групи и земјите во регионот“. „И додека гледаме како да одиме напред во иднината, мислам дека е важно да се обидеме да решиме некои од тие долгогодишни предизвици што постојат, исто како што видовме како Грција и Северна Македонија конечно ги решија нивните разлики околу името и што тоа значеше за културите на двете земји. Треба да видиме повеќе од тие видови компромиси, кои ќе им овозможат на земјите да одат напред и да се фокусираат на иднината, наместо да бидат заглавени во минатото“, изјави Шахин. Според неа, лидерите на Балканот треба да се фокусираат врз интеграцијата во Европската Унија, а не врз промовирање конфликт. „Кога разговараме со луѓето на патувањето на крајот на април и секогаш кога сум била во регионот во минатото, сум слушала од граѓаните во тие земји дека сакаат мир. Тие сакаат стабилност, сакаат да видат крај на конфликтот. Сакаат да имаат можности за себе и за своите семејства. И мојата порака до лидерите од Западен Балкан е да размислат што сакаат нивните граѓани. Размислете за иднината и за тоа што е добро за вашата земја. Патот напред е гледање кон демократијата, гледање кон интеграција со Европската Унија, со Западот и не со продолжување на промоција на конфликтот што во минатото беше толку катастрофален за нивните граѓани, вели Шахин.

Саразин: Германија и САД имаат заеднички интерес во регионот на Западен Балкан

Таа нагласува дека обновување на фокусот кон демократски напредок е особено важно во време на етнички тензии и напори од страна на Русија да поттикне конфликт во регионот. „Додека Русија гледа каде би можела да оди по Украина, секако Западен Балкан е едно од тие места, и затоа војната во Украина е толку критична. Размислуваме за тоа како ќе направиме се што е можно за да ја поддржиме Украина и нејзините напори против бруталната неиспровоцирана војна на Русија. Не можам да замислам дека некој, каде било во светот, а особено во Европа и на Западен Балкан, гледа што се случува во Украина, мислејќи дека би сакале Русија да влезе и да го направи тоа во нивните земји, изјави Шахин. Таа вели дека предлог-легислативата има цел да обезбеди економски напредок и да ја охрабри трговијата на Западен Балкан, не само со САД, туку и со Европа и со соседните земји, како и да создаде средина со можности за вработување на младите.

Комерсант: Русија бара од Србија да заземе страна

Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот руски колега Владимир Путин по нивните разговори во Белград на 17 јануари 2019 година.

Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека на Србија не и требаат ничии воени бази, звучи прилично воздржано и е сфатена како негова намера да не го турка прашањето за руските воени бази, но тоа не ги расипува односите со Москва, оценува денешниот московски весник Комерсант. Весникот смета дека Вучиќ со тоа го разјаснил прашањето што загрижи многумина во Србија и во странство - дали Русија ќе изгради своја воена база на територијата на Србија. За постоењето на вакви планови во Србија се разговарало на средбата со рускиот амбасадор во Белград, Александар Бочан-Карченко. Изјавата на амбасадорот по таа средба крена голема врева во Србија.

Српски екстремистички партии го држат Вучиќ под контрола за Украина

Многу српски медиуми и експерти веднаш ја критикуваа Русија дека „намерно ги поткопува интересите на Србија со ширење информации за руската воена база во време кога таа е под големо внимание од Западот во врска со формирањето нова влада и одлуката за приклучување кон санкциите против Русија, додава весникот. Извори на Комерсант во Белград, кои, како што вели, биле запознаени со ставот на српските власти и претпазливите изјави на претседателот ги објаснуваат со неодамнешната засилена воена соработка меѓу Србија и САД, пред се во воената база Југ кај Бујановац на југот на земја.

Владата донела три одлуки за донации на Украина

Министерката за одбрана Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска на брифинг со новинарите потврди дека земјава донира воена опрема на Украина. Таа рече дека Владата донела досега три одлуки за донации на Украина, без притоа да каже што точно се донира. „Она што беше видливо е транспортот на тенковите, нема сега да соопштиме колкава количина, но да, тие се дел од донацијата“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, додавајќи дека одлуката била донесена за да му се помогне на тој што е нападнат, а не тој што напаѓа.

Македонија носи суверени одлуки - одговор на руската осуда за тенковите за Украина

„Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена и самостојна држава е нападната, Украина, треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини ја донесовме одлуката за воена поддршка на Украина, во опрема, затоа што Украина е државата што беше нападната“, рече Петровска.

Од денеска рестрикции на струјата во Косово

Косовското претпријатие за електродистрибуција (КЕДС) соопшти дека денеска ќе почнат рестрикциите за електрична енергија. Потрошувачите ќе имаат струја шест часа, а потоа два часа ќе бидат исклучени. Потрошувачите ќе се снабдуваат исклучиво со електрична енергија од домашно производство, бидејќи КЕДС веќе нема финансиски средства да купува струја, соопштено е. Од КЕДС наведуваат дека ваквата состојба настанала поради енормните цени на електричната енергија на меѓународните пазари и недоволното покривање на трошоците на системот.

Косово и Србија постигнаа договор за струјата

КЕДС ја обвини Владата на Косово бидејќи „не поделила ниту цент субвенции во износ од 100 милиони евра на добавувачите“. „При вонредната ревизија на тарифите, регулаторот ја зеде предвид државната субвенција од 100 милиони евра. Ниту еден цент од таа сума не беше распределен на добавувачот. Тоа дополнително ја влоши ситуацијата“, се вели во соопштението.

Техеран го обвинува Ружди за нападот, Блинкен го критикува ирански печат

Насловните страници на иранските весници, Ватан-е Емроз: „Нож во вратот на Салман Ружди“ и Хамшахри: „Напад врз писателот на сатанистички стихови“.

Техеран вели дека Салман Ружди бил виновен за тоа што бил напад со нож при што бил сериозно повреден додека Вашингтон ги критикуваше иранските државни медиуми за нивната „одвратна“ реакција на „овој грозоморен напад“. Во својата прва реакција на нападот, Техеран денеска „категорично“ негираше каква било поврзаност со нападот што се случи три дена претходно во државата Њујорк. Ружди бил тргнат од респиратор вчера и можел да зборува откако се здоби со сериозни повреди во нападот со нож што го доживеа додека се подготвуваше да зборува на панел на тема слобода на креативното изразување во институцијата Чатаква.

Салман Ружди симнат од респиратор, а може и да зборува

Техеран првично молчеше за нападот, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги осуди државните медиуми на Иран за нивната реакција. „Иранските државни институции поттикнуваат насилство против Ружди со генерации, а медиумите поврзани со државата неодамна се пофалија за обидот за одземање на неговиот живот“, изјави Блинкен. Човекот обвинет за напад на авторот на контроверзниот роман „Сатански стихови“, се изјасни за невин за обвиненијата за обид за убиство. 75-годишниот Ружди при нападот се здобил со оштетен црн дроб и отсечени нерви на раката и окото. Тој најверојатно ќе го загуби повреденото око. Ружди со години се соочува со смртни закани за неговиот роман „Сатански стихови“, кој некои муслимани го гледаат како богохулен.

Русија ќе ги проширува односите со Северна Кореја

рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун

Русија вети дека ќе ги „прошири своите сеопфатни и конструктивни билатерални односи“ со Северна Кореја, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Во писмото до неговиот колега Ким Џонг Ун на денот кога беше ослободен Пјонгјанг, Путин оцени дека потегот ќе биде во интерес на двете земји. За возврат, Ким изјави дека пријателството меѓу двете нации е создадено во Втората светска војна со победата над Јапонија и оти нивното „пријателство“ ќе се зацврсти. Во своето писмо, Ким додава дека „стратешката и тактичката соработка, поддршката и солидарноста“ меѓу двете земји „биле поставени на нова висока сцена, на заедничкиот фронт поради фрустрацијата од воената закана и провокациите на непријателските сили“.

Кина и Русија ставија вето на новите санкции на ОН за Северна Кореја поради лансирање проектили

Пјонгјанг не ги именуваше непријателските сили, но Северна Кореја постојано го користи овој термин за САД и нивните сојузници. Советскиот Сојуз некогаш беше главен сојузник на Северна Кореја, нудејќи економска соработка, културна размена и помош. Но, односите настрадаа по падот на Железната завеса, само постепено се подобруваа по постепеното отуѓување на Русија од Западот од раните 2000-ти. Во јули, Северна Кореја беше една од ретките земји што официјално ги призна двете сепаратистички држави поддржани од Русија во источна Украина, откако Русија потпиша декрет за нивно прогласување независни. Како одмазда, Украина, која се бори против руската инвазија на нејзината територија, ги прекина сите дипломатски врски со Пјонгјанг.

Франција ја укинува задолжителната РТВ претплата

илустрација

Францускиот Уставен совет го одобри укинувањето на задолжителната претплата на РТВ и наметна строги барања за Владата - да го гарантира финансирањето и независноста на јавниот сервис. Уставниот совет, кој не прави летна пауза, одобри пакет помош од 20 милијарди евра за граѓаните и ребаланс на буџетот за 2022 година, кој вклучува укинување на претплатите на РТВ. Таа одлука значи 138 евра повеќе годишно во секое домаќинство, што досега не беше ослободено од претплата на РТВ. Јавниот сервис нема да се приватизира, туку ќе се финансира од даноци, односно од државниот буџет. На овој начин, граѓаните всушност би продолжиле да го кофинансираат јавниот сервис, но индиректно. Токму тоа предизвикува критики во Франција, бидејќи постои ризик јавните служби да станат зависни од политиката.

Макрон бара институцинална реформа во ЕУ

Укинувањето на претплатата беше предизборно ветување на претседателот Емануел Макрон, кој беше реизбран во април. Долниот дом на Парламентот го одобри на крајот на јули, а Сенатот на почетокот на август. Задолжителната претплата беше главен извор на приход за Радио Франс (Радио Франција), Франс Телевизија (Франс Телевизии), за странски програми како ТВ5 Монд (Монд), за радио архивата ИНА, како и за ТВ проект со германската АРТЕ . Норвешка исто така ја укина претплатата на РТВ во 2020 година и ја замени со данок кој зависи од приходот на граѓаните. Јавните услуги се финансираат и од даноци во соседните скандинавски земји, Данска, Финска и Шведска.

Десетици земји ја повикаа Русија да ги повлече војниците од нуклеарната централа Запорожје

нуклеарната централа Запорожје, 4 август 2022 година

Четириесет и две земји од целиот свет потпишаа изјава во која ја повикуваат Русија да ги повлече своите вооружени сили од украинската нуклеарна централа Запорожје, велејќи дека нивното присуство претставува „голема опасност“. Во соопштението, објавено на веб-страницата на Европската унија на 14 август, се осудува неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина и се вели дека присуството на руските воени сили во централата - најголемата европска нуклеарка - ги спречува властите да ги исполнат обврските за нуклеарна и радијациска безбедност. „Неоспорно е дека руската инвазија и нејзиното континуирано присуство во нуклеарните постројки на Украина значително го зголемуваат ризикот од нуклеарни инциденти и несреќи“, се вели во соопштението.

Ситуацијата во украинската нуклеарна централа влегува во „сериозен момент“

„Ја повикуваме Руската Федерација веднаш да ги повлече своите воени сили и целиот друг неовластен персонал од нуклеарната централа Запорожје, нејзиното непосредно опкружување и цела Украина, така што операторот и украинските власти да можат да ги продолжат своите суверени одговорности во меѓународно признатите граници на Украина“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди во текот на викендот дека неодамнешното гранатирање на централата ја зголеми заканата од истекување на радијација. Русија не негира дека има војници лоцирани во централата, но ги оспорува тврдењата дека ја гранатирала областа.

Медведев: „Несреќи може да се случат и во европските нуклеарни централи“

Наместо тоа, Москва ги обвинува украинските сили за истрелување артилериски гранати во областа, што властите во Киев го негираат. Оваа изјава е издадена во име на Австралија, Австрија, Белгија, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Јапонија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Црна Гора, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Република Кореја, Молдавија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција, Обединетото Кралство, САД, како и Европската Унија.

Тим истражители на местото на несреќата на српскиот автобус

Автобус со српски регистарски таблички се превртел во Бугарија

Најмалку две деца од Србија се тешко повредени во несреќата на автопатот Тракија, изјави портпаролката на главниот обвинител на Бугарија Шиика Милева. Едното сега е стабилизирано и е контактибилно, но ќе биде потребна операција. На еден возрасен му е ампутиран екстремитет, изјави министерот за здравство. Оние кои се во добра состојба со амбулантно возило ќе бидат пренесени на граница каде ќе бидат преземени од српска страна.

Во Бугарија се преврте српски автобус, има повредени деца

Автобус со регистерски таблички од Шабац, Србија излета вчера од автопатот Тракија во Бугарија и се преврте во ендек. Несреќата се случи вчера околу 20 часот по локално време на 216 километри во правец на Софија, кај Стара Загора. Децата биле учесници на фестивал во Несебар. Патувале од Несебар и се членови на фолклорниот ансамбл ЈУ-ЛИРА од Србија. Повеќето се од Батајница.Во автобусот имало 38 деца и 11 возрасни. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар во текот на ноќта замина во Бугарија за да ги посети повредените и со бугарските колеги да разговара за понатамошните чекори во нивното лекување и дали е потребна дополнителна помош за повредените. По наредба на главниот обвинител Иван Гешев, тим истражители од Националната истражна служба на Бугарија веќе замина на местото на сообраќајната несреќа кај Стара Загора каде што ќе ги започнат истражните дејствија во врска со превртениот автобус со српски државјани, изјави и Шиика Милева.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG