Достапни линкови

Вести

Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини за Олимпијадата во Токио

Производителите на вакцина Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини против ковид-19 на спортистите и делегациите кои ќе учествуваат на Олимписките игри во Токио ова лето.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) денеска соопшти дека дозите вакцини ќе бидат доставени до спортските делегации овој месец, за да се осигура дека оние кои ќе присуствуваат на Олимписките игри ќе имаат доволно време да бидат целосно заштитени со две дози на вакцината што ќе ја примаат.

Иако вакцините не се задолжителни за спортистите кои ќе учествуваат на Олимпијадата, сепак од МОК соопштија дека очекуваат многумина да се вакцинираат пред почетокот на игрите на 23 јули.

„Ги покануваме спортистите и делегациите учеснички на претстојните Олимписки и параолимписки игри да дадат пример и да ја прифатат вакцината“, рече шефот на МОК Томас Бах.

Претходно, МОК соопшти дека ќе им понуди на националните делегации кинески вакцини против ковид-19.

На Олимписките игри во Токио се очекува да учествуваат повеќе од 11 илјади спортисти. Игрите требаше да се одржат минатата година, но беа одложени поради пандемијата. Јапонија веќе одлучи да ги забрани гледачите од странство.

Како што се доближува стартот на Олимпијадата сè погласни се повиците да се одложи, оти Јапонија ја зафати нов бран на инфекции, како и поради појавата на мутирани соеви кои владеат насекаде низ светот.
Во меѓувреме, гувернерот на Токио, Јурико Коике, побара од владата да ја продолжи вонредната состојба во главниот град.

Токио, Осака и другите делови на земјата кои опфаќаат скоро една четвртина од населението во Јапонија се под вонредна состојба.

види ги сите денешни вести

Руски суд казни ЛГБТ активист со психијатриско лекување

активистот Александар Меркулов

Рускиот суд му нареди на ЛГБТ активист да побара амбулантско лекување во психијатриска клиника поради пост на социјалните мрежи поврзан со експлозијата во седиштето на Федералната служба за безбедност во градот Архагелск.

Воениот суд во Санкт Петербург го казни активистот Александар Меркулив со 200 илјади рубљи односно околу 2 770 американски долари.

Адвокатот на Меркулов Леонид Крикун изјави дека одбраната не се согласува со одлуката на судот но нема да поднесе жалба. Обвинителите бараа петгодишна казна затвор.

Меркулов беше приведен кон почетокот на јули 2020 година по спроведна истрагата за неговите објави на социјалните мрежи. Во една од неговите објави Меркулов го довел во прашање тврдењето на властите дека експлозијата во седиштето на Архангелск е резултат на терористички напад.

Руските власти соопштија дека тинејџер Михаил Злобитски бил убиен кога се активирала бомбата во зградата во октомври 2018 година. Властите официјално ја класифицираа експлозијата како терористички напад.

Членство во НАТО на Украина е „црвената линија“ за Русија

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков

Приклучувањето на Украина во НАТО ќе биде „црвената линија“ за Русија, соопшти денеска Кремљ, еден ден по средбата на американскиот претседател Џо Бајден со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека Русија е загрижена од разговорите дека еден ден на Украина може да и се даде Акциски план за членство- прв чекор кон Алијансата.

Песков изјави дека Москва внимателно ги следи чекорите на Украина за влез во Алијансата.

„Ова е нешто што ние многу внимателно го следиме и за нас тоа е навистина црвената линија- што се однесува на можноста за влез на Украина во НАТО. Се разбира ова прашање за план за членство на Украина предизвикува загриженост“ изјави денеска Песков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 јуни годинава изјави дека сака да слушне јасен одговор „да или не “ од Бајден за дали Украина ќе добие Акциски план за членство во НАТО.

Но, Бајден изјави дека Киев треба да ја искорени неконтролираната корупција за да може да почне со исполнување на други критериуми со цел приклучување кон Алијанса.

САД обезбедија над 2.5 милијарди долари помош за Украина во 2014 година, кога Русија нелегално го анектираше украинскиот полуостров Крим и ги поддржа сепаратистите на истокот, предизвикувајќи граѓанска војна во која загинаа над 13 илјади луѓе.


Тензиите меѓу Русија и Украина се во раст во последниве месеци откако двете земји меѓусебно се обвинија за борбите во Источна Украина, како и во застојот на мировните разговори меѓу Киев и сепаратистите поддржани од Кремљ.
Русија пред неколку месеци постави воена трупа од 100 илјади војници на западната граница со Украина и Крим. Потег што беше осуден од Западот иако, Москва тврдеше дека станува збор само за воена вежба. Неколку недели подоцна Русија ги повлече војниците, но Вашингтон и Украина соопштија дека тоа не е направено во целост.

За руско-американските односи, Песков изјави дека средбата во Женева е во знакот плус. Бајден и Путин се договорија преку редовни разговори да се обидат да ги постават темелите на идните договори за контрола на оружјето и намалувањето на ризикот

„Но, сè уште има разлики меѓу нашите две држави“ заклучи Песков.

Заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјаков во засебно интервју објавено на веб страницата на руското министерство истакнал дека очекува разговорите за контрола врз оружјето да стартуваат за неколку недели

Ериксен го чека операција на срце

Инстаграм фотографија на данскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Ериксен

Данскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Ериксен кој претрпе срцев удар за време на минатонеделниот фудбалски натпревар на Европското првенство ќе му биде вграден срцев дефибрилатор слично на пејсмејкер, соопштија од Данскиот фудбалски сојуз.

„Откако на Ериксен му беа направени неколку различни прегледи на срцето, одлучено е дека треба да се вгради таканаречен срцев стартер. Овој уред е неопходно да се вгради по срцев удар, поради нарушен ритам на срцето“ се вели во соопштението на Данскиот фудбалски сојуз.

Во продолжение е наведено дека Ериксен го прифатил „решението кое било усогласено со специјалисти на национално и меѓународно ниво“ и сите го препорачуваат истиот третман. Повеќе детали не беа соопштени.

Играчот на италијанскиот клуб Интер Милан, 29 годишниот Ериксен во саботата колабираше на натпреварот меѓу Данска и Финска во 43-тата минута. Откако му се слоши, тим на брза помош неколку минути го реанимираше на теренот додека неговите соиграчи стоеа околу него заштитувајќи го него од јавноста, но и јавноста од таква глетка.

УЕФА на 17 јуни му оддаде почит на Ериксен пред почетокот на натпреварот на Данска против Белгија на стадионот Паркен во Копенхаген откривајќи огромен дрес со неговото име на теренот.

Слична судбина имаше и Холанѓанецот Дејли Блинд кој по иста таква операција за вградување на уред кој го контролира пулсот, продолжи со својата фудбалска кариера.

Пендаровски на средба со Борел

Претседателот Стево Пендаровски на средба со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел,

Очекуваме Европската Унија да ги валоризира севкупните напори на Северна Македонија и да биде направен исчекор во однос на почетокот на пристапите преговори за членство, во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион. Ова го порача денеска претседателот Стево Пендаровски на средба со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, одржана во рамки на неговата работна посета на Турција.

На средбата биле разменети мислења за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Република Северна Македонија, како и за напредокот во клучните области, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски-Различните ставови за историски прашања не смеат да бидат пречка за соработката и пријателството

Во однос на последниот развој на билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, како што соопштија од Кабинетт, двајцата соговорници разговарале и за односите меѓу двете земји, осврнувсјќи се на напорите на португалското претседателство со ЕУ и можностите за надминување на отворените прашања во пресрет на претстојниот Совет за општи работи на Унијата.

Приведени 20 лица во Узбекистан поради споделување на „екстремистички видеа “

Узбекистанската полиција денеска привела 20 лица под сомнение дека во јавност дистрибуирале „екстремистички материјали “ преку социјалната мрежа „Телеграм“. Полицијата соопшти дека осомничените биле приведени во областите Мирзаобод и Јангиер.

Според полициското соопштение приведените споделувале аудио и видео материјали што подржувале терористички групи. Од приведените биле одземени пиштол, снајпер и екстремистичка литература.

Полицијата соопшти дека во источниот регион од земјата се спроведувале акции за привдување на терористички групи за кои постои сомневање дека делувале во Сирија.

Eден тон кокаин спакуван на брод со банани запленет во Турција

Турските цариници запленија еден тон кокаин скриен во контејнери за банани. Турскиот министер за трговија Мехмет Муса изјави дека ова е најголема количина кокаин запленета досега во државата.

Дрогата била запленета во пристаништето Мерсин на југот на Турција, на брод регистриран во западно африканската држава Либерија, кој пристигнал во тоа пристаниште од Еквадор.

Кокаинот бил спакуван во илјада посебни пакети сместени во контејнери со банани. Цариниците и полицајците ја спровеле акцијата по дојава за натоварен брод со дрога што плови од Еквадор.

Радев- Последниве години македонско-бургарските односи стигнаа до ќорсокак

средбата на премиерот Зоран Заев со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.

Јасната европска перспектива на Северна Македонија е од големо значење за Бугарија и нејзиното конкретно остварување е во прилог на заедничката иднина на двете земји во ЕУ. Ова било истакнато на средбата на премиерот Зоран Заев со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, соопшти македонската владина прес служба. На средбата присустуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од Кабиентот на Радев информираат дека во фокусот на разговорите на средбата било продлабочувањето на билатералниот дијалог и изгледите за реален напредок во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Како што соопшти Кабинетот Радев изјавил дека Република Северна Македонија е најважната блиска пријателска земја за Бугарија.

„Но, за жал, во последниве години овие односи стигнаа до ќорсокак, дијалогот е замрзнат и тоа влијаеше на вашите изгледи за влез во ЕУ,“ нагласил Радев.

Според него, Договорот за соработка во 2017 година нема специфични обврзувачки услови и рокови, а тоа овозможило „варијабилни одлуки и активности“.

Радев најави дека Бугарија ќе донира 50.000 вакцини за Северна Македонија.

Македонската фудбалска репрезентација поразена од украинската со 2 спрема 1

Македонската фудбалска репрезентација на подготовки за ЕУРО 2020

Македонската фудбалска репрезентација го загуби натпреварот против Украина со 2 спрема еден. Првиот гол за македонската репрезентација го даде Езѓан Алиоски во 55-тата минута во второто полувреме.

Во првите пет минути украинската репрезентација даде два гола. Стрелци на головите беа Андриј Јармоленко и Роман Јеремчук. Во првото полувреме првата шанса за гол за македонската репрезентација ја имаше капитенот Горан Пандев, но обидот заврши неуспешно.

Победникот од овој натпревар влегува во борба за следна фаза на ЕП 2020, а поразениот останува без шанса.

Граѓаните убедени во успех на македонските фудбалери на ЕУРО 2020

Ова е втор натпревар на репрезентацијата на Македонија во Ц групата на ЕУРО 2020, откако првиот во неделата го загуби од Австрија со резултат 3:1. Тоа беше вкупно трета победа на Австрија над македонската репрезентација.

Последниот натпревар во групната фаза на Европското првенство Македонија треба да го одигра на 21 јуни во Амстердам против Холандија.

Пописот во Хрватска стартува на 13 септември

Илустрација од Ровињ, Хрватска

Пописот на населението во Хрватска почнува на 13 септември и ќе трае до 17 октомври. Пописот во Хрватска требаше да се одржи во април, но беше одложен поради коронавирусот. Граѓаните кои користат интернет на платформата е-граѓанин ќе можат сами да се наведат како и членовите на своето домаќинство. Директорката на Централното биро за статистика Лидија Брковиќ денеска изјави дека колку повеќе граѓани се попишуваат независно, колку повеќе граѓани се попишуваат себеси и членовите на нивното домаќинство, толку поевтин станува пописот за Институтот.

„Затоа е важно за нас што повеќе граѓани да бидат попишани, да ја искористат оваа можност, за прв пат во Хрватска“, изјави Лидија Бркович, директор на Централното биро за статистика.

За спроведување на пописот на населението во Хрватска ќе им бидат потребни помалку од 8 илјади попишувачи и околу 1500 контролори.

Пендаровски-Различните ставови за историски прашања не смеат да бидат пречка за соработката и пријателството

Претседателот Стево Пендаровски, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Самит кој се одржува во Анталија, Турција.

Претседателот Стево Пендаровски, денеска учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што во рамките на турското претседавање се одржува во Анталија, Турција. Тој во своето обраќање, посочи дека во рамките на ПСЈИЕ, во изминатиов период се постигнати значајни резултати, како во политичката, така и во економската, безбедносната и социјалната сфера.

„Ние сме релативно мали како земји и економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме разлики и различни ставови за членство во разни меѓународни сојузи, не исклучува поблиска соработка во сите поврзани секторски области од заеднички интерес“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и на пандемијата од ковид-19 која наметна изнаоѓање нови начини на соработка, давајќи приоритет на економското закрепнување на регионот на Југоисточна Европа. Според него стратегијата ЈИЕ 2030, која треба да се одобри денес, е пресвртница за регионалната соработка во Југоисточна Европа.

„Различните ставови за некои важни историски прашања дури и меѓу блиските сојузници не смеат да ги спречуваат соработката и пријателството. Тие не треба да го поткопуваат еден од најинспиративните проекти во историјата, европската интеграција, особено во нејзината следна фаза кон партнерите од ЈИЕ“, изјави тој.

Пендаровски смета дека интегрирањето на Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, а претставува и геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија.

Членка на „Пуси Рајот“ осудена на 15 дена затворска казна

Московскиот суд денеска донесе пресуда со која ја осуди на 15 дена затвор членката на руската група „Пуси Рајот“ Ника Никулшка под обвинение дека не почитувала полициски наредби. Никулшка беше осудена откако одбила да оди во полициска станица на распит.

Полицијата во судот соопшти дека причината поради која била повикана на распит, било да се истражи дали таа имала некакви планови за активности со кои ќе се нарушат фудбалските натпревари ЕВРО2020 во Сент Петербуг.

Никулешенка заедно со уште неколку други членки на „Пуси Рајот“ претходно беа осудени на 15 дена затворска казна за прекинување на Светското првенство во 2018 година во Москва на кое играа репрезентациите на Франција и Хрватска. Тие протрчаа на теренот облечени во лажни полициски униформи.

Групата „Пуси Рајот“ своите активности ги претставува како протест против владините политики и обид да се покрене вниманието и свеста за човековите права во Русија.

Втора членка на „Пуси Рајот“ казнета за настап во Москва

Оваа група стана позната во 2012 година кога нејзините членки Надежда Толоконикова и Марија Алјокина влегоа во руска катедрала голи во знак на протест против тесните врски меѓу руската православна црква и тогашниот премиер сега претседател Владимир Путин. Нивната „панк молитва“ имаше за цел протест против тогашната кампања на Путин да седна на претседателското столче. Двете тогаш беа осудени под обвинение за „хулиганство мотивирано од верска омраза “ на две години затворска казна.

Нема починати од ковид-19, новозаразени вкупно 10

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Нема починати од ковид-19 во изминатото деноноќие. Во изминативе 24 часа од вкупно 3.529 тестирања, регистрирани се 10 нови случаи на КОВИД-19. Денеска се регистрирани и 18 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.593, бројката на оздравени пациенти е 149.708, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 413.

Во 8 градови во земјава нема ниту еден евидентиран активен случај на заразен со ковид-19.

КСС: Не функционира социјалниот дијалог

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара итна средба со премиерот Зоран Заев. Причина за тоа е писмото од Светската конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати, во кое како што наведува КСС, е посочена загриженост на овие две меѓународни синдикални организации за нефункционирањето на социјалниот дијалог во земјава.

„Од Светската и Европската конфедерација на синдикати многупати е упатено прашањето до премиерот, што се случува со социјалниот дијалог во Македонија, што се случува со КСС и зошто синдикалните лидери од КСС добиваат откази, но одговорот на премиерот е дека не е запознаен со ситуацијата. КСС има доставено низа барања за средби, имаме одржано низа протести и настани, со кои ги искажуваме нашите негодувања и со кои бараме таквите притисоци да престанат, изјави денеска претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција.

Работничките протести скромни, барањата гласни

Тој бара што поскоро да се сретне со премиерот за да разговара за за сите проблеми. Ралповски додава дека Светската и Европската конфедерација на синдикати бараат од премиерот да се заложи лично синдикатите да имаат еднаков третман во нашата земја, а КСС да се вклучи во социјалниот дијалог рамноправно и да може да одлучува.

КСС порачува дека толеранцијата и трпението во изминатите години беше голема,и дека крајно време е како што велат да се решат проблеми наталожени со години. Во спротивно, ККС најавува дека ќе преземе порадикални чекори од досегашните.

Дука: Заеднички контроли за зголемена соработка меѓу Албанија и Северна Македонија

Граничен премин „Блато“ на македонско-албанската граница кај Дебар.

Договорот за заеднички гранични и царински контроли што деновиве во Тирана го потшпишаа пренмиерите на Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама е од големо значење за двете држави а посебно за пограничните општини. Ова го изјави за Радио Слободна Европа градоначалникот на Дебар Хекуран Дука кој додаде дека „Заедничките контроли на граничните премини со Албанија кај Дебар „Блато,“ и „Џепиште –требиште“ ке влијаат позитивно во економскиот развој на општина Дебар.

Очекуваме многу од реализацијата на овој договор вели дебарскиот градоначалник Дука и додава дека ефектите ќе ги почуствуваат и општините од регионот. Првиот човек на Дебар Дука за РСЕ истакнува дека „локалните власти на двете страни на границата, односно Дебар и Пешкопеја на бројни средби и претходно укажувале на потребата од заеднички гранични и царински контроли на македонско – албанската граница бидејки со еден ваков начоин на поврзување на гранбичните премини, се создава голем простор како за побрза комуникација на луѓето така и подобра бизнис комуникација на фирмите. На средбите што ги имаме со локалнитре власти од другата страна на границата секогаш ја изнесуваме оценката дека соработката зависи и од либерализацијата на граничните премини .

И бизнис секоторот во Дебар очекува од реализацијата на договорот помеѓу Скопје и Тирана подобра соработка во Пешкопеја, бидејки заедничките царински контроли се многу значајни за брз увоз и извоз. Овој сектор наведува дека со договорот видно ќе се зголеми и економската соработка помеѓу Македонија и Албанија, што секако е добро и за двете држави кои патот го гледаат кон членлоството на ЕУ.

Кенан Мимидиноски

Заев: Пред влезот во ЕУ ќе го отвориме Уставот да го впишеме и бугарскиот народ

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и бугарскиот премиер Стефан Јанев во Софија.

Проблемот меѓу Бугарија и Северна Македонија е билатерален и така треба да се реши, изјави денеска во Софија премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер Стефан Јанев. На новинарско прашање од бугарските медиуми, Заев рече дека Република Северна Македонија пред членството во ЕУ ќе мора да го отвори Уставот.

„Наш став е сите помалкубројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот народ“, рече Заев додавајќи:

„Нашиот Устав е создаден во 1991 година и тогаш, покрај македонскиот, албанскиот народ, впишани се и Бошњаците, и Србите, и Турците, Власите и Ромите и другите народи. Така да, ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ, треба да имаме европски Устав во којшто, по примерот на една Хрватска ќе ги впишеме и другите народи“, рече Заев.

Во однос на проблемот со Бугарија, Заев рече тој е билатерален и решението треба да двете страни да го најдат билатерално.

Посетата на Заев во бугарскиот главен град следува откако неделава тој се средна и со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Самитот 2021 на НАТО во Брисел, во насока да се најде решение за бугарската блокада на македоснките евроинтеграции.

Бугарскиот премиер Јанев изјави дека македонската делегација е дојдена во Софија со конкретни решенија кои ќе бидат разгледани. Тој додаде дека Бугарија ја цврсто ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и Албанија.

„Во моментов имаме прозор на а возможност да работиме на решение. Целта ни е да се фокусираме на доверба, пријателство и отворен дијалог, изјави Јанев.

Заев рече дека е сигурен дека двете земји ќе најдат решение, а дека на сребата коментирале за португалскиот предлог.

„Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија“, рече Заев.

Предметот „Тортура“ вратен на повторно судење

Сашо Мијалков со полициска придружба пред Кривичниот суд во Скопје, пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“

Кривичниот суд денеска донесе одлука за повторно отворање на предметот „Тортура“, во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Судијката Александра Ристеска во судницата ја соопшти едногласната одлука на судечкиот совет со која се преотвора предметот, поради неодговорени прашања во досегашната постапка.

Остана неодговорено прашањето по видот, карактерот и обемот на употребената сила, закана и отпор. Имено овие поими кои се дејствија на извршување на кривичното дело и кои претставуваат предмет на поднесеното обвинение останаа неразјаснети во целост, поради што во моментов постои фактичка пречка за донесување на мериторна одлука од овој Судечки совет“ изјави Ристеска.

Досега Мијалков е осуден на 12 години затворска казна за предметот „Таргет-Тврдина“, дносно за незаконското масовно прислушување, потоа 8 години затвор за набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК и 3 години затвор за предметот на СЈО „Титаник 2“, кој се однесува на изборни измами.

За случајот „Тортура„ Мијалков е обвинет заедно со шест припадници на поранешната полициска единица алфи поради начинот на кој било изведено апсењето на Љубе Бошкоски пред ресторанот Воденица.

Првото рочиште за Тортура беше закажано во март 2018 година. Мијалков е обвинет дека апсењето на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Бошковски е спроведено под негова наредба со цел политичко понижување на неговиот противник.

Курти - Здружување по етничка основа е надвор од Уставот на Косово

Албин Курти.

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека барањата за едноетничко здружение како што е Сојузот на српски општини (ЗСО) не доаѓаат од обичните луѓе, туку од политичарите и северните соседи.

„Не мислам дека во правниот и уставниот поредок на Косово е можно здружување по етничка основа. Може да има здружение на општини на развојна основа, може да биде на географска основа, како планинското здружение „Ругова“. Здружение на етничка основа не може да помине во смисла на духот на Уставот на Косово. И практично такво нешто беше кажано со пресудата на Уставниот суд која беше објавена на 23 декември 2015 година “, рече Курти.

Во изјава за локалните медиуми во Косово тој го повтори ставот дека не може да се формира едноетничко здружение затоа што не е во согласност со уставот на Косово.

Амбасадорот на САД во Косово, Филип Коснет изјави дека Косово има обврска да формира Унија на српски општини.

Како дел од дијалогот за нормализација на односите во 2013 година, Косово и Србија постигнаа договор за формирање на Унија на општини со српско мнозинство. Деталите тогаш беа усогласени со принципите од 2015 година.

Сепак, Уставниот суд на Косово во декември 2015 година утврди дека принципите на Заедницата не се целосно усогласени со Уставот на Косово, но како што додадоа тоа може да се усогласи со правен акт на Владата на Косово и Статутот на заедницата.

САД ги укинуваат строгите правила за азил

Архива - Мигранти во САД.

САД укинаа две строги регулативи од времето на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, што го отежнуваа добивањето на азил на имигрантите од Централна Америка, жртви на насилство.

Американскиот секретар за правда Мерик Гарланд изјави дека судиите повеќе не треба да ги применуваат правилата од ерата на Трамп, со кои им беше отежнато добивањето на азил на мигрантите кои ги напуштиле своите домови поради насилство во семејствата или од вооружени банди.

Гарланд рече дека регулативите се укинати откако американскиот претседател Џо Бајден им наредил на министерствата за правда и за безбедност да подготват правила за комплексни прашања за законот за имиграција, во врска со групи луѓе кои треба да имаат право на хуманитарна заштита.

Потегот на Бајден може да ги зголеми шансите имигрантите од Централна Америка да добијат судски спорови пред имиграционите судови.

Македонија денеска го игра вториот натпревар на ЕУРО 2020 против Украина

Напаѓачот на Македонија Горан Пандев слави откако го постигна голот на натпраеварот против Австрија, што беше прв на македонската репрезентација постигнат на европско првенство. 13 јуни 2021 година.

Македонската фудбалска репрезентација денеска во 15 часот на Националната арена во Букурешт ќе го одигра вториот натпревар на ЕУРО 2020 против Украина.

Селекторот Игор Ангеловски на прес-конференција изјави дека македонските репрезентативци ги очекува „најважниот натпревар во кариерата.“

Ова е втор натпревар на репрезентацијата на Македонија во Ц групата на ЕУРО 2020, откако првиот во неделата го загуби од Австрија со резултат 3:1. Тоа беше вкупно трета победа на Австрија над македонската репрезентација.

Последниот натпревар во групната фаза на Европското првенство Македонија треба да го одигра на 21 јуни во Амстердам против Холандија.

Денеска во 18 часот ќе се одигра и натпреварот од С групата меѓу Данска и Белгија, а потоа во 21 часот се среќаваат Холандија и Австрија.

Данска во првиот натпревар загуби од Финска со 1:0 во натпревар кој беше прекинат, откако данскиот фудбалер Ериксен колабираше на терен. Состојбата на Ериксен беше стабилизирана, по што натпреварот потоа беше продолжен.

Белгија во првото коло ја победи Русија со 3:0, а Холандија ја совлада Украина со резултат од 3:2.

Белорусија и Русија ќе разговараат за Русинката уапсена со Пратасевич

Софија Сапега.

Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи денеска ќе ја започне дводневната посета на Москва, на која фокусот ќе биде ставен на статусот на руската државјанка Софија Сапега, девојка на притворениот белоруски опозициски активист Раман Пратасевич.

Русија објави дека Макеи е поканет во Москва од страна на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров за да разговараат за ситуацијата со Сапега, која се наоѓа во притвор. Се очекува разговорите да се одржат на 18 јуни.

На 23 мај белоруските власти ги уапсија Сапега и Пратасевич од цивилен авион на пат од Атина кон Вилнус, откако белоруски борбен авион го пренасочи летот и го принуди да слета во Минск.

Пренасочувањето на летот на Рајанер наиде на меѓународна осуда, а се проценува дека станува збор за киднапирање од страна на државата. Тоа поттикна западни санкции против Белорусија.

Белорускиот суд на 14 јуни ја отфрли жалбата на Сапега за нејзиното ослободување, пресудувајќи дека нејзиното апсење е законско според белорускиот закон.

Адвокатот на Сапега, Александар Филановиќ, изјави дека против неа е поднесена кривична пријава, но не даде подетални информации велејќи дека е под судска наредба да не објавува детали за случајот.

Германската министерка за одбрана повлече вод од Литванија поради расизам

Германската канцеларка Ангела Меркел зборува со германски војаска.

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер нареди итно да биде повлечен целиот вод од 30 војници од Литванија, по обвинувањата за расизам и антисемитизам.

Неделникот „Шпигел“ оваа недела објави дека неколку членови на Бундесверот стационирани во Литванија, во април пееле расистички и антисемитски песни на забава во хотел.

Еден од нив се обидел да изврши сексуален напад врз друг војник додека спиел, за што посоти видео снимка.

Крамп-Каренбауер рече дека таквото однесување на некои војници во Литванија е „шлаканица за секој што и служи на земјата во Бундесверот“.

Водот се враќа во Германија на 17 јуни, каде минатата недела започна истрага за однесувањето на војниците во Литванија.

Кон средината на 2020 година Крамп-Каренбауер распушти една од четирите борбени чети во германските елитни специјални сили Командо Специјалкрафте - КСК, бидејќи се сметаше дека е исполнета со екстремисти.

Истражителите откриле мноштво нацистички сувенири и голем арсенал украдена муниција и експлозив на имотот на наредникот кој служел во КСК од 2001 година.

Според изјавите на сведоците, неколку војници во неговата чета поздравувале со нацистичкиот поздрав до Адолф Хитлер и пееле нацистички песни на забава.

Полицијата во Хонгконг уапси пет новинари на продемократски весник

Полицијата го приведува заменик-главниот уредник на „Епл Дејли“ Чан Пуи-ман. Хонгконг (17 јуни 2021 година)

Полицијата во Хонгконг денеска уапси пет новинари од продемократскиот весник „Епл Дејли“, вклучително и главниот уредник Рајан Ло, за време на претрес во просториите повикувајќи се на Законот за национална безбедност.

Новинарите се уапсени поради постоење на „договор со некоја странска земја со цел да се загрози националната безбедност“, соопшти полицијата.

Во соопштението се додава дека уапсените лица се на водечки позиции во компанијата „Некст Дигитал“, матичната компанија на „Епл Дејли“.

Политичката атмосфера во Хонгконг значително се влоши по репресијата врз демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението во знак на протест против влијанието на централните власти во Пекинг.

Тогаш властите усвоија закон за национална безбедност во кој се наведува дека во Хонгконг можат да владеат само „патриоти“.

Законот, кој предвидува и доживотен затвор, се занимава со злосторства поврзани со отцепување, субверзија, тероризам, но поради некои неодредени формулации властите го користат и за казнување на дисиденти.

Во Иран кандидатите се откажуваат од претседателските избори

Жена поминува покрај огромен постер на кој е претставен иранскиот претседателски конзервативен кандидат Ебрахим Раиси, Техеран, на 31 мај 2021 година

Тројца кандидати се откажаа од претседателските избори во Иран на последниот ден од кампањата со што останаа само четворица кандидати за изборите закажани за утре. Иранските медиуми јавуваат дека Мохсен Мехрализадех, 64-годишен поранешен потпретседател во времето на реформистичкиот претседател Мохамад Катами, се повлекол од трката заедно со кандидатите Алиреза Закани и Саид Џалили.

Преговорите на Иран со светските сили нема да завршат неделава

Мехрализаде беше еден од двајцата реформатори кои имаа право да учествуваат на изборите за да го замени претседателот Хасан Рохани, по максималните два последователни мандати. На изборите се очекува да победи шефот на ултраконзервативното правосудство Ебрахим Раиси - кандидат за кој се смета дека е близок до Хамнеи. И другите кандидати се очекува да ја напуштат трката, откако повеќе од 200 пратеници во иранскиот парламент ги повикаа преостанатите кандидати да се повлечат и да го поддржат Раиси.

Во САД, 19 јуни е прогласен за празник во спомен на крајот на ропството

19 јуни е прогласен за празник во спомен на крајот на ропството во САД

Американскиот Конгрес усвои предлог-закон според кој 19 јуни е прогласен за празник во спомен на крајот на ропството и заминувањето на последните робови во 1865 година во државата Тексас. Претставничкиот дом на Конгресот го усвои нацрт-законот доцна синоќа со 415 гласа и 14 против, а Сенатот го направи тоа едногласно. Барањата тој ден да биде прогласен за празник зачестија по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина по апсењето на 25 мај 2020 година.

Годишнина од смртта на Џорџ Флојд, семејството на средба со Бајден

„Датумот 19 јуни нè потсетува на историјата извалкана од бруталност и неправда, но исто така и на одговорноста што мора да ја имаме за да имаме иднина на напредок, почитувајќи ја еднаквоста“, изјави спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси. Американскиот претседател Џо Бајден треба да го потпише новиот закон.

Во Франција од денеска без маски на отворено

Во Франција без маски и на отворено

Во Франција носењето маска на отворено од денеска не е задолжително, освен во одредени околности како што се собири, преполни места или стадиони, изјави францускиот премиер Жан Кастекс. Премиерот најави дека полицискиот час, кој започнува во 23 часот, ќе биде откажан в недела.

Во Израел веќе не се задолжителни маските на затворено

„Таквата одлука беше донесена затоа што епидемиолошката состојба се подобри побрзо отколку што се надевавме“, рече Кастекс по состанокот на владата. Премиерот додаде дека со две дози на вакцина против коронавирусот треба до крајот на август ќе бидат вакцинирани 35 милиони од вкупно 67 милиони француски граѓани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG