Достапни линкови

Васко Дуковски: Развојот како уметник зависи само од мојата визија и мојот труд


Васко Дуковски и неговите кларинети

Македонскиот музичар, виртуоз на кларинет и композитор Васко Дуковски од неодамна во најголемиот кинески културен центар Шангај и на Универзитетот во Нанџинг продолжи да испишува нови страници во своето богато творечко портфолио. Како професор и како инструменталист нему сега светот му е на дланка.

Васко Дуковски е уметник. Музичар од ков. Волшебник на кларинет кој изучил и западни школи, но во чија крв постојано ечи татнежот на седумте осмини и непарните македонски ритми. Зад него се бројни успешни проекти низ годините наназад од кои некои добро и се познати и на македонската публика. Тој еден период беше член на СТАРОВСКИ и триото ПЛОДОВА ВОДА, заедно со колегата по инструмент Исмаил Лумановски подолго време настапуваа со својот проект ГРНЕТА АНСАМБЛ, членуваше и во ансамблот за современа музика ТАЛЕА, беше во оркестарот на добитникот на наградите Тони и Греми – Тони Смол, џез фјужн бендот БЛУ МУН, соработуваше со композитори како Јуџин Марлов, Дину Џецо и Елиот Картер, згора беше гостин на проектите и објавите на нашиот Дуке Бојаџиев. Беше дел од екипата на интернационални музичари што во декември 2012 година за издавачката куќа Дориан Соно Луминус го потпиша албумот насловен како Critical Models, за кое во њујоршкиот Тајмс ќе биде забележано дека донесува неверојатно топла и брилијантно изведена музика... и така со ред.

Ова погоре се само цртички од неговата животна и музичка биографија, а сегашноста заеднички ја разглобувавме низ разговорот што следува.

Од нижото музичко училиште во Охрид, преку МБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, Центарот за уметност во Интерлохен, во Мичиген и њујоршкиот Џулијард колеџ каде беше најнапред студент, па постдипломец, магистранд...и потем вработен, Васко Дуковски сега е во Шангај, во Кина. Таму, и професор е и уметнички раководител на Квадриум академија на Универзитетот во Нанџинг. Ова беше планираниот пат на кларинетистот, на уметникот, или само след на настаните што ги носи животот?

Минатото може да се анализира, но иднината тешко е да се предвиди. Кога на три

годишна возраст моите родители ме најдоа во кујна како тропам на тенџериња, тавчиња и капаци со дрвени лажици, никој не знаеше дека 33 години подоцна ќе бидам професор на еден од најдобрите три универзитети за уметност во Кина, ќе живеам во 33 милионски град , за појадок ќе јадам шангајска традиционална супа и превкусни кнедли полнети со икра од краби подготвени под пареа.

Музичкото училиште во Охрид беше единствената опција, а воедно и изборот на кларинет. Мојота прва љубов беа ударните инструменти, но за жал требаше да изберам помеѓу флејта или кларинет... и избрав. На 11 годишна возраст за прв пат се натпреварував на државниот натпревар во Македонија и после освојување на награда желбата за да продолжам со музика и да го продолжам моето музичко образование ме доведе во Скопје, во МБУЦ „Илија Николовски –Луј“ .

Интерлохен Академијата беше случајност, оти мојот сон беше да студирам во Виена или Париз. Сепак еден мој школски другар ми препорача да аплицирам на летниот камп во Интерлохен и ....останатото сега е историја. Зад мене се 17 години студии, безбројни концерти и кариера во САД. Многу музичари сонуваат за Џулијард, а јас не знаев дека постои. Тоа се смени кога го запознав мојот професор Чарлс Најдих и едноставно знаев дека тој е човекот, професорот , уметникот, виртуозот, хуманистот , композиторот, диригентот од кого сакав да го научам овој занает и тоа што значи да станеш се она што тој е, а и повеќе. Кина,пак, беше случајност а можеби и судбина. Како што напоменав,иднината е непредвидлива, но минатото не учи и подготвува за иднината. Авантурата наречена живот продолжува!

Кога човек ќе ја погледне ваквата траекторија на движење излегува дека Дуковски поминал низ неколку културолошки шокови. Колку си задоволен од сегашната позиција и колку таа како на музичар со завидно професионално портфолио му отвора сериозни шанси за натамошен развој, за интернационална кариера?

Секој културолошки шок а и промена на животна средина се тешки, но и многу здрави за формирање на една личност, посебно за еден уметник. Моменталната промена, преселба и позиција едноставно ме исполнуваат, среќен сум и презадоволен од она што го имам. Шангај е најголемиот културен центар во Кина, а мислам дека и во Азија. Дел од времето го поминувам во Нанџин кој воедно е стариот главен град на првата Кинеска република, еден главен и значаен културолошки столб врз кој е изградена модерната Кинеска уметност.

Живееме во едно чудно време, поимот интернационална кариера е многу поразличенод оној во 20 век. Со интернетот и модерната технологија светот ни е на дофат 24 часа, а за нас уметниците тоа значи комплетна промена на играта, нови правила, нови предизвици, нови можности. Благодарение на тоа, мојата авторска музика а и изведбиод други автори се слушаат и гледаат ширум светот. Имајќи професорска позиција, ресурси, контакти од целиот свет а и едно завидно интернационално портфолио мојот понатамошен развој, мојата интернационала кариера, но пред се развојот како уметник зависи само од мојата визија и труд.

Освен на Универзитетот од каде стигаат информации дека со студентите остваруваш одлични резултати на домашните и интернационалните натпревари, каде во случајов ја насочуваш твојата креативна енергија? Настапувајќи во дуо со твојата сопруга пијанистката Шунјин Ванг Дуковски, соработките со музичари како Кристофер Бејли, колумбискиот гитарист и композитор Даниел Рејес Линас…Колку притоа како музичар и автор, инструменталист кој владе со повеќе инструменти, си дозволуваш слобода за експериментирање? На што го ставаш фокусот во последно време? Која е твојата музика во моментов?

Благодарен сум што имам можност да работам со талентирани и сериозни студенти, предавањето на она кое јас сум го научил и искусил во животот е благодет а добрите резултати на мојата работа се една мала награда а и инспирација. Во моментот сум посветен на едукација и голем дел од времето го поминувам со студентите, а воедно и работам на свој метод на изучување на кларинетот. Методите на старите мајстори се прекрасни, но не комплетни и соодветни за онаа современа музика која е напишана во изминатите неколку децении и онаа која моментално се пишува.

Креативната енергија ја насочувам во неколку проекти на кои во моментов работам, соработките со музичари и уметници продолжуваат и наскоро ќе бидат обелоденети некои од нив. Еден од најзначајните проекти на кој во моментов работам е во соработка со мојот драг пријател и долгогодишен соработник Иванчо Талевски. Проектот е инспириран од творештвото на Марко Цепенков како една форма на колективна меморија од одредено време и простор, а и од она кое ние заедно го работиме веќе неколку години. Кулминацијата на овој проект ќе биде со издавање на книга, винилна плоча а и изложба во Центарот за графика во Филаделфија. Мојот придонес во овој проект се графичките композиции инспирирани од цртежите на Цепенков и на Талевски.

Точно е дека изминатите неколку години концертираме со мојата сопруга и тоа продолжува, се надевам наскоро ќе издадеме и албум или два од нашиот скромен репертоар на изведби.

Постојано експериментирам, мислам дека тоа е еден многу значаен дел од секој креативен ум и се надевам дека тоа никогаш нема да го изоставам.

А, каква е мојата музика во моментов? Секој проект на кој работам или дело кое го компонирам е различно, но се трудам тоа да биде искрено, релевантно, да се придржува до концептуалната идеа на инспирацијата и конечно да содржи нешто посебно кое ќе го замисли слушателот, ќе го инспирира и во најмала мерка ќе го натера да ја почувствува емотивната енергија од него.

Васко и пијанистката и негова сопруга Шунјин Ванг Дуковски

Колку од сето тоа успеваш да го документираш, да го снимиш материјалот што ти е најблиску до твојот сентимент, она што сметаш дека е вистинската слика за музичарот, кларинетистот Васко Дуковски?

Се трудам да документирам се што правам доколку тоа можам да си го дозволам.Има многу дела кои би сакал да ги снимам и реализирам а за кои потребни се сериозни финансиски средства, а и поддршка од институции. Во моментов работам со тоа што го имам на располагање и не дозволувам ништо да ја загрози мојата креативност. И покрај тоа што многу од работите кои би можел да ги реализирам се само еден сон или едноставно стојат запишани на хартија, во некоја фиока собирајќи прашина. Вистинската слика за музичарот Васко Дуковски се уште не постои, постојано се менува и се надевам тоа ќе трае се до мојот последен здив.

Не е тајна дека Македонија е земја која на светот му дарила одлични дувачи, виртуозни кларинетисти. Од еден Тале Огненовски како вистинска легенда, па мисионерот како педагог Панде Татарчевски... генерации врвни кларинетисти како твојот пријател и соборец Исмаил Лумановски кој остана во САД или ти кој се втурнуваш во нови авантури. Имаш ли некое појаснување за сево ова? Колку талент, колку напори, колку упорност и самооткажување треба да се вложи за да се стигне до одредена цел, да ти се признае мајсторството?

Кларинетот во нашата земја пристига во почетокот на 20 век, но факт е дека Македонија му подари многу виртуозни мајстори на светот и сигурен сум дека тоа ќе продолжи да го прави. Дали тоа е од добрите црвени пиперки, ракијата или вкусното овчо сирење, со сигурност би рекол не, талентот го има секаде во светот и секое парче на оваа планета има по некое убаво цвеќе, музичар, писател, филозоф и слично. Клучниот фактор за успех, за совладување на еден музички инструмент, за достигнување на одрена цел во секоја професија е макотрпна работа, упорност и постојано надоградување. Моцарт бил талентиран, но на своја петгодишна возраст свирел пијано и изучувал теорија на музика, анализирал музика на големите мајстори, на десет години почнал да свири виола и компонирал, во меѓувреме зборувал латински а го владеел италијанскиот и Францускиот. До својата 12та година ги посетил сите големи оперски театри во Франција, Италија а и во Австроунгарија и имал можност да го запознае најголемите мајстори композитори во тоа време, да ја чуе нивната музика и да разбере што и како тие твореле. Мислам дека кларинетската школа во Македонија е одлика на макотрпната работата на клучни фигури во образованието, а и се разбира на индивидуалци кои сериозно си ја сфатиле својата проефесија.

Во времево на светска пандемија имаше ли време повеќе да се преиспиташ до каде си, што си сторил досега и како натаму? Се роди ли некоја нова музика, нов проект?

Моето преиспитување до каде сум и што понатаму е да не речам секојдневно. Светската пандемија ми подари повеќе време за творење и многу виртуелни соработки, како и создавање на мојата онлајн кларинетска академија. Еден позначаен проект кој се роди во овој период е светската премиера на виртуелна опера од мојот драг пријател и соработник Џеси Кокс за која јас бев голем дел од инспирацијата. Операта е нешто на кое почнавме со работа и експериментирање пред три години во Њујорк а тоа беше креирање на Сајбер бас кларинет. Главното прашање кое сакавме да го решиме со тој експеримент беше нашата постојана борба, соработка а и неизбежна поврзаност со новата технологија и моменталниот дигитален свет во кој секојдневно посветуваме сериозно време и барем ние помладата генерација сме створиле еден реален виртуелен свет во кој полека но сигурно живееме, се дружиме, твориме и слично. Тоа прашање се претвори во главна тема на Операта и мислам дека во прав момент се споија коцките за таа да се реализира виртуелно во живо со музичари од три континенти. Истовремено компонирав ново дело видео-аудио квартет за бас кларинети под наслов “Clanking Replicator I” кое беше премиерно изведено на Онлајн Фестивалот “Sound of Art” во Њујорк.

Претпоставувам дека како и на секој македонски уметник во светот и тебе ти значи доаѓањето дома. Домашната сцена и овдешната публика. Да им покажеш на најблиските колку далеку си исчекорил во уметноста. Има ли покани за такво нешто? Кога да те очекуваме на некој од домашните фестивали и музички манифестации?

Твојата претпоставка е многу точна и нормално е дека моите настапи во Македонија ми се најдраги, но за жал се многу ретки. Во моментов немам покани за настапи во татковината, но тоа не ме чуди земајќи ја во предвид моменталната ситуација во државата. Јасно е дека културниот живот, едукацијата и сите други елементи кои се здрави за едно општество, полека но сигурно систематски се уништуваат. Истовремено, среќен сум што се уште постојат свесни индивидуи кои макотрпно се борат за реализирање на културни манифестации и се надевам наскоро ќе се сменат работите. Ќе почнерме да функционираме во поинакво опкружување, подобри услови за работа на уметниците, дека конечно ќе ја снема пандемијата...или барем ќе се научиме подобро да функционираме со она што ќе не следи во иднина. Надежта последна умира.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG