Достапни линкови

Короната нема да донесе инфлација


Луѓе со заштитни маски во продавница.
Луѓе со заштитни маски во продавница.

Цените растат, но според економистите, граѓаните не ги очекува потежок живот од досега. Тие велат дека поскапувањата се поради намалените капацитети на производство и тешкотиите во испораката и снабдувањето и очекуваат тоа да се надмине кога ќе почнат да попуштаат епидемиолошките мерки.

Очекувано беше кај одредени производи кои масовно се трошат од граѓаните, пред се на основните прехранбени производи, да се појави иницијално зголемување на одредени цени, вели академик Абдулменаф Беџети, анализирајќи го зголемувањето на цените во последниот период, но смирува дека тоа не може да доведе до закана од нова епидемија во форма на инфлација.

Тој вели дека растот на цените на одредени производи во Македонија во најголем дел се одредени од увозната компонента. Оттука клучното прашање е што ќе се случува во иднина со цената на прехранбените производи од увоз.

Но, професорот Беџети вели дека засега инфлацијата е концентрирана само кај неколку прехранбени производи од увоз, дополнувајќи дека никој и во меѓународните финансиски институции не е загрижен од промени кои би можеле да се поврзат со општо зголемување на цените.

„Во пандемија тоа е резултат на зголемена побарувачка за тие производи и намалена понуда. Глобално ова беше предвидувано, но се кажуваше оти нема да се очекува инфлаторно влијание во спиралата. И ММФ и СБ не предвидуваат значителен раст и глобалната инфлација се очекува да остане во рамки на предвиденото и нема причина дека и кај нас инфлацијата ќе влезе во спирала. Станува збор за производи од кои зависиме од увоз, како масло за јадење кое 60 – 70 проценти е од увоз како и месото. Тоа е увезена инфлација која е сезонски циклично поврзана со пандемијата”, вели академик Абдулменаф Беџети.

Што поскапе?

До неговиот коментар доаѓа откако цените на мало за една година, во просек скокнаа за 1, 6 проценти.

Податоци на Државниот завод на статистика потврдија дека освен кај цените на мало поскапувања има и кај индексот на трошоците на животот кој во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, бележи зголемување од 1.9 %.

Најголем тренд на растот на цената има кај маслото за јадење во последните шест месеци и тоа главно се должи на глобалниот недостиг на ваков тип на производи и производство од сончоглед.

По празниците, според најавите во јавноста се очекува нова повисока цена и на сувомесните производи, ако владата не овозможи бесцарински увоз на потребните количини на смрзнато месо.

Но, освен кај увезените прехранбени производи зголемување на цените се забележува и кај некои домашни земјоделски производи.

Економистот Зоран Ивановски уверува дека за ова има мноштво објективни околности, наведувајќи дека поради пандемијата и рестриктивните мерки сите фактори на производството и на човечката сила не се користат во полн капацитет и оти тоа ја зголемува цената на чинење.

„Имаме пореметување на пазарот во однос на цените, но генерално не би требало да дојде до позначајни поскапувања зашто имаме влијание и од другата страна од аспект на побарувачката која е лимитирана со големината на расположливите приходи, доходите на населението итн. Не е само доволно на страната на понудата да растат цените, но на тоа треба да одговара побарувачката која генерално е еластична, односно реагира на промените на нивото на цените”, вели професор Ивановски.

Но, поскапувањата на прехранбените производи не се единствени кои предизвикуваат внимание кај дел од јавноста.

Деновиве и Градежната комора предупреди дека ќе пораснат цените на недвижностите, укажувајќи дека цената за стан за квадратен метар во Центар во Скопје ќе достигне 2 илјади евра.

„Со најавените уште поголеми поскапувања на репроматеријалите, цените на становите ќе растат. Дополнително, граѓаните увидоа дека во време на пандемија е најдобро да вложуваат во недвижнини. Сепак, не би можел да кажам за колку ќе се покачуваат цените со оглед дека сме во најтешкиот момент за градежништвото и не знаеме колку тоа ќе трае“, изјави Андреа Серафимовски, претседател на градежна комора.

Но, стручните лица сепак велат дека загриженоста од поголем раст на цените на становите е непотребна.

Академик Беџети вели дека во моментов поради пандемијата градежништвото се соочува со раст на увозните материјали, особено на челикот. Тоа според него би имало влијание врз цената на становите, но во многу мал процент, со оглед дека се уште во државава понудата на станови е многу поголема од побарувачката.

„Во Скопје во моментов има околу 7 илјади станови кои се нудат на продажба, а 14 илјади се во градба само во Скопје. Тоа се калкулативни цени што се посочуваат во јавноста, но не се реализираат така како што се понудени. Реализираните цени се најмалку 15-20 проценти пониски од тие цени што се првично понудени на пазарот во градежништвото. Така што генерално не очекувам дека оваа година би била инфлаторна година”, вели професор Абдулменаф Беџети.

Монетарната политика придонесува за стабилност на девизниот курс

Инаку во врска со зголемувањето на цените во периодот на пандемијата и од Светска банка (СБ) во најновиот извештај кажаа дека тоа е очекувано поради тешкотиите во синџирите на испорака и снабдување и посочија дека тоа ќе се смени кога ќе почнат да попуштаат епидемиолошките мерки за да се засили конкуренцијата а со тоа да се намалат и цените. Тие нагласија дека земјава има солидни ресурси во земјоделскиот сектор и оти конкуренцијата во овој сектор може да доведе до намалување на висината на цените.

СБ потенцира дека добрата монетарна политика и мерките на банката треба да придонесуваат за стабилност на девизниот курс во земјава.

Во врска со монетарната политика професор Зоран Ивановски за РСЕ вели дека верува оти моќта на НБ е доволно голема да се справи со потенцијално зголемување на цените кај одредени производи.

Тој оценува дека досега и во 2020 година која ја одбележаа пандемијата и кризата која го погоди светот, Народна Банка ја зачувала ценовната и финансиската стабилност која битно придонесува за зачувување на стабилноста на девизниот курс.

„Во однос на вкупниот амбиент сметам дека НБ преку политиките кои ги води, преку стратегијата за одржување на фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото, и интсрументите за одбрана на девизниот курс, даваат резултати на долг рок и со години Македонија може да се пофали со ислучително ниска стапка на инфлација. И на долг рок не очекувам позначајни влијанија кои би донеле негативни последици за економијата”, вели Ивановски.

Инаку од Народна банка, изминатиот период кажаа дека стапката на инфлација во нашата економија е стабилна и ниска веќе подолг временски период, а оти за годинава не се очекуваат позначајни инфлациски притисоци.

Минатата година, инфлацијата во просек изнесуваше 1,2%.

За оваа година НБ очекува просечна инфлација од 1,5%, при што очекува забрзан раст на цените во рамки на енергетската компонента. На среден рок, во 2022-2023 година, очекуваме инфлацијата да се приближи до нивото од околу 2%.

Врз основа на макроекономските проекции пак на Европската Централна Банка од март оваа година, стапката на инфлација во еврозоната се очекува да се придвижи до 1,5% во 2021, 1,2% во 2022 и 1,4% во 2023 година.

И ЕЦБ на среден рок очекува инфлацијата да е умерена и во контролирани рамки, со оглед на потребното време за закрепнување на побарувачката.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG