Достапни линкови

Антикорупциска: Спорна продажбата на парцелата спроти ГТЦ поради постапка за денационализација


Антикорупциската комисија бара од Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација поради, според нив, спорната продажба на земјиштето спроти „Холидеј Ин“ и ГТЦ.

Станува збор за паркингот спроти ГТЦ каде што беше планирано да никнат висококатници. Имотот го купија фирмите „Обновители“и „Фешн“ по 312 евра за метар квадратен.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска соопшти дека Комисијата го завршила предметот кој се однесува на продажбата на градежното земјиште кај паркингот „Холидеј ин“, кој бил отворен по сопствена иницијатива по наводи изнесени во медиуми за сомневање за злоупотреби со продажбата на парцелата.

Таа информираше дека во дописот кој го побарале од државниот правобранител, тој навел дека градежното земјиште е отуѓено врз основа на важен детален урбанистички план од 2012 година дека како прилог на документацијата доставен е и изводот од ДУП-от издаден од градоначалникот на Општина Центар.

„Дел од ова земјиште што го продава Министерството за транспорт и тоа некаде околу 625 метри квадратни е на семејство што започнало процес за денационализација во 2003 година. Но поради измени во Законот за денационализација од декември во 2010 година со кој се дозволува располагање со имот којшто е предмет на денационализација земјиштето е продадено пред да биде завршен процесот на денационализација“, нагласува Ивановска.

Дали МПЦ е само маска за бизнисот со плацот кај ГТЦ?

Пред оваа измена, вели таа, постоела апсолутна забрана за располагање со имот од предмет на денационализација без никакви дополнителни услови со што се заштитува имотот, предмет на денационализација се заштитувале правата на поранешните сопственици или нивни наследници врз тој имот и се овозможувало на крајот остварување на целта на законот, а тоа е враќање на имотот на сопствениците односно на наследниците.

„Обновители“, заедно со фирмата „Фешн“ од Министерството за транспорт и врски докупија 9 илјади метри квадратни државно земјиште на кое планираат да изградат три висококатници со што станаа сопственици на градежен плац од вкупно 14 илјади метри квадратни.

XS
SM
MD
LG