Достапни линкови

Рашковски заминува - Останаа „Леонардо“, хеликоптерите, софтверот, џипот...


Драги Рашковски

Драги Рашковски поднесе оставка за, како што наведува, да го сочува достоинството и интегритетот. Рашковски беше посочуван од опозицијата за низа афери за кои дел преземаа чекори ДКСК и Јавното Обвинителство

Драги Рашковски, поранешен Генерален секретар на Владата, а сегашен секретар за мониторинг, со писмо до премиерот Зоран Заев поднел оставка. Тој утрово на својот фејсбук профил ја објави оставката од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Датумот на писмото до премиерот Заев е 12 април.

Неговото име во последниот период е поврзано со низа обвинувања од опозицијата, со неколку случаи кои се под мониторинг на Државната комисија за спречување корупција, а дел се и предмет на истрага во Јавното обвинителство. Неои од нив се „Леонардо“, „Софтвер за МВР“, „Џип волво“...

„Повлекувањето е поврзано со зачувување на достоинството и интегритетот. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции“, напиша Рашковски во оставката и во објавата на фејсбук.

Оставката на Драги Рашковски
Оставката на Драги Рашковски

Тој во оставката, меѓу другото, пишува дека ќе остави времето да покаже зошто во јавноста „се деградира личност како него“ во услови кога „политикантството станало посилно од природните науки“.

„За некој на кого во светски рамки има добиено 11 златни и 32 сребрени медали за своите иновации е деградирање на интелектуачниот капацитет споредбите кои се прават од страна на одредена јавност. Останува на времето да покаже која е вистинската причина за тоа. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Сѐ поразлично од тоа е лажна вест“, напишал Рашковски во оставката, заблагодарувајќи му се на премиерот Заев за „укажаната доверба“ и посакувајќи му успешна работа.

Аферите со кои се поврзуваше Рашковски

Неговото име до сега се поврзуваше со проектот за хеликоптерската единица за брза помош, случајот со италијанската фирма „Леонардо“, проектот за јавно приватно партнерство за наплата на акцизните стоки... Најактулен е случајот со набавката на софтвер за контрола во сообраќајот кој Рашковски како генерален секретар на Владата го распишал без знаење на МВР, за кој Обвинителството покрена истрага, а под мониторинг е и неговиот анкетен лист откако Антикорупциската комисија реагираше на пишувањата во медиумите дека вози луксузно возило кое го нема пријавено како државен функционер и по информациите во медиумите дека „во неговиот анкетен лист го нема и земјиштето кај Побожје на кое планира да изгради куќа од 800 квадратни метри“.

Софтвер за МВР, одмор во Мексико

Најактуелен случај со Рашковски, покрај проверката на неговиот анкетен лист, е оној за софтверот кој тој како поранешниот генерален секретар на Владата, го набавил пред 8 месеци од фирмата „Инвока груп“ и платил 81 илјада евра со цел да се употребува во рамките на проектот „ Безбеден град“ на МВР. Но, оттаму велат дека таквиот софтвер нити го користат, ниту планираат да го користат затоа што работат на нов проект за таа цел. Дополнително Рашковски ја патентирал идејата за софтвер кој подоцна со јавна набавка го нарачал и платил на „Инвока Гроуп“ од државниот буџет пред да биде извршено негово тестирање за функционалноста.

Рашковски уште во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“. Во тој период софтверот не бил изработен во целост од фирмата „Инвока Гроуп“ затоа што ,според известувањето за склучен договор на Бирото за јавни набавки, набавката во целост била реализирана во 2020 година.

Кога беше отворена аферата, Рашковски за дел од медиумите потврди дека е на од порано планиран одмор со сопругата во Мексико. Пред неколку дена Обвинителството нареди претрес во фирмата Инвока и во домот на нејзиниот сопственик, како дел од постапката за прибирање докази во случајот со „софтверот за сообраќај“.

Леонардо

За Рашковски, Антикорупциската комисија досега отвори најмалку три предмети, покрај последниот за софтверот што МВР не го користи. Еден е и оној за набавка за радарските системи од италијанската фирма Леонардо.

За тој случај подетално зборуваше и претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„'Леонардо' е малку покомплексен предмет. Ние го отворивме и од аспект на јавната набавка, на целата постапка за избор на 'Леонардо' како оператор од кој што требаше да се набави таа опрема, и тој е малку пообемен процес, и тој процес е завршен. Е сега вториот дел е кога Рашковски се вклучува и зошто се вклучува и зошто се одолговлекува времето на склучување на договорот, иако се склучува ист договор како и претходно што се сакало да се склучи, ни остануваат уште ситни детали, околу пет до десет проценти за целосна обработка на предметот, меѓутоа и тоа брзо ќе се заврши и ќе ги објавиме резултатите од тој предмет“, изјави Ивановска за РСЕ во интервјуто од 21 март 2021.

„Ремек дело на Владата“

Во 2019 година во јавноста и во медиумите беше отворен случајот поврзан со формирањето на хеликоптерска итен медицински тим, откако опозицијата обвини дека „во него се крие криминал“. Тогашниот Генерален секретар на Владата, Рашковски, го бранеше пшроектот и жестоко ја критикуваше опозицијата.

„Хеликоптерскиот итен медицински систем и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е „првото ремек дело што успеала државава да го направи“, рече тогаш Рашковски, наспроти тврдењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека јавно-приватното партнерство за овој проект е уште една злоупотреба на државните пари. Системот за воени и медицински хеликоптери државата нема да ја чини ниту еден денар, истакна Рашковски на брифингот со новинарите во ноември 2019 година, откако Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати посочи дека за овој систем ќе се излеат вкупно 72 милиони евра во наредните 8 буџетски години.

„Треба да бидеме горди што во земјава се воведува ваков систем, кој на граѓаните ќе им понуди, доколку им е потребна, бесплатна брза спасувачка услуга, а државата за тоа нема да потроши ниту еден денар. На државата, по истекот на 8-годишниот договор, ќе и останат два опремени хеликоптери, како и 8 хелиодроми кои приватниот партнер ќе ги изгради на државно земјиште“, рече Рашковски тогаш, додавајќи дека се смешни и жални обвинувањата на опозицијата.

Проверка на анкетниот лист

По објавите на дел од медиумите дека Рашковски „вози луксузно возило од 74 илјади евра кое го нема пријавено како државен функционер“ и по информациите во медиумите дека „во неговиот анкетен лист го нема и земјиштето кај Побожје на кое планира да изгради куќа од 800 квадратни метри“, Антикорупциската комисија реагираше дека ќе провери дали неговиот анкетен лист, во кој е должен како државен функционер да го пријави имотот, е реален и доколку се утврди спротивното, Државната комисија за спречување корупција тоа ќе го пријави во Финансиската полиција.

„Доколку утврдиме ние разлика помеѓу имотот што е прикажан и месечните приходи што ги има, таков е нашиот закон, тогаш одиме чекор понатаму за испитување на имотот и тогаш нели се вклучуваат и други институции како што е Финансиска полиција. Они имаат посебни методи за истражување и тоа ќе си го докажуваат“, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на прес-конференцијата одржана на 13 април 2021.

Вицепремиерот не го разреши, премиерот не виде конфликт на интереси

Пред 15 дена, вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, изјави нема да бара разрешување на поранешниот генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден 81.000 евра, кој не го користи ниедна институција. Одговарајќи на новинарско прашање - Дали ќе предложи Рашковски да се повлече од функцијата, по примерот на екс-директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова - вицепремиерот Николовски рече дека се работи за различни случаи. Тој објасни дека „предлогот за разрешување на Димова следувал откако финансиската полиција покренала кривична пријава, а се повика и на владиниот Етичкиот кодекс, кој, како што кажа, важи за сите министри, заменик министри и за сите функионери именувани од Владата.

Рашковски моментално го води новоформираниот Секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, а за именување и разрешување на раководителите на новите Секретаријати, меѓу кои и тој на Рашковски, решава премиерот.

Пет дена претходно, премиерот Зоран Заев изјави дека при набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски, не е прекршена ниту една процедура и не е констатиран никаков конфликт на интереси. Според него, софтверот е набавен регуларно, преку јавни набавки, авторските права за него се во сопственост на Владата, а за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност.

ВМРО-ДПМНЕ: Милионски скандали не се покриваат со оставка

По оставката на Рашковски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара „до крај да бидат истражени аферите во кој тој наводно е вовлечен, како и да биде испитана неговата имотна состојба“. Од партијата велат дека и поранешните директори на Фондот за здравство и Агенцијата за европски образовни програми , Ден Дончев и Лидија Димова, си поднеле принудни оставки, но без санкција.

„Изнудената оставка на Рашковски пропратена со арогантен напад на јавноста не е преземање на одговорност. Овие милионски скандали не се покриваат со оставка, потребана е одговорност и судска разврска“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG