Достапни линкови

Вести

ЕК побара од Будимпешта продолжување на работата на независното Клубрадио

Андрас Арато, извршен директор на Клубрадио, Будимпешта, 9 февруари 2021 година

Европската комисија ја повика Унгарија да дозволи последната независна радио-станица во таа земја Клубрадио да продолжи со емитувањето по одбивањето на властите да ја продолжат лиценцата за емитување. Портпаролот на Европската комисија Кристијан Виганд рече дека Комисијата испратила писмо до постојаното претставништво на Унгарија во Брисел за да изрази загриженост во врска со Клубрадио. Комисијата побара од Будимпешта да преземе итни мерки за да се осигура дека Клубрадио може да продолжи да ја користи својата фреквенција се додека конечните одлуки не станат законски обврзувачки, рече Виганд, кој предупреди на „непоправлива штета“ на радиостаницата. Тој рече дека загубата на лиценцата на станицата се случила „врз основа на многу сомнителни правни основи“ и дека Унгарија „треба да ја почитува повелбата на ЕУ за основните права, вклучително и правата на слобода на изразување, информирање и слобода за водење бизнис“.

Замолчување? Во Унгарија затворено последното независно радио


Портпаролот рече дека Унгарија сè уште не испратила официјален одговор на писмото на Комисијата. Содржината на Клубрадио често е критична кон владата на премиерот Виктор Орбан. Во септември 2020 година, Унгарскиот национален орган за медиуми и инфокомуникации одби да му ја продолжи седумгодишната лиценца за работа на Клубрадио, велејќи дека станицата „повеќепати го прекршила“ законот за задолжителна регистрација со тоа што двапати доставувала документи доцна. Унгарија е под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, а Виганд сугерираше дека може да се преземат понатамошни активности против земјата доколку Комисијата утврди дека Клубрадио бил замолчен незаконски.

види ги сите денешни вести

Заев: До крајот на март вакцини од Ковакс, има понуда и од АстраЗенека

Премиерот на македонската Влада, Зоран Заев

Стигна и од Ковакс механизмот информацијата дека ќе испочитуваат до крајот на првиот квартал, тоа значи до крајот на месец март да стигнат првите количини, веројатно меѓу 20-30 илјади вакцини, информираше денеска премиерот Зоран Заев и додаде дека 3000 вакцини, прва тура од руската вакцина Спутник V, ќе стасаат за неколку дена.

„ Страв ми е да кажам дека ќе стасаат, а што ако не стасаат“, рече Заев за пристигнувањето на 3000 руски вакцини

Тој за овој месец најавува масовна имунизација против ковид-19.

„Во март месец ќе почне масовната вакцинација. Покрај здравствените работници, нормално тука се возрасните граѓани, па оние со хронични болести. Секој ден се носи некоја нова информација. Знаете дека се уште очекуваме од Кина, каде што дури плативме аванс, па повлековме аванс, се со цел да потврди Министерството за надворешни работи дека е во ред“, изјави премиерот.

Според него, има и нови понуди на производителот на вакцини против ковид Астра Зеника.

„Денеска имам разговор со британски претставници од највисоко ново, да видиме дали може за 7 до 10 дена и тие да стигнат заради тоа што се работи за ервропска, квалитетна вакцина, така што верувам дека за многу брзо време оваа, со право, летаргија, која што се јавува во општеството, да биде отклонета и да продолжи процесот на вакцинација“, кажа Заев.

Вчера од Фајзер пристигна договорот за испорака на вакцини против ковид-19, според кој овој производител се обврзува на Македонија во 2021 да ѝ испорача околу 800 илјади вакцини во 4 етапи, од кои првата етапа од 21 илјада до крајот на март.

Белорусија побара од Литванија да ѝ ја екстрадира Циханускаја

Илустрација - Светлана Циханускаја и Александар Лукашенко

Белорусија побара екстрадиција на опозициската лидерка Светлана Циханускаја, која е во егзил во Литванија. Циханускаја, која го предизвика автократот Александар Лукашенко на претседателските избори минатата година, останува во членката на Европската унија, Литванија, по интензивирањето на демонстрациите против Лукашенко, на што владата одговори со репресија. Протестите во Белорусија започнаа по претседателските избори на 9 август, на кои Лукашенко прогласи победа, што опозицијата ја отфрла, тврдејќи дека Лукашенко го поставил изборниот резултат.

Белоруското обвинителство на 5 март објави дека побарало од Литванија да ја испорача Циханускаја „со цел да се соочи со кривично гонење за злосторства против владејачкиот поредок, јавната безбедност и државата“.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис одговори дека неговата земја „била и ќе биде ѕид од тули зад кој ќе се засолнат сите демократски сили прогонувани од режимите“.

„Можеме да му кажеме само на белорускиот режим една работа: прво пекол мора да се замрзне, па да ги разгледаме вашите барања“, рече тој.

Ако треба ќе ги спомнеме Бугарите и во Уставот, вели Османи

Бујар Османи

Ако треба Бугарите ќе бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница, иако досега никој тоа не го побарал, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој во изјава на ТВ21 рече дека „Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани“.

„Немам никаква резерва по однос на прашањето Бугарите да бидат спомнати како посебна етничка заденица во Уставот ако тоа им значи“, рече Османи и додаде дека официјално не чул за такво барање, ниту било разговарано за тоа.

За додавање на Бугарите во македонскиот Устав е потребна негова измена, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Оваа изјава на Османи доаѓа во време кога се финализира т.н. Акциски план маѓу Македонија и Бугарија за надминување на споровите поради кои, според Софија, Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на Македонија и Европската унија.

Решавањето на билатералниот спор со Бугарија е нотиран и во најновиот Извештај на европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент кој денеска беше усвоен. Оваа Комисија, како што јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, го повика денеска Брисел што побрзо да ги отвори пристапните преговори со Македонија.

Се бара истрага за институционални пропусти во случајот со Мијалков

Илустрација - Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Три здруженија - Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата Отворено општество Македонија - бараат темелна и брза истрага за институционалните пропусти околу недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

„И покрај епилогот на овој случај, кој значеше обезбедено присуство пред судските органи на обвинетиот и сега веќе притворениот Мијалков, сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата“, се наведува во соопштението од овие три организации.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, пред една недела беше првостепено осуден на 12 години затворска казна во предметот Таргет-тврдина, кој се однесува на незаконското масовно прислушување на над 20.000 граѓани. Пред да биде осуден тој два дена беше недостапен за надлежните органи кои го бараа да му го врачат решението за притвор. Издржувањето на казната Мијалков го чека во притвор во затворот Шутка.

Тие сметаат дека бегството се случило токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможиле бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица од високо-профилираните кривични постапки.

„Истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот“, се наведува во заедничкото соопштение.

Токму затоа, додаваат тие, „инсистираме на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност“. Здруженијата, соодветно на резултатите од истрагата, бараат да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, со што помогнале во бегството на Мијалков.

Од ЕП повик до Брисел што побрзо да ги отвори пристапните преговори со Македонија

Европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (ЕП) гласаа за извештајот за северна Македонија дека Европската унија (ЕУ) треба да покаже јасна политичка волја и да ја одржи првата меѓувладина конференција, што официјално ќе го означи почетокот на пристапните преговори, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓеракина Тухина.

„Ова треба да се направи што е можно поскоро со цел да се спречат понатамошни одложувања, потврдувајќи ги кредибилитетот, објективноста и веродостојноста на процесот на пристапување, но исто така и да се спречат понатамошните одложувања да му наштетат на помирувањето постигнато во регионот“, се вели во извештајот на европратениците.

Овој документ ги повикува властите и политичките партии во Македонија да продолжат со заедничките напори за зајакнување на демократијата, борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, добрососедските односи и регионалната соработка, истовремено подобрувајќи ја климата за слобода на медиумите и граѓанското општество.

Во поглавјето за билатералните односи во извештајот се наведува дека „Северна Македонија покажала јасен стратешки фокус и посветеност кон интеграцијата во ЕУ, бидејќи продолжува да ги спроведува реформите поврзани со пристапувањето и да работи на решавање на билатералните прашања со соседните земји“.

Исто така, се потсетува на „кооперативниот и конструктивниот пристап“ на Македонија за време на преговорите за Договорот од Преспа со Грција, како и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Европратениците, како што јавува дописничката на РСЕ од Брисел, жалат што Бугарија и Северна Македонија сè уште не постигнале договор за отворените билатерални прашања. Наведувајќи дека продолжувањето на дијалогот е клучно, европските претставници ги повикуваат двете земји да постигнат компромис за Акциониот план што вклучува конкретни мерки.

Осврнувајќи се на усогласувањето на надворешната политика, членовите на Европскиот парламент официјално го повикуваат Скопје да го зајакне усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Во овој поглед, „специјална покана се испраќа на Северна Македонија да ја усогласи својата политика со неодамнешната одлука за ограничувачки мерки против Русија“. Во Извештајот, исто така, се изразува загриженост дека земјата станува „се повеќе енергетска и економски зависна од трети земји“.

Автор на овој Извештај е европскиот претставник и известувач за Македонија во ЕП, Илхан Ќучук, кој по гласањето оцени дека пратениците постигнале широк компромис.

„Се согласивме дека е клучно да се најде решение за билатералните прашања во текот и спроведувањето на Договорот за добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија. Конечниот текст испраќа силен сигнал до Северна Македонија за нејзината иднина во ЕУ и повикува на одржување на меѓувладината конференција што е можно поскоро за да се спречат понатамошни одложувања “, рече Ќучук.

Овој извештај беше изгласан со убедливо мнозинство - Гласаа 61 европратеник, од кои 4 беа против, а 2 воздржани. Подоцна оваа година, овој извештај на Комитетот за надворешни работи, ќе биде ставен на гласање на пленарната сесија на ЕП, кога ја доби и верзијата на Европскиот парламент.

Молдавија прва во Европа доби вакцини преку системот Ковакс

Молдавија го почна вакцинирањето против ковид пред три дена со вакцини подарени од Романија

Молдавија е првата европска земја што доби вакцини против коронавирус од глобалната програма Ковакс, соопшти денеска молдавската претседателка, Маја Санду.

Таа на Твитер доцна синоќа напиша дека во Молдавија пристигнала првата транша од 14.000 дози вакцини. Во Молдавија имунизацијата почна пред три дена со вакцини од АстраЗенека, кои на Молдавија ѝ ги подари Романија.

Распределбата на вакцините преку механизмот на Обединетите нации - Ковакс, почна пред десетина дена со испораката на анти ковид вакцини во Гана. Иницијативата Ковакс беше воспоставена за да се спречи посиромашните земји да не останат без вакцини. Преку неа, вакцини треба да стигнат во 190 држави, а главната цел е 92 сиромашни земји да добијат вакцини во исто време кога и 98 побогати нации.

Ковакс досега собра шест милијарди долари, а за да се исполнат целите за оваа година, потребни се уште најмалку две милијарди. До крајот на годината, преку Ковакс, треба да бидат поделени две милијарди дози низ цел свет, вклучувајќи ја и Македонија.

Фидес разговара со италијански и полски партии за нова групација во ЕП

Виктор Орбан

Унгарската владејачка партија Фидес разговара со конзервативните политички сили, вклучувајќи го и италијанскиот популист Матео Салвини, во барањето нова група во Европскиот парламент, изјави денеска премиерот Виктор Орбан. Во средата, Фидес на Орбан ја напушти најголемата централно-десничарска политичка група во парламентот, откако фракцијата се насочи кон нејзино суспендирање поради лошите оценки за развојот на демократијата во земјата.

Орбан се заканува со излез на Фидес од конзервативната ЕПП во Европскиот парламент

Орбан вели дека целта е да има политички дом за Фидес и слични сили во Европа кои не сакаат мигранти и сакаат да ги „заштитат“ традиционалните семејства. ЕУ го критикува Орбан за ставање под владина контрола на судови, медиуми, академици и невладини организации. Орбан, кому му претстојат избори следната година, ги негира критиките и одби да го смени процесот.

Девет мајмуни во САД вакционирани против ковид-19

Горили во зоолошката градина во Сан Диего, Калифорнија, САД, 10 јануари 2021 година.

Девет мајмуни во зоолошка градина во Сан Диего, Калифорнија станаа првите нечовечки суштества во светот кои се вакцинирани против ковид-19. Официјални лица во зоолошката градина во Сан Диего на 5 март изјавија дека вакцината им била дадена во изминативе неколку недели. Животните добија по две дози на експериментална вакцина првично наменета за кучиња и мачки, изјави портпаролката на зоолошката Дарла Дејвис за Ројтерс. Сите добро се чувствуваат, рече таа.

Вакцините-толку блиску, а сепак далеку


Службениците на зоолошката градина ја одобрија вакцинацијата откако осум горили во зоолошката градина Сафари во Сан Диего се здобија со ковид-19 во јануари, означувајќи го првиот познат пренос на вирусот на големите мајмуни.

Седница на Кинескиот народен конгрес

Завршната сесија на Националниот народен конгрес во Пекинг, 28.05.2020

Во Пекинг денеска започна годишниот состанок на највисокото законодавно тело. Одлуката беше донесена од Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес, а предложениот дневен ред вклучува разгледување на извештајот за работа на Владата и нацрт на 14-тиот петгодишен план за економски и социјален развој на Кина.

Кинескиот парламент го усвои законот за Хонг Конг

Собирот на Националниот народен конгрес обично се одржува на почетокот на март во Пекинг, но лани беше одложен за во мај годинава поради епидемијата на коронавирус. Националниот конгрес обично трае најмалку 10 дена.

Американски сентори: односите со Бугарија се соочуваат со „сериозни предизвици“

Протест, Софија, Бугарија

Американски сенатори ја повикаа Бугарија да ги почитува демократските вредности и владеењето на правото додека се подготвува за парламентарни избори во следниот месец. Тие предупредуваат дека моменталната состојба во нејзините внатрешни работи претставува „сериозен предизвик“ за билатералните односи. Во изјавата издадена вчера - еден ден пред официјално да започне кампањата за бугарските парламентарни избори на почетокот на април – сенаторите рекоа дека би сакале да видат посилни односи со источноевропската нација, вклучително и за безбедносни и енергетски прашања. Сепак, „постојаната корупција, намалувањето на слободата на медиумите, политизацијата на судството и другите закани за владеењето на правото претставуваат сериозни предизвици за билатералните односи меѓу САД и Бугарија“, оценуваат во изјавата претседателот на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, Боб Менендез, демократ од Њу Џерси и членот на овој комитет Џим Риш, републиканец од Ајдахо. „Како што се приближуваат парламентарните избори во април, императив е владата на Бугарија да ги заштити овие вредности“, наведуваат тие.

Брнз: прашањата со Бугарија да останат надвор од преговорите со ЕУ

Бугарија беше потресена од демонстрации минатото лето, додека илјадници граѓани излегоа на улиците во знак на протест против растечката перцепција за корупција под времето на премиерот Бојко Борисов, кој ја води земјата во поголемиот дел од изминатата деценија. Бугарија, членка на Европската унија и НАТО, постигна најнизок резултат во блокот и на Индексот за перцепција на корупцијата во 2019 на Транспаренси Интернешнл и на Светскиот индекс на слобода на печатот на Репортери без граници.

Папата Франциск во посета на Ирак

Мурал на папата Фрањо се гледа на ѕидот на црква за посета на Ирак, во Багдад, Ирак на 22 февруари 2021 година

Поглаварот на Римокатoличката црква папата Франциск од денеска до 8 март ќе престојува во Ирак. Тоа е негово прво патување во странство во изминативе 16 месеци, што е поврзано со пандемијата на коронавирусот. 84-годишниот понтиф, кој е вакциниран против ковид-19, очигледно има намера да продолжи со патувањата и покрај пандемијата. Главната причина на Франциск да го направи првото папско патување во Ирак е да ги охрабри христијаните во земјата, кои се соочуваа со децении дискриминација од ирачките муслимани пред да бидат прогонувани од групата Исламска држава, почнувајќи од 2014 година.

Папа Франциск: Жално е ако богатите имаат предност за вакцина

Франциск имаше намера да го посети Ирак таа година, како и Свети Јован Павле Втори во 2000 година, но и двајцата мораа да ги прекинат своите патувања поради безбедносни проблеми. На неговиот прв ден во Багдад, Франциск ќе се сретне со католички свештеници и монахињи во црквата „Богородица на спасот“, местото на масакрот во 2010 година, во кој загинаа 58 лица, а за кој одговорноста ја презеде групата Ал Каида во Ирак, која подоцна прерасна во ИД.

Каракачанов ја брани одлуката Бугарија да не учествува на вежба на НАТО

Министерот за одбрана Красимир Каракачанов

Министерот за одбрана Красимир Каракачанов ги нарече неодговорни обвинувањата дека Бугарија ja саботирала вежба на НАТО одбивајќи да учествува. Воената вежба Посејдон 21 започна во саботата во романските водите на Црното Море. Во последен момент, бугарските екипи одбија да учествуваат поради 11 позитивни случаи на ковид-19. Посејдон 21 е прва мултинационална вежба во регионот годинава и вклучува екипажи од сојузниците на НАТО, САД, Турција, Грција, Франција и Шпанија, а подоцна ќе биде вклучена и украинската морнарица. Еден ден пред почетокот, Бугарија ги извести сојузниците дека се откажува. Отсуството на Бугарија од вежбата на НАТО доаѓа во услови на остар став на Русија кон „американските маневри“ во регионот на Црното Море.

Борисов: Со Каракачанов имаме ист став, Македонија во ЕУ и НАТО

Некои експерти изјавија дека одбивањето на Софија во последен момент покренува многу прашања – од тоа како се почитуваат правилата во армијата и дали не постои друга политичка причина зад објаснувањето со коронавирусот. „Написите од тој вид дека со нашето неучество саботираме вежба на НАТО се апсолутно неодговорни“, рече Каракачанов. Според него, вообичаена е практиката во НАТО да се повлекуваат делови од вежби кога има слични случаи. „Повторно имаше обиди за шпекулации, не можам да разберам какви се овие луѓе кои во секоја работа гледаат некаков вид на светски заговор или го измислуваат“, рече Каракачанов, додавајќи дека позитивни случаи на заразени во армијата имало околу 2 процента.

Во светот од ковид-19 лани починале 17.000 здравствени работници

Здравствени работници чекаат луѓе да примат вакцина против ковид-19 на саемот во Белград претворен во центар за вакцинација, 4 февруари 2021 година

Најмалку 17.000 здравствени работници починаа од ковид-19 во текот на минатата година, соопштија Амнести Интернешнл, Паблик сервисис Интернешнал и УНИ Глобал јунион. Затоа овие организации повикаа на итни мерки за забрзување на вакцинацијата на милиони здравствени работници од прва линија низ целиот свет. Огромното предупредување дојде кога глобалните нееднаквости во пристапот до вакцините продолжија да се шират. Повеќе од половина од светските дози досега биле администрирани во само 10 богати земји, што претставува помалку од 10% од светската популација, додека над 100 земји допрва треба да почнат да вакцинираат.

Инфодемијата го намалува успехот на вакцините во Србија

Бидејќи многу посиромашни земји треба да ги добијат своите први групи вакцини во следните недели и месеци, организациите ги повикаа владите да ги вклучат сите здравствени работници од првите редови во нивните планови за дистрибуција - вклучително и оние кои честопати се игнорираат во пандемијата, како што се чистачи и работници за социјална заштита - со цел да се спасат животи и да се обезбедат безбедни услови за работа. „Тоа што еден здравствен работник умира од ковид-19 на секои 30 минути е истовремено трагедија и неправда. Здравствените работници ширум светот ги ставаат своите животи во ризик во напорите да ги заштитат луѓето од ковид-19, но сепак многумина останаа незаштитени и ја платија крајна цена “, рече Стив Кокбурн, раководител на одделот за економска и социјална правда во АИ.

Русија е подготвена да обезбеди вакцини Спутник V за 50 милиони Европејци

Руската вакцина против ковид-19 Спутник V

Руската вакцина против ковид-19 Спутник V ја помина клучна фаза за употреба во ЕУ, бидејќи Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера започна со тестирање, а руските власти изразија подготвеност да обезбедат вакцини за 50 милиони Европејци.Шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции кој придонесе за развој на оваа вакцина, Кирил Дмитриев, изјави дека веднаш штом Европската агенција за лекови ја одобри руската вакцина, Русија ќе биде способни да обезбедат вакцини за 50 милиони Европејци од јуни годинава.

Полска не планира да купува руска вакцина против коронавирус

„Целта е Спутник V да даде значителен придонес за спасување милиони животи во Европа. Партнерствата со вакцини треба да бидат одделени од политиката, а соработката со ЕМА е одличен пример бидејќи здружувањето на силите е единствениот начин да се стави крај на пандемијата“, рече Дмитриев, посочувајќи дека Спутник V е веќе одобрен во околу четириесет земји во светот. Европската агенција за лекови изјави дека времето потребно за одобрување на вакцината треба да биде пократко од вообичаеното, поради веќе завршената подготвителна работа. Првата фаза се состои од континуирано испитување на податоци и клинички испитувања. Ова треба да биде проследено со официјално барање за издавање на условно одобрение за ставање во промет за една година. Досега, времето помеѓу континуирано тестирање и одобрување беше помеѓу два и четири месеци.

Русија ја регистрира и третата вакцина против ковид-19

Скептично пречекана на Запад, првата руска вакцина против ковид-19 во меѓувреме ги убеди експертите, особено откако резултатите беа објавени во специјализираното списание „Лансет“, според кое ефективноста на руската вакцина е 91,6 проценти за симптоматските форми на болеста. Европската комисија одделно соопшти дека нема намера да го вклучи Спутник V меѓу вакцините што планира да ги купи. „Нема преговори за вклучување на вакцината Спутник во тоа портфолио“, соопшти Европската комисија. Засега, вакцините Фајзер / БиоНТек, Модерна и АстраЗенека се одобрени во ЕУ.

ЕУ не може сама да ја брани Европа од закани од тероризам и Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди на обиди за „поделба на Европа од Северна Америка“ и рече дека Европската унија „не може да го брани“ Континентот сама во услови на закана од тероризам и „дестабилизирачко однесување“ на Русија. „Секој обид за поделба на Европа од Северна Америка не само што ќе го ослабне НАТО, туку и ќе ја подели Европа“, рече тој во говорот на Колеџот на Европа во Бриж, Белгија. Во својот говор, тој рече дека силната трансатлантска врска е „основата“ на безбедноста на Европа. „Повеќе од 70 години, НАТО го отелотворуваше овој уникатен однос. Нашиот сојуз е единственото место што ги собира Северна Америка и Европа секој ден за да разговараат за заедничките безбедносни предизвици “, рече тој.

САД ќе ѝ помогнат на ЕУ да го забрза распоредувањето сили пред предизвикот од Русија

Столтенберг ја наведе обновената важност на НАТО пред „бруталните форми на тероризам“ и на „дестабилизирачкото однесување“ на Русија. „Преку глобалната коалиција предводена од САД за пораз на Исламска држава, помогнавме во ослободувањето на огромна територија и милиони луѓе во Ирак и Сирија. „По незаконската анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година, НАТО го спроведе најголемото засилување на нашата колективна одбрана во една генерација. Распоредување на борбени готови трупи на истокот на нашиот сојуз, за да спречи каква било агресија “, рече тој, додавајќи: „Овој обид за прецртување на границите насилно, како што видовме во Украина и Крим, се случи пред само неколку години“, што ја прави потребата да се спречи конфликтот и да се брани Европа „многу реална“.

Столтенберг го отфрли барањето Франција да биде центар на европската одбрана

Столтенберг, во одвоено интервју за АФП, додаде дека иако ги поздравува напорите на Брисел да ги зголеми трошоците и да ја насочи нејзината одбранбена индустрија, тој се сомнева во врска со повиците Европа да развие „стратешка автономија“ од типот што го турка францускиот претседател Емануел Макрон.

Времето денеска: сончево со умерена облачност

Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне облачноста ќе се зголемува. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Дневната температура ќе биде од 9 до 20 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 17 степени.

Нов земјотрес во Грција почувствуван и во земјава

Илустрација

Вечерва е почувствуван земјотрес на целата територија на земјата со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ. Земјотресот е регистриран во 19 часот и 38 минути со епицентар 260 километри јужно од Скопје, во соседна Грција.

Како што претходно јави дописничката на МИА од Атина, епицентарот на земјотресот бил близина на грчкиот град Лариса, јужно од Еласонас, каде што вчера беше регистриран потрес со јачина од 6 степени според Рихтер, кој предизвика материјални штети.

ЕУ спречила испорака на вакцини во Австралија

Вакцинација во Австралија

Спречување на испораката на 250 илјади вакцини на АстраЗенека од ЕУ за Австралија е првиот случај на примена на системот за контрола на извозот на вакцини кој Унијата го воведе пред повеќе од еден месец.

Претставник на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, ги потврди овие информации објавени во Фајненшл тајмс.

Извозот во Австралија е забранет на барање на Италија поради недостигот на вакцини во ЕУ.

Соочена со недостигот на вакцини, ЕУ, која ја почна вакцинацијата на крајот на декември, воведе систем за контрола според кој компаниите кои произведуваат вакцини, мора прво да ги извршат договорените обврски кон ЕУ пред да им се одобри комерцијален извоз надвор од Унијата.

Земјотрес со јачина од 6,9 степени во Нов Зеланд

Австралија и Нов Зеланд

Земјотрес со магнитуда од 6,9 степени денеска го погоди Нов Зеланд, објави американскиот геофизички институт, наведувајќи дека е издадено предупредување за цунами.

Земјотресот се случил на 180 километри североисточно од градот Гисборн во 14:27 часот по средноевропско време, на релативно мала длабочина од 10 километри.

„Можни се цунами бранови кои може да достигнат меѓу 30 сантиметри и еден метар“, соопшти Центарот за предупредување од цунами во Пацификот, чие седиште е на Хаваи во САД.

Земјотресот силно бил почувствуван на Северниот Остров на Нов Зеланд. Засега нема извештаи за жртви или материјална штета. Нов Зеланд се наоѓа на огнениот појас на Пацификот. Земјата неодамна ја одбележа 10-годишнинанта од земјотресот кој ја погоди областа на градот Крајстчрч на Јужниот Остров, кога загинаа 185 луѓе.

Неготино ќе бара полициски час во општината за спречување на ширењето на ковид-19

Илустрација: Полициски час

Општина Неготино и општинскиот Кризен штаб ќе испратат допис до Главниот координативен штаб на Македонија со барање за воведување на полициски час на територијата на општината на неопределено време, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, информираа попладнево од неготинската локална самоуправа.

Кризниот штаб на Општина Неготино денеска одржал редовен состанок на кој се дискутирало за состојбата со коронавирусот во Општината.

„Констатирано е дека состојбата со Ковид-19 во Општината е алармантна, со тоа што бројот на активни случаи во моментот во Неготино изнесува 279 заболени лица“, соопштуваат од локалната самоуправа.

Биле донесени неколку препораки и заклучоци: на Градскиот пазар ќе може да се продаваат само земјоделски производи и им е укажано на угостителите строго да ги почитуваат мерките за работа, строго се забрануваат групирања на јавни површини, а полицијата ќе врши засилени контроли.

Унгарија ги затвора продавниците и училиштата поради разгорување на епидемијата на коронавирус

Вакцинација во Унгарија

Унгарските власти денеска најавија дека ќе ги заострат рестриктивните мерки поврзани со пандемијата на коронавирус за да го ограничат порастот на бројот на починати и хоспитализирани од болеста.

Од понеделник на две недели ќе бидат затворени сите продавници, освен оние за храна, аптеките и бензинските пумпи. Забавиштата и основните училишта исто така ќе бидат затворени до 7 април.

Новите мерки се воведуваат откако бројот на заразени и починати од коронавирус во земјата се приближи до декемврискиот пик. Денеска, точно една година од првиот регистриран случај во земјата, во Унгарија има над 6200 нови случаи на коронавирус и 152 починати, што е најмногу од 23 декември.

Унгарија се надева дека со брзата програма за вакцинација ќе придонесе за намалување на бројот на заразени. Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергељи Гуљаш рече дека Унгарија наредната недела ќе има највисока стапка на вакцинација во ЕУ.

Турција - Деветмина загинати при уривање на воен хеликоптер

Девет војници загинаа, а четворица се повредени кога воен хеликоптер се урна во источниот дел на Турција, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.

Хеликоптерот се урна во градот Татван во провинцијата Битлис, каде Курдите сочинуваат мнозинство од населението.

Повредените војници се веднаш пренесени в болница. Причината за несреќата сè уште не е позната.

Хеликоптерот патувал кон Татван од блиската провинција Бингол кога исчезнал од радарите.

Полска не планира да купува руска вакцина против коронавирус

Руската вакцина Спутник Ви

Полска не планира да ја купува руската вакцина против коронавирус Спутник Ви, изјави денеска првиот помошник на премиерот Михал Дворчик.

„Што се однесува до руската вакцина, не планираме да ја купуваме, но кога е во прашање кинеската вакцина, го анализираме ова прашање и сè уште не се донесени одлуки“, рече тој на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Спутник Ви веќе е одобрена или е во фаза на одобрување во три држави членки на ЕУ – Унгарија, Словачка и Чешка, а претставници на ЕУ рекоа дека Брисел би можел да почне преговори со производителот на вакцината ако тоа го побараат најмалку четири земји-членки.

Европската агенција за лекови денеска потврди дека го разгледува одобрувањето на руската вакцина. Според нивното соопштение, подносител на барањето е германската компанија Р-Фарм.

Неколку часа подоцна, Европската комисија соопшти дека не се водат разговори за купување на руската вакцина.

Во ЕУ во моментов се користат три вакцини: Фајзер-БиоНТек, Модерна и АстраЗенека, но процесот на вакцинација е бавен поради недостиг на вакцини за сите граѓани.

Полскиот претседател Анджеј Дуда разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг за купување на кинеска вакцина против коронавирус, рече негов помошник на 1 март, но министерот за здравство Адам Недзелски два дена подоцна рече дека во моментов не се препорачува таа вакцина поради недоволно податоци.

Шведска ја препорачува вакцината на АстраЗенека и за постарите од 65 години

Илустрација

Шведските власти од денеска ја препорачуваат вакцината на АстраЗенека против коронавирусот и за постари од 65 години врз основа на новите британски истражувања.

Таа вакцина досега не им се препорачуваше на постарите од 65 години поради недоволно податоци за ефикасноста кај таа старосна група.

„Сега, три големи студии во Велика Британија покажуваат дека вакцината на АстраЗенека има добар заштитен ефект, дури и за луѓето постари од 80 години, и дека заштитниот ефект е споредлив со ефектите на останатите одобрени вакцини“, се наведува во соопштението на здравствените власти.

Германија исто така денеска ја препорача вакцината, Белгија го стори тоа вчера, додека Франција ја препорачува вакцината за лицата меѓу 65 и 75 години.

Валков - Минимум 2,5 милиони Бугари прележаа ковид-19

Редица за вакцинација во Бугарија

Бугарија најверојатно нема повторно да достигне бројки од 5.000 заразени лица дневно, коментира д-р Трифон Валков од Инфективната болница во Софија.
Валков за Нова ТВ изјави дека „лицата кои прележаа ковид-19 се многукратно повеќе од официјално пријавените. Реалната бројка на лица кои ја имале болеста е најмалку 2,5 милиони“.

„Една од причините за повеќето позитивни тестови е што се прават повеќе тестови. Секогаш во Бугарија се правеа околу 10-12.000 тестови, а сега има денови кога се прават и по 16 илјади. Втора причина е што веќе се додаваат тестови за антиген“, изјави Валков за бугарската Нова ТВ.

Според него, теоретски е можно на почетокот на април повторно во земјата да се дојде до бројка од 5.000 инфицирани лица дневно.

„И натаму, меѓутоа, мислам дека нема да достигнеме слично зголемување на бројот на заразени лица, какво што имавме во ноември. Повеќето луѓе веќе го прележаа вирусот. Има и многу вакцинирани“, изјави инфектологот.

Инфективната болница во Софија располага со околу 90 легла за пациенти со коронавирус. До крајот на февруари се пополни само една третина од капацитетот на болницата во Софија.

На прашањето дали е доволна една доза од вакцината, Валков одговори дека „подобро е луѓето да се вакцинираат со нешто отколку да останат невакцинирани со ништо. Сите три вакцини произведуваат релативно добар имунитет по првата игла, вели тој.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG