Достапни линкови

Замолчување? Во Унгарија затворено последното независно радио


Вработенa во опозициската радиостаница Клубрадио, Будимпешта, 9 февруари 2021 година
Вработенa во опозициската радиостаница Клубрадио, Будимпешта, 9 февруари 2021 година

Со години, Клубрадио критички известуваше за владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Сега регулаторот на медиумите во таа земја, составен од приврзаници на Орбан, го затвори радиото, што според набљудувачите, е дополнителен удар врз она што остана од независните медиуми во Унгарија.

Суспензијата на лиценцата на последното независно радио во Унгарија предизвика меѓународна осуда, а набљудувачите на Европската унија и медиумите го нарекоа овој потег натамошен напад врз демократијата во земјата-членка на ЕУ.

„Ние ја искажавме нашата загриженост за слободата на медиумите и плурализмот“ во Унгарија, која веќе е под истрага за несогласување со владеењето на правото, рече портпаролот на Европската комисија Кристијан Виганд, еден ден откако Клубрадио ја изгуби жалбата да ја задржи лиценцата. Случајот со радиостаницата „само ги влошува овие проблеми“, додаде Виганд.

Клубрадио емитува главно во Будимпешта. Неговите вести и содржини честопати се критички настроени кон владата на премиерот Виктор Орбан.

Виктор Орбан, во радио интервју на 5 февруари 2020 година.
Виктор Орбан, во радио интервју на 5 февруари 2020 година.

Во септември 2020 година, Унгарскиот орган за национални медиуми и инфокомуникации одби да му ја продолжи седумгодишната лиценца за работа на Клубрадио, која истекува на 14 февруари, наведувајќи дека станицата „повеќепати го прекршила“ законот за задолжителна регистрација со тоа што двапати задоцнето доставувала документи.

Ваквите прекршувања обично носат парични казни, а објавата на регулаторот предизвика нова загриженост во врска со политичкиот притисок од владата врз медиумите во Унгарија.

Унгарија го замолкнува последното големо независно радио

„Уште еден замолчен глас во Унгарија. Уште еден тажен ден за слободата на медиумите“, објави на Твитер комесарот на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ.

Репортери без граници го осуди „овој голем удар врз медиумскиот плурализам“ и ја повика Европската комисија „да престане со одложување на истрагата за државната помош за провладините медиуми“.

Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач изјави дека раководството на Клубрадио е виновно за пропаѓањето на станицата „со флагрантно непочитување на регулативите за радиодифузија“.

На 9 февруари, жалбата на Клубрадио пред судот во Будимпешта за издавање дозвола за привремено емитување беше одбиена, со што се исклучи од етер, иако ќе продолжи со својата програма преку интернет.

Претседателот на независното унгарско радио „Клубрадио“ Андрас Арато покажува лого на Клубрадио во нивното седиште во Будимпешта, 9 февруари 2021 година
Претседателот на независното унгарско радио „Клубрадио“ Андрас Арато покажува лого на Клубрадио во нивното седиште во Будимпешта, 9 февруари 2021 година

Нарекувајќи ја судската одлука „срамна и кукавичка“, претседателот на Клубрадио, Андрас Арато, рече дека радиостаницата сега планира да ја обжали пресудата до Врховниот суд на Унгарија.

Виганд на брифинг на 10 февруари изјави дека Европската комисија „е во контакт со унгарските власти за да осигури дека Клубрадио може да продолжи да работи законски“, додавајќи дека се проверува дали одлуката е во согласност со законот на ЕУ и „нема да се двоуми“ да се преземе акција доколку е тоа можно и потребно “.

Унгарски европратеник поднесе оставка по полициската рација на „сексуална забава“ во Брисел

Унгарија е под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации и ризикува да го изгуби пристапот до десетици милијарди евра средства од блокот.

Земјата-членка на ЕУ е рангирана на 89-то место од 180 земји во Светскиот индекс за слобода на печатот на „Репортери без граници“ во 2020 година. Само Бугарија, на 111-то место, е рангирана пониско меѓу 27-те земји-членки на ЕУ.

Долг пат до крајот

Во текот на изминатите 10 години, владата на Орбан презеде директна или индиректна контрола врз повеќето медиуми во земјата.

Од 2010 година, јавните телевизиски и радио станици во Унгарија и државната новинска агенција постепено беа под многу построга политичка контрола отколку во претходните влади.

Во 2019 година, околу 500 приватни медиуми беа концентрирани во Централноевропската фондација за печат и медиуми (КЕСМА), која има блиски врски со владата на Орбан.

Неколку илјади Унгарци протестираа против премиерот Виктор Орбан во центарот на Будимпешта на 22 јануари 2012 година
Неколку илјади Унгарци протестираа против премиерот Виктор Орбан во центарот на Будимпешта на 22 јануари 2012 година

Една од ретките независни телевизиски станици во Унгарија е странскиот комерцијален радиодифузер РТЛ Клуб, чиешто вечерно емитување вести вклучува извештаи критички настроени кон владата. Станицата постепено беше лишена од своите фреквенции надвор од Будимпешта. Сега се слуша во главниот град и околните области, како и преку Интернет. Неговиот опсег на емитување може да се намали, но неговото влијание остана силно.

Кога истече последната лиценца во февруари 2011 година, Советот за медиуми одби да ја продолжи за две години и покрај три судски пресуди во корист на Клуб-радио. Во услови на кампања што ја започнаа илјадници слушатели, Советот за медиуми конечно и додели на станицата седумгодишна дозвола за емитување во март 2013 година.

Им го сменија уредникот, вработените во најчитаниот независен портал во Унгарија дадоа отказ

Во своето решение за 11 септември, Советот за медиуми наведува дека во текот на изминатите седум години Клубрадио постојано го прекршувал законот за медиуми во земјата со тоа што не обезбедил информации за неговата програмска содржина. Советот за медиуми, исто така, прогласи дека 92,9 FM фреквенција на станицата „повторно ќе биде отворена за наддавање“.

Пркосно радио

Клуб-радио, соопшти дека наводите од Советот не одговараат на реалноста. „Вработените во Клуб-радио бараат законски и други средства со цел да се осигурат дека последното независно радио на Унгарија, кое автентично информира стотици илјади луѓе секој ден, да не биде придушено“. Во Советот за медиуми доминираат членовите на владејачката партија Фидес.

Набљудувачите велат дека Советот одигра клучна улога во намалувањето на различноста на медиумите во Унгарија во последните неколку години со толкување на законот за да им се дозволи на Фидес и КЕСМА постепено да освојуваат поголем удел на пазарот на медиуми во земјата.

Формирањето на КЕСМА се случи откако неколку сојузници на Орбан кои имаа акумулирано значителни медиумски фондови истовремено ги донираа своите компании во фондацијата.

Дополнително, ненадејното затворање на Непсабадшаг, традиционално левичарски дневен весник во 2016 година, како и оставката во јули на практично целата редакција на Индекс.ху, тогаш најпопуларната страница за вести во Унгарија, заради перцепираните напори да се влијае врз нејзината независност, им зададоа дополнителни удари на независните медиуми во Унгарија.

Знак на единствената опозициска радиостаница во Унгарија со национална мрежа, Клубрадио: „Бесплатни ленти! Јавен сообраќај, јавен живот“
Знак на единствената опозициска радиостаница во Унгарија со национална мрежа, Клубрадио: „Бесплатни ленти! Јавен сообраќај, јавен живот“

Орбан, чија наведена цел е да ја трансформира Унгарија во „нелиберална демократија“, предизвика негодување во странство со неговата антиимиграциска реторика и огромните реформи што му донесоа обвинувања за авторитаризам од Европската унија. Тој ги негираше овие обвинувања.

Пандемијата изговор за Oрбановата злоупотреба на власта

Орбан, сепак, ужива во постојана популарност дома, освојувајќи три последователни мандати за да стане посткомунистички лидер со најдолг стаж на функцијата и постојано ја покажува својата способност да донесе десетици илјади приврзаници на улиците.

Емезе Пастор, адвокат на Унгарскиот сојуз на граѓански слободи за РСЕ вели: „Владата на секој медиум кој не е под нејзина контрола гледа како на закана“.

Во истражувањето на развојот на медиумите во Унгарија во 2019 година од страна на Фридом Хаус, група со седиште во Вашингтон, земјата доби 3,25 поени од можните максимални седум поени во врска со слободата на печатот.

„Од 2010 година, владејачката коалиција целосно го ревидираше медиумскиот пејзаж преку законски измени, аквизиции на медиуми и политички притисок“, се вели во извештајот на Фридом Хаус, цитирајќи го и извештајот на Советот на Европа во кој се заклучува дека владата „врши де факто контрола над повеќето медиуми во земјата“.

„Убиството на Клуб-радио на спектакуларен начин не би било во интерес на Фидес“, смета Габор Полјак, шеф на „Мертек Медија Монитор“.

Покрај правните патишта за задржување на лиценцата, Клубрадио исто така започна нов начин за финансирање, барајќи поддршка од слушателите, наведувајќи дека сè уште е во етерот „и ќе продолжи да биде во етерот, ако ништо друго, преку интернет“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG