Достапни линкови

Вести

Вакцината на Астра Зенека има ограничено дејство против јужноафриканскиот вид

Илустрација.

Вакцината против корона вирус која ја произведоа Оксфорд и АстраЗенека нуди ограничена заштита кај благи и умерени случаи на заразени со јужно африкански вид коронавирус, се наведува во истражувањето објавено во „Фајненшл тајмс“.

Но, во својата студија, која треба да биде објавена во понеделник, фармацевтската компанија наведува дека вакцината нуди заштита од посериозна форма на болеста - иако сè уште нема доволно податоци за да се донесе конечна проценка.

Од Астра Зенека ги потврдија наводите од студијата, но додаваат дека во истражувањето учествувале главно млади и здрави постари луѓе, наведувајќи дека работат на прилагодување на вакцината кон сите мутации , и дека новата вакцина може да биде достапна на есен годинава.

Недостиг од вакцини во ЕУ, во игра и руската

Министерот за вакцини во Велика Британија Надим Захави рече дека стратегијата на владата за борба против ширењето на видот е да продолжи со својата програма за масовна вакцинација „што е можно побрзо“, како и „хипер-локално тестирање во областите каде што е откриен новиот вид.

Во Велика Британија во тек е масовно вакцинирање, кое се смета за излез од една од најлошите епидемии во светот во која има 112.000 жртви.

Досега се вакцинирани над 11 милиони луѓе користејќи ги вакцините на Фајзер или на Астра Зенека.

Вакцината на АстраЗенека е тема на расправија со Европската унија, која е лута што англо-шведската фирма не беше во можност да ја исполни испораката, договорена со Брисел.

Франција, Германија и Швајцарија исто така се меѓу земјите кои препорачуваат имунизацијата со вакцината на Астра Зенека да не се користи кај постари лица поради недостаток на податоци.

види ги сите денешни вести

Мијалков спроведен во затворот во Шуто Оризари

Сашо Мијалков со полициска придружба пред Кривичниот суд во Скопје, пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“

Од неговиот дом во скопската населба Водно поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков со полициска придружба е спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризари, потврдија од полицијата за МИА.

До ова доаѓа откако судот, по советување и гласање го прифати предлогот на Обвинителството, за укинување на мерката куќен притвор и му одреди ефективен притвор, до правосилност на пресудата.

Пресуди за „Таргет-Тврдина“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Мијалков денеска беше осуден на 12 години казна затвор за масовното нелегално прислушување од 2008 до 2008 година. Освен Мијалков, во случајот „Таргет-Тврдина“, на по 15 години затвор се осудени поранешните високи службеници во УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, потоа поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски доби казна затвор од шест години, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше осудена на четиригодишна затворска казна, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи Надица Николиќ доби три години затвор, а останатите поранешни вработени во УБК добија условни казни.

Бајден- ќе продолжиме со поддршката на Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат Украина против руската агресија и дека никогаш нема да ја признаат анексијата на Крим.

“САД не ја признаваат и никогаш нема да ја признаат руската наводна анексија на полуостровот и ќе се спротиставиме заедно со Украина на руската агресија. Ќе продолжиме да ја сметаме Русија за одговорна за агресивните случувања”, рече Бајден.

Русија во 2014 година го анектираше Крим и ги поддржа сепаратистите во двете провинции на истокот на Украина откако демонстрантите во Киев го урнаа од власт проруски ориентираниот претседател Виктор Јанукович. Во војната во источна Украина досега се убиени повеќе од 13 000 луѓе.

Додека беше потпретседател во администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, актуелниот претседател Бајден одигра клучна улога во мобилизацијата за американската поддршка на Украина против агресијата на Кремљ.

МВР-осум приведени, седум полицајци повредени на протестот за „Монструм“

Macedonia - Протест на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Осум лица се приведени и се уште се работи на случајот, а повредени се седум полицајци во денешниот протест за „Монструм“, потврдија за МИА од МВР.
Организаторите, откако ги испорачаа своите барања во врска со „Монструм“, но и за други судски случаи и откако дел од демонстрантите фрлаа со камења и други предмети кон полициајците, го прогласија протестот за завршен.

Во своите изјави организаторите бараа меѓународни експерти да ги преиспитаат случаите „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“, „Бродец“ и други, а некои од нив побараа од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да ја напушти Владата.

Демонстрантите со камења, полицијата со шок-бомби на протестот за Монструм
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Протестот беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.врз друг наратив.

Народна банка времено им забрани на банките да исплаќаат дивиденда

Народна банка

Народната банка (НБРМ) донесе времена мерка со која им забрани на банките да исплаќаат дивиденда, која ќе важи до крајот на годината, но ако има позитивни сигнали на пазарот можен да биде укината до крајот на септември. Советот на НБРМ одлуката оваа одлука ја донесе како мерка во ковид пандмијата.

„Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“, стои во соопштението од НБРМ.

Покрај НБРМ, препорака за неисплаќање дивиденда стигна и од Агенцијата за супервизија на осигурување. Испратена е до сите осигурителни компании во земјава. Причина се намалените приходи.

„Еден од клучните фактори за носење на препораката е фактот што вкупните приходи од бруто полисирана премија (БПП) на целиот осигурителен пазар лани се намалени за 5 отсто во споредба со претходната година“, стои во соопштението од АСО.

Ердоган- Турција е против државен удар во Ерменија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција се спротивставува на секакви обиди за државен удар во врска со обидот за промена на власта во Ерменија и соборување на премиерот Никола Пашинјан, објави Сабах.

„Ние сме против секаков вид државен удар. Ние едноставно не можеме да прифатиме обиди за државен удар“, рече Ердоган на кратката прес-конференција по молитвата денеска во Истанбул.

Тој истакна дека обидот на ерменската војска е „неприфатлив“, додавајќи дека ерменскиот народ мора да го каже последниот збор доколку се замени сегашната администрација.

Ерменската војска вчера побара оставка од премиерот Никола Пашинјан, а еден ден претходно, ерменскиот претседател Армен Саркисјан, на предлог на Пашинјан, го смени првиот заменик началник на Генералштабот, Тирана Хачатријан.

Генералштабот на вооружените сили на Ерменија смета дека смената на првиот заменик началник на Генералштабот не се заснова на националните и државните интереси на Ерменија, туку на личните ставови. Пашинјан го нарече барањето на армијата обид за пуч и ги повика своите приврзаници да дојдат на Плоштадот на Републиката во Ереван.

ВМРО-ДПМНЕ- времето ќе покаже какви договори има меѓу Заев и Мијалков

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Го поздравуваме секој чин кој значи спроведување на правда, вклучително и оваа пресуда. Лошо е што поради криминалите на Сашо Мијалков во затвор заглавуваат и луѓе кои се колатерална штета. Ова денеска го кажа Дафина Стојаноска, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ во која поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков беше осуден не 12 години затвор.

„Ова е пресуда донесена под жесток притисок на јавноста, опозицијата и меѓународниот фактор. Тоа е и причината поради која навидум пропадна првата фаза од договорот Заев – Мијалков со кој удрија шамар на правдата, иако постојат индиции дека можно е апелациониот суд да одлучи и поинаку каде Заев е познато дека има силно влијание. Таа жалбена постапка ќе трае околу една ипол година. Затоа оваа одлука околу која власта крева еуфорија е со цел да ги прикрие задколисните договори, чесно е да се каже дека таа не е правосилна се уште“, рече Стојаноска.

Таа рече дека е потребно дополнително сериозно да се разгледаат прекршувањата на постапката.

„Како лице со меѓународна потерница денес осуден криминалец му беше доделен куќен притвор. Какви договори и повластувања има зад сето ова. А, за кои најдобро може да сведочи Заев. Правда мора да има. Договорите Заев – Мијалков не смеат да ја погребаат правдата“, рече Стојаноска.

Инаку, освен Мијалков, денеска на по 15 години затвор се осудени поранешните високи службеници во УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, потоа поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски доби казна затвор од шест години, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше осудена на четиригодишна затворска казна, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи Надица Николиќ доби три години затвор, а останатите поранешни вработени во УБК добија условни казни.

Нови 554 заразени со ковид, осум починати

Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3.477 тестирања, а регистрирани се 554 нови случаи на ковид-19. Од нив најмногу во Скопје- 258, а потоа следуваат Кавадарци – 51, Прилеп – 41, Куманово –25, Неготино – 22, Охрид – 18, Тетово – 16, Струга – 13, Гевгелија – 12, Битола – 11, Велес, Струмица и Крива Паланка – по десет новозаразени. Во неколку други градови има едноцифрена бројка новозаразени.

Пријавени се вкупно осум починати лица. Во истиот период регистрирани се 210 оздравени пациенти.


Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 101.762, бројката на оздравени пациенти е 90.895, на починати е 3.119, а бројот на активни случаи изнесува 7.748.

Филипче- се прават анализи, па ќе се одлучи дали ќе се преземат дополнителни мерки

Министерот за здравство Венко Филипче

Анализата на вирусот, односно на геномската секвенца, покажа дека 70 проценти од вкупниот број новодијагностицирани случаи на инфицирани со Ковид-19 се заразени со т.н. британски сој на вирусот, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде дека ќе се анализираат состојбите во одредени градови, посебно во Кавадарци, Прилеп и Охрид. Сега, оцени министерот, има лесно зголемување на бројот на заразени.

„Сведочиме секој ден дека има собири на јавни места и во угостителски објекти. Убавото време ќе натера многу наши сограѓани да не ги носат маските за жал и да не ги почитуваат мерките за препорачаната дистанца. Чекаме да заврши анализата по региони и да видиме дали ќе има некои мерки кои ќе се однесуваат на посебни градови и региони и нешто што ќе важи за територијата на целата држава“, рече Филипче.

Заврши протестот за „Монструм“ - Кордон за демонстрантите, каменување за полицијата

Протест за Монструм

По три часа тензии, заврши протестот за случајот „Монструм“. Дел од демонстрантите, меѓу кои и десетина лица со качулки на главите, останаа и понатаму да го каменуваат полицискиот кордон кој го запре протестниот марш кај поранешната стоковна куќа „26 јули“ на скопски Бит пазар и не им дозволи на неколкуте стотини демонстранти да го продолжат најавениот марш до Кривичниот суд, па до Собранието и до Владата.

Протестот почна од паркот во Чаир, но пред Мавровка бројни полициски сили и окопни транспортери ги запреа демонстрантите. Тие побараа полицијата да се повлече, по што дел од нив почнаа да ја каменуваат полицијата, но беа запрени од обезбедувањето на протестот. Каменувањето на полицијата се случуваше во неколку наврати, при што биле повредени тројца полицајци и интервенирала брзата помош. Нападнати биле и неколку новинари и камермани на должност.

Демонстрантите на штитовите на полицајците залепија постер со ликовите на Бранко Црвенковски, Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети и со натпис „Криминална влада на Северна Македонија“. Тензиите и каменувањето на специјалците продолжија, па полицијата ги потисна демонстрантите кон Бит пазар. Претходно, на протестот дојдоа и пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи и поранешниот пратеник и поранешен припадник на ОНА, Хисни Шаќири, кои на албански разговараа со дел од демонстрантите.

Демонстрантите залепија постер „Криминална влада на Северна Македонија“ на штитовите на полицајците од кордот што го запре протестниот марш
Демонстрантите залепија постер „Криминална влада на Северна Македонија“ на штитовите на полицајците од кордот што го запре протестниот марш

По неколку тензични обиди за директен физички судир со полицијата, организаторот прогласи крај на протестот, но голем дел од демонстрантите останаа и повторно ја каменуваа полицијата. Кратко потоа демонстрантите почнаа да заминуваат.

Учесниците на протестот бараа слобода за неправосилно осудените во предметот Монструм , бидејќи, како што велат, „тие се неправедно осудени без вистински докази“. Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.

МНР: Палењето на возилото на нашиот конзулат во Солун нема да влијае на добрососедството

Зградата на Министерство за надворешни работи

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) информираше дека е во редовна комуникација со македонскиот Генерален конзулат на земјава во Солун и со надлежните институции на Грција, во врска со вчерашниот инцидент во кој на вандалски начин беше опожарено возило од нашиот Конзулат.

Претходно грчките медиуми, повикувајќи се на информација на новинската агенција АНА-МПА, јавија дека „возило на македонскиот конзулат во Солун било запалено вчера рано наутро и дека инцидентот се случил во 5.30 часот кога врз возилото паркирано пред конзулатот во центарот на Солун бил фрлен „запаллив материјал“, а потоа бил запален.

„Нашиот Конзулат е известен дека грчките власти направиле соодветен увид и ги преземаат сите потребни мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и евентуалните мотиви на овој немил случај, како и дека покрај возилото на нашиот дипломат, во истиот период, било запалено и второ возило на различно место во градот. Исто така, веруваме дека овој вандалски акт на ниту еден начин нема да влијание врз одличните добрососедските односи меѓу двете пријателски земји“, пишува во соопштението на МНР.

Од Министерството додаваат дека двата случаи се предмет на истрага, со цел да се откријат извршителите и мотивите, за кои оценуваат дека на ниту еден начин не се насочени против нашата држава.

Србија ги засилува ковид мерките за време на викендот

Илустрација - Ковид вакцинација во Белград

Кризниот штаб за сузбивање на епидемијата на коронавирус денеска одлучи да и препорача на Владата на Србија угостителските објекти и трговските центри низ целата земја за време на викендот да работат до 14 часот, јави МИА од Белград.

Продавниците, медицинските ординации, ветеринарните ординации и лабораториите ќе работат како и до сега. Фризерските салони можат да продолжат да работат како и обично, како и доставувањето на храна. Бензинските пумпи ќе можат да работат до 14 часот, а од 14 часот ќе можат само да точат гориво.

Нова седница на Кризниот штаб е закажана во понеделник, кога ќе се дискутира за почитување на мерките за време на викендот. Како што беше претходно најавено, податоците за бројот на новозаболени лица во Србија не се охрабрувачки, бидејќи вчера беа регистрирани повеќе од 3.500 нови случаи.

Протест за „Монструм“: Маршот запрен со кордон, каменувана полицијата

Демонстрантите залепија постер „Криминална влада на Северна Македонија“ на штитовите на полицајците од кордот што го запре протестниот марш

Од паркот во Чаир и Бит пазар во Скопје, почна протестот на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковско езеро.

Најавите беа дека демонстрантите ќе маршираат до Основниот кривичен суд, од каде што отидат пред Собранието, а протестот ќе заврши пред Владата. Сепак силни полициски сили со кордон го затворија булеварот кај „26 јули“ и „Мавровка“, на што демонстрантите бурно реагираат извикувајќи „Диктатура“, „Ослободете ни го патот“. Се случија и два помали инциденти кога дел од демонстрантите се обидоа да дојдат до полицискиот кордон, но беа запрени од обезбедувањето на протестот.

На штитовите на полицајците залепија постери со фотографии од Бранко Црвенковски, Никола Груевски, ЗОран заев и Али Ахмети и натпис „Криминална влада на Северна Македонија“. Дел од демонстрантите носеа албански знамиња и извикуваа „Голема Албанија“, а десетина лица, со фантомки, фрлаа со камења кон полицијата, но обезбедувањето на протестот ги запре, но продолжија да фрлаат со камења и други предмети кон полицијата.

Тогаш на протестот дојде пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, кој на албански разговараше со дел од демонстрантите. Со нив беше и поранешниот пратеник и поранешен припадник на ОНА, Хисни Шаќири.

Во еден момент поголемиот дел од демонстрантите почна да се враќа назад кон Бит пазар, но стотина од нив се обидоа да се судрат со полицијата, фрлајќи камења, разни предмети и петарди, по што специјалците на МВР и полициските окопни транспортери го поместија кордот во правец на демонстрантите.

Дел од медиумите јавија дека бил нападнат камерманот на Македонската информативна агенција, како и дека има повредени и од двете страни и дека реагирала и екипа на Брза помош.

Организаторите го прогласија протестот за завршен, но поголема група демонстранти остана кај Баит пазар. Полицискиот кордон остана кај поранешната стоковна куќа „26 Јули“.

Учесниците на протестот бараат слобода за неправосилно осудените во предметот Монструм , бидејќи, како што велат, „тие се неправедно осудени без вистински докази“.

Со првостепената пресуда која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.


Од МВР најавија дека од 13 часот за сообраќај ќе бидат затворени улиците „Христијан Тодоровски-Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“, „Гоце Делчев“, „11 Октомври“, „Васил Главинов“, ВМРО, „Илинденска“, како и околните сообраќајници.

Ова е втор протест за случајот „Монструм“. На минатиот протест, кој беше органзиран откако Обвинителството побара највисоки казни за тогаш обвинетите, дел од демонстрантите фрлаа камења и шишиња кон полициските специјалци кои го обезбедуваа протестот и вербално ги навредуваа, а се слушнаа и неколку експлозии од т.н. топовски празнења и шок бомби. По протестот беа оштетени неколку полициски возила и беше направена шетата на неколку јавни објекти за што полицијата уапси неколкумина од демонстрантите.

Светска банка го запре финансирањето проекти во Мјанмар

Светската банка го суспендираше финансирањето на проектите во Мјанмар, по барањата за повлекување средства пристигнаа по воениот удар на 1 февруари, стои во писмото на оваа меѓународна финансиска институција испратено до Министерството за финансии на Мјанмар.

„Од 1 февруари ги суспендиравме плаќањата за проекти во Мјанмар и внимателно ја следиме и проценуваме ситуацијата“, се вели на официјалната веб-страница на Светска банка, пренесува Ројтерс.

Директорката на Светска банка во Мјанмар, Маријам Шерман, информираше за оваа одлука со писмо до тамошното Министерство за планирање, финансии и индустрија, потврди портпаролот на Светска банка.

На веб-страницата на Светска банка се наведува и дека банката ќе плаќа на добавувачи, изведувачи и консултанти од Мјанмар кои поднеле барања за повлекување пред 1 февруари.

Лајчак во март на мини балканска турнеја

Мирослав Лајчак

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог Белград-Приштина и други прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, ќе го посети регионот во првата недела од март, потврди канцеларијата на ЕУ во Приштина.

Посетата ќе започне на Косово од 1 до 3 март, ќе продолжи во Србија на 3 и 4 март, а исто така ќе ја посети Црна Гора на 4 и 5 март.

Како што е најавено, Лајчак планира да се состане со политичките лидери на овие три партнери од Западен Балкан, како и со претставници на ЕУ на терен.

Мијалков во притвор во „Шутка“, Јакимовски во домашен притвор

Сашо Мијалков со полициска придружба пред Кривичниот суд во Скопје, пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“

Судијката Џенета Бегтовиќ соопшти дека Судечкиот совет одлучил Сашо Мијалков да замине во притвор, наместо во куќен притвор, откако обвинителката Ленче Ристоска побара ефективен притвор, по изрекување на првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“. Притворот ќе го издржува во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

„Се укинува мерката куќен притвор. Се определува мерка притвор до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена. Против него е поднесен обвинителен предлог, па согласно Законот за кривична постапка (ЗКП), притворот може да трае најмногу 60 дена“, информираше судијката Бегтовиќ.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска беше осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани. Во истиот предмет осудени се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска - на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски, на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи - 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор. Маријан Шумуликовски доби две години условна казна, Силвана Златкова две години условна казна, Васил Исаковски две години условна казна и Валентина Симоновска е осудена на условна казна.

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ е првостепена, а странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Видео од изрекувањето на пресудите во предметот „Таргет-Тврдина“, 26 февруари 2021

Заев по пресудата за Мијалков: Времето на неказнивост помина

Премиерот Зоран Заев

Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните.
Времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери го оставаме во историјата, напиша премиерот Зоран Заев на фејсбук, по денешното изрекување на пресудите во предметот за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“.

Кривичниот суд денеска првостепено ги осуди поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на 12 години затвор, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи на 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор.

Видео од изрекувањето на пресудите во предметот „Таргет-Тврдина“

„Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир!“, напиша Заев на фејсбук.

Една година ковид-19 во Македонија, до денеска над 101.000 позитивни

Илустрација - Првата вакцина против ковид-19 во Македонија ја прими прим. д-р Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за Инфективни болести

По точно една година од пријавувањето на првиот случај на ковид-19 во Македонија, според последната статистика, во земјава се регистрирани над 101.000 дијагностицирани лица, над 90.000 оздравени, 3.111 починати и над 7.400 активни случаи.

Првиот потврден случај беше жена од Скопје, која од Италија во Македонија допатувала на 26 февруари 2020 година, со комбе во кое имало уште неколку лица. Веднаш беше сместена на интензивна нега во одделот за изолација на Инфективната клиника во Скопје.

Вакцинацијата во Македонија почна пред неколку дена со ковид вакцини од Фајзер, отстапени од Србија по набавна цена, со кои се имунизираат здравствените лица кои се во првите редови во борбата со ковид-19. Според најавите на Владата, ќе се набавуваат 100 илјади руски вакцини, се чекаат 200 илјади кинески и дозите вакцини преку Ковакс системот, а се работи и на договорот со Фајзер.

Обвинителката Ристоска побара затворски притвор за Мијалков

Ленче Ристоска

Обвинителката Лечне Ристоска, по денешното изрекување на пресудите за предметот „Таргет-Тврдина“, побара затворски притвор за Сашо Мијалков.

„Мерката куќен притвор за Сашо Мијалков не е доволна за обезбедување, при што предлагаме да му биде одредена мерка ефективен притвор“, рече обвинителката Ристоска и додаде дека „Министерството за внатрешни работи (МВР) нема технички можност за 24 часовен мониторинг за Мијалков, и затоа бара ефективен притвор“.

„Најнапред во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР, согласно кои известувања, МВР не поседува технички можности (опрема) за 24 часовен видео и електронски надзор на почитување на меркета притвор, што е еден од сегментите на самото решение за куќен притвор. Исто така има регистрирано адреса во Прага, каде има и возила на негово име, а особено предлагам да се цени фактот дека бил, истакнувам, претходно од Обвинителството, дека се работи за човек кој е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, исто како и членовите на неговото семејство, и сето тоа му дава на располагање финансиски можности да организира логистика и може да живее во бегство комотно“, рече Ристоска, која предложи ефективен притвор и за Тони Јакимовски.

Љупчо Шврговски, еден од адвокатите на Мијалков, реагираше на барањето на Ристоска.

„Дали 24 часовен надзор преку физичко обезбедување, а не со електронска алка, остава сомнеж дека Мијалков може да остане недостапен за органите на прогонот? Секако дека не може“, рече адвокатот Љупчо Шврговски откако Обвинителството побара затворски притвор за Мијалков.

Видео од изрекувањето на пресудите за „Таргет-Тврдина“

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска беше осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани. Во истиот предмет осудени се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска - на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски, на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи - 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор.

Пресудата е првостепена и сите имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

„Таргет-Тврдина“: 12 години затвор за Мијалков, 15 за Бошковски, 4 за Јакулоска

Сашо Мијалков и неговиот адвокат Петар Василев на изрекувањето на пресудата во предметот „Таргет - Тврдина“

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска беше осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани. Во истиот предмет осудени се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска - на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски, на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи - 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор.

Маријан Шумуликовски доби две години условна казна, Силвана Златкова две години условна казна, Васил Исаковски две години условна казна и Валентина Симоновска е осудена на условна казна.

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ е првостепена, а странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Видео од изрекувањето на пресудите во предметот „Таргет-Тврдина“, 26 февруари 2021

Според изречената пресуда, „Горан Грујевски е соуден за кривичните дела „злосторничко здружување“ , „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, Тони Јакимовски за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, Гордана Јанкулоска за „злоупотреба на службената положба и овластување“, Никола Бошковски за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“ и Сашо Мијалков за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Во овој предмет беа обвинети 12 луѓе. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а 1.541 број продолжиле да бидат следени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Мијалков беше однесен во домашен притвор, откако претходно неделава исчезна, па се појави по два дена за да си го зеде од Обвинителство решението за домашен притвор. За него Обвинителството бара казна од 13 години во затвор. Јанкулоска е во затвор за друго дело произлезено од прислушуваните разговори, а Горан Грујевски е во бегство.

Процесот го водеше судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението беа обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.

Макрон: Европа да биде солидарна со Балканот и Африка против ковид-19

Емануел Макрон

Францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес конференцијата во Елисејската палата по самитот на Европската унија (ЕУ), синоќа истакна дека Европа треба да го преземе својот дел во меѓународната солидарност во борбата против светската пандемија, јави МИА.

„Пред една година ние ја лансиравме иницијативата Акт А – солидраност за Африка. Јасно е дека ние имаме потреба да ја изградиме солидарност кон нашите соседи, особено кога станува збор за Балканот и Африка“, рече францускиот претседател.

Таа солидарност, додаде тој, се темели на санитарна помош, на вакцините, третманот, дијагнозите, поддршката на примарниот здравствен систем, производството на целиот овој материјал, а, исто така, и на економската поддршка, како што ние почнавме да го правиме и ќе продолжиме.

Во однос на вакцините, тој потсети дека ја бранел идејата на Франција на последниот самит на Г7 и да одговори на повикот на СЗО, МО на Франкофонијата и Африканската Унија и Европскиот парламент.

17 години од загинувањето на претседателот Трајковски и делегацијата

Архивска фотографија - Спомен обележјето на гробот на претседателот Борис Трајковски во Бутел

Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Ротимље во близина на Мостар. Како што е најавено, претседателот Стево Пендаровски ќе положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на неговата делегација на градските гробишта „Бутел” во Скопје.

Делегации на Кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина и на гробот на еден од членовите на делегацијата, во Велес.

На 21 месецов, 15 планинари од Струмица и Валандово по шеснаесетти пат маршираа во чест на трагично загинатиот македонски претседател. Маршрутата и годинава ја почнаа пред споменикот „Македонија” во Струмица, подигнат во чест на Трајковски. Заради пандемијата од КОВИД-19 планинарите пешачеа до село Дедино, Радовишко, а денеска ќе поминат уште една етапа во Скопје до гробот на вториот македонски претседател на гробиштата Бутел во Скопје, каде ќе се приклучат на одбележувањето на 17-годишнината од смртта.

Освен до Скопје, триесет планинари од Струмица и Валандово пешачеа и по падините на планината Беласица. Тие се искачија на врвот „Ботра” кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Северна Македонија и САД ќе потпишат нов меморандум за соработка во одбраната

Знамиња на Северна Македонија и САД

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошник-секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања Мара Карлин денеска попладне истовремено во Скопје и во Вашингтон ќе го потпишат новиот Меморандум за соработка во одбраната меѓу двете држави. На потпишувањето на Меморандумот во Министерството за одбрана ќе присуствува и амбасадорката на САД, Кејт Брнз.

Брнс и Шекеринска во посета на Криволак

„Новиот Меморандум за соработка ќе го замени постојниот Меморандум потпишан во далечната 1994 година и ќе ја отслика новата и исклучително интензивна одбранбена соработка која постои помеѓу двете земји кои остануваат стратешки партнери, но сега веќе и сојузници во НАТО “, велат од Министерството за одбрана.

Продолжуваат тензиите во Ерменија по барањето за оставка на премиерот

премиерот Никол Пашинијан

Тензиите растат во Ерменија еден ден откако премиерот Никол Пашинијан ги отфрли повиците на највисоките воени офицери за оставка и предупреди на „обид за државен удар“, по што светските сили ги повикаа сите страни да ја деескалираат политичка криза. Пашинијан, кој вчера им се обрати на околу 20.000 приврзаници во центарот на Ереван, рече дека Ерменците нема да дозволат вооружените сили да се мешаат откако врвните воени сили се придружија на опозициските барања за негова оставка.

Ерменскиот премиер предупреди на обид за воен удар

Во меѓувреме, опозициските партии кои организираа протестен митинг побараа од Пашинијан да се повлече и поставија логори и барикади пред парламентот. Ивета Тонојан, пратеник што ја претставува опозициската партија „Просперитетна Ерменија“,изјави дека опозициските фракции планираат денеска да одржат вонредна парламентарна седница на која ќе се разговара за политичката состојба во земјата. Вчера Пашинијан на митингот во Ереван рече дека војската треба да се фокусира единствено врз заштитата на Ерменија од надворешните сили.

Конгресот на САД ќе гласа за ковид-помош од 1,9 милијарди долари

Мич Меконел

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска ќе гласа за пакет-помошта во рамките на мерките за справување на економските последици од коронавирусот од 1,9 трилиони американски долари.

Разговори во Конгресот за помошта за коронавирусот

Републиканските лидери во Сенатот и Претставничкиот дом - Мич Меконел и Кевин Мекарти – своите активности ги фокусираа на собирање на своите пратенички групи против масовниот предлог-закон на демократскиот претседател Џо Бајден со цел да ги надминат внатрешните непријателства околу немирите во Капитол и импичментот на поранешниот претседател Доналд Трамп.

САД извршија воздушни напади врз милтантни групи во Сирија, поддржани од Иран

илустрација

Соединетите држави извршија воздушни напади во источна Сирија врз објектите што ги користат милициите поддржани од Иран, соопшти Пентагон. Одделот за одбрана соопшти дека нападите биле одговор на ракетни напади во почетокот на овој месец врз ирачката база во која биле сместени американски и коалициски трупи. „Операцијата испраќа недвосмислена порака: Претседателот Џо Бајден ќе дејствува за да ги заштити американскиот и коалициониот персонал“, соопшти Пентагон, не наведувајќи дали милитантните групи претрпеле жртви или какви објекти биле погодени.

Ракети истрелани кон амбасадата на САД во Багдад


Но, Сирискиот центар за набљудување на човековите права, соопшти дека 17 припадници на ирачката државна единица за народна мобилизација биле убиени откако биле погодени три камиони натоварени со муниција кои доаѓале од Ирак. До ова дојде по неодамнешните ракетни напади на 15 февруари врз воена база на меѓународниот аеродром Ирбил во главниот град во ирачкиот полуавтономен регион Курдистан.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG