Достапни линкови

Вести

За 24 часа во Македонија 420 казни за неносење заштитна маска

Илустрација - Граѓанин со заштитна маска

Вкупно 420 прекршоци за неносење лична заштита на лице се регистрирани во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19. Казната за неносење заштитна маска изнесува 20 евра.

види ги сите денешни вести

Хамас испука ракети кон Ерусалим

Една од испуканите ракети на Хамас кон Ерусалим

Палестинската организација Хамас соопшти дека испукала ракети кон Израел поради што се активирани сирените за тревога во Ерусалим и во близина на границата со Газа како одговор на повредените над 300 Палестинци при судирите со израелската полиција.

Претходно исламистичката група Хамас која ја има контролата врз појасот Газа, објави ултиматум кој бил доставен до Израел. Во него било наведено дека до попладне е крајниот рок во кој треба да се повлечат израелските полициски сили кои се стационирани во комплексот на џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот.

Неколку минути по истекот на рокот во Ерусалим засвиреле сирените за тревога и се слушнале неколку експлозии. Хамас презеде одговорност за нападот. Засега нема информација за евентуални жртви или предизвикана штета.

Судири меѓу Палестинците и израелските полицајци во Ерусалим

Судирите избувнаа во време на зголемени тензии во Источен Ерусалим и на Западниот брег, палестински територии окупирани во шестдневната војна во 1967 година. Во тој дел од Ерусалим кој подоцна го анектираше Израел веќе една недела траат демонстрациите и судирите со припадниците на израелските сили.

Борел: Немаме намера да ги одвоиме Северна Македонија и Албанија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Џозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Џозеп Борел денеска изјави дека со министрите за надворешни работи на ЕУ се согласиле дека не постои намера за одвојување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ процесот. Во воведниот говор тој се осврна на Северна Македонија откако се појавија бројни шпекулации дека Скопје и Тирана би можеле да бидат одвоени доколку не се отстрани ветото на Бугарија.

„Имаше согласност во Советот денес дека е потребно забрзување на процесот на реформи поврзани за ЕУ во регионот, сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување кон и немаме намера да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија“, изјави Борел по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

Засилен ангажман на ЕК, но и кусо време за решавање на проблемот со Бугарија

Тој ги повикува бугарската и македонската страна итно да изнајдат заеднички прифатливо решение.

„Имавме разговор за ова денес, ја слушнавме Бугарија и ги охрабруваме двете страни итно да изнајдат заеднички прифатливо решение. Условите се исполнети, земјите членки се одлучија да ги отворат преговорите за Северна Македонија и се надеваме дека Меѓувладината конференција ќе се свика што е можно побрзо по усвојувањето на преговарачката рамка, министрите за надворешни работи на земјите членки се заложија да туркаат силно за свикување на првата Меѓувладина конференција и да ја усвојат рамката“, изјави Борел попладнево на прес – конференцијата по Советот за надворешни работи на ЕУ.

Во Брисел состанок за Западен Балкан- причина се сериозните потешкотии на регионот

Борел нагласи исто така дека Европската Унија е загрижена поради изјавите за одвојување на Скопје и Тирана и дека ставот во Советот не е променет по ова прашање.

ВМРО-ДПМНЕ со 2 илјади амандмани за законот за откуп на стаж во Армија

Воена вежба, Армија, македонска војска

Измените на законот за служба во Армијата денеска не помина на второ читање во Комисијата за одбрана и безбедност затоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе 2 илјади амандмани изјави претседателот на собраниската комисија за МИА Миле Талевски. Тој тврди дека со предложениот закон се предвидува војниците да можат да земат отпремнина по завршување на службата, откуп на стажот за офицерите, забрана за политички активности на офицерите.

Според него, бројката на поднесените амандмани на опозицијата е да се блокира законот, а најмногу од амандманите се во однос на тоа дека воениот и цивилниот персонал во служба на Армијата да не смее да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут.

Од друга страна пак, пратеникот и член на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на прес-конференција истакна дека целта на поднесените амандмани е подобрување на условите за пензионирање и давање можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на законот со остварување право на пензија со навршување 40 години стаж или со навршување 55 години возраст. Според него ако ова не биде регулирано така, тогаш ќе се појави контрадикторност и ќе се изгуби смислата од потребата на бенифицираниот стаж.

Независниот синдикат на одбраната ги повикуваат пратениците веднаш да изнајдат решение во собраниска процедура да се донесат измените на Законот за служба кои директно ги засегаат вработените во Армијата и да се одблокира носењето на овој закон.

Пазарот за шверц на мигранти низ Западен Балкан „тежи“ најмалку 50 милиони евра

Мигранти

Податоците на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал покажуваат дека пазарот за шверц на мигранти во Западниот Балкан вреди најмалку 50 милиони евра годишно. Во извештајот криминал насловен како „Тековни цени: анализиран протокот на луѓе, дроги и нелегални пари во земјите од Западен Балкан“ кој беше денеска објавен е наведено дека „Балканската рута“ не е затворена.

Иако сумата од 50 милиони евра годишно е далеку помала од нелегалниот профит во време на хуманитарната криза од 2015 година, сепак е показател дека се уште е активен пазарот на за шверц на мигранти низ регионот, кој е спротивен од напорите за затворање на „Балканската рута“.

Во соопштението објавено од Глобалната иницијатива е наведено дека пандемијата на Ковид-19 се чини дека не ги попречи значително овие нелегални протоци.

Во делот на публикацијата кој се однесува на трговијата со дрога, извештајот, како што се истакнува, нуди детални мапи на трговски рути, ја подвлекува вредноста на ланецот на трговијата со дрога преку границите, и информира за целосната продажна цена на дрогите во клучните жаришта во регионот, кои истовремено се и места каде вирее пазарот со дрога. Во него е посочено дека наговестувачки трендови во регионот вклучуваат: зголемена култивација на канабис ( во затворени простории) во земјите освен во Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, силен проток на канабис кон Бугарија, силен проток на кокаин во повеќе правци, вклучувајќи ја Хрватска, Грција и пристаништата на Црното Море во Бугарија и Романија и зголемување на цените на производство и употреба на синтетички дроги.

Грузиски суд ќе го ослободи од притвор опозицискиот лидер

Илустрација, протести

Судот во Тбилиси донесе одлука со која ќе треба да биде ослободен од притвор лидерот на опозициското Обединето национално движење Ники Мелија откако Европската Унија ја платила кауцијата со цел да помогне во решавањето на долготрајната политичка криза во земјата.

ЕУ исплатила 11 илјади долари кауција за Мелија, по што судот во Тбилиси денеска донесе одлука за ослободување, изјави адвокатот на Мелија, Дито Саџаглишвили. Мелија беше изведен пред судија на 8 април под обвинение дека организирал „масовно насилство“ за време на антивладините протести во 2019 година. Тој тоа го негираше, посочувајќи дека се води политички монтиран случај против него.

Грузиската опозиција на протест со шатори пред Парламентот

Неговото ослободување беше дел од договорот кој владејачката партија го потпиша со опозицијата под медијација на претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, минатиот месец.

Нови 25 случаи со Ковид-19, 16 починати

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминативе 24 часа се евидентирани 25 нови случаи на заразени со ковид-19 и вкупно 16 пациенти кои починале од компликации од коронавирусот. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 1.016 тестирања, при што евидентирано е дека најмногу случаи на новозаразени има во Скопје – 15 и 4 во Куманово, додека во Прилеп, Тетово, Гостивар, Кичево, Берово и Виница има по еден нов случај на новозаразен со ковид-19.

Петковски: Ковид-19 да се признае како професионално заболување

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.051, бројот на оздравени пациенти е 138.370, на починати е 5.109, а бројот на активни случаи изнесува 10.572.

Синдикалната кошничка порасна за 200 денари во однос на март

Илустрација

Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека синдикалната кошничка со која се пресметуваат минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во април е зголемена за 204 денари во однос на март.

Според нивните податоци ваквото зголемување е резултат на евидентното зголемување на трошоците за живот во април и тоа на храната и пијалоците за 1,2 проценти, хигиената за 1,1 процент и на облеката за еден процент. Во нивното соопштение е наведено дека ова покажува оти нивнито барање за раст на минималната плата е оправдано затоа што нити просечната, а ниту две минимални плати не ја покриваат Синдикалната минимална кошница.

Според нивните податоци за да може едно четиричлено семејство да ги покрие основните трошици им недостасува 3.596, денари, па од тука усогласувањето на висината на минималната плата не требаше да биде со надгласување на работниците.

„Висината на усогласената минимална плата за 235 денари, наместо за 446 денари колку што укажуваше ССМ е занемарливо поради зголемувањето на цените на производите за исхрана и пијалоци, обивки и хигиена кои се составен дел од Синдикалната минимална кошница“ се вели во нивното сооштение.

Работничките протести скромни, барањата гласни

Пресметките на синдикатот покажуваат дека вредноста на синдикалната кошница во април изнесувала 33.976 денари од кои најмногу или 14.332 денари се потребни за храна и пијалоци и 10.809 за комуналии. Остатокот е за превоз, хигиена, облека и обувки.

Србија и Турција се договорија за дигиталните сертификати за вакцинација

Илустрација, Кушадаси Турција

Турските и срспските власти се договорија за взаемно признавање на електронските сертификати за извршена вакцинација против Ковид-19. Министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ и амбасадорот на Турција во Белград, Хами Аксој, на денешната средба потврдија дека двете земји ќе разменат дипломатски ноти со цел взаемно признавање на дигиталните сертификати со што ќе се одобрат туристичките патувања.

„Олеснетото пристигнување на турски туристи ќе ја подобри состојбата во туристичкиот сектор на Република Србија, а ова е исто така добра вест за нашите граѓани кои ќе можат полесно да патуваат во Турција, имајќи предвид дека Турција е една од омилените дестинации на српските граѓани.“ , изјави министерката Матиќ.

Kовид-пасоши во најава, интересот за вакцинација расте

Кипар воведува корона пасош за угостителски објекти, хотели, цркви

Таа додаде дека на тој начин и Србија и Турција можат да очекуваат значително подобра летна туристичка сезона од претходнаа, која почустува сериозни последици од затворањето на границите поради пандемијата со ковид-19.

Судењето за „Титаник“ продолжува на 17 мај

Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер на рочиште за случајот Титаник

Судењето за случајот „Титаник” денеска продолжи со изведување на докази. Обвинителката Лиле Стефанова, побара од судот да се изведе исказ од сведок кој во меѓувреме починал. Следното рочиште за овој случај е закажено за 17 мај, за кога се повикани повеќе сведоци.

Денешното рочиште за овој случај е прво после два месеца пауза. Поголемиот дел од рочиштата беа одложени од причина што некои од странките беа во самоизолација или позитивни на Ковид-19.
Случајот за изборните нерегуларности од 2011, 2012 и 2013 година се уште е во фаза на доказна постапка.

Судењето за овој предмет го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.

Мијалков доби 8 години за Трезор

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

АстраЗенека и Џонсон и Џонсон во Норвешка само врз волонтерска основа

Илустрација

Експертското тело составено од владата на Норвешка за да направи евалуација на вакцините против Ковид19 на АстраЗенека и Џонсон и Џонсон денеска препорача да се напушти употребата на двете поради ризиците од ретки, но сериозни компликации.

За да се избегне забавувањето на процесот на вакцинација комитетот препорача двете вакцини да бидат достапни на луѓето врз волонтерска основа. Претседавачот на телото Ларс Ворланд вели дека тие не препорачуваат да се користат векторски вакцини со аденовирус во националната програма за имунизација.

"Ова е секако поради сериозните можни компликации кај мал број луѓе кои ги примиле овие вакцини“, рече Ворланд.

Граѓаните кои примија прва доза АстраЗенека, може да се ревакцинираат во Србија

Министерот за здравство Бент Хоие се уште не ја кажа владината позицијата за вакцините. Од 134 000 вакцини на АстраЗенека дадени во Норвешка до средината на март регистрирани се пет случаи на тромбоза од кои тројца починале релативно млади и без претходни заболувања.

Со негативен тест и задолжителна маска учениците во Грција се вратија во училиштата

Мерење на температура при влегување во училиште во Грција

Со задолжителна потврда со негативен резултат од направен тест за домашна употреба како и со задолжителна употреба на маски, сите ученици од основните и средните училишта во Грција, од денеска се враќаат во училишните клупи, јави дописничката на МИА од Атина.

Минатиот месец беа отворени само повисоките класови од средните училишта, додека пак денеска, започнува редовната настава и за останатите ученици, по паузата поради рестрикциите и карантинот во земјата. Враќањето во училишните клупи, овој пат е поразлично, со оглед на тоа дека селф тестовите се задолжителни како за учениците, така и за наставниците и професорите и тоа два пати седмично, а без соодветна потврда не е дозволен влез во училиштата.

Вчера, неколку часа имаше проблем во системот на сајтот за пријавување на резултатите од тестовите, а според грчките медиуми биле пријавени десетици позитивни резултати. Заедно со училиштата, денеска се отворија и забавиштата, а минатата седмица беше соопштено дека на 17 мај ќе се отворат и детските градинки.

Адвокатите на Катица Јанева побараа од Апелација да ја укине пресудата за „Рекет“

Катица Јанева и адвокатката Ирена Фрчкоска на рочиште за „Рекет“

Адвокатите на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е осудена од првостепениот суд на седум години затвор денеска од Апелациониот суд побараа да биде укината пресудата и случајот да биде вратен на повторно судење.

Адвокатот Дељо Кадиев, образложувајќи ја жалбата, рече дека има голем број суштествени повреди на постапката за овој случај и затоа една третина од жалбата се однесува на тоа. Јанева, поради здравствени причини не присуствува на седницата и писмено извести дека прифаќа жалбата да биде презентирана од нејзините бранители Кадиев и Ирена Фрчкоска.

Претходно и адвокатот на Бојан Јовановски, осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“ побара од Апелациониот суд да биде укината пресудата и случајот да биде вратен на повторно судење поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба.

Јанева за случајот „Рекет“ од Основниот кривичен суд е осудена на казна затвор од седум години за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување, а Јовановски казната од девет години ја доби за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ .

Заев до фон дер Лајен: заштита на идентитетот е европска вредност

Брисел- средба на македонскиот премиер Зоран Заев и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, 10.05.2021

Премиерот Зоран Заев денеска во Брисел на средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен побарал уште поактивно вклучување на Европксата комисија во наоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

Како што се наведува во владиното соопштение Заев нагласил дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.

„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порачал премиерот.

Во Брисел состанок за Западен Балкан- причина се сериозните потешкотии на регионот

На средбата со европската почитичарка присуствуваа и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во владиното соопштение се наведува и дека на средбата фон дер Лајен потврдила дека ЕК ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, како што рече таа ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ и дека таа се залага за двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.

Заев со Вархеји-идентитетот не може да биде причина за блокада

Дилемата дали Скопје и Тирана ќе бидат раздвоени на патот кон унијата се наметна минатата недела откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ја отвори таа можност споменувајќи дека Албанија ги исполнила сите услови, додека Северна Македонија треба да го реши проблемот со Бугарија. Источниот сосед мината година го блокираше почнување на преговори со земјава поради, како што тврдат, прекршување и неисполнување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, најмногу поврзано со историски прашања за македонскиот јазик и нацијата.

Талибанците во Авганистан прогласија тридневен прекин на огнот

Авганистанските безбедносни сили вршат проверка во Кандахар

Талибанците денеска прогласија тридневен прекин на огнот поради престојниот празник Рамазан Бајрам додека Авганистан се соочува со зголемено насилство. Во соопштението на Талибанците се наведува дека треба да прекинат со офанзивните операции против непријателите низ земјата од првиот до третиот ден на Фитр Бајрам за да се овозможи мирна и безбедна атмосфера во која луѓето ќе го прослават празникот.

„Но доколку непријателот презема какви било напади против вас овие денови бидете подготвени да се заштитите и одбраните себе и својата територија“, се додава во соопштението.

Засега нема одговор од владата на понудениот прекин на огнот. Овој потег доаѓа неколку дена откако авганистанската влада ги обвини Талибанците за бомбашки напад на училиште за девојчиња во Кабул во кој загинаа 50 луѓе а околу сто беа повредени. Милитантната група негираше и ги осуди нападот.

Случај „Рекет“- одбраната на Јовановски бара укинување на пресудата

Бојан Јовановски - Боки 13 на изрекување на пресудата за „Рекет“

Бојан Јовановски, осуден од Основниот суд на девет години казна затвор за случајот „Рекет“, за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ денеска од Апелациониот суд побара да биде укината пресудата и случајот да биде вратен на повторно судење. Неговиот адвокат Сашко Дуковски рече дека тоа го бараат поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба.

„На што се заснова оваа пресуда – на докази или индиции, дали имаме фер постапка и дали може ваква пресуда да се заснова само на исказ на двајца сведоци Орце и Ана Камчева. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски“, наведе Дуковски.

Тој тврди дека целото незаконито водење на постапка и продолжувањето на притворот предизвикало сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е во истиот случај осудена на седум години затвор поради здравствени причини не присуствува на седницата на Апелациониот суд. Жалбата ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска. Таа е осудена за делата „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Јанева и Јованоски, според обвинението од бизнисменот Камчев, за кого обвинителството со кое раководеше Јанева имаше отворено друг пред „Империја“ изнудувале пари за да му ја олеснат положбата. Третиот обвинет Зоран Милевски откако ја призна вината беше осуден на три години затвор.

Мицкоски: Пекер вели дека се среќавал со Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук сподели видео на кое зборува турскиот државјанин Седат Пекер во кое според преводот од турски јазик, тој вели дека се среќавал со премиерот Зоран Заев и бил кај него.

„Ако некому не беше јасно зошто обичните службеници осудени во аферата “Мафија” се обично топовско месо со симболични казни, превземајќи ја вината од плеќите на одговорните во МВР? Зошто се судени само за злоупотреба на службената должност и членот 353, а не за фалсификување патни исправи, не за злосторничко здружување и никој не прави финансиска истрага? Одговорот на сето ова следи во видеото, Седат Пекер вели дека се среќавал со премиерот Заев кај него дома“, напиша Мицкоски.

Пекер е едно од имињата кои ги спомена опозициската партија дека биле познати криминалци, а добиле македонски пасош со лажен идентитет. Случајот прво го обелоденија од ВМРО-ДПМНЕ и го нарекоа „Мафија“, па потоа од полицијата излегоа со детали и приведувања. Од МВР тврдеа дека со месеци работеле на расветлување на случајот кој тие го водат под името „Двојник“, а опозицијата се обидела да направи саботажа.

Премиерот Заев тогаш на тврдењата на опозицијата дека Пекер, кој во Турција е осомничен дека е водач на криминална група, се среќавал со македонски политичари, рече дека „никој од нив, ако се гледале, не можеле да знаат дека тој е осомничен“.

„ За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба“, рече Заев минатиот месец.

Инаку во случајот со издавање на пасоши со лажен иденитет обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување.
Досега неколкумина од нив признаа вина и се соочија со казни од околу две години. Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин

Заев со Вархеји-идентитетот не може да биде причина за блокада

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со премиерот Зоран Заев во Скопје

Идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија, се согласиле на средбата во Брисел премиерот Зоран Заев кој ја предводи македонската делегација и еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Оливер Вархеји, соопшти владината прес служба.

Од таму наведуваат дека еврокомесарот Вархеји ја пречекал македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Премиерот Заев на средбата со еврокомесарот Вархеји истакна дека високо ги оценува овие напори на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија.

Техничката Влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме, вели премиерот, другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, потенцираше на средбата Заев.

Инаку минатата недела при посетата на Скопје Вархеји рече дека иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, би можело да дојде до раздвојување и Тирана да ги почне пристапните преговори, а Скопје кое е блокирано од Бугарија, да почека додека не најде решение со Софија.

Премиерот Заев во Брисел е придружуван од заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Покрај со Вархеји тие ќе се сретнат и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, како и со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс.

Предложено олабавување на мерките од 12 мај

Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок донела нови мерки кои министерот за здравство Венко Филипче ги предложил на Главниот координативен кризен штаб кој, пак, ги прифатил. Филипче на социјалната мрежа Фејсбук информираше дека мерките се донесени врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во државата.

Комисијата предлага да се скрати полицискиот час и да трае од 24 часот до 05 часот наутро, угостителските објекти да работат до 23:30 часот, да се укине забраната за работа на фитнес центрите и теретаните, да се дозволи организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, да се зголеми капацитетот на градинките за плус пет деца во група, а здравствените работници да можат да ги искористат старите и новите годишни одмори. Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај.

Засилените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот беа донесени минатиот месец поради големиот број заразени. Последнава недела бројот на новоинфицирани почна да опаѓа, а минатата недела од петти мај се намали претходното времетраење на полицискиот час и забраната за движење почнува од 23 часот.

Продолжуваат насилствата во Ерусалим

Судири меѓу полицијата и палестински демонстранти. Ерусалим

Израелската полиција се судри со палестинските демонстранти во Ерусалим на 10 мај по третата ноќ на насилство во врска со иселувањето на палестинските семејства од делови на Источен Ерусалим. Извештаите велат дека десетици луѓе биле ранети додека полицајците пукале со солзавец и шок бомби, а демонстрантите фрлале камења и други предмети кон полицијата. Насилството се случи во комплексот на џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот. Напнатоста е голема во градот пред судското рочиште за повеќегодишниот случај на палестинските семејства.

Судири меѓу Палестинците и израелските полицајци во Ерусалим


Рочиштето, претходно очекувано на 10 мај, е откажано на барање на главниот обвинител на Израел. Нов датум ќе биде одреден во следните 30 дена. Повеќе од 70 лица апелираат против наредбата за иселување од своите домови во корист на еврејските доселеници.

Кипар воведува корона пасош за угостителски објекти, хотели, цркви

Ушилиште во Кипар

За посета на угостителските објекти, црквите, кината и театрите, трговските центри, за фитнес центрите, хотелите и туристичките објекти, за казината и за време на конференции, од денеска на Кипар е задолжителен корона пасош, односно документ со кој граѓаните ќе покажат или негативен резултата од брз или ПЦР тест направен во последните 72 часа или вакцинација со најмалку една доза и поминати три седмици или потврда за прележан ковид-19 во последните шест месеци. Од денеска се укинува двонеделниот строг карантин што беше воведен на 26 април, а со тоа одново се отвораат економските и социјалните активности за граѓаните, но под правила и протоколи.

Kовид-пасоши во најава, интересот за вакцинација расте

Министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану истакна дека контролите, дали граѓаните ги имаат неопходните потврди, ќе ги врши само полицијата или надлежните органи, а не одговорните во бизнисите и просторите каде што е задолжителен корона пасошот. Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Кипар, од почетокот на пандемијата во таа земја се регистрирани на 68.000 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 328 лица.

Самит на источното крило на НАТО

Романски војник го чува лансерот за ракети „Патриот“ во Националниот центар за обука за воздушна одбрана во Капу Миди, архивска фотографија

Претседателите на „Букурешт Девет“, група земји на источниот раб на НАТО, денеска ќе одржат самит во романскиот главен град Букурешт. Полскиот претседател Анджеј Дуда и романскиот Клаус Јоханис ќе учествуваат лично, додека другите ќе се приклучат преку видео врска. Групата ја сочинуваат Полска, Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка. Полско-романската иницијатива има за цел да ги координира безбедносните позиции на земјите на источното крило на НАТО.

САД, Канада и Норвешка се приклучуваат на проектот за воена мобилност на ЕУ

Во минатата недела воената соработка на НАТО со Европската унија доби поттик откако Унијата за прв пат ги вклучи Соединетите Држави, Канада и Норвешка, во еден од своите проекти. Станува збор за проектот на ЕУ за воена мобилност е дизајниран да го олесни движењето на војниците низ Европа, нешто што НАТО го смета за клучно во случај на конфликт со Русија.

Самит за демократија во Копенхаген 2021 година

претседателот на САД Џо Бајден

Во Копенхаген денеска почнува дводневен Самит за демократија. Поканети се учесници од деловни директори, политички лидери, активисти и други поддржувачи на демократијата за да разговараат за иднината на глобалната демократија, лидерството на САД и пост-КОВИД закрепнување, технологија и демократска доверба. Првиот Самит за демократија во Копенхаген во 2018 година го отвори Џо Бајден. Годинава како претседател на САД, тој ќе биде домаќин.

Луѓето и во демократски земји не сметаат дека имаат демократија

Форумот планира да помогне во поставувањето на агендата и ќе ги обедини политичките, деловните и медиумските лидери, демократските активисти и поборниците да донесат нови идеи за спречување на бранот на авторитарниот напредок и враќање на демократијата на предното стапало.

Словенечката гранична полиција добива засилување на ЕУ пред можно зголемување на мигрантите

Мигрантски камп во Близина на Бихаќ, Босна и Херцеговина

Полициски службеници од уште три земји на Европската унија од денеска ќе им помагаат на своите колеги во Словенија да ја набљудуваат нејзината граница со Хрватска, поради загриженоста за можно зголемување на мигранти со подобрувањето на временските услови. Станува збор за 10 полицајци кои доаѓаат од Полска, шест од Литванија и пет од Естонија. Повеќе од милион мигранти и баратели на азил, претежно од Блискиот исток и Авганистан, влегоа во Европската унија преку таканаречената балканска рута во периодот 2015-16 година, што ги поттикна земјите да ја засилат граничната безбедност.

Спасовски: На јужната граница нема посериозен предизвик со миграцијата

Хрватска, како и Словенија, е исто така членка на ЕУ, но не е во Шенген зоната. Ова значи дека мигрантите кои ќе стигнат до Словенија можат многу полесно да патуваат во побогатите земји-членки на ЕУ, а Германија е најпопуларна дестинација. Владата на Словенија во март соопшти дека ќе воведе заеднички патроли со офицери од други членки на ЕУ на нејзината граница со Хрватска, како дел од напорите за спречување на илегална миграција. Неколку илјади мигранти во моментов се заглавени во Босна, земја што не е членка на ЕУ, јужно од Хрватска, откако безуспешно се обидоа да влезат во ЕУ.

Главниот гасовод во САД два дена не работи поради напад на сајбер криминалци

илустрација

Американската влада тесно соработува со операторот на најголемиот гасовод откако беше принуден да се затвори поради сајбер напад, за кој се верува дека е извршен од криминална банда. Како што расте грижата за потенцијалните нарушувања во снабдувањето со гориво, американската влада на 9 мај издаде регионална регулатива за вонредни состојби за олабавување за транспорт на производи за гориво на автопатите низ 17 држави и округот Колумбија. Преку овој цевковод се транспортираат околу 45 проценти од горивото во источниот брег на САД - вклучувајќи бензин, дизел, гориво и масло за греење дома - од рафинериите на Заливот во Тексас сè до Њујорк.

Бајден: хакерските напади се сериозна закана

Експертите изјавија дека исклучувањето е малку веројатно да има големо влијание врз цените на горивата, освен ако не трае повеќе од една недела. Не се наведува што барале сајбер-криминалците кои стоеле зад нападот. Во вакви напади, хакери влегуваат во компјутерски системи и ги мешаат податоците, што ги прави неупотребливи. Криминалците потоа бараат пари во замена за клучеви за дешифрирање на софтверот.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе разменат мислења за Западен Балкан

Знамиња на Европската унија пред седиштето на Европската комисија во Брисел, Белгија, 5 мај 2021 година

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат во Брисел за да разговараат за Западен Балкан. Во подготвителниот документ се наведува дека шефовите на дипломатиите ќе одржат стратешка дискусија за посилен политички ангажман на ЕУ со партнерите од Западен Балкан, „прифаќајќи ги заедничките потенцијали, споделување на партнерства; соочени со глобалните предизвици“. Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, треба им презентира на министрите документ, во кој се наведува дека јасна цел на Западен Балкан е полноправно членство во ЕУ и секој предлог за друг пат е одвлекување на вниманието со лоши последици за силна работа тоа нужно мора да се направи за да се постигне визијата за обединета, силна и просперитетна Европа“.

Германија и Франција за новиот „нон-пејпер“: не е оригинален документ

Висок претставник на ЕУ изјави дека министрите сакаат да утврдат како да ја „зајакнат“ соработката со Западен Балкан „заради стабилноста и безбедноста на самата ЕУ, а Унијата може да биде безбедна само доколку Западен Балкан е безбеден“. Шефовите на држави или влади во јуни треба да разговараат како да ги вметнат односите со Западен Балкан во стратешките приоритети на ЕУ.

САД против прекројување на границите на Балканот

Подготвителниот документ нагласува дека клучните тела на ЕУ ја истакнаа „јасната европска перспектива на регионот“, а Борел ќе претстави анализа на Европската служба за меѓународни работи во која се вели дека „интеграцијата на Западен Балкан во Унијата е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, бидејќи тоа е геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија “. Во документот се нагласува дека силното присуство на ЕУ е најдобриот начин да се спречи Западен Балкан да се сврти кон другите земји во светот, јасно укажувајќи на целта на ЕУ за намалување на влијанието на Кина и Русија во регионот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG