Достапни линкови

ЕМА ПОПИВОДА: Ноктурната се разгледница за македонската музика, уметност, фолклор и традиција


Ема Попивода, во сцена од видео спотот за композицијата „Зајди, зајди“ сниман на локации на Козјак

Со идеја да го заокружи својот повеќегодишен изведувачки репертоар и наедно да понуди самосвојно аудио-визуелно патешествие по Македонија, пијанистката Ема Попивода неодамна го објави албумот на кој се забележани изведбите на Ноктурната на композиторот Димитрије Бужаровски.

„Во едно вакво време во коешто владее кич, во време на комплетно изместени вредности и кадешто интересот на јавноста е насочен кон многу други сфери, а најмалку кон културата, ова е нашата борба. Ова е нашиот крик. Ова е нашата цел – да продолжиме со квалитетен уметнички живот. Да и понудиме на публиката, макар и за момент, да се оттргне од секојдневните настани, а со тоа да продолжи и духот на урбаноста, духот на градот“.

Ова ќе го порача пијанистката Ема Потевска Попивода во пресрет на концертот во Музеј на современа уметност – Скопје, одржан на 28 февруари 2017 година. Во сличен сценски амбиент, но овојпат во Музеј на македонската борба, таа ги сними Ноктурната Опус 49 и Опус 52 базирани на македонската традиционална музика на професорот Димитрије Бужаровски за потребите на својот актуелен носач на звук, албумот што се појави на крајот на пандемиската 2020 година и кој набрзо потоа се најде и на светските платформи за музика. Со тоа несомнено беше заокружено едно интимно звучно патешествие кое се воздигнува до уште едно значајно камче, карпа, во мозаикот за интернационалната кариера на оваа македонска уметница.

И, колку за потсетување, Ема е пијанистка со богата меѓународна присутност и вистински амбасадор на македонската култура во светот со соло настапи во Лондон, Њујорк, Токио, Братислава, Рим, Будимпешта, Брисел, Белград, Цетиње... Била и солист на канадската West Coast Symphony orchestra и на Orchestra Regional de Cannes во Франција. Инаку, докторските студии по пијано со највисок успех ги завршила во 2013 година под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски. Добитник е на бројни награди и признанија, професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и уметнички директор на Фестивалот за современа музика „Модоарс“.

Случајно се погоди безмалку едноподруго пред македонската публика да стигнат три силни пијанистички дискографски објави, „Македонисимо“ на маестро Симон Трпчевски, „Рефлексии“ на Дино Имери и вашиот албум. Каде е коренот на објавата на Ема Попивода? Колку долго се сонуваше овој носач на звук?

Овие Ноктурна се дел од мојот изведувачки репертоар повеќе години. Имав прилика да ги свирам на многу концерти во Македонија и надвор од неа. Најпрво во Скопје во Музејот на современа уметност, навистина голем настан кој го посетија преку 400 гости во публиката. Подоцна и во Токио, Њујорк, Лондон, Брисел, Рим, Будимпешта, Перуџа, Гдањск, Белград. По сите концерти имав навистина многу прашања и побарувања за тоа каде може да се најде носач на звук или дигитален запис од оваа музика. Сите овие години се обидував да најдам начин како професионално да го снимам и издадам овој материјал. Кај нас издаваштвото за класична музика е маргинизирано и органичено во однос на обезебдување на професионално студио за снимање или добар концертен клавир, обезбедување на спозорства и финансии итн. Кога прв пат ги подготвував овие ноктурна, снимив и промотивно видео на темата „Зајди, зајди“ кое привлече големо внимание и доживеа голем успех. Природно следуваше и потребата за издавање на ЦД со сите композиции, кое конечно успев да го реализирам. Музиката ја сними Ангел Ќосев, а издавач е “Liber Legis Musica Universalis”. Дигитален аудио запис е достапен и на веб страницата Bandcamp.

Неговото преслушување може да се спореди со звуковно-визуелно патешествие по Македонија. Онака како што таа ги почувствувала ноктурната и дозволила да го следат ритамот на нејзиното пулсирање. Што ви беше основната мисла за целото време на реализацијата на проектот?

Звуковно – визуелно патување низ Македонија е опис кој е точно на целта на овој проект. Ноктурната базирани на македонски народни теми ги свирам со навистина многу љубов. Не само поради фактот што народните теми кај мене побудуваат прекрасни чувства, туку и поради предизвикот да се интерпретираат комплексните пијанистички фактури во стилот на Лист и Шопен напишани од композиторот Бужаровски. Од досегашното искуство, оваа музика ја воодушевува домашната публика која ги распознава македонските народни теми низ композициите и поради пијанстичката виртуозност во интерпретацијата. Не помалку ги воодушевува и слушателите од другите земји кои не го познават македонскиот фолклор, но со сета своја уникатност, убавина, специфичен ритам, и начинот на кој композиторот мајсторски ги обединил во ова неогово дело. Оттаму, овој концертен проект е одлична промоција не само за интерпретаторот и композиторот, туку и за македонската култура, уметност, музика, фолклор. Основната мисла беше да се остави запис за овој проект со македонска музика, како една разгледница за македонската музика, уметност, фолклор и традиција.

Сега кога албумот е реалност, проектирана ли е неговата промоција и не само во матичната средина туку секаде онаму каде што дофрлаат интересите за него како материјален доказ но уште повеќе како повод за средба со еден врвен инструменталист?

Со нетрпение ја очекувам можноста кога ќе може да се направи промоција на ова издание. Размислував за онлајн промоција, но заклучив дека истата не би била соодветна да го престави записот во полн сјај. Во првата можна прилика, која се надевам ќе биде на пролет, задолжителено ќе се организира концертна промоција, со обраќање на композиторот, можности за разговор со сите учесници во проектот и се разбира концерт со дел од композициите. Пред пандемијата, беше во план и концертна турнеа со овие македонски ноктурна низ Балканот. Се надевам дека штом се врати животот во нормала, ќе успеам да ја реализирам концертната промоција во Србија, Косово, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Бугарија.

Зад нас е една пандемиска година, но пред нас период во кој здравје очекуваме отворање на можностите за комуникација со светот, со културните сцени. Има ли планови за концертни настапи Ема Попивода и верува во еден засилен исчекор во градењето на интернационалната кариера? Конечно, од што таа најмногу зависи за уметник кој доаѓа од земја како Македонија, од Балканот...

За време на панедмијата сите концерти ми беа одложени. Се надевам дека штом се отворат концертните сцени ќе успеам да реализирам неколку од нив. Покрај турнејата со Ноктурната на Балканот што претходно ја споменав, во летниот период се во план концерти во рамките на културните настани за време на Олимписките игри во Токио, и тоа во градовите Токио, Чигасака сити, Точиги, како пијано дует со пијанистката од Јапонија Асами Сате. Солистички концерти ќе одржам на неколку фестивали во Италија. Во Скопје, во месец јуни, подготвувам и еден голем музичко-сценски спектакл со електронска музика заедно со ДЈ Егоритмија.

За еден уметник да изгради интернационална кариера најважно е да има менаџер или концертна агенција која ќе се грижи за сите негови настапи. Но, за сите уметници кои сами ја градат кариерата, успешноста зависи од повеќе фактори како што се: контактите кои ги има, мрежата на луѓе со кои соработува, упорност, па дури и среќа. Во нашата земја не постои концертна агенција, ниту пак менаџер за класична музика и навистина е тешко за уметниците да се пробијат на светските сцени. Од друга страна пак неколкумина наши уметници како Симон Трпчевски, Ана Дурловски, Благој Нацовски, Милена Арсовска, се навистина успешни во своите кариери. Тоа е доказ дека нашата мала земја има талентиран народ и дека нашето балканско потекло можеби е и предност.

Наспроти вашите солистичкки настапи во различните средини се исправаат вашите менаџерски способности како идеен творец и двигател на фестивалот МОДОАРС? Каква е неговата реалност и уште повеќе иднина во едни вакви услови и во земја каде културата генерално била монета за поткусурување?

На нашата културна сцена веќе четиринаесетта година егзистира Фестивалот МОДОАРС. Со голем ентузијазам и љубов секоја година ја создавам програмата според условите и фининасиските можности. Модоарс е фестивал за современа музика и идејата е преку неговите настани да се презентира современа музика, експриментална музика, нова музика, да се прикажат најновите новитети во интрументариумот, начинот на изведба, да се спојат повеќе уметности во еден концепт, но и да се создаде форум на комуникација меѓу уметниците од светот. итн. Иако фестивалот работи со навистина мал буџет, низ годините успеав да организирам концерти со врвни, несекојдневни музички имиња и тоа од САД, Англија, Италија, Полска, Белгија, Јапонија, Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, но и концерти на голем број мои колеги, уметници од Македонија. Тоа се должи не само на ентузијазмот и љубовта во работата туку и бројните лични контакти кои ги имам со уметниците, како и соработката со неколку фестивали со кои меѓусебно се поддржуваме. За успешноста на настаните зборуваат бројната посетеност и големиот интерес и на публиката и на медиумите кај нас. Оваа 2021 година ќе гостува италијанскиот пијанист Алесандро Вена со програма од Филип Глас, својата уникатна авторска музика ќе ја престави и пијанистката Мелани Пеоска која живее и работи во Германија, ќе настапат и неколку камерни состави и солисти од Македонија. Сосема е точно дека во Македонија културата е монета за поткусурување, сцена на разни игри, од кои уште одамна решив да се дистанцирам. Се разбира, секогаш сум расположена за соработка и било каква поддршка со сите културни институции.

Што ако и натаму културата, вашите и било кои уметнички изблици и заложби бидат осудени на форматираното он-лајн егзистирање типично за минатата временска отсечка? Ќе ги смени ли тоа нашите светогледи? Ќе не натера ли да се бараат некакви хибридни форми на културно делување?

Дефинитивно ќе не натера да побараме некаква нова форма на културно делување. За време на светскиот локдаун се одржуваа стриминзи на концерти, подкасти или онлајн концерти, што всушност ја одбележа и новата ера на изведувачката уметност. Се појавија голем број интернет платформи кои нудат можност за онлајн концерти и ги поврзуваат со нови технологии и графики и преку кои може да се стигне до голем број гледачи. Тоа се веќе првите обиди да се промени начинот на делување на уметниците. Впрочем и низ историјата, културата и уметноста од биле секогаш во потрага по нешто ново и барале уметност што ќе биде во чекор со времето во кое се живее. Но, според мене тоа не е нов модел на изведба на музиката, можеби само можност да се документира некој концерт, да се пренесе полесно до поголем број публика и еден начин како да се преброди кризата. Концертите во живо се незаменливи. Енергијата меѓу изведувачот и публиката, емоциите кои се споделуваат на сцената, магијата од звуците се нешто што неможе да се пренесе и долови онлајн. Можеби овој он-лајн начин на егзистирање на уметноста, како новина, додаде само една можност повеќе на уметниците да се претстават и во таков формат и полесно да ја промовираат својата работа.

Лани заедно со јапонската пијанистка Асами Сате победивте на отворениот онлајн конкурс на Токио метрополитен снимајќи ја композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице“ на Бужаровски од Ноктурно Оп. 52. Видеото е инспирирано од творештвото на архитектот Кензо Танге, симболот на пријателство помеѓу Скопје и јапонската метропола, а негови потписници се продуцентот Давор Попивода и монтажерот Милан Тоциновски. Колку оваа награда стимулативно влијаеше на Вас како уметница и колку таа може да ви ги отвори портите на тамошната музичка сцена?

Секоја награда и признание се голем стимул за да работам уште повеќе. Наградата во Токио е од големо значење за мене. Мило ми е дека со овој наш проект, со музиката и со видеото на кое беше прикажана архитектурта на Кензо Танге во Скопје и Токио доби едно вакво признание и емотивно допре до публикта во Јапонија и Македонија. Заедно со Асами сме поканети да одржиме серија концерти во Јапонија. Еден од концертите ќе се одржи во Чигасака сити, градот кој е домаќин на нашата земја за време на Олимпсиките игри во Токио. Концертот ќе се одржи во рамките на културната промоција за време на игрите. Концерти ќе одржиме и во Токио, Шингава гард и Точиги. Се надевам дека до лето ќе бидат и подобри условите за патување и можноста да ги реализираме концертите. Проектот ќе го претставиме и во Скопје и Охрид.

Конечно, кога ќе бидеме сведетели на физичката промоција на актуелниот албум и колку тој ќе ве повлече уште повеќе да бидете дискографски активна иако сето тоа мора да признаеме е донекаде „скап спорт“ во услови на немаштија и терање на работите исклучиво на мускули? Без било каква стабилна и разумна политика на државата за култура која ќе го брани како и секогаш нејзиниот идентитет.

Издавањето на албум е значаен дел од кариерата на уметниците. Секој музичар треба да има запис со своите изведби кои на некој начин се и негова лична карта за работата која ја работи. Кај нас е навистина тешко, најпрво поради слабата финансиска поддршка за уметниците, но и поради култураата за купување и слушање Цд-а, плочи итн. Имам во план и посакувам да снимам упте неколку мои проекти, меѓу кои и оној со мојата авторска музика на теми од електронската музика - „Акустик електроникс“, како и ЦД со класична музика на Фредерик Шопен, Ерик Сати и Филип Глас. Можеби овој пат би ги издала во дигитален формат или пак на винил.

Во потполност се согласувам со вашата констатација за потребата од разумна политика на државата кон културата која е идентитетот на еден народ. Иако во изминатиот период таа беше една од најпогодените граники на општеството, таа мора да живее и да се издигне уште повисоко. Културата ги отсликува особеностите на еден народ, вклучувајќи го јазикот, музиката, уметноста, традициите, фолклорот и како таква го зајакнува идентитетот на еден народ. Ние треба да се гордееме со нашата богата култура, но и државата треба што повеќе да инвестира, затоа што иако во позадина, таа е нашето силно оружје во борбата со сите политички меѓународни превирања.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG