Достапни линкови

Вести

Израел ја бомбардираше Газа како одмазда за ракетирањето

илустрација

Израелски борбени авиони и хеликоптери нападнаа неколку цели во појасот Газа како одговор на ракетата истрелана од таа палестинска територија, објави денеска израелската армија, а пренесува агенцијата АП. Според армијата, погодени се објекти за производство на оружје, подземна инфраструктура и полигон за обука на поморските сили на Хамас. Во саботата вечерта, палестинските милитанти истрелале ракета кон Израел, што ги вклучи сирените во градот Ашкелон на југот на земјата.

„Терористичката организација Хамас е одговорна за сите настани во појасот Газа и ќе сноси последици за терористички активности против израелски цивили“, соопшти израелската армија. Портпаролот на Хамас пак, Фавзи Бархум го обвини Израел за новата ескалација.

„Израелската окупација е одговорна за сè што се случува во Газа, бидејќи продолжува да изведува напади. Отпор се дава само во самоодбрана", изјави Бархум за Ројтерс.

Палестина нема да ги почитува договорите со Израел и САД

Во нападите нема жртви. Израел и Хамас последен пат се бореа во 2014 година и оттогаш неколку пати разменуваа оган.

види ги сите денешни вести

1314 пациенти во инфективните оддели во Скопје, се отвора нов ковид центар

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретна со директорите на ковид центрите од комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје за да се разгледа состојбата со пополнетоста на капацитетите на клиниките и динаминиката на отворање на нови оддeленија за ковид пациенти, соопшти Министерството за здравство. Констатирано е дека во моментов Интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород и иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има.

Според најавите, во текот на денешниот ден ќе се отвори и ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло во Скопје каде ќе можат да се сместат дополнително 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.

„Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1314 и има колку 130 празни болнички кревети во ковид – центрите“, соопшти Министерството за здравство.

Царовска најави нов начин на финансиска поддршка за науката

Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн-состанок со Роналд де Бруин, директор на Организацијата за европска соработка во науката и технологијата (COST), ја нагласи заложбата на Владата за суштинска промена на третманот на науката и зголемување на нивото на јавни вложување во научноистражувачка дејност.

„По долгогодишна маргинализација на науката и во услови на пандемија ја адресиравме потребата за планско финансирање на национални истражувачки проекти. Пандемијата потврди дека улогата на науката и технологијата во решавањето на предизвиците на современото живеење е круцијална и затоа буџетот за наука мора постојано да се зголемува“, рече Царовска.

Потребни се поголеми вложувања во науката бидејќи таа е основата за целокупниот развој и напредок на општеството.

„За таа цел, МОН воведува три нови начини на финансирање. Грантовото е достапно од годинава преку иновациските ваучери на ФИТР. Од идната година се воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научноистражувачка дејност“, вели Царовска.

Бугарија затвора барови, градинки, спортски сали... поради Ковид-19

Новите рестрикции во Бугарија во сила од утре

Бугарската влада објави повторно воведување на поостри ограничувања, вклучително и затворање на ресторани и училишта, во обид да се ограничи напливот на случаи со коронавируси кои го оптоваруваат здравствениот систем на земјата.

„Мерките стапуваат на сила на 27 ноември и ќе траат до 21 декември со цел „да им се овозможи на повеќе луѓе да останат здрави додека не дојдат вакцините“, изјави денеска Венцислав Мутафчиски, шеф на работната група за коронавирус.

Бугарскиот здравствен систем е совладан од наглиот пораст на бројот на пациенти поради недостиг на медицински персонал и зголемени инфекции меѓу лекари и медицински сестри. Земјата вчера регистрираше 4.382 нови инфекции, со што вкупниот број на случаи се искачи на 129.348. Повеќе од 6.300 луѓе беа во болници.

Според новите мерки, сите барови, кафулиња, ноќни клубови, трговски центри и спортски сали ќе бидат затворени. Рестораните ќе можат да продаваат само храна за носење. Универзитетите и училиштата целосно ќе се префрлат на учење на далечина, а градинките ќе се затворат. Театрите ќе останат отворени, но во 30 проценти од капацитетот, додека приватните собири ќе бидат ограничени на 15 лица.

И ноемвриските пензии ќе се исплаќаат етапно заради Ковид-19

Илустрација - Луѓе со заштитни маски пред банка во Скопје

Oд денеска почнува етапната исплата на ноемвриските пензии и ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот ковид-19, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата: Во четврток 26.11. 2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари; Во петок на 27.11.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; Во понеделник на 30.11.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари и во вторник на 01.12. 2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од четврток 26 ноември. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Заев: Жалам за негативните емоции, но имам обврска да поттикнам решение

Зоран Заев

Жалам што моето интервју предизвика силни негативни емоции за кои сум свесен и ги разбирам, но имам обврска да ги поттикнам македонските граѓани за изнаоѓање решение, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање поврзано со интервјуто дадено за бугарската агенција БГНЕС, а во која вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија не разделила со Бугарија и дека со Бугарија имаме заедничка историја“.

По вчерашното интервју, јавноста бурно реагираше, дел од историчарите од историската комисија се оградија, а опозицијата побара оставка од премиерот и повика на протести.

За интервјуто за БГНЕС, Заев рече дека не знае дали ќе ги подобри позициите на Северна Македонија во омекнувањето на ставот на Бугарија во врска со одобрувањето на преговарачката рамка со Европската унија, но потенцираше дека во интервјуто се водел од желбата да помогне во евроинтегративните процеси, без да калкулира за својот политички рејтинг.

„Во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите. Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија.
АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Денеска посебно постојат македонски литературен и бугарски литературен јазик“, рече денеска Заев, при почнувањето на нова инвестиција во селото Гиновци.

Но, додаде, „давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст“.

„Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, кажа Заев.

Денеска протест по изјавата на Заев дека „Бугарија не е фашизам“

ВМРО-ДПМНЕ

По вчерашниот повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во 18 часот од СЦ „Борис Трајковски“ до Влада ќе се одржи протестен авто-марш, како реакција на вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое тој вели дека со „Бугарија имаме заедничка историја и дека Бугарија не е фашизам“.

Изјавите на Заев наидоа на остри критики во јавноста, а опозицијата побара негова неотповиклива оставка.

„Протест сега, за да не биде предоцна! Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против „администрација” како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави „терористи” и „престапници”, а не ослободители. Не“, рече Мицкоски.

Онлајн гласањето денеска пред пратениците

Илустрација - Архивска фотографија од конститутивна седница на Собранието на Република Северна Македонија

Предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, и покрај различните ставови на владејачкото мнозинство и опозицијата околу онлајн изјаснувањето на ковид позитивните и изолираните пратеници, по скратена постапка, денеска треба да се најде на дневен ред на 22. седница.

Со предлогот се предвидува пратеници со позитивен тест за Ковид-19 и со решение за изолација да можат да се изјаснуваат на пленарни седници и на седници на собраниските комисии, а го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери, а речиси ист предлог уште во октомври објави и СДСМ. Опозицијата е против овој предлог.

ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива не соопштија дали ќе присуствуваат на денешната седница, но по ставањето на седница на предлогот од страна на Џафери најавија дека нема да присуствуваат на координациите со него и на одредени седници на Собранието.

Експертите на СЗО сакаат да одат во Вухан за да го испитаат потеклото на ковид-19

Истражувачите предводени од Светската здравствена организација би сакале да се вратат на пазарот на храна во Вухан во Кина за да ги испитаат првичните случаи на ковид-19 што се појавија во градот и да истражат како најверојатно првиот вирус се проширил од лилјаците. Питер Бен Ембарек, експерт во СЗО, рече дека тимот би сакал повторно да интервјуира рани случаи на ковид-19 и да открие заразени работници кои можеби имаат „важни информации“ за тоа каде можеби се заразиле од коронавирусот.

СЗО: Последиците од пандемијата ќе траат со децении

„Нема докази дека вирусот бил направен од човекот“, рече тој, повторувајќи го ставот на СЗО и на повеќето научници. „Пред декември 2019 година навистина не знаеме што се случило, не знаеме како вирусот скокна од најверојатната природна средина во популацијата на лилјаци кај луѓето. И тоа е малку од историјата што треба да ја реконструираме“, изјави Бен Ембарек. СЗО има уверување од Кина дека меѓународното патување за истражување на потеклото на новиот коронавирус ќе се организира што е можно поскоро.

Американците патуваат за Денот на благодарноста и покрај ковид-19

Њујорк

Рекордните хоспитализации и зголемениот број на жртви не ги спречија Американците да патуваат за Денот на благодарноста, зголемувајќи ги стравувањата дека сегашното неконтролирано ширење е увертира за полош бран за Божиќ. Дневните смртни случаи во САД од ковид-19 надминаа 2.000 за прв пат од мај, а хоспитализациите достигнаа рекордни 87.000 во вторникот. Само во последните две недели земјата регистрираше 2,3 милиони нови инфекции.

Американските гласачи и коронавирусот

Сега се страхува дека бројките во наредниот период ќе се зголемуваат поради тоа што милиони Американци не ги почитуваа официјалните предупредувања и патуваа за Денот на благодарноста. Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести, ги повика луѓето на Денот на благодарноста да се собираат во мали групи да носат маски и да одржуваат растојание особено во затворен простор. Избраниот претседател на САД Џо Бајден во обраќањето до нацијата пред Денот на благодарноста ги повика Американците да ги удвојат своите напори за борба против коронавирусот.

Турција потпиша договор за 50 милиони дози вакцина за ковид-19

Анкара, илустрација

Турција потпиша договор за купување 50 милиони дози вакцина за ковид-19 од кинеската Синовак биотек, изјави министерот за здравство Фахретин Коча, најавувајќи дека тие ќе бидат доставени во декември, јануари и февруари. Експерименталната вакцина КоронаВак, предизвика брз имунолошки одговор, но нивото на произведени антитела е пониско отколку кај луѓето кои се опоравиле од вирусот, покажаа резултатите од првичните испитувања.

Г20 вети еднаков пристап до вакцината за коронавирус

КоронаВак и четири други експериментални вакцини развиени во Кина се во испитувања во доцна фаза за да се утврди нивната ефикасност. „Она што е важно тука, да започнеме да користиме вакцини за кои се знае дека се ефикасни и сигурни. Мислам дека календарот за вакцинација може да започне на 11 декември“, рече Коча.

Трамп го помилува екс советникот Флин

Мајкл Флин

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, кој во 2017 година се изјасни за виновен за лажење на ФБИ за неговите контакти со Русите. Трамп го објави помилувањето преку твит на 25 ноември, еден ден откако медиумите објавија дека Трамп им рекол на соработниците дека планира да го вклучи Флин во серијата помилувања што ќе ги издаде во последните денови од неговото претседателствување. „Ми претставува голема чест да објавам дека на генералот Мајкл Флин му беше доделено целосно помилување. Честитки за Флин и неговото прекрасно семејство, знам дека сега ќе имате навистина фантастичен Ден на благодарноста! “, напиша Трамп.

Судот се откажа од гонење на поранешниот советник на Трамп

Тајните разговори на Флин со рускиот амбасадор во Вашингтон во декември 2016 година беа камен-темелник на истрагата за мешањето на Москва во претседателските избори во САД во 2016 година и дали имало некаква координација помеѓу кампањата на Трамп и руската влада на изборите. Трамп го отпушти Флин во февруари 2017 година, но претседателот тврди дека истрагата била политички „лов на вештерки“ и дека Флин бил „добар човек“. Флин, пензиониран генерал на Армијата и поранешен шеф на Агенцијата за одбрана за разузнавање, двапати се изјасни за виновен за лажење на ФБИ за интеракциите што ги имал со рускиот амбасадор во Соединетите држави за време на претседателската транзиција кон крајот на 2016 година и почетокот на 2017 година.

Генерален штрајк во Грција

Атина, илустрација

Синдикатот на вработените во јавниот сектор, за денеска закажа генерален штрајк во Грција, барајќи суштински мерки во справувањето на пандемијата. Во денешниот генерален штрајк ќе земат учество и Федерациите на вработените во државните болници и на просветните работници во средните училишта. Атина денеска ќе биде без метро и трамвај, проблеми ќе има во цела Грција и во бродскиот сообраќај поради учеството во штрајкот на пет од 13 здруженија од грчката поморска федерација. Контролорите на летање вчера имаа шестчасовен прекин на работата.

Карантинот во Грција може да продолжи и по 30 ноември

Генералниот штрајк е во време додека Грција е во карантин, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор, меѓу другото бараат, суштински мерки за заштита на здравјето на вработените на нивните работни места; вклучување на приватниот здравствен сектор во битката со пандемијата; вработување на неодредено време на медицински персонал; дополнителни вработувања во јавниот превоз, за да се зголеми возниот ред и да се намалат гужвите, како и зголемување на платите и враќање на 13 и 14-та плата за вработените во државниот сектор.

Тридневна жалост во Аргентина за смртта на Диего Марадона

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез прогласи тридневна жалост за смртта на легендарниот фудбалер Диего Армандо Марадона. Марадона почина вчера во својата куќа во предградие на Буенос Аирес од срцев удар. Тој важи за еден од најдобрите и најсаканите фудбалери на сите времиња. Марадона неодамна се бореше со здравствени проблеми и беше подложен на итна операција на хематом пред неколку недели.

Марадона успешно опериран од тромб во мозокот

Годините на употреба на дрога, прејадување и алкохолизам ја прекинаа неговата ѕвездена кариера, а Марадона беше во опасност да го загуби животот во 2000 година од срцева слабост предизвикана од употреба на кокаин. Заедно со бразилскиот легендарен играч Пеле, Марадона беше добитник на наградата ФИФА за играч на 20 век.

Бугарскиот парламент го отфрли предлогот за нов устав

Софија, протест пред бугарскиот парламент, 21-ноември-2020.

Бугарскиот парламент го отфрли контроверзниот план на премиерот Бојко Борис за промена на Уставот, што тој го достави во август во обид да ја ублажи политичката криза. Предлогот за промена на Уставот, кој неодамна беше критикуван од Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања, доби само 110 гласа „за“, додека 160 од 240 пратеници беа против. Конзервативната влада ја покрена иницијативата во обид да го ослабне протестното движење, кое остро ги осудува наводните врски на владата со олигархијата.

Заев за БГНЕС: Имаме заедничка историја, Бугарија не е фашизам

Сепак, таа одлука, која се смета за маневар за купување време и останување на власт до следните парламентарни избори закажани за март 2021 година, предизвика бурна реакција од протестното движење. Во Софија на почетокот на септември околу 45 лица беа повредени во судир меѓу демонстрантите и полицијата. Венецијанската комисија, од своја страна, рече дека жали што не е спроведена соодветна јавна дебата за започнување на уставните реформи.

Времето денеска: претежно сончево

Ќе биде претежно сончево, во утринските и претпладневните часови по одделни котлини со појава на магла. Дневната температура ќе биде од 11 до 17 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде до 8 степени.

Нови 1228 случаи на корона, починати 39, а оздравени 1078 лица

Клиника за инфективни болести во Скопје. Илустрација.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3349 тестирања, а регистрирани се 1288 нови случаи на Ковид-19. Од нив најмногу заразени има во Скопје, односно 570 лица. Институтот за јавно здравје денеска регистрира 1078 оздравени пациенти.

Починати се 39 лица, шеснаесет пациенти од Скопје, четири пациенти од Тетово, тројца од Прилеп, двајца од Куманово, Струга, Велес, Охрид и Кичево, а по еден пациент од Дебар, Штип, Берово, Демир Хисар, Струмица и Неготино.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 57451, бројката на оздравени пациенти е 34970, на починати е 1600, а бројот на активни случаи изнесува 20881.

Турција набавува 50 милиони дози вакцини против корона од Кина

Илустрација

Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа изјави денеска дека властите потпишала договор со кинеската фармацевтска компанија „Синовак Биотек“ за набавка на 50 милиони дози вакцина против Ковид-19.

„За нас најважно е да почнеме да даваме вакцина која е проверено ефикасна и сигурна“, рече Коџа.

Според него, испораките на вакцините ќе бидат извршени наредниот месец и во јануари и февруари 2021 година.

Фудбалската легенда Марадона почина од срцев удар

Диего Марадона

Аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона денска почина од срцев удар на 60 годишна возраст, изјави неговиот адвокат. Марадона неодамна се бореше со здравствени проблеми и беше подложен на итна операција на хематом пред неколку недели.

Марадона ја предводеше Аргентина до победата на Светското првенство во Мексико во 1986 година. Во едниот натпревар од четвртфиналето, Марадона ги постигна двата гола во победата над Англија со 2: 1, која влезе во историјата на фудбалот од две спротивставени причини.

Неговиот прв погодок беше при несанкциониран фаул познат како „Божјата рака“ - фраза што Марадона ја користеше за да го опише погодокот, додека вториот погодок следеше по дриблинг од 60 метри над пет играчи на Англија, кој беше изгласан за „Гол на векот“ од гласањето на ФИФА во 2002 година.

Годините на злоупотреба на дрога, прејадување и алкохолизам ја прекинаа неговата ѕвездена кариера, а Марадона беше во опасност да го загуби животот во 2000 година од срцева слабост предизвикана од употреба на кокаин.

Заедно со бразилскиот легендарен играч Пеле, Марадона беше добитник на наградата ФИФА за играч на 20 век.

Историчарка од македонско- бугарската комисија ја осуди изјавата на Заев

Премиерот Зоран Заев

Љубица Спасковска кој е дел од македонскиот тим историчари во заедничката мултидисплинарна комисија со Бугарија се огради и ја осуди изјавата на премиерот Зоран Заев за бугарскиот медиум БГНЕС.

„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза. Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општо прифатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947“, напиша таа на Фејсбук.

Заев во интервјуто изјави дека Бугарија не е фашизам, туку пријател на Македонија. Тој порочи и дека имаме заедничка историја со Бугарија и дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореле за слободата на Македонија и Одринско.

Кинескиот претседател му честиташе на Бајден

Кинескиот претседател Си Џинпинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг му честиташе на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден за победата на претседателските избори на 3 ноември. Кинеските медиуми објавија дека Џинпинг во својата порака до Бајден, изразил надеж дека односите меѓу двете земји „ќе се развиваат понатаму за да одговараат на интересите на двата народа и општите очекувања на меѓународната заедница“.

Пораката на Џинпинг за упатените честитки кон Бајден стигна откако Доналд Трамп започна да се придржува кон формалното пренесување на власта на новоизбраниот претседател Бајден.

Додека Трамп сè уште не го призна поразот на изборите, неговата администрација на 23 ноември официјално одобри транзиција кон администрацијата на Бајден.

Наспроти ова, Џинпинг му испрати честитки на Трамп еден ден откако беше прогласен за победник на изборите во 2016 година. Тој е еден од последните големи светски лидери што му честиташе на Бајден. Рускиот претседател Владимир Путин сè уште не го сторил тоа.

Азербејџанската војска навлезе во отстапената ерменска област

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев

Азербејџанските трупи навлегоа во областа Калбачар откако беше предадена од Ерменија како дел од договорот со кој завршија шестнеделните борби околу отцепената област Нагорно- Карабах.

Азербејџан ја изгуби контролата над Калбачар за време на војната со Ерменија на почетокот на 90-тите години за време на распадот на Советскиот сојуз.

Калбачар беше стратешка врска помеѓу меѓународно признаената граница на Ерменија и подрачјата под контрола на Ерменците во спорниот регион Нагорно-Карабах. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вети дека ќе ја обнови и заживее областа Калбачар.

Скоро 2.000 руски мировници се преселија во областа како дел од договорот за примирје, кој исто така ги обврза страните повторно да ги отворат своите граници за трговија, но не постави временска рамка за тоа.

Мицкоски: Заев ја негира антифашистичката борба на граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција изјави дека интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарскиот медиум БГНЕС претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност. Според него, Заев несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани.

„Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство. Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени а не биле поробени во Втората светска војна“, рече Мицкоски.

Тој изрази загриженост дека интервју може да се толкува и како прв чекор кон откажување на македонското малцинство во Бугарија, како и кинење на сите пресуди кои што меѓународните судови до сега ги имаат изречено.

„Како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено стојат насоките кои што за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед до сега ги игнорира и истите тие не ги применува. Морам да изразам сериозна загриженост за една тенденција за менување на карактер и улогата на македонските херои, што е упад и фалсификат на македонската историја“, додаде Мицкоски.

Тој порача и дека Владата не треба да си игра со македонскиот идентитет.

Заев во интервјуто изјави дека имаме заедничка историја со Бугарија и дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореле за слободата на Македонија и Одринско.

Во ковид-центрите се лекуваат 812 пациенти

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта .

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид – центрите се лекуваат вкупно 812 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Според министерството, има околу 150 празни болнички кревети во ковид – центрите, а во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Од министерството додаваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, како што се наведува во соопштението, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Заев за БГНЕС: Имаме заедничка историја, Бугарија не е фашизам

Зоран Заев

Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореа за слободата на Македонија и Одринско. Југославија не разделуваше и ако не ги признаеме слабостите на историјата нема да можеме да ја градиме иднината, вели премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската агенција БГНЕС објавено денеска.

Македонскиот премиер додава дека Бугарија не е фашизам, туку дека е наш пријател и дека „ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР публикации ширум светот, тој ќе сноси одговорност и дека државата не учествува во ова“.

Според Заев, имплементацијата на Договорот со Бугарија ќе биде закон, а т.н. „длабока држава“ останала во ВМРО-ДПМНЕ чии функционери „едно велат дома, а друго надвор“. Во врска со „бугарското негирање на македонскиот идентитет и јазик“, премиерот во интервјуто вели дека Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат и се бара да се утврди тој дел од историјата.

На прашањето за „фашистички окупатор“, Заев вели дека веќе се заменети 20-тина табли со таков натпис. Во интервјуто премиерот убедува дека Северна Македонија нема претензии кон Бугарија, ниту малцински претензии, а во врска со изјавата на претседателот Стево Пендароски за (Тодор) Живковистичка политика на Бугарија вели дека Пендаровски „не е толку искусен политичар како Заев и дека сите понекогаш не бираме правилни зборови, но дека Пендаровски е за пријателство со Бугарија.

Царовска: Првото полугодие ќе заврши на крајот на годинава

Мила Царовска

Првото полугодие на учебната 2020/2021 ќе заврши на крајот на годинава, а второто ќе почне на 21 јануари 2021. Предвремен зимски распуст не е потребно зашто во училиштата нема ширење на вирусот, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на прашање за предлогот од опозицијата распустот да почне порано.

Царовска рече дека не слушнала аргументи од опоцизијата со кои тој предлог би бил оправдан, наведувајќи дека бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко просуство во целата држава е помал од 1 процент.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG