Достапни линкови

Вести

Морисон: Извештајот за убиствата во Авганистан е вознемирувачки

Австралиските одбранбени сили во Авганистан

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека извештајот, според кој специјалните сили на Австралија убиле 39 невооружени затвореници и цивили во Авганистан, е „вознемирувачки и тажен“.

Во извештајот, објавен на 19 ноември по истрагата за однесувањето на припадниците на специјалните сили во Авганистан во периодот од 2005 до 2016 година, се наведува дека постарите команданти и ги принудувале помладите војници да убиваат беспомошни затвореници. Во извештајот се препорачува кривично гонење на 19 сегашни и поранешни војници.

Австралиски војници обвинети за убиства во Авганистан

„Овој е страшно вознемирувачки и тажен извештај, но ние ќе се справиме со него во согласност со нашите закони, нашиот систем и судството“, рече Морисон.

Во извештајот на австралиските одбранбени сили (АДФ) се наведува дека војниците „нелегално убиле“ 39 авганистански цивили и затвореници, вклучително и егзекуции.

види ги сите денешни вести

Од 15 ноември само со две дози вакцина влез во угостителски објекти

macedonia - government building

Владата на денешната редовна 115-та седница, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести ги донесе следните заклучоци:

- Се дозволува организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

- Се дозволува работа на барови и ноќни клубови - дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

- Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување на еден од следните документи:

- до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест Ковид-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест Ковид-19 или

- сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Согласно ова, според соопштението, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19.

Ескобар: На Западен Балкан му се потребни политичари посветени на интеграцијата во ЕУ

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска изјави дека на регионот му се потребни политички лидери посветени на европската интеграција, отворени за дијалог, кои ќе се занимаваат со можностите на 21 век, а не со проблемите од минатото.

„Клучот за посилен Западен Балкан е оној што создава инклузија, а не исклучување, интеграција наместо распаѓање, етничко помирување, а не националистички политики“, рече Ескобар на Белградскиот безбедносен форум.

Според него, еден од најголемите и најразочарувачките предизвици е тоа што „многу политичари не се развиле во своето размислување“ и дека сè уште се разговара за проблемите од 1990-тите, кои одамна требало да се решат со политичка волја.

„Потребни ни се политичари посветени на стремежот кон ЕУ, волјата на народот, но за жал тоа не е секогаш случај. Гледаме некои вознемирувачки трендови во концентрацијата на моќта во политичките партии, во концентрацијата на економските можности само кај луѓето поврзани со тие партии“, рече тој.

Ескобар потенцираше дека политиката на секоја американска администрација од времето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон е дека сите шест земји од Западен Балкан треба наскоро да бидат дел од Европската унија и дека регионот може да смета на САД како партнер.

„Многу земји постигнаа огромен напредок и се надевам дека заедно со нашите европски колеги ќе успееме да ги убедиме членките дека тие не се толку ризични колку што се можност“, рече Ескобар.

Тој додаде дека секоја земја што станала членка на ЕУ станала подемократска, постабилна и попросперитетна. Ескобар изрази поддршка за економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан, било, како што рече, преку Заедничкиот регионален пазар или преку иницијативата Отворен Балкан.

Изгаснат пожарот во бараките кај градски парк

Пожарот во бараките кај градски парк.

Пожарот кој ги зафати бараките кои се наоѓаат во близина на градскиот парк во Скопје, каде што беше сместен Судот за прекршоци на улицата Наум Наумовски Борче е изгаснат. Командирот на противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека нема ни жртви ниту повредени во пожарот. Според него, оштетен е еден од објектите на ресторанот „Томче Софка“, кој се наоѓа до бараките.

Од Град Скопје соопштија дека на денешниот пожар што се случи во близина на Градскиот Парк првото противпожарно возило стигнало за шест минути од Карпош, а веднаш потоа и уште 5 противпожарни возила, со две цистерни од Комунална Хигена. Во гаснењето на пожарот, според соопштението, учествувале 20 пожарникари коишто пожарот го ставиле под контрола. Нивната брза реакција, како што наведуваат од Град Скопје, не дозволила да има жртви или повредени, туку само материјална штета.

Уапсени 150 лица за купување и продажба на нелегални стоки на интернет

Илустрација


Американското министерство за правда и Европол соопштија дека се уапсени 150 лица вклучени во купување или продавање нелегални стоки преку интернет на „dark web“, кој е хостиран во шифрирана мрежа и достапен само преку специјализирани алатки за обезбедување анонимност.

Повеќе од 26, 7 милиони евра во готовина и виртуелни валути се запленети во операцијата „Dark HunTOR“, како и 234 килограми дрога и 45 парчиња огнено оружје.

„Поентата на операциите како онаа денес е да се известат криминалците кои работат на dark web: дека институциите за спроведување на законот имаат средства и глобални партнерства да ги разоткријат и да ги повикаат на одговорност за нивните незаконски активности, дури и во областите на dark web“, изјави Жан-Филип Лекуф, заменик извршен директор за операции на Европол.

Меѓу уапсените има 65 лица во САД, 47 во Германија, 24 лица во Британија, четири во Италија, четири во Холандија, три во Франција, две во Швајцарија и едно лице во Бугарија.

Голем број од нив беа „сметани за цели со висока вредност“ од страна на Европол. Пронајдената нелегална дрога вклучувала фалсификувани лекови, заедно со повеќе од 152 килограми амфетамин, 21 килограм кокаин и 32,5 килограми екстази, се вели во соопштението.

Десет месечната истрага произлегува од германската полициска акција на почетокот на оваа година со која беше спречен како што беше опишан „најголемиот светски“ пазар на dark web што се користи за олеснување на продажбата на дрога, украдени податоци за кредитни картички и малициозен софтвер.

Заев: Државата подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува инфлацијата да надмине три отсто до крајот на годинава. Според него, државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа.

„Инфлацијата не очекуваме да биде поголема од три проценти, а според последните податоци кои ги имаме е 2,8 проценти. Не очекуваме зголемена инфлација ни за годинава, ниту за годините што следат до 2026-та. Курсот на денарот е стабилен има и стабилни цени. Меѓународниот пазар има влијание врз цените на некои од производите, како што беше со маслото за јадење чија цена се зголеми пред шест месеци насекаде, или цените на нафтените деривати и во моментов на природниот гас и на електричната енергија на берзите. Тоа не зависи никако од нас, но државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата на која беше најавен Планот за за забрзан економски развој 2022-2026 година.

Според него, средствата кои се планираат за Планот за забрзан економски развој 2022- 2026 година нема да се само од кредити, туку и од сопствени средства. Тој најави дека најголемите инвестиции што ќе се реализираат во следните четири години ќе бидат од областа на енергетиката.

Министерот за економија Крешник Бектеши претходно изјави дека во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката, нагласувајќи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

Од 124 починати пациенти од ковид, 27 не биле вакцинирани

Илустрација

Министерството за здравство соопшти дека период од 15 до 21 октомври починале 124 пациенти со Ковид- 19, од нив над 78 отсто биле невакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во посочениот период 97 починати со ковид биле невакцинирани, а 27 од починатите примиле вакцина и ревакцина.

Според соопштението, еден пациент е вакциниран со Фајзер. Двајца со вакцина Астра Зенека, шест починати пациенти со Ковид- 19, примиле вакцина Синовак, а 16 пациенти примиле вакцина од производителот Синофарм, двајца пациенти биле вакцинирани со вакцината Спутник В.

Најголем дел од починатите, односно 21 лице имале кардиолошко заболување, а потоа и други заболувања, покажува анализата на Министерството за здравство.

Пожар во бараките кај градски парк

Пожарот кај бараките до градскиот парк

Пожар ги зафатил бараките кои се наоѓаат во близина на градскиот парк во Скопје, каде што беше сместен Судот за прекршоци на улицата Наум Наумовски Борче. Од видеата и фотографиите што се споделуваат на социјалните мрежи може да се забележи голем чад.

На терен се екипите на скопската противпожарна бригада кои се обидуваат да го изгаснат огнот. Тие интервенираат со четири возила.

Извештај на ОН предупредува на пораст на температурите за 2,7 степени

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во новиот извештај на Обединетите нации се наведува дека актуелните национални планови за намалување на емисиите на стакленички гасови ја ставаат планетата на пат за просечен пораст на температурата за 2,7 степени целзиусови во овој век, што е уште едно остро предупредување за темпото на движење на глобалната клима пред клучната конференција за животната средина следната недела.

„Овој извештај е уште еден громогласен повик за будење. Колку ни требаат? Јазот во емисиите е резултат на јазот во раководството“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Според годишниот извештај, кој го мери јазот помеѓу очекуваните емисии и оние кои се во согласност со одржувањето на глобалната температура под 1,5 степени целзиусови, како што беше договорено со Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, ажурираните национални ветувања само ги намалуваат прогнозираните емисии на стакленички гасови во 2030 година за дополнителни 7,5 проценти во споредба со претходните обврски.

Ако продолжи во текот на овој век, ова ќе доведе до затоплување од 2,7 степени целзиусови, нешто помалку од 3 степени целзиусови, согласно прогнозите во претходниот извештај. Потребно е намалување од 55 проценти за да се ограничи зголемувањето на 1,5 Целзиусови степени.

Извештајот беше објавен само неколку дена пред отворањето на меѓународната конференција КОП26 во Глазгов, Шкотска на 31 октомври. Активисти за животна средина, креатори на политики и научници велат дека состанокот претставува клучна можност за зајакнување на обврските кон целите утврдени во Парискиот договор.

Претходно оваа недела, студија од метеоролошката агенција на ОН покажа дека концентрациите на стакленички гасови достигнале рекордно високо ниво минатата година и покрај краткотрајното намалување за време на карантинот наметнат од земјите на почетокот на пандемијата на коронавирус.



СДСМ тврди дека Данела Арсовска има бугарски пасош, ВМРО-ДПМНЕ демантира

Данела Арсовска

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска на денешната прес-конференција изјави дека независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство.

„Во „Удостоверение“ од бугарското министерство за правда, јасно се наведува дека вицепретседателот на Бугарија со Указ од 2011 и дал на Арсовска бугарско државјанство“, рече Петровска.

Петровска притоа упати прашање до Арсовска од кои побуди побарала бугарско државјанство и за чии интереси одработува.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ваквата црна кампања досега е незапаметена и таа, според опозициската партија, е последица на стравот од пораз на кандидатот на СДСМ за Град Скопје, Петре Шилегов и на премиерот Зоран Заев.

„СДСМ дрско лаже и манипулира за наводен бугарски пасош на Данела Арсовска. Во целост ги демантираме ваквите невистини, и ниту една црна кампања, вклучителна и таа во која вмешуваат членови на потесното семејство на Арсовска нема да им помогне да го одбегнат поразот од народот кој им следи.

Вториот круг од локалните избори, меѓу другото и гласањето за градоначалник на Град Скопје ќе се одржат на 31 октомври.






Најголем интерес за трета доза на вакцина

Вакцинација во Скопје.

Министерството за здравство информираше дека во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 7.739 дози вакцини, од кои 748 се аплицирани како прва доза, 1.629 се ревакцинирани, а 5.362 граѓани примиле трета доза вакцина.

Заклучно со 25 октомври, како што се наведува, вкупно се вакцинирани 801.988 граѓани, ревакцинирани се 771.165 а трета доза примиле 15.851 граѓани. Според соопштението, 54 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Киненова: Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност

Мето Јовановски

Наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува МФФ „Киненова“ годинава му припадна на македонскиот актер Мето Јовановски.

„Јас сум еден од оние кои во овие години многу малку сакам да зборувам и не сум прифатил никаков настан да кажам било што, затоа што сите имаме по нешто да кажеме. Меѓутоа толку многу работи се кажани, а промени не гледам некакви, така што подобро е човек некогаш да одмолчи некои работи, повеќе би сакал да зборувам за проект кој сега се создава кога креативци, луѓе филмаџии ќе се соберат и ќе прават нов филм, проект, нешто ново да се понуди, но да не живееме на стара слава сакам да кажам, рече Јовановски“.

Во чест на лауреатот на „Киненова“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов. Култниот филм „Тетовирање“ е прв домашен филм прикажан во независна Македонија, а сниман и продуциран во последните мигови на Југославија. Мето Јовановски го глуми главниот лик кој поради замрсените лавиринти на поранешниот социјалистички систем завршува во затвор.

Оваа година МФФ „Киненова“ постхумно доделува и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа.

„Љупчо Тодоровски беше значаен дел од Фестивалот, беше еден од неговите основачи и во таа чест се востановува наградата која ќе го носи неговото име и ќе се доделува за најдобро актерско остварување во главната натпреварувачка програма, соопшти директорот на фестивалот“, Небојша Јовановиќ.

Влада: Се стопира изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци

илустрација

Владата на денешната седница донесе одлука за стопирање на изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци и негово преместување на локација надвор од населено место.

Ова, како што е објавено на фејсбукот на Владата, доаѓа како одговор на барањето на граѓаните од Бардовци и Волково кои со месеци протестираа против изградбата на центарот.

„Граѓаните имаа оправдани дилеми поради што неколку пати за ова се обраќаат до централните институции, Општина Карпош и до меѓународната заедница. Во директна комуникација со граѓаните на Бардовци, Владата ги уважува нивните аргументи и во транспарентна постапка ќе бара нова локација надвор од населено место со цел реализација на овој важен проект“, пишува во објавата на Владата на Фeјсбук.

Нови 511 случаи на ковид 19, починати се 10 лица

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 3.622 тестирањe, а регистрирани се 511 нови случаи на Ковид-19.

Најголем број заразени има во Скопје – 247, Куманово – 54, Велес – 29, Кочани – 21, Битола – 20, Тетово, Прилеп, Кавадарци и Штип – по 15, Крива Паланка – 10, Делчево – 9, Гевгелија – 8, Кичево – 7, Неготино и Свети Николе – по 6, Виница – 5, Охрид и Богданци – по 4, Струмица, Радовиш, Валандово и Кратово – по 3, Ресен и Демир Хисар – по 2, Гостивар, Берово, Пробиштип, Крушево и Македонкса Каменица – по 1 лице.

Регистрирани сe 497 оздравени пациент. Во текот на изминатите 24 часа пријавени се 10 починати лица, сите во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.369.624 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 200.412, бројот на оздравени пациенти е 187.149, на починати е 7.072, а бројот на активни случаи изнесува 6.191.

Четири деца загинаа во потонат чамец кај грчкиот остров Хиос

илустрација

Четири деца на возраст од три до 14 години загинаа откако потона чамец со бегалци и мигранти, во морскиот дел, југоисточно од островот Хиос, едно лице се води за исчезнато, а 22 се спасени, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, преку „Твитер“ информираше за билансот од несреќата, објави фотографии и истакна дека Турција мора да ги спречи криумчарите.

„Ова е реалноста на експлоатацијата на мигрантите од страна на криминалните банди во Егејското Море. Бескрупулозните криумчари ги ставаат во опасност животите во претоварените непловни гумени чамци кај Хиос. Трагично, и покрај максималните напори на грчката крајбрежна служба, четири деца, сите на возраст од три до 14 години – се потврдени мртви, едно лице се води за исчезнато, 22 се спасени и се згрижени на брегот. Турските власти мора да сторат повеќе за да ја спречат експлоатацијата од криминалните банди. Овие патувања никогаш не смеат да се дозволат“, напиша Митаракис.

Во спасувачка акција на грчката крајбрежна служба во морскиот дел, југоисточно од островот Хиос, според грчките медиуми, учествуваат три бродови, два на крајбрежната служба и еден на НАТО, хеликоптер супер пума, хеликоптер на грчката армија, три рибарски чамци и три бродови што се наоѓаат во близина.

Седуммина убиени во масакр во Вухан, убиецот скокнал од мост

илустрација

Полицијата во Вухан, Кина, соопшти дека трага по маж кој убил седум луѓе, а потоа скокнал од мост во градот.

„Осомничениот, по име Гао (39), уби петчлено семејство и уште две лица додека бегаше“, соопшти полицијата во Вухан.

Гао го посетил домот на маж чие презиме е Џанг, во село во близина на Вухан, во неделата навечер, објавија локалните медиуми. Џанг привремено бил секретар на Комунистичката партија во селото, а човекот тврдел дека има некои работи што со него треба да ги реши.

Џанг и неговата сопруга биле пронајдени мртви на местото на настанот, заедно со нивната снаа и внуците. Едно дете пронајдено на местото на настанот сè уште дише и е испратено во болница, објавија локалните медиуми.

Мажот потоа убил случаен минувач и возач, чиј автомобил го украл за да избега. Осомничениот бегал додека не стигнал до мостот на мостот на реката Јангце и скокнал од мостот рано наутро, наведе полицијата.

Четири владини службеници киднапирани во Пакистан

Провинцијата Кибер Пахтунхва во Пакистан

Неидентификувани вооружени лица киднапирале четворица владини службеници, вклучително и една жена, во северозападен Пакистан, соопштија денеска полицијата и локалните власти.

„Четворицата биле киднапирани додека вршеле увид на проект за брана,“ изјави за РСЕ локалниот полицаец Шер Акбар.

Тој додаде дека четирите лица биле во мониторинг тим од Одделот за шуми, кој го посетил местото на браната Мохманд Кел Баран во провинцијата Кибер Пахтунква. Операцијата за пребарување на областа е во тек.

Висок офицер на Одделот за шуми, кој сакаше да не биде именуван бидејќи не е овластен да зборува за медиумите, за Радио Машаал изјави дека меѓу киднапираните вработени има и жена полицаец.

Областа каде што се случи киднапирањето се граничи со племенската област Северен Вазиристан во Хајбер Пахтунква, каде што во февруари годинава вооружени мажи киднапираа шест лица, вклучително и двајца владини здравствени службеници. Шестмината беа ослободени претходно овој месец по осум месеци заробеништво.

Колекција на антички златни предмети доделени на Украина

илустрација

Апелациониот суд во Холандија денеска донесе одлука колекцијата на антички златни предмети од Крим, што ја побараа и Украина и музеите во рускиот регион да и се врати на украинската држава.

Предметите меѓу кои има златна кацига и златен ѓердан, и двете тешки по килограм, беа изложени во Холандија кога Крим беше анектиран од Русија во 2014 година.

Претседавачкиот судија Полина Хофмајер-Рутен рече дека националните културни интереси на Украина се пред интересите на музејот на Крим.

„Музејот „Алард Пирсон“ не е обврзан да ги враќа предметите во музеите на Крим. Украинската држава има право на приоритет, врз основа на Законот за музеи“, се наведува во судската одлука.

Одлуката може да се обжали до Врховниот суд на Холандија. Универзитетот во Амстердам, кој е сопственик на музејот Алард Пирсон, соопшти дека предметите ќе останат во складиште додека не се реши случајот.

Бектеши: Нема потреба од кризна состојба во енергетиката

Министерот за економија Крешник Бектеши

Во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, нагласувајќи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

„Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде треба за да нема такви ценовни шкови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари“, рече Бектеши на денешната прес-конференција по седницата на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, додавајќи дека отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.

Бектешти посочи дека веќе работи вториот блок на РЕК „Битола“, кој се надева дека до крајот на денот ќе работи со полн капацитет, а веќе е испратено и писмо до стопанските комори за набавка на мазут во случај да треба да се вклучи ТЕЦ „Неготино“. Министерот се надева дека ќе биде успешен и тендерот за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК „Битола“, кој, според неговите проценки, би почнал со работа за три до четири недели. Доколку тендерот за третиот блок на РЕК „Битола“ не биде успешен, тогаш Бектеши најави уште еден состанок на Комисијата и додаде дека и АД ЕСМ има право да купи струја од странство.

Кризна состојба во делот на енергиката прогласува Владата на предлог на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи министерот за економија. Во случај доколку би се прогласила кризна состојба има сет на мерки од кои некои се т.н. меки мерки, а дел се мерки кои би ги донела Владата, како што е на пример мерката кога и колку да се користи уличното осветлување.

За седуммина граѓани на Авганистан обезбеден траен престој во Португалија

Првата група авганистански граѓани пристигнуваат на Меѓународниот аеродром во Скопје

Седуммина граѓани на Авганистан, четворица возрасни и три деца, изутрината од Меѓународниот аеродром Скопје преку Истанбул, заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште, соопшти владината прес-служба.

Станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства на кои во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште во рамки на меѓународната хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан, кое е под закана на новата талибанска власт во земјата.

„Северна Македонија во моментов дава прибежиште на 400 граѓани од Авганистан. Тие овде ја добиваат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците за престојот се покриени од меѓународните организации“, стои во соопштението.

Пакистан и Кина побараа хуманитарна помош за Авганистан

Лидерите на Пакистан и Кина на 26 октомври упатија заеднички апел до меѓународната заедница, повикувајќи на итна хуманитарна и економска помош за Авганистан, каде што луѓето се соочуваат со недостиг на храна и лекови во претстојната зима.

Во соопштението се вели дека пакистанскиот премиер Имран Кан и кинескиот претседател Си Џинпинг разговарале за ситуацијата во Авганистан во телефонски разговор, и се согласиле дека на луѓето таму им е потребна меѓународна помош „за да се олесни нивното страдање, да се спречи нестабилноста и да се помогне во обновата по повлекувањето на силите предводени од САД и преземањето на власта од Талибанците во август.

Заедничкиот апел е упатен за време на дводневните разговори на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји со претставници на Талибанците во Катар за да разговараат за низа прашања.

Во меѓувреме Кина ги повика Талибанците да ги задржат граничните премини отворени, притоа нудејќи 31 милион долари хуманитарна помош заедно со 3 милиони дози вакцини против Ковид-19 од кинеско производство.

Пекинг долго време се противеше на операциите на Соединетите Држави и силите на НАТО во Авганистан. Откако Талибанците ја презедоа власта во август, тие ја задржаа отворена својата амбасада во Кабул, но не ја признаа владата предводена од Талибанците.

Кинеските власти повикаа на инклузивна влада во Авганистан, но речиси ништо не кажаа за ограничувањата на Талибанците за пристапот на жените до работа и образование и други прашања поврзани со човековите права.

Пакистан сака светската заедница да ги одмрзне средствата на Авганистан за да му овозможи на Кабул да ги користи сопствените пари за да избегне продлабочување на кризата. Во моментов, талибанските лидери немаат пристап до резервите на авганистанската централна банка од 9 милијарди американски долари.

Повторување на гласањето од првиот круг ќе има во Дебар и во Шуто Оризари

илустрација

Во недела на локалните избори повторување на гласањето од првиот круг ќе има на две избирачки места – на 0543 во Дебар за градоначалник и на 2957/1 во Шуто Оризари за членови на советот. Управниот суд го поништи гласањето во ови две избирачки места откако тужби до него за одлуките на ДИК по приговорите поднесоа Алијанса на Албанците и Алтернатива и Движењето „Одлучно за Македонија“ предводено од ДОМ и ЛДП.

Од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека прегласањето во Дебар би имало минимално влијание на резултатот на изборот на градоначалник. За градоначалник во овој град „се натпреваруваат“ Хекуран Дука од ДУИ, Беким Поцеста од АА и Алтернатива и Петрит Клења од ДПА. Поцеста освои 3.998 гласови, Дука 3713, додека Клења 37 гласови.

Кандидатот на АА и Алијанса, според информациите од коалицијата, не победи во првиот круг од изборите бидејќи му недостасуваа 29 гласови. Во избирачкото место 0543 во Дебар во Избирачкиот список запишани за гласање се 777 граѓани со право на глас.

На избирачкото место 2957/1 во Шуто Оризари во недела ќе се прегласува за членови на советот, и паралелно ќе се гласа за вториот круг од локалните избори за градоначалник. На ова избирачко место има 655 гласачи.

Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини, а гласање нема да има во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во согласност со Законот за локална самоуправа ќе се организира повторување на гласањето.

Рекорден број на заразени и починати од корона во Бугарија

Бугарија, која има најнизок процент на вакцинирана популација во ЕУ, објави рекорден дневен број на заразени и смртни случаи од коронавирус.

Во последните 24 часа во Бугарија со коронавирус се заразиле 5.863 лица, а 243 починале, покажуваат официјалните податоци таму. Досега од ковид, во земјата која има околу 7 милиони жители, починале 23.316 лица.

Бугарија воведе задолжителни здравствени сертификати за повеќето затворени јавни места поради ширењето на заразата и слабата покриеност со вакцинација. Ограничувањата предизвикаа протести, а некои политички партии ја обвинија преодната влада за лошо управување со пандемијата пред изборите на 14 ноември.

Здравствените власти предупредија дека ако новиот бран на зараза не забави, ограничувањата би можеле да бидат уште поголеми бидејќи болничкиот систем сè потешко се справува со толку многу пациенти.

Во моментов, има повеќе од 7.100 лица на болничките одделенија за ковид, од кои 608 се на одделенијата за интензивна нега. Според податоците, повеќе од 90 отсто од пациентите не се вакцинирани.

Бројот на вакцинирани почна да се зголемува од минатиот четврток, кога властите го ограничија влезот на многу јавни места. Само оние кои се вакцинирани, имаат негативен тест или прележале ковид, можат да влезат во рестораните, кината и спортските сали.

Молдавија купи полски гас, поради недостиг на руски

илустрација

Молдавската влада соопшти дека купила милион кубни метри природен гас од Полска, откако Кишињев не успеа да се договори за нов енергетски договор со традиционалниот снабдувач Русија, објави Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Потпишан е договор за пробна набавка на милион кубни метри природен гас помеѓу државната компанија Енергоком и полската компанија ПГНиГ“, се вели во соопштението на владата која овој потег го нарекува „прва набавка на гас од алтернативни извори“ во независна Молдавија.

Набавката „ќе ја тестира можноста за увоз на гас од алтернативни извори и ќе го балансира нискиот притисок во системот за снабдување со природен гас“, се вели во соопштението.

Молдавија прогласи вонредна состојба минатата недела откако нејзиниот договор за гас со рускиот државен Газпром, најголемиот снабдувач со гас во Европа, истече на крајот од минатиот месец, а двете страни не успеаја да се договорат за деталите за новиот долгорочен договор.

„Газпром“ го продолжи договорот до крајот на октомври, истовремено зголемувајќи ја цената на 790 долари за кубен метар од 550 долари колку што беше цената минатиот месец.

Молдавскиот вицепремиер Андреј Спину вчера рече дека владата во Кишињев ќе продолжи со разговорите со Газпром оваа недела и ќе побара „фер“ цена.

Итен состанок на Советот за безбедност за Судан

илустрација

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за денеска закажа итен состанок поради воениот удар во Судан.

Дипломатски извори доцна синоќа соопштија дека консултации побарале Соединетите Држави, Велика Британија, Франција, Ирска, Норвешка и Естонија.

Суданската армија вчера ја презеде власта во земјата, го уапси премиерот и неколку министри и ја распушти преодната влада.

Илјадници излегоа на улиците за да протестираат против пучот, кој се заканува да го загрози кревкиот напредок на земјата кон демократијата. Демонстрантите цела ноќ ја поминаа на улица барајќи враќање на цивилните власти.

„Граѓанската власт е избор на народот“ и „Не на воената власт“, извикуваа додека поставуваа гумени барикади.

Протестите продолжија и покрај пукотниците и военото насилство врз демонстрантите, во кои загинаа неколку луѓе, а над 80 беа повредени.

Расте бројот на ковид заразени, во моментот активни 6100 случаи

илустрација

Бројот на заразени со коронавирус изнесува 6.187 лица и бележи зголемување во однос на претходната недела. На 20 октомври имало околу 5700 активни случаи, а вчера беа регистрирани околу 6.200.

Вчера беа регистрирани и 11 починати лица, како и 330 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 1.366.002 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 199.901, бројот на оздравени пациенти е 186.652, на починати е 7.062

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје се половината од активните случаи или 3190. Следи Куманово со 446 активни, Велес – 309, Прилеп – 245, Битола – 201. Државните здравствени институции продолжуваат со вакцинација на населението против Ковид-19. Во државата се вакцинирани над 800 000 граѓани. Воедно, над пет илјади граѓани примиле трета анти ковид доза на вакцината.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти од жителите примиле две дози вакцина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG