Достапни линкови

Млади ентузијасти во текстилната индустрија


Посета на фабрики во рамки на проект за привлекување на млади во текстилната индустрија
Посета на фабрики во рамки на проект за привлекување на млади во текстилната индустрија

Стручните текстилни ученици се во се помал број. „Под итно ни е потребна стратегија и промени во стручното образование“, вели младата дизајнерка Ирина Тошева, која беше ментор во младински проект чија цел беше да се прикаже текстилната индустрија како атрактивна кариерна патека за младите.

Европски проект на кој младите учеа за текстилната и модната индустрија ќе се заокружи со модна ревија во Домот за млади во Штип. Целта на проектот „Современата текстилна индустрија како атрактивна кариерна патека за младите генерации и придонесувач за економски развој и социјален просперитет на преку граничниот регион“ е да се обезбеди стручно образование за сите активности во модата и текстилот и да развие студенти со глобална визија, чувство на општествена одговорност, критичко и креативно размислување. Така, новата генерација на модни дизајнери и инженери ќе можат да го водат и зајакнат развојот на модната и текстилната индустрија во земјата.

„Со учениците разговарав за одржлива мода, циркуларна економија, презентирајќи им најразлични техники за доработка, како инспирација за дизајните од текстилен отпад. Запознав и прекрасни професори кои секојдневно се борат со огромни предизвици, да ги мотивираат и задржат учениците. Бројот на запишани деца на овие смерови се поразителни. Ако во минатото имало 25 ученици во еден клас, сега толкав е вкупниот број во сите четири години. Под итно ни е потребна стратегија и промени во стручното образование. Проектот како овој се мотив и поттик да ја прикажат текстилната индустрија како атрактивна кариерна патека и придонесувач за економскиот развој“, вели Ирина Тошева, млада дизајнерка која беше менторка на младите учесници во проектот.

Тошева истакна дека текстилната индустрија во Македонија е „индустриски сектор со долга традиција и искуство“.

„Кога би имале млади ентузијасти со глас и волја за коренити промени, тогаш ќе се истакнат и газдите со визија поголема од сопствениот џеб, така што ќе вработат едуцирани модни дизајнери, ќе се градат локални брендови и ќе има придобивки за економијата, државата и сите нас. Треба сите здружено да работиме, поддржуваме, надградуваме и надополнуваме“, порача Тошева.

Магдалена Таневска, млада модна дизајнерка
Магдалена Таневска, млада модна дизајнерка

Младата дизајнерка Магдалена Таневска смета дека заработката зависи од многу фактори, но, како што вели таа, „луѓето, особено жените се во постојана потрага по добро парче облека, така што секогаш има побарувачка, а со тоа и заработка“.

„Мотивацијата ја наоѓам во истрајноста да го работам тоа што го сакам. Морам да признаам дека не е лесно да започнеш свој бизнис особено во текстилната индустрија. Но создавањето на една колекција или пак еден модел од идеја до реализација е бесценето. Мислам дека сите уметници вклучувајќи не и нас модните дизајнери треба да се избориме за напредокот на оваа индустрија во нашето општество“, вели Таневска додавајќи дека треба да се работи на информирање на потрошувачите за ефектите од конзумеризмот за да се има појасна слика за текстилната индустрија

Наташа Сивевска, извршен директор на организацијата ТТА - Текстилен кластер која го спроведуваше проектот, вели дека работат во насока да го зголемат интересот кај младите за текстилната индустрија.

„Свесни сме дека оваа индустрија не само кај нас туку и пошироко има доста негативен имиџ, но од друга страна јас сум убедена дека може да влијаеме на подобрување на истиот, посебно од причина што компаниите во последните неколку години вложуваат многу во исполнување на сите социјални и општествено одговорни стандарди. Социјално одговорните компании секако се атрактивни за младата генерација бидејќи го следат социјалниот кодекс на однесување кој меѓу другото вклучува здравје и заштита на вработените и сигурна плата која ги задоволува нивните потреби. Во таа насока во склоп на истиот проект развивме наш кодекс и етика „Trusted Balkan Apparel“ со кој потврдуваме дека компанијата која се здобила со оваа етикета навистина е социјално и општествено одговорна. Иднината секако е во младите и јас верувам дека оваа индустрија со голема традиција во овој регион ќе успее да ги следи сите текови и трендови на развој и ќе биде модерна гранка која ќе ги привлече младите генерации“, објасни Сивевска.

Посета на фабрика во рамки на проектот за привлекување на млади во текстиланта индустрија
Посета на фабрика во рамки на проектот за привлекување на млади во текстиланта индустрија

Тие минатата недела реализирале настан каде студенти од Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип презентирале бизнис планови за текстилната индустрија пред 12 компании од Северна Македонија и Бугарија.

„Бевме сведоци на многу квалитетни презентации од студентите кои под сугестиите на компаниите беа доработени и финализирани во бизнис планови. Сметам дека заради обезбедување на квалитетен кадар неминовно е потребна блиска соработка помеѓу бизнис секторот и образованието и само на тој начин ќе покажеме дека оваа индустриска гранка во овој регион има иднина“, изјави Сивевска.

На утрешната ревија од 13 часот ќе бидат презентирани креативните дела на учениците од средните училишта „Димитар Мирасчиев" (Штип), „Ацо Русковски" (Берово), „Миле Јаневски Џингар„- Македонска Каменица, Ванчо Прке"(Виница) и „Методи Митевски-Брицо"(Делчево) како и Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот "Гоце Делчев" Штип.

Настанот е во организација на Текстилно трговско здружение – Текстилен кластер од Македонија во соработка со Моден викенд Скопје и Концепт Моден кластер. Додека, настанот е дел од проект „Современата текстилна индустрија како атрактивна кариерна патека за малдите генерации и придонесувач за економски развој и социјален просперитет на преку граничниот регион“. Проектот е на македонскиот Текстилен кластер по ИПА програма за погранична соработка меѓу Бугарија – Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG