Вести
САД и официјално го напуштаат Парискиот договор за климата
САД денеска официјално го напуштаат меѓународниот договор за климата постигнат во Париз кон крајот на 2015 година. На 4 ноември 2019 година, американските власти ги информираа Обединетите нации дека започнале со процесот за напуштање на договорот. Американскиот државен секретар Мајк Помпео тогаш Парискиот климатски договор го оцени како „економски неправеден товар“ за американската економија. Околу 200 земји го потпишаа Парискиот договор за клима, според кој, секоја земја поставува цели за намалување на емисиите на штетни гасови што доведуваат до климатски промени.
Светот против одлуката на Трамп за напуштање на Парискиот договор
Соединетите држави се првата земја што се повлече од договорот. Иако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за заминување во средината на 2017 година, Соединетите држави не можеа да го сторат тоа до 4 ноември 2019 година, бидејќи договорот забранува повлекување на земјата во текот на првите три години од нејзиното ратификување.
види ги сите денешни вести
САД го продолжија рокот за продажба на рускиот удел во Српската нафтена индустрија
Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) ѝ издаде лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС), со која го продолжи рокот за преговори за продажба на рускиот удел во оваа компанија до 24 март 2026 година.
Како што објави Радио-телевизија на Србија (РТС) на 24 декември, ОФАЦ со таа одлука не го овласти НИС да работи за време на разговорите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик.
Коментирајќи ја веста, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на Србија ништо не ѝ значи тоа што на рускиот сопственик му е даден нов рок.
„Дериватите се важни за нас“, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека поради американските санкции врз НИС, Србија е принудена да увезува големи количини гориво секој ден и дека проблемот со снабдувањето со енергија мора брзо да се реши.
Поради неможност за увоз на сурова нафта на 2 декември беше затворена Рафинерија Панчево, единствената во земјата, која е најважниот објект во сопственост на Српската нафтена индустрија.
НИС е во сопственост на Русија, Фонд од Санкт Петербург, државната компанија „Газпром“ и нејзината ќерка компанија „Газпром Нефт“ имаат 56,15 проценти од акциите, Србија 29,87, додека нешто помалку од 14 проценти ги поседуваат мали акционери.
Санкциите на САД кон НИС почнаа на 9 октомври со цел да се спречи Русија, како што објави Вашингтон, да ги користи приходите од енергија за војната во Украина.
Условот на американската администрација за отстранување на НИС од режимот на ембарго е НИС да биде ослободена од руско сопствеништво. До октомври, Вашингтон постојано ја одложуваше примената на ембаргото врз НИС.
Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, на 19 декември изјави дека „Газпром Нефт“ инвестирал повеќе од три милијарди долари во НИС и дека е во тек дијалог со Србија за решавање на прашањето за таа компанија.
Унгарските и српските претставници во последните неколку месеци велат дека унгарските МОЛ и АДНОК од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се заинтересирани за купување на Српската нафтена индустрија.
Нафтената индустрија на Србија беше продадена на Газпром во јануари 2008 година, како дел од руско-српскиот меѓудржавен договор за соработка во нафтената и гасната индустрија, за 400 милиони евра.
Засега нема официјални информации за моменталната куповна вредност на рускиот дел од НИС.
Србија е енергетски зависна од Москва бидејќи НИС снабдува 80 проценти од домашниот пазар со нафтени деривати. Србија, исто така, купува од Русија 80 проценти од природниот гас за своите граѓани и за стопанството.
Белград и Москва имаат блиски политички, економски и воени односи.
Од 2012 година, Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), но не се придружи на санкциите на Брисел против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Поништени предвремените избори за претседател на Република Српска во 17 изборни единици
Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина ги поништи предвремените избори за претседател на Република Српска(РС) во 17 изборни единици на 136 избирачки места.
Одлуката беше донесена на седница на ЦИК на 24 декември.
Изборите беа поништени во изборните единици во Лакташи, Добој, Братунац, Приједор, Бања Лука, Станари, Зворник, Власеница, Невесиње, Гац, Руд, Билеќа, Милиќи и на едно избирачко место во округот Брчко.
На седницата беше кажано дека на 136 избирачки места, каде изборите беа поништени, вкупната разлика меѓу двајцата кандидати е 15.822 гласа и дека оваа разлика има значително влијание врз резултатот од изборите.
ЦИК донесе одлука за поништување на изборите на некои избирачки места десет дена по утврдувањето на резултатите од предвремените избори за претседател на ентитетот Република Српска, со кои беше потврдена победата на Синиша Каран, кандидатот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), но исто така овозможи пребројување на гласовите на неколку избирачки места.
Каран освои 222.182 гласови (50,39 проценти), а неговиот противник Бранко Блануша, кој беше поддржан од опозициската Српска демократска партија, освои 212.605 гласови (48,22 проценти).
Опозицијата тврди дека Блануша изгубил најмалку 15.000 гласови и бара повторување на изборите во неколку градови, наведувајќи неправилности како што се притисок врз гласачи, фалсификување потписи и нелогични разлики во резултатите.
Нешто помалку од 450.000 гласачи, од вкупно 1,2 милиони регистрирани гласачи, гласаа на предвремените избори за претседател на Република Српска.
Ентитетот РС остана без претседател во август, кога на Милорад Додик, претседател на Сојузот на независни социјалдемократи, му беше одземен мандатот по пресудата за непочитување на одлуката на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.
Обвинителството бара притвор за пет лица од Тетово за трговија со дете
Јавното обвинителство бара притвор за пет лица од Тетово осомничени за трговија со дете.
Жртвата имала 15 години.
„Првоосомничениот од есента 2023 година до крајот на 2024 година, во Тетово, откако започнал емотивна врска со тогаш петнаесетгодишната жртва, ја злоупотребил положбата на љубовен партнер и континуирано манипулирајќи со неа и искористувајќи ја довербата што жртвата му ја укажала, ја довел во состојба на зависност“, соопшти Обвинителството.
Девојчето било принудено да користи психотропни супстанции, било доведено во состојба на физичка или ментална неспособност и било вовлечено во сексуална експлоатација.
Според Обвинителството, првоосомничениот злоупотребувајќи ја малолетничката, лажно претставувајќи се како потенцијален љубовен партнер, заради имотна корист ја подведувал жртвата да дава сексуални услуги на останатите осомничени и на други неидентификувани лица.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека првопријавениот Ф.М. (25) се товари за кривично дело трговија со дете, И.Д. (56), А.С. (30) и Л.С. (28) се товарат за учество во истото кривично дело, а Р.М. (31) за полов напад и за силување.
Во СевернаМакедонија меѓу 2019 и 2024 година имало 30 идентификувани деца жртви од 115 идентификувани жртви на трговија со луѓе (околу 20 отсто). Со нив најчесто се тргувало за сексуална експлоатација, присилни бракови, просјачење, но исто така има и случаи на трудова експлоатација и дупла експлоатација (сексуална и трудова).
Зеленски го претстави мировниот план од 20 точки со безбедносни гаранции и патот на Украина кон ЕУ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го откри најновиот нацрт на мировниот договор постигнат со посредство на Соединетите Држави, со цел да се стави крај на војната на Русија против Украина, која се приближува кон нејзината четврта годишнина.
За време на брифингот со новинарите на 23 декември, Зеленски презентираше план од 20 точки, подготвен во последните недели од преговарачи од САД, Украина и европски земји.
Нацртот опишува целосен и безусловен „договор за ненапаѓање“ меѓу Русија и Украина, иако остануваат спорни точки како што се: територијалната контрола врз источна Украина и судбината на нуклеарната централа Запорожје, најголемиот објект за атомска енергија во Европа.
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за нацртот и дека Москва сега го формулира својот одговор.
„Ова е документ што се нарекува рамка - основен документ за завршување на војната, политички документ меѓу нас, Америка, Европа и Русите“, рече Зеленски.
„Подготвени сме за состанок со Соединетите Држави на ниво на лидери за да се разгледаат чувствителните прашања. Прашања како што се територијалните прашања мора да се дискутираат на ниво на лидери.“
Безбедносни гаранции за Украина
Нацртот предвидува силни безбедносни гаранции за Украина, вклучително и одржување на украинските вооружени сили на 800.000 лица во мирно време.
Исто така, се предвидува САД, НАТО и европските земји-потписнички да ѝ обезбедат на Украина безбедносни гаранции што го одразуваат Член 5, централен елемент од структурата на Алијансата, кој наведува дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите.
Договорот би бил дополнет со билатерални договори за безбедност и реконструкција меѓу САД и Украина, а на Украина би ѝ било дозволено да се приклучи на Европската Унија во рамките на одреден временски период, се наведува во планот.
Путин неодамна изјави дека Украина треба да отстапи околу 5000 квадратни километри од својот источен регион Донбас, кој Москва се залага да го земе со сила и дека Киев треба официјално да се откаже од својата намера да се приклучи на воениот сојуз на НАТО.
„Линијата на распоредување на трупите од датумот на овој договор е де факто призната како линија на контакт“, рече Зеленски додавајќи:
„Работна група ќе се состане за да го утврди прераспоредувањето на силите неопходни за завршување на конфликтот, како и да ги дефинира параметрите на потенцијалните идни специјални економски зони.“
Остануваат спорните точки
Зеленски рече дека ќе се воспостави механизам за контрола на „линијата на контакт“ со користење на вселенски беспилотен мониторинг и за обезбедување рано известување за прекршувања.
Клучните точки што остануваат, рече тој, ја вклучуваат судбината на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа на територија под руска воена контрола во близина на линијата на фронтот.
Според нацрт-мировниот план, централата ќе биде заеднички управувана од Украина, САД и Русија.
Зеленски, исто така, посочи дека референдум за мировниот договор и претседателски избори би можеле да се одржат истовремено и дека сите безбедносни гаранции ќе стапат на сила само откако договорот ќе биде целосно ратификуван или одобрен преку референдум.
„Украина ќе го поднесе овој договор до парламентот за ратификација и/или ќе одржи национален референдум за одобрување во формат „да“ или „не“, изјави Зеленски пред новинарите.
Нацрт-договорот, исто така, вклучува одредба според која сите притворени цивили и заложници, вклучувајќи деца и политички затвореници, ќе бидат вратени.
Нови руски напади ја погодија енергетската и цивилна инфраструктура на Украина
Руските сили започнаа еден од најголемите напади со беспилотни летала во последните неколку недели преку ноќ, напаѓајќи повеќе региони низ Украина и нанесувајќи поголема штета на енергетската мрежа на земјата.
Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија распоредила 116 дронови за напад рано на 24 декември, од кои речиси 90 биле модели „Шахед“ произведени во Иран. Украинската воздушна одбрана уништила 60 дронови, додека 48 успеале да погодат цели на 19 локации, соопшти војската.
Интензивирање на мировните преговори
Нападите доаѓаат во време на интензивирање на мировните преговори, иако чувствителните прашања во идниот мировен договор со Русија, како што е контролата на територијата, остануваат нерешени.
„Во Запорожје, дом на најголемата нуклеарна централа во Европа, најмалку четири лица беа повредени во посебна серија ноќни напади што вклучуваа три воздушни напади“, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров.
Нападите оштетија 13 станбени згради, уништувајќи прозорци, балкони и низ неколку градски блокови. Нуклеарната централа не беше погодена во нападите.
Пожар избувнал и во гаража со површина од околу 50 квадратни метри, додека во експлозијата биле оштетени и блиската противпожарна станица, административни згради, училиште и неколку возила, соопшти украинската служба за итни случаи.
Украинската енергетска мрежа под голем притисок
„Значителен број“ дронови биле насочени кон критичната инфраструктура во регионот Чернихив, додадоа украинските воздухопловни сили.
Во градот Чернихив, локалните власти пријавија штета во два округа, вклучувајќи станбени згради и образовни објекти. Еден дрон го погоди техничкиот под на деветкатна станбена зграда доцна на 23 декември, кршејќи прозорци и оштетувајќи автомобили во близина, според градскиот совет.
Во меѓувреме, украинското Министерство за енергетика соопшти дека руските сили, исто така, ја таргетирале енергетската инфраструктура преку ноќ, што довело до нови прекини на електричната енергија во регионите Суми, Днепропетровск, Херсон, Харкив и Чернихив.
Министерството забележува дека енергетската мрежа останува под голем притисок, бидејќи екипите продолжуваат да ги поправаат штетите од претходните големи ракетни и беспилотни летала овој месец.
Планираните распореди за ограничување на електричната енергија за домаќинствата и бизнисите остануваат на сила во сите региони.
Според владините податоци, откако започна целосната инвазија во февруари 2022 година, Русија извршила повеќе од 4500 напади врз енергетската инфраструктура на Украина.
Обединетите Нации предупредија дека континуираните штрајкови врз системите за електрична енергија и греење би можеле да претставуваат сериозни хуманитарни ризици во текот на зимските месеци, особено за ранливото население, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со попреченост и семејствата со мали деца.
Францускиот парламент го донесе Законот за вонреден буџет
Француските пратеници синоќа (23 декември) го усвоија Законот за вонреден буџет откако Парламентот не успеа да се согласи за целосен буџет за следната година, со што се спречи затворање на владата, јави агенцијата ДПА.
Привремениот договор ѝ овозможува на презадолжената земја да продолжи да работи во 2026 година, овозможувајќи ѝ да собира даноци, да позајмува пари и да финансира основни државни функции.
Меѓутоа, пренесува ДПА, министерот за економија Роланд Лескир синоќа на радиото BFMTV нагласи дека тоа ќе биде само „минимум сервисирање“ на државата, бидејќи со посебниот закон донесен во парламентот не се можни нови инвестиции.
„Колку подолго трае ваквата состојба, толку повеќе ќе не чини“, нагласи министерот Лескир.
Владата на претседателот Емануел Макрон инсистира што поскоро да се усвои целосен буџет, додава германската агенција.
„Преодното решение е несоодветно и не ги решава основните фискални проблеми на Франција“, изјави портпаролката на владата Мод Брежон.
До крајот на јануари се очекува донесување на целосниот буџет што ќе има за цел да го намали буџетскиот дефицит на пет отсто. Франција итно треба да ги ограничи трошоците поради високите нивоа на долг.
Неуспехот да се донесе штедлив буџет ја зголеми економската неизвесност, особено за бизнисите, бидејќи втората по големина економија во Европската Унија сè уште нема јасен план за трошење и штедење.
Застојот, исто така, го зголеми притисокот врз премиерот Себастијан Лекорну и неговата малцинска влада. Лекорну постојано ги повикува политичките партии на компромис.
Иако успеа да го протурка буџетот за социјално осигурување по долги преговори и направени отстапки, на крајот тој не успеа во напорите да обезбеди одобрување за главниот буџет, потсетува ДПА.
Трамп: Мадуро би постапил паметно ако се повлече од власт
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би било мудро венецуелскиот претседател Николас Мадуро да се повлече.
Тој, меѓу другото, рече дека САД може да ја задржат или продадат нафтата што ја запленија покрај брегот на Венецуела во последните недели.
Американската кампања за притисок врз Мадуро вклучуваше зголемено воено присуство во регионот и десетици воени напади врз бродови за кои се сомнева дека шверцуваат дрога во Тихиот Океан и Карипското Море.
Наводно, најмалку 100 лица се убиени во нападите.
На прашањето дали целта е да се отстрани Мадуро од власт, Трамп им рече на новинарите: „Можеби е така. Од него зависи што сака да прави. Мислам дека би било паметно да го стори тоа. Но, повторно, ќе видиме“.
Покрај нападите, Трамп најави „блокада“ на сите танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела.
Во текот на викендот, американската гранична патрола следеше танкер за нафта во меѓународни води, втора таква операција во последните денови и трета за две недели.
„Можеби ќе го продадеме, можеби ќе го задржиме“, рече Трамп кога беше прашан што ќе се случи со запленетата нафта.
Администрацијата на Трамп ја обвинува Венецуела дека ги користи приходите од нафта за финансирање на криминал поврзан со дрога, обвинение кое Каракас го негира.
Владата прогласи седумдневна кризна состојба поради проблемите со набавка на мазут
Владата на Северна Македонија денеска на редовна седница донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата.
Одлуката е со траење од седум дена од денот на нејзиното влегување во сила. Донесена е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
„Оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надомест, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“, информира владината прес-служба.
За прогласувањето на кризна состојба реагираше и опозицискиот СДСМ. Од партијата велат дека „криминалните политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба“. Опозициската партија обвинува дека ова не е надворешна криза и нема врска со протестите во Грција, туку претставува резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта на Христијан Мицкоски.
„Зошто навремено не се обезбедени енергенси? Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут? Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
Електрани на Северна Македонија ( АД ЕСМ) минатата недела испрати писмо до Владата со барање за прогласување кризна состојба на пазарот со струја. Причината се секојдневните блокади на грчките земјоделци, кои ја комплицираат доставата на енергенти за производство на електрична енергија. Компанијата побара активирање на државните резерви.
На вчерашниот брифинг со новинарите, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска соопшти дека Северна Македонија има резерви на мазут со кои ќе биде снабден ЕСМ.
Од први јануари повисоки сметки за струја
Од 1 јануари 2026 година цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто во првиот блок, за 2,87 отсто во вториот блок, за 3,32 отсто во третиот и за 3,84 проценти во четвртиот блок. Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто.
„Наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 проценти. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87 отсто, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54 проценти. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако беше предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четврт блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти, соопшти денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Тој посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде за 2,28 отсто или за 57-70 денари на просечната сметка.
Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучи да се корегира за 2,50 проценти.
Од следната година пак, се намалува надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ за 3,64% , надоместокот за користење на преносниот систем МЕПСО се намалува за 2,67%, а намалување ќе има и кај цената на МЕМО од 3,40 % .
Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.
Блоковите беа воведени за тие што трошат помалку да плаќаат поевтино, но со воведувањето на надомест за пристап до мрежа, токму тие што трошат малку, плаќаат нешто повисоки сметки во споредба со сега.
САД забранија одобренија за нови модели на кинески и странски дронови
Федералната комисија за комуникации на Соединетите Држави (FCC) денеска, 23 декември соопшти дека ги додава кинеските DJI, Autel и сите дронови и компоненти произведени во странство на списокот на компании за кои утврдила дека претставуваат неприфатлив ризик за националната безбедност на САД и затоа ќе забрани одобрувања за нови видови дронови за увоз или продажба во САД.
Додавањето на списокот на оваа комисија значи дека DJI, Autel и другите странски компании за дронови нема да можат да добијат одобрение од Комисијата за продажба на нови модели на дронови или критични компоненти во САД.
Овој потег претставува значително зголемување на напорите на Вашингтон за справување со кинеските дронови во последните години. Во септември, Министерството за трговија соопшти дека планира да издаде правила за ограничување на увозот на кинески дронови.
Новата мерка на Федералната комисија за комуникации не забранува увоз, продажба или употреба на постојни модели претходно одобрени од регулаторот за телекомуникации и не влијае на претходно купените дронови, соопшти FCC. Таа додаде дека потрошувачите можат да продолжат да користат дронови што претходно ги купиле легално.
DJI, најголемиот светски производител на дронови, изјави дека е разочаран од одлуката на Федералната комисија да ги додаде дроновите произведени во странство на листата.
„Иако DJI не е издвоен, не се објавени информации за тоа какви информации извршната власт користела при донесувањето на својата одлука“, соопшти компанијата.
DJI претходно изјави дека додавањето на Листата ефикасно би ја забранило продажбата на неговите нови модели на дронови во САД. Компанијата продава повеќе од половина од сите комерцијални дронови во САД.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, во вторникот изјави дека Кина се спротивставува на тоа САД да поставува „дискриминаторски“ листи и го повика Вашингтон да „ги исправи своите погрешни практики“ и да обезбеди фер средина за кинеските компании.
Федералната комисија во неделата соопшти дека ги добила резултатите од меѓуагенциската анализа на ризик на странски дронови, побарана од Белата куќа, која покажала дека увезените дронови и нивните компоненти претставуваат безбедносен ризик „со оглед на заканите од неовластен надзор, извлекување чувствителни податоци, ранливости во синџирот на снабдување и други потенцијални закани за националната безбедност“.
Во анализата се вели дека Пентагон би можел во иднина да одлучи дека одредени дронови или класи на дронови не претставуваат ризик и да ги отстрани од ограничувањата.
Во јуни, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба насочена кон намалување на зависноста на САД од кинеските производители на дронови.
Себастијан Горка, виш директор за борба против тероризмот во Советот за национална безбедност, рече дека мерката е дел од напорите дроновите да останат произведени во САД.
„Дроновите се голем дел од идната безбедност на Америка. Тие мора да бидат произведени во САД“, напиша тој на платформата X.
Републиканскиот конгресмен Рик Крофорд ја пофали одлуката на Комисијата, наведувајќи дека „употребата на кинески беспилотни летала, со широк пристап над американскиот воздушен простор, со години е кошмар за контраразузнавање... не можеме да ја компромитираме нашата национална безбедност во замена за евтина стока наменета да го преплави американскиот пазар“.
Американски судија во септември го отфрли барањето на DJI да биде отстранет од списокот на компании на Министерството за одбрана на САД кои наводно соработуваат со кинеската војска.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете