Достапни линкови

Вести

Путин: Русија ќе соработува со секој победник на изборите во САД

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја е подготвена да работи со секој претседател на САД, без оглед кој ќе победи на изборите следната недела. „Ги анализираме сите случувања околу претстојните избори за претседател на САД на 3 ноември. Ние ќе прифатиме каква било одлука донесена од американскиот народ и ќе соработуваме со која било администрација“, рече Путин кој одби да зборува подробно за изборите.

Путин предложи продолжување на договорот за разоружување со САД

„Што и да кажам, нашите американски партнери може го злоупотребат како доказ за измислено мешање на Русија во изборниот процес во САД“. Американските разузнавачки агенции заклучија дека Москва се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година со цел да му помогне на Доналд Трамп, вклучително и со хакирање на кампањата на неговата ривалка Хилари Клинтон. Москва го негира тоа обвинение.

види ги сите денешни вести

Најмалку 25 луѓе убиени во анти-дрога акција во Бразил

Еден полицаец и најмалку 24 лица се убиени во Бразил за време на операција против шверцери на дрога во Рио де Женеиро, вториот по големина град во земјата, соопштуваат тамошните власти. Престрелката се случила во сиромашна област од градот. Локалните медиуми објавија дека бандата кон која била насочена полициската рација се занимавала со трговија со дрога, шверц, убиства и киднапирања.

Телевизиските снимки покажуваат како осомничените се обидуваат да избегаат преку покривите на куќите, кога полицијата влегла во фавелата(дива населба) со оклопни возила, а биле вклучени и хеликоптери.

Полицијата потврди дека е убиен еден полицаец, а двајца други биле повредени. Од полицијата соопштија дека меѓу загинатите се и водачите на бандата, а најмалку 10 луѓе се уапсени.

Од престрелката се ранети и двајца патници кои патувале со метро.

Голем дел од областите во Рио де Женеиро се под контрола на криминалци.

Бразилските безбедносни сили честопати беа обвинети за прекумерна употреба на сила против цивилното население за време на антикриминалните операции.

Во Србија се отворат и затворените делови од кафеаните и рестораните

Белград, луѓе седат покрај Сава.

Кризниот штаб на Србија донесе одлука од петок, 7 мај, угостителските објекти да можат да работат и во затворен простор, притоа почитувајќи ги сите епидемиолошки мерки.

Според прописите максималната исполнетост треба да е до 50 отсто, растојанието помеѓу гостите да е од метар и пол до два и да нема музика во живо, ниту преку звучници.

Надлежните најавуваат строга контрола на почитување на епидемиолошките мерки.

Угостителските објекти ќе работат до 22 часот, и ќе биде дозволено да бидат до пет лица на едно место, со почитување на далечината, носење маски и неопходната дезинфекција.

Ноќните клубови и натаму остануваат затворени.

САД, Канада и Норвешка се приклучуваат на проектот за воена мобилност на ЕУ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Европската унија одобри земјите членки на НАТО – САД, Канада и Норвешка да може да учествуваат во проект чија цел е мобилност на војници и воена опрема низ Европа.

Со одлуката донесена на 6 мај, ЕУ првпат отвора иницијатива од пактот за трајна структурирана соработка (ПЕСКО), чија цел е продлабочување на одбранбените врски со надворешните партнери.

Лидерите на земјите членки на ЕУ го договорија овој пакт во декември 2017 година, во услови на зголемени тензии меѓу Западот и Москва во врска со руската агресија во Украина.

Оттогаш до 2028 Унијата треба да одвои 1,7 милијарди евра (2 милијарди долари) од својот заеднички буџет за да ја подобри таканаречената воена мобилност, нешто што НАТО го смета за клучно во случај на конфликт со Русија.

Поради бирократија често се попречува непреченото распоредување на сили, без оглед дали станува збор за копнени, воздушни или поморски.

Министрите за одбрана на членките на ЕУ денеска за првпат по повеќе од една година имаа лична средба во Брисел. За време на пандемијата тие комуницираат онлајн. Министрите дадоа зелено светло за САД, Канада и Норвешка да се приклучат на т.н. проектот за воена мобилност на ЕУ, предводен од Холандија.

Со овој проект треба да се направи одбраната на ЕУ поефикасна.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој се состана со министрите на ЕУ, исто така го поздрави потегот и истакна дека „сојузниците кои не се членки на ЕУ играат суштинска улога во заштитата и одбраната на Европа“.

САД и нивните сојузници во НАТО го зајакнаа своето присуство во источниот дел на Алијансата, делумно да помогнат да ги уверат Естонија, Летонија, Литванија и Полска дека ќе бидат одбранети во случај на каква било руска агресија.

Канада ја води борбената група на НАТО стационирана во Летонија, а исто така е вклучена и Норвешка која не е членка на ЕУ.

На нивниот состанок во Брисел, министрите за одбрана на ЕУ, исто така, се очекува да разговараат за ситуацијата во и околу Украина.

МОН - Промените во основното образование ќе се случат

Министерството за образование и наука соопшти дека како за сите останати реформски процеси, така и за Законот за учебници, консултира и го слуша мислењето на сите засегнати страни. Преку соопштение наведуваат дека со носењето на Законот предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што тоа не смее да биде причина за бојкот. Денеска претставници на МОН се сретнаа со претставници на Фејсбук-групата која бара стопирање на предлог-законот за учебници во основното и средното образование.

„Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови“, се наведува во соопштението на МОН.

Денешната средба во МОН со претставници на Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ заврши без заклучок. Фејсбук групата брои 70 илјади членови кои се противат на воведувањето дигитални учебници и бараат децата да продолжат да учат од хартиени. Нова средба треба да има од понеделник, а дотогаш бојкотот го ставаат во мирување, но ќе протестираат доколку нема средба или не им се исполнат барањата.

Нова ЕУ методологија за проширување за Србија и Црна Гора

Eвропскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.

Земјите-членки на Европската унија дадоа зелено светло за примена на ревидираната методологија за проширување за Србија и Црна Гора, откако двете земји ја прифатија, соопшти европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.

„Целта е процесот да се направи поверодостоен, предвидлив, подинамичен, со посилно политичко управување“, напиша Вархеји на Твитер.

Комитетот на постојани претставници – Корепер 2 денеска одржа состанок, а проширувањето беше една од темите на дневниот ред. Советот за општи работи, на кој министрите исто така ќе бидат информирани за процесот на проширување и стабилизација и пристапување кон ЕУ, е закажан за 11-ти мај, објави порталот Европски Западен Балкан.

Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини за Олимпијадата во Токио

Производителите на вакцина Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини против ковид-19 на спортистите и делегациите кои ќе учествуваат на Олимписките игри во Токио ова лето.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) денеска соопшти дека дозите вакцини ќе бидат доставени до спортските делегации овој месец, за да се осигура дека оние кои ќе присуствуваат на Олимписките игри ќе имаат доволно време да бидат целосно заштитени со две дози на вакцината што ќе ја примаат.

Иако вакцините не се задолжителни за спортистите кои ќе учествуваат на Олимпијадата, сепак од МОК соопштија дека очекуваат многумина да се вакцинираат пред почетокот на игрите на 23 јули.

„Ги покануваме спортистите и делегациите учеснички на претстојните Олимписки и параолимписки игри да дадат пример и да ја прифатат вакцината“, рече шефот на МОК Томас Бах.

Претходно, МОК соопшти дека ќе им понуди на националните делегации кинески вакцини против ковид-19.

На Олимписките игри во Токио се очекува да учествуваат повеќе од 11 илјади спортисти. Игрите требаше да се одржат минатата година, но беа одложени поради пандемијата. Јапонија веќе одлучи да ги забрани гледачите од странство.

Како што се доближува стартот на Олимпијадата сè погласни се повиците да се одложи, оти Јапонија ја зафати нов бран на инфекции, како и поради појавата на мутирани соеви кои владеат насекаде низ светот.
Во меѓувреме, гувернерот на Токио, Јурико Коике, побара од владата да ја продолжи вонредната состојба во главниот град.

Токио, Осака и другите делови на земјата кои опфаќаат скоро една четвртина од населението во Јапонија се под вонредна состојба.

Алијанса и Алтернатива бараат одговорност за бројот на починатите од ковид

Лидерите на Алтернатива и Алијанса за Албанците, Африм Гаши и Зијадин Села

Коалицијата „Алтернатива и Алијанса за Албанците“ смета дека Владата и Министерството за здравство продолжуваат да се однесуваат несовесно во справувањето со пандемијата и тоа резултира со голем број смртни случаи од ковид-19, како и други здравствени и материјални штети, соопштија од оваа коалиција.

„И покрај значителното намалување на бројот на заразени, бројот на смртни случаи останува голем. За споредба, додека во Северна Македонија во текот на април просечниот број на заразени бил 728 на ден, во Косово бил 472, а во Албанија овој број бил 189 заразени на ден. А кога се споредуваа стапката на смртност, додека во Македонија во април просекот бил 37 смртни случаи на ден, во Косово тој број бил 13, а во Албанија имало 5 смртни случаи на ден“, велат од коалицијата.

Според нив бројките покажуваат дека вируленцијата на вирусот е значително намалена, што, како што велат, е добра вест и како второ дека Владата е небрежна кон пациентите со ковид-19, што, заклучуваат, е лоша вест. Друго објаснување, како нашата земја повторно останува со толкава стапка на заразени и, особено, на смртни случаи, нема.

Од Алтернатива и Алијансата бараат некој да понесе одговорност.

„Во нормални околности, овие бројки значат не само оставка на министерот за здравство, туку и на премиерот, но знаејќи дека оваа влада не го познава поимот одговорност, се подразбира дека дури и овие бројки не се загрижувачки за нив“, се додава во соопштението.

Ковид биланс- 324 нови случаи, 26 починати и 1178 оздравени

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје

Во последните 24 часа регистрирани се 324 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени 2.660 тестирања, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Во Скопје се регистрирани 110 нови случаи, Куманово – 44, Охрид – 18, Струмица – 17, Прилеп и Тетово– 13, Штип – 11, Битола, Велес и Кичево – по 10, Свети Николе – 9, Кочани и Виница – по 8, Радовиш –6, Гостивар и Дебар – по 4, Кавадарци, Гевгелија, Ресен, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица – по 3, Струга, Неготино, Берово и Делчево – по 2, Пробиштип, Валандово и Демир Хисар – по 1.

Регистрирани се 1.178 оздравени пациенти.

Пријавени се вкупно 26 починати лица: 8 од Скопје (52г,59г,63г,66г,71г,77г,80г и 83г), по 2 починати лица од Куманово (77г и 86г), Прилеп (73г и 83г) и Гостивар (62г и 69г) и по 1 починато лице од Велес (78г), Кавадарци (75г), Охрид (73г), Штип (67г), Струмица (65г), Кочани (68г), Кичево (71г), Ресен (77г), Радовиш (65г), Берово (75г), Делчево (57г) и Валандово (72г). Од пријавените, 24 се починати во болнички, а 2 лица во домашни услови.


Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.461, бројката на оздравени пациенти е 136.545, на починати е 5.042, а бројот на активни случаи изнесува 11.874.

Синдикатот на полицијата во Македонија в сабота на протест

Полицајци во Скопје

Синдикатот на полицијата во Македонија на 8 мај ќе одржи протест под паролата „За ред, за правда, за дисциплина“, поради, како што наведуваат, притисокот кон полицијата, незаконски распределувања, недоволен број на униформи.

„Имаме колективен договор, што четири години е со поминат рок на траење, договор со кој вработените немаат никакви права и правата што се во договорот не се почитуваат“, изјави денеска претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија, Орце Коцевски на прес-конференција пред канцелариите на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.

Протестот ќе започне пред канцелариите на Европска унија и ќе заврши пред владата.

„Едно од приоритетните барања е зголемување на платите. Само полициските плати се замрзнати, нема додаток за борба со коронавирусот. Покрај здравствените работници и полициските работници се во првите редови на пандемијата“, одговори Орце Коцевски на новинарското прашање во однос на нивните барања.

Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија најави дека в сабота ќе достават писмено барање до Владата и премиерот и очекува дека некој сериозно ќе ги разгледа барањата, а доколку барањата не бидат разгледани од надлежните, Коцевски истакна дека ќе преземат порадикални чекори.

Без заклучок средбата на МОН со противниците на електронски учебници

Илустрација

Без заклучок заврши средбата на претставници на Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ со претставници на Министерството за образование и наука, на која тие го образложија нивното барање да се стопира носењето на новиот закон за учебници во основно и средно образование, за што од минатиот четврток повикуваат и на бојкот на наставата. Тие се противат на воведувањето дигитални учебници и бараат децата да продолжат да учат од хартиени.

Драгана Спасевска по средбата, на која биле тројца претставници од МОН, но не и министерката Мила Царовска, изјави дека тие не биле компетентни за сите нивни барања и дека треба да бидат вклучени и претставници од Бирото за развој на образованието и од СОНК. Им било кажано, рече таа, дека откако ќе се консултираат со нив, одново ќе ги поканат од понеделник на средба. Дотогаш бојкотот го ставаат во мирување, но ќе протестираат доколку нема средба или не им се исполнат барањата.

Фејсбук-групата има над 70.000 приврзаници и од минатиот четврток повикува на бојкот на наставата. Тие бараат хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работна група за измени во Законот.

Талибанците ја заземаа клучната брана во Авганистан

Браната Дала во јужната провинција Кандахар.

Талибанските борци ја заземеаа втората по големина брана во Авганистан и две бази на авганистанската армија, соопштија милитантите и официјалните лица, додека борбите во земјата ескалираат во услови на тековно повлекување на американските и меѓународните сили.

Браната Дала, позната и како Аргандаб, се наоѓа во областа Шах Вали Кот во јужната провинција Кандахар, на околу 40 километри северно од истоимениот главен град на провинцијата.

Браната, која обезбедува наводнување за земјоделците преку мрежа на канали, како и вода за пиење за градот Кандахар, сега е под контрола на Талибанците по повеќемесечни жестоки борби во поранешното упориште на милитантите.

„Ја зазедовме браната Дала во Аргхандаб“, изјави талибанскиот портпарол Кари Јусуф Ахмади.

Хаџи Гулбудин - гувернер на соседната област, потврди дека браната „сега е под контрола на Талибанците“.

„Нашите безбедносни сили побараа засилување, но не успеаја да го добијат“, рече Гулбудин.

Заземањето на браната доаѓа откако оваа недела избувнаа тешки борби во соседната провинција Хелманд, само неколку дена откако американската војска официјално започна да ги повлекува преостанатите трупи од Авганистан.

Милитантите минатиот месец кренаа во воздух мост што ја поврзуваше браната со соседните области.

Браната Дала е изградена од американски инженери пред скоро 70 години за да обезбеди вода за наводнување на земјиште во околу седум области на Кандахар.

Антикорупциска - Предметот за кинеските вакцини е при крај

Антикорупциска комисија.

Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека предметот за набавка на вакцините против Ковид-19 е при крај, но дека има и информации што се уште не се целосни.

Горан Трпеноски – член на Комисијата денеска изјави дека целата ситуација е комплексна, со оглед на поларизацијата на државата, додавајќи ДКСК како институција не сака да се стави во корист на било која од политичките чинители.

Изјавата на Трпеновски доаѓа откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека министерот за здравство Венко Филипче наместо по регуларен пат, тргнал да набавува вакцини 200.000 кинески вакцини преку фантом фирма од Хонг Конг - „Стабари Интернешнал“.

Од ВРМО-ДПМНЕ повикувајќи се на документи соопштија дека вкупната вредност за набавката за 200.000 вакцини која требало да биде направена би била 12.5 милиони американски долари, што е 62.5 долари за вакцина.

„Тоа е дупло поскапо од цената што ја плаќале другите држави“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму посочуваат дека свиркач им доставил документи, од кои се гледа дека плаќањето било извршено.

„Ова е Налог за извршување на плаќање во странство остварен со акредитив во висина од 7.800.000 американски долари, уплатата е извршена од страна на министерството за здравство, во кое министер е Венко Филипче, преку сметка во НБРМ од буџетски средства, а примач е „Стабри Интернешенал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДКСК велат дека од МЗ известиле дека немаат исплатено аванс на правно лице за купување кинески вакцини, туку на почетокот на оваа година има извршено уплата на средства на име гаранција со цел да се изврши резервација на 200 илјади дози вакцини од производителот Синофарм од Кина, врз основа на заклучоци од затворена владина седница одржана на 5.февруари.

Трпеновски вели дека Владата во кородинација со владата на Кина, преку Кинеската амбасада во С.Македонија одлучила да ги прекине започнатите активности и ги побарала назад уплатените средства, што било реализирано со враќање на средствата.

„Владата за операционализирање на својата одлука на 16.март го задолжила МЗ да ги прекине сите активности за реализација по заклучоците од 8 – та седница односно парите што биле префрлени на Стабри се вратени назад и нема извршено никаква исплата. Владата потоа склучила договор директно со производителот Синофарм“, вели Трпеноски.

Тој додава дека не може да изнесува други детали бидејќи производителите во документите што ги има добиено ДКСК, е ставена клаузулата за тајност.

Премиерот Заев прими вакцина од кинескиот Синофарм

Зоран Заев

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ се вакцинира против коронавирусот со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

„Ја примив првата доза од вакцината Синофарм, односно онаа што беше на располагање кога ми дојде мене редот согласно со Националниот план за вакцинација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во денешните поладневни часови“, рече Заев по вакцинирањето.

Премиерот верува дека со дозите вакцини што пристигнаа минатата седмица, како и со сите договорени и потврдени количини што треба да пристигнат во претстојниот период, е можно до почетокот на летото да имаме висок процент население кое ќе биде вакцинирано, што ќе придонесе за целосно менување на сликата на епидемијата кај нас.

Тој ги охрабри сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација, да го направат тоа што поскоро и со тоа, како што нагласи, да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот.

Хрватска е против промени на границите на Балканот

Гордан Грлиќ Радман и Доника Гервала-Шварц

Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во еднодневна официјална посета на Косово, изјави дека неговата држава се противи на каква било промена на границите во регионот.

По средбата со шефицата на косовската дипломатија, Доника Гервала-Шварц, Радман изјави дека Хрватска, како членка на Европската унија, го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија и се надева дека двете земји набргу ќе дојдат до решение за меѓусебните спорови.

Тој, како што рече, ја гарантира поддршката на Загреб за визната либерализација за косовските граѓани, како и воопшто за напорите на Косово во правец на евроатлантските интеграции.

Шефот на хрватската дипломатија информира дека неговата земја му подарила на Косово 10 илјади вакцини против Ковид-19.

Вчера вакцинирани повеќе од 9 илјади граѓани

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата и оти интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.

На вакциналните пунктови во државата, како што се наведува, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 74076 граѓани.

Прва доза вакцина вчера примиле 7963 граѓани, а вкупно се вакцинирале 9123 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92253 граѓани. Со последните бројки, 25 насто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Вакцинацијата се спроведува согласно со Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат, стои во соопштението.

Руски суд одби жалба на соработник на Радио Слободна Европа

Људмила Савицкаја, соработник на РСЕ

Судот во западнорускиот град Псков ја отфрли жалбата од соработникот на Радио Слободна Европа Људмила Савицкаја, која го спори нејзиното вклучување во контроверзниот регистар на Русија за масовни медиуми како „странски агенти“. Судот во Псков вчера донесе одлука дека вклучувањето на Савицкаја на списокот на Министерството за правда е законско.

Адвокатите на Савицкаја рекоа дека ќе поднесат жалба на пресудата. Савицкаја и уште четири лица беа вклучени во списокот за медиуми „странски агенти“ во декември 2020 година. Министерството не даде никакво образложение за тоа зошто овие лица биле наведени. Сите петмина се жалеа на нивното вклучување на списокот.

Вчера во судот претставниците на Министерството за правда го презентираа како доказ против Савицкаја написот за антивладините демонстранти, наводна тортура во руските затвори и блокирање на електронските комуникации во областите околу затворите.

Покрај тоа, тие презентираа голем број документи со назнака „само за службена употреба“ од Министерството за внатрешни работи, Канцеларијата на генералниот обвинител и други агенции што на Савицкаја и нејзините адвокати не им беше дозволено да ги испитаат.

Блинкен ја потврди американската поддршка за Украина

Ентони Блинкен и Дмитро Кулеба

Американскиот Државен Секретар Ентони Блинкен, кој престојува во прва посета на Киев од страна на висок претставник на администрацијата на претседателот Џо Бајден, ја потврди посветеноста на Вашингтон спрема украинскиот суверенитет, територијалниот интегритет и независност.

„Тука сум навистина од многу едноставна причина, а тоа е, во името на претседателот Бајден, силно да ја потврдам нашата посветеност спрема партнерството меѓу нашите земји“, му рече Блинкен на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, за време на денешната средба.

Еднодневната посета на Бликен има за цел да пренесе силна порака за поддршка на земјата соочена со зголемените тензии со Русија. Блинкен на Твитер на 5 мај напиша дека посетата „ќе биде важна можност да се разговара за продолжената руска агресија и да се потенцира потребата за одржување на темпото и фокусирање на реформите со нашите украински партнери“.

За време на неговата посета, американскиот дипломат се состанува со претседателот Володимир Зеленски, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, членови на украинскиот парламент и граѓански лидери. Зеленски рече дека сака да чуе силни сигнали од Соединетите Држави, кои ја поддржуваат желбата на Украина да се приклучи кон воениот сојуз на НАТО.

Кина ги осуди изјавите на министрите за надворешни работи на Г7

Илустративна фотографија.

Кина остро го осуди соопштението на министрите за надворешни работи на групата од седум најразвиени западни земји - Г7, кои ја критикуваа нејзината политика во областа на човековите права и репресијата во Хонг Конг.

„Министрите од Г7 упатија неосновани обвинувања против Кина и грубо се вмешаа во нејзините внатрешни работи“, изјави вчера портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.

Тој им порача на земјите од Г7 „да ги решаваат нивните проблеми“.

Министрите на седумте најразвиени западни земји на состанокот во Лондон ги критикуваа Кина и Русија, нарекувајќи ја Москва злонамерна, а Пекинг насилник, пренесува агенцијата Франс прес (АФП). Сепак, острите зборови не беа придружени со никакви конкретни потези освен со поддршка за Тајван и Украина.

Членките на Г7 се Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, а нивниот комбиниран бруто домашен производ е околу 40 трилиони долари - нешто помалку од половина од глобалната економија.

Пендаровски - Политичкиот дијалог е важен за земјата

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација меѓу институцијата претседател и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако вчера беше објавено дека в петок ќе биде одржана средба.

Најавата за средба Мицкоски и Пендаровски доѓа откако Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја прекинаа комуникацијата со шефот на државата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ минатата година соопшти дека партијата ќе ги замрзне односите со претседателот на државата, откако Пендаровски одлучи да му го додели мандатот на Зоран Заев по парламентарните избори.

Пендаровски вели дека воспоставената комуникација може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кој според него „многу недостига во нашата земја“, вели тој.

Вчера медиумите објавија дека средбата в петок била договорена на телефонски разговор на барање на Мицкоски, а според најавите на неа треба да биде дискутирано за актуелната економско-политичка ситуација во државата, но и за изјавата на Пендаровски за настаните од 27 април во која, меѓу другото, тој кажа дека луѓето кои тогаш влегле во Собранието не се терористи.

Мицкоски вчера на брифинг со новинарите изјави дека одмрзнувањето на односите со претседателот на Пендаровски е поради тоа што на земјата и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители, а на одмрзнувањето на односите тој рече дека гледа како на подадена рака.

Протести во Грција поради реформа на законот за работни односи

Архивска фотографија - Илустрација - протест во Грција.

Грција денеска по втор пат во рок од една недела се соочува со нови штрајкови и протести во врска со контроверзната реформа на законот за работни односи.

Протестите се најавени во Атина и другите поголеми градови, а штрајкот ја запре работата на јавните служби, сообраќајот на траектите и превозот во Атина, освен автобусите. Неколку летови исто така беа откажани или одложени поради штрајкот на контролата за летање.

Според грчката Влада нацрт-законот воведува можност за флексибилно работно време, воспоставува правила за работа од далечина и вклучува гаранции за сексуално вознемирување на работното место, пишува агенцијата АФП.

Владиниот портпарол Аристотел Пелони вчера изјави дека реформата „ги усогласува законите со реалните потреби на вработените“.

Министерот за труд Костис Хацидакис рече дека новите регулативи им овозможуваат на вработените да преговараат со работодавачот за можноста за зголемување на работното време во еден дел од годината, како и за повеќе одмори.

Сепак, опозициските партии сметаат дека реформата е „болен чекор наназад“ во однос на работничките права, а критичарите велат дека со тоа се формализира искористување на прекувремената работа од страна на бескрупулозните газди, што е практика со години, потсетува АФП.

Г7 ги критикуваше Русија за Украина и Кина за кршење на човековите права

Состанок на министрите за надворешни работи на Г7 во Лондон, на 5 мај 2021 година

Министрите на седумте најразвиени западни земји (Г7) ги критикуваа Кина и Русија на состанокот во Лондон, нарекувајќи ја Москва злонамерна, а Пекинг насилен, но грубите зборови не беа проследени со други конкретни потези освен поддршка за Тајван и Украина. Основан во 1975 година како сојуз на најбогатите западни нации кои се соочуваат со последиците од Големата нафтена криза, на состанокот оваа недела Г7 се осврна на најголемите тековни закани - Кина, Русија и пандемијата на коронавирусот.

Г7 бара единство во спротивставувањето на заканите за глобалниот поредок

Во заедничката изјава, министрите за надворешни работи ја обвинија Русија дека се обидува да ги минира демократиите и да и се заканува на Украина, а Кина дека е винова за кршење на човековите права и оти ја користи својата економска моќ за „малтретирање“ на други земји.

Приштина и Атина ќе соработуваат во многу области

Градоначалникот на Приштина Шпенд Ахмети

Градоначалниците на Приштина и Атина, Шпенд Ахмети и Костас Бакојанис, вчера во Приштина изјавија дека разговарале за идната соработка и реформите во нивните градови. „Бакојанис беше избран за градоначалник пред извесно време. Живееше во Приштина кратко време во 2005 година и изрази желба да ја посети.

Косово се надева на признавање од Грција

Тој рече дека од тогаш Приштина е изградена многу. Ќе разговараме за тоа како да се конкретизира соработката, рече Ахмети. Бакојанис, истакнувајќи дека „Приштина е во неговото срце и оти Приштина е град на младите и треба да се фокусираме на тоа. Инаку, Бакојанис беше пречекан со музика пред зградата на општина Приштина.

Во Германија приведени осомничени бугарски трговци со бебиња

илустрација

Еден бугарски пар е во притвор во Германија под сомнение за вмешаност во синџир на трговија со луѓе. Тие носеле бремени жени во Грција, каде што ги раѓале бебињата кои потоа им биле продавани на трговците со луѓе. 58-годишниот маж и неговата 51-годишна сопруга се осомничени дека регрутирале најмалку девет сиромашни бремени жени од Бугарија за да заминат во Грција во рамките на операцијата за трговија со луѓе. Тие беа приведени минатата недела во Нојкирхен, град во близина на границата на Германија со Франција. Бугарските власти издадоа европска потерница за двојката, која сега е во притвор и чека екстрадиција.

Грчки агенти откриле невладини организации кои шверцувале мигранти од Турција


Тие беа обвинети во февруари заедно со нивниот син за „учество во организирана криминална група за трговија со новороденчиња на територијата на Грција“, соопшти бугарското обвинителство. Нивниот син веќе е уапсен во Бугарија. Тројцата беа обвинети за регрутирање на бремени жени од цела Бугарија за да ги продаваат своите новородени бебиња на посредници за 3.000 и 4.300 долари. Мајките обично добивале само дел од износот, а поголемиот дел го земале трговците со луѓе. Грција стана заедничка дестинација за операции за трговија со бебиња затоа што строгите услови за посвојување охрабрија многу родители кои бараат бебе да се свртат кон илегални алтернативи.

Хјуман рајтс воч предупредува на опасностите за жените во Авганистан

Авганистанки поминуваат покрај sид со графит на кои пишува „Мир“ во Херат, 3 мај 2021 година

Хјуман рајтс воч (ХРВ) предупреди дека намалувањето на меѓународната донаторска поддршка за Авганистан го намали пристапот на жените до основната здравствена заштита. Оваа организација соопшти дека очекува нови кратења во наредните месеци, бидејќи странските сили се подготвуваат да се повлечат од земјата. Во извештајот објавен денеска, оваа организација за човекови права со седиште во Њујорк ги истакнува пречките со кои се соочуваат авганистанските жени во обидот да добијат здравствена заштита, како и влошувањето на здравствениот систем поради падот на поддршката од меѓународните донатори.

САД и НАТО официјално го започнуваат повлекувањето на војниците од Авганистан

Падот на финансирањето „веќе имаше штетно - и опасно по живот - влијание врз животот на многу жени и девојчиња, бидејќи тоа влијае на пристапот и квалитетот на здравствената заштита“, се вели во него. „Меѓународните донатори се заклучени во игра на чекање за да видат дали повлекувањето на странските трупи ќе резултира Талибанците да добијат поголема контрола врз земјата“, изјави Хедер Бар, привремена ко-директорка за правата на жените во ХРВ. Во текот на изминатите две децении, авганистанската влада се потпираше врз меѓународно-донаторско финансирање за основните услуги. Но, ХРВ рече дека оваа поддршка паѓа со години и „веројатно ќе продолжи по најавата на претседателот Џо Бајден во април дека САД ќе ги повлечат сите свои сили од Авганистан до 11 септември. НАТО соопшти дека ќе го следи истиот возен ред.

Фон дер Лајен: модернизацијата на пругата до С. Македонија важна пресвртница во односите

Урсула фон дер Лајен и Александар Вучиќ, Брисел, 26 април 2021 година

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му испратила писмо на српскиот претседател Александар Вучиќ во кое му се заблагодарила за „продуктивната средба во Брисел на 26 април“ и во кое посочува дека особено се радувала на соработката за големиот проект за модернизација на пругата Белград-Ниш-Прешево на границата на Србија со Северна Македонија.

Еурактив: Вучиќ ги покри критиките од ЕУ во медиумите со сторија за инфраструктурата

Фон дер Лајен посочила дека проектот е „огромен чекор напред и важна пресвртница во нашите идни односи“ и додала дека е среќна што овој проект се наоѓа во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, кој беше усвоен од страна на Европската комисија минатата есен. Вучиќ потврди дека добил писмо од фон дер Лајен и изрази верување дека изградбата на пругата Белград – Ниш – Табановце, со поддршка на ЕУ, може да започне на пролет следната година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG