Достапни линкови

Национализација на струјата- PSE JO


Студент Јовица Јанковиќ
Студент Јовица Јанковиќ

Оваа одлука за поскапување не се донесува по прв пат и нема да е последен пат кога овие приватизирани фирми се стекнуваат со моќ врз народот и го злоупотребуваат истиот, пишува во младинската колумна студентот Јовица Јанковиќ

Национализација е процес кога една одредена област од приватен сектор се префрла под државна капа, со цел таа да биде раководена и во надлежност на Владата во таа држава. На почетокот на современата историја на Македонија државата и народот искусија тешка транзиција каде многу државни фирми и фабрики во кој најголемиот дел од населението беше вработено и зависеше од истите се префрлија во приватен сектор. Тоа веднаш се покажа како лоша одлука, поради фактот што таа приватизација беше лошо спроведена и придонесе да огромен број чесни работници бидат отпуштени и оставени сами на улица, а многу од тие фирми отидоа во стечај. Приватизацијата ја одзеде контролата на Владата која ја имаше врз егзистенционалните потреби на граѓаните.

Во последно време актуелни се вестите за поскапувањето на струја за цели 7,4% од страна на регулаторна комисија. Како реакција на оваа одлука се собраа поголем број на луѓе со цел да протестираат и бараат укинување на оваа контроверзна одлука. Оваа одлука за поскапување не се донесува по прв пат и нема да е последен пат кога овие приватизирани фирми се стекнуваат со моќ врз народот и го злоупотребуваат истиот. За време на пандемијата многу граѓани ги изгубија своите работни места или им се намалија платите и поради тоа скоро сите имаме помалку пари на располагање. Додека пропаѓа економијата, државата треба да му помогне на народот. Но, во Европа има држави каде што е извршена национализација на ваквите фирми, и држави каде што воопшто не е продадена на приватни лица. Како на пример Норвешка, Белгија и Словенија така што тие држави и нивните граѓаните не мора да зависат од некој приватник, како на пример кај нас од австриската фирма ЕВН, туку напротив, или ја намалуваат цената на струјата за домаќинствата и на малите и средни фирми за 20% во ова време на пандемија како Словенија, или пак државата им дава на домаќинствата износ од 100 евра за сметки за струја и 75 евра за сметки на гас, како на пример во Белгија, и на тој начин и преку таква мерка државите на сите домаќинства и мали/средни претпријатија им заштедува поголема сума на пари со кој ќе им помогне со понатамошно нормално живеење и функционирање не само во случај на пандемија, туку и во случај на настанување на елементарни катастрофи.

Што се случи со приватизираната струја во Македонија? По барање на австриската фирма ЕВН регулаторната комисија ја зголеми цената за 7,4% иако Македонија ги има едно од најлошите стандарди за живеење и без пандемија, со најголем број на сиромашни и невработени во регионот. Се додека државата нема контрола врз најважните егзистенционални потреби во едно домаќинство како струја, вода или греење, граѓаните и понатаму страдаат од манипулирање на цените одс трана на некој кој не му е во интерес да опрости или намали сметки за струја, вода и останато, туку само гледа профит.

Во услови на пандемија, кога многу граѓани остануваат без работа и кога им се намалуваат платите, многу влади во Европа ја намалија цената на струјата додека трае кризата. Но кај нас не беше така. Кај нас струјата поскапе со оправдувањето дека ЕВН, МЕПСО и ЕСМ претрпеле поради кризата, демек граѓаните не трпат? Граѓаните секогаш ли треба да ги спасуваат сите фирми, а никој да не им помогне на нив? Што е поважно? Профитот на капиталистите или животниот стандард на обичните граѓани? Не смееме да дозволиме уште еден удар на чесниот работник и работодавач. Од сите нас зависи. Најважно е да го спречиме ова поскапување на струјата, а потоа да се насочиме кон крајната цел, а тоа е национализацијата. А зошто да не - псе јо? За повеќе да не не крадат крупните олигарси, кој во миг сите би не оставиле на улица за тие да заработат макар и еден денар!

Народе, на Вас е редот да решите!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG