Достапни линкови

Вести

Новата српска влада со три нови министерства

Србија - Александар Вучиќ претседател на Србија и Ана Брнабиќ мандатар за состав на новата влада, Белград.

Новата српска влада ќе има 6 нови лица и три нови министерства.

Имињата на идните министри ги објави мандатарката за состав на новата Влада на Србија, Ана Брнабиќ, по седницата на претседателството на Српската напредна партија, која освои повеќе од две третини од мандатите во Собранието на Србија. Таа и се обрати на јавноста на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија и водачот на СНС, Александар Вучиќ.

Како што јави МИА од Белград, најголемо изнендаување е замената на ресорите на досегашниот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ во министерството за одбрана, ресорот кој досега го водеше Александар Вулин, кој пак доаѓа на неговото место за министер на полицијата. И Зорана Михајловиќ го менува ресорот и ќе биде министер за рударство и енергетика. Министрите Синиша Мали, Јадранка Јоксимовиќ, Златибот Лончар, Бранислав Недимовиќ и Вања Удовичиќ ги задржуваат своите ресори-за финсии, евроинтеграции,здравство, земјоделство и спорт.

За нов министер за надворешни работи предложен е досегашниот шеф на кабинетот на српскиот претседател, Никола Селаковиќ, а нови имиња се и Маја Гојковиќ, досегашниот прв собраниски спикер која ќе биде министер за култура, Маја Поповиќ, сегашен советник во БИА за министер за правда, Ирена Вујовиќ за министер за животна средина, а заменик директорката на Батут, д-р Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, ќе го добие ресорот за труд, вработување, ветерани и социјални прашања.

Нова личност во српската влада е и Гордана Чомиќ, поранешен пратеник, која како непартиска личност го добива новото министерство за човекови и малцински права и социјален дијалог.

Новото Министерство за семејна грижа и демографија ќе го води новинарот Ратко Дмитровиќ, а министер за грижа на селата ќе биде Милан Кркобабиќ.

Нови лица се и идната министерка за стопанство-Анѓелка Атанацковиќ, министерот за градежништво и сообраќај-Томислав Момировиќ, министерката за трговина и туризам-Татјан Матиќ, миниситерката за правда-Маја Поповиќ и министерката за државна управа-Марија Обрадовиќ.

Вучиќ ја предложи Брнабиќ за мандатар за состав на новата српска влада

Лидерот на СНС, српскиот претседател Александар Вучиќ на прес конференцијата изјави дека нивниот коалциски партнер Српската социјалистичка партија (СПС), „поради внатрешни недоразбирања сеуште го нема одредено името за нов министер за образование и две до три имиња за министри без ресор“.

Тој како цели на новата влада ги наведе борбата против мафијата, раст на економијата, Косовскиот дијалог, кој тој ќе го води, како и евроинтеграциите.

види ги сите денешни вести

Нови 83 заразени со ковид-19 и 2 починати лица

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Во изминативе 24 часа се регистрирани нови 83 случаи на заразени со ковид-19 а починати се 2 лица. Најголем дел од новозаразени се жители на Скопје, вкупно 40, потоа на Прилеп 8 и Куманово и Охрид по 6 новозаболени со ковид-19. Пријавени се вкупно 2 починати лица од кои едно лице од Скопје (67г) и едно лице од Кавадарци (80г). Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.804, бројката на оздравени пациенти е 146.302, на починати е 5.232, а бројот на активни случаи изнесува 3.270.

Русија на чекор до забрана за учество во изборите на приврзаници на Навални

Опозициски протести во Русија

Рускиот Долен дом на Парламентот го одобри во прво читање предлог законот со кој се забранува членови на таканаречените „екстремистички “ организации да бидат избрани за пратеници, со што се прави скриена забрана за учество во Парламентот на приврзаниците на осудениот критичар на Кремљ и опозициски лидер Алексеј Навални.

Пратениците со 293 гласа „за “ и двајца воздржани го изгласаа предлог законот. Овој потег доаѓа во време кога руските власт се залагаат за „Фондацијата за борба против корупција “ на Навални да биде прогласена за „екстремистичка организација“.

На владејачката партија Единствена Русија и претстојат парламентарни избори во септември. Анкетите покажуваат пад на поддршката на јавноста кон оваа партија на 27 проценти.

Тројца украински министри разрешени во еден ден

Илустрација, Парламентот во Киев

Украинските пратеници денеска ги одобрија оставките на министерот за економија Игор Петрашко и на министерот за инфраструктура Владислав Крикли. Претходно Парламентот изгласа и разрешување на министерот за здравство Максим Степанов. Во писмата со оставка доставено до Собранието министрите не наведоа причини зошто се откажуваа од функциите.

Барањето за смена на министерот за здравство Степанов дојде од премиерот Денис Шмихал поради критиките за лошото справување со корона кризата. Со над 2 милиони евидентирани случаи на заболени од ковид-19 од почетокот на пандемијата и со над 48 илјади смртни случаи поради последици од корона вирусот, Украина е меѓу првите на листата на европски земји како најпогодена од здравствената криза. Дополнително заостанува и во напорите за масовна вакцинација на населението против ковид-19.

Интерпелациите за Николовски и Маричиќ не стигнаа на дневен ред во Собранието

Собрание на Република Северна Македонија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина 41. седница, на која на дневен ред беа и интерпелациите за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Седницата беше прекината откако откако пратениците донесоа неколку закони. Џафери изјави дека продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.

Пред утврдувањето на дневниот ред на 41. седница, пак, пратениците не ги усвоија предлозите на Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица кои предлагаат по скратена постапка да се донесе законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање пациенти со ковид-19 во приватните задравствени установи. Во претпладневниот дел од седницата не беше усвоен и предлогот на група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои предлагаат по скратена постапка да се донесе законот за дополнување на Законот за здравствената заштита.

Рација во независен медиум во Белорусија

Илустрација, редакцијата на независниот интернет медиум во Белорусија тут.бу

Белоруската финансиска полиција отвори истрага против најголемиот независен интернет медиум во земјата тут.би, со што ескалира акцијата на власта против продемократските движења и слободно медиуми во земјата. Одделот за финансиски истраги при Комитетот за државна контрола денеска соопшти дека Тут Баи Медија е осомничена за затајување на данок во значителни износи за период од 2019 година. Соопштението беше објавено по полициските претреси во канцелариите на медиумот како и во домовите на уредниците.

Денеска интернет страната беше недостапна за јавноста. Еден од ко-основачите на Тут.би Кирил Валошин за Радио Слободна Европа изјави дека домејнот им е блокиран. Од министерството за информации во писмено соопштение велат дека пристапот до сајтовите на медиумот е ограничен поради „прекршување на законот за медиуми во земјата“.

Извршниот директор на „Репортери без граници“ Кристоф Делуар го нарече случајот „нов обид да се замолчат најпознатите независни медиуми во Белорусија“ и ги повика Обединетите Нации и Организацијата за безбедност и соработка во Европа да обезбеди почитување на правото на слобода на информирањето во Белорусија.

Опозициската лидерка во егзил Свјетлана Циханускаја целиот настан го нарече „убиство со умисла на независни медиуми“.

Земан и се извини на Србија за бомбардирањето на НАТО во 1999 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ во посета на Прага на средба со чешкиот претседател Милош Земан

Чешкиот претседател Милош Земан денеска се извини за бомбардирањето на НАТО врз поранешната Југославија во 1999 година во која учествуваше неговата земја, а тој во тоа време бил премиер. Тој ова го изјави во текот на денешната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Прага. 78 дневното бомбардирање предводено од САД врз српските трупи ги принуди да излезат од Косово и по двегодишната војна, Косово доби независност.

„Сакам да ја искористам оваа можност да се извинам за бомбардирањето врз поранешната Југославија. Чешка „очајно “ бараше партнери во Алијансата кои би се спротивставиле на таа идеја за бомбардирање но, на крајот не успеа. Тоа беше недостаток на храброст. Со оваа молба за прошка, јас ја решив мојата долгогодишна траума, затоа што каењето е ослободувачко “ изјави Земан.

Вучиќ изјави дека српскиот народ „секогаш ќе биде благодарен “ кон Земан, затоа што тој изјави нешто што никој пред него не го сторил тоа.

„Од овој момент српскиот народ нема да го доживува чешкиот само како пријателски, туку и како братски народ. Српскиот народ нема никогаш да ги заборави зборовите на Земан, вечно ќе бидеме благодарни за тие зборови, затоа што тоа што го кажа за бомбардирањето никој претходно не го изусти“ изјави Вучиќ.

Претседателката на опозициската либерална партија Маркета Пекарова Адамова на својот официјален твитер профил објави документ во кој е наведено дека Земан ја поддржал акцијата на НАТО кога бил премиер на Чешка.
„Милош Земан е извини за Милош Земан. Може да продолжи со извинувањето на сите луѓе кои што ги излажал. Може да почне со Фердинанд Перутника“ напиша таа на Твитер.

Земан беше премиер во периодот од 1998 до 2002 година , по што на претседателската функција дојде во 2013 година.
Воената интервенција на НАТО беше поздравена од Косово како клучна за крајот на конфликтот во 1999 година, каде загинаа над 10 илјади луѓе.

Македонското брашно за извоз во Косово ќе чека супер анализа

Илустрација

Дел од македонското брашно речиси еден месец не може да се извезува во Косово. Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека е запознаен со проблемот и дека ќе ги почека резултатите од таканаречената супер анализа која треба да утврди дали брашното кое изминатиот месец беше вратено ги исполнува условите од косовскиот правилник за да биде извезено на тој пазар. Официјалното образложение на косовските власти е дека не ги исполнува стандардите односно не содржи доволно железо и фолна киселина. Бектеши вели дека ќе комуницира со надлежните косовски министерства, а ако треба ќе се обрати и до Секретаријатот на ЦЕФТА. Бектеши тврди дека тече извозот на брашно за Косово но спорен е само извозот од одредени мелничари.

„ Увидовме дека не е направена супер анализа, која согласно процедурите за извоз на брашно во склоп на ЦЕФТА договорот имаат право да ја побараат и направат увозниците на брашно, поточно косовската страна што увезува брашно од кај нас. Ќе чекам да го направат тоа и во текот на денот да ми ги достават и тие документи ако ги имаат, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање.

Бектеши изјави дека информациите што ги добил се оти според анализите направени во Косово забранет е увоз на тој вид на брашно. Дел од медиумите информираат дека од Косово за еден месец се вратени 11 камиони со 325 тони македонско брашно.

Пендаровски: Ако Собранието пак го изгласа законот за дивоградби ќе морам да потпишам

Стево Пендаровски

Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, во врска со Законот за легализација на дивоградбите денеска изјави дека ако пратениците повторно го изгласаат, нема избор освен да го потпише Законот за легализација на дивоградбите.

Претседателот на 14 мај не го потпиша законот и го врати во Собранието со забелешки за кршење на Уставот. Неговите уставни надлежности, на кои се повикува, се пропишани во членот 75 од Уставот кој вели дека во случај собранието повторно да го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, тогаш претседателот е должен да го потпише указот.

„Законот за легализација на дивоградбите е во комплетна надлежност на политичките субјекти во парламентот, прво оние кои се во влада дали имаат волја тоа да го направат да го пуштат повторно во процедура.Според најавите на премиерот и министерот за транспорт и врски .Ако повторно дојде законот кај мене немам намера да не го почитувам Уставот и да изигрувам претседател кој има џебно вето па да не се произнесувам. Ако решат со истиот текст да го усвојат и добие 61 гласа нема избор ќе морам да го потпишам и нема да бидам задоволен“, рече денеска Пендаровски.

Македонија прогласи руски дипломат за непожелна личност

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи (МНР), согласно член 9 од виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија, соопштија денеска од Министерството.

„Во оваа насока, на 14 мај 2021 година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена“, се наведува во соопштението од МНР.

Според Членот 9 од Виенската конвенција, на кој се повикува македонското МНР за оваа одлука, „државата во која се акредитира, може во секое време и без обврска да ја образложи својата одлука, да ја извести државата која акредитира дека шефот или кој било член на дипломатскиот персонал на мисијата е персона нон грата или дека кој било друг член на персоналот на мисијата не е прифатлив. Државата која акредитира тогаш ќе го отповика лицето кое е во прашање или ќе ги заклучи неговите функции во таа мисија според случајот“.

Според истиот член, некое лице може да биде прогласено за персона нон грата или како неприфатено и пред да дојде на територијата на државата кај која се акредитира. А, ако пак државата која акредитира одбие да ги изврши или не ги изврши во разумен рок обврските кои ги презема согласно точка 1 од овој член, државата кај која се акредитира може да одбие на лицето за кое станува збор да му го признае својството на член на мисијата.

Македонското МНР не прецизира причината за прогласувањето на рускиот дипломат за непожелен во Македонија.

По информацијата од МНР, и претседателот на државата, Стево Пендаровски, го потврди случајот.

„Информиран сум, од тоа што го видов, случајот беше документиран од надлежните институции, не стануваше збор за импровизација. Рокот од седум дена за дипломатот да ја напушти земјата му е даден од човечки аспект. Се водеше сметка и од човечкиот аспект, не само за дипломатската конвенција, да не биде тоа преку ноќ. Тие луѓе имаат и семејства и идруги интереси и нехумано е да постапуваме на таков начин“, изјави на прашање од Гласот на Америка, претседателот Стево Пендаровски за протерувањето на рускиот дипломат.

Минатиот месец, рускиот заменик на военото аташе е прогласен за „персона нон грата“ во Бугарија, објави на Фејсбук Амбасадата на Русија во Софија. Претходно, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека уште еден руски дипломат е прогласен за „персона нон грата“.

Во април и чешките власти соопштија дека ги информирале НАТО и ЕУ за наводната вмешаност на Русија во смртоносната експлозија на складиште со муниција во 2014 година, по што одлучија да протераат 18 руски дипломати. Русија смета дека „тоа е апсурдно обвинение под влијание на Вашингтон врз Прага“.

Руското разузнавање негира дека ја хакирало „СоларВиндс“

Директорот на СВР Сергеј Наришкин

Шефот на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) негираше дека неговата агенција стои зад сајбер-нападот „СоларВиндс“, за кој американските и британските разузнавачки служби ја обвинија Москва и резултираа со санкции на САД против Русија.

Во нападот, откриен во декември, хакери влегоа со малициозен код во ажурирања на софтверот за управување со мрежата, направен од американската компанија SolarWinds, што потоа го презедоа неколку гранки на американската влада и неколку американски и европски корпорации.

„Тврдењата се како лош детективски роман“, рече директорот на СВР Сергеј Наришкин на 18 мај за Би-Би-Си на руски јазик. Наришкин е близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.


На прашањето на Би-Би-Си дали СВР е одговорен за нападот на СоларВиндс, Наришкин возврати дека ќе биде „поласкан“ доколку СВР беше одговорен за таков напад, но дека не може „да ги тврди креативните достигнувања на другите како свои“.

Рускиот шеф за шпионирање сугерираше дека тактиката на операцијата е слична на онаа што ја користат американските и британските разузнавачки агенции.

Се вакцинираа Димитров, Маричиќ и Битиќи: Не сме привилигирани

Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ на вакцинација против ковид-19

Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска се вакцинираа на пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Министерот за правда, Маричиќ рече дека тие немале привилегија што денеска се вакцинираат со Фајзер бидејќи минатата недела другите членови на Владата се вакцинирале Синофарм.

Димитров по вакцинирањето истакна дека е важно што е можно побрзо и што е можно повеќе македонски граѓани да се вакцинираат, со цел враќање на животот во нормала.

„Само што се вакцинирав и некако го доживеав и како свечен чин, бидејќи долго време зборуваме за ова и долго време трае оваа мака, и е многу важно за себе си, за моите блиски, за мојата фамилија, за моите соработници, за сите граѓани со кои доаѓам секојдневно во контакт, да бидеме заштитени. Пандемијата трае повеќе од една година, за жал изгубивме многу животи, изгубивме дел од слободата“, рече Димитров.


Маричиќ и порача тоа да го направат сите граѓани што поскоро.

–„Ме радува и оптимистички е тоа што имаме зголемување на интересот за вакцина во последните недели и големиот број на пријавени за вакцинација што дава надеж дека до крајот на летото ќе има висок степен на вакцинација што би требало да означи победа над пандемијата и завршување на овој тежок период“, истакна министерот Маричиќ.

Заев до ММФ: Економскиот раст ќе остане на 4,1 проценти за 2021 година

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон, информираше денеска прес-службата на Владата.

На состанокот се дискутирало за изгледите за економски раст во земјава согласно разговорите што ги имала мисијата на ММФ во последниве десеттина дена. Во фокус била монетарната и фискалната политика како и инвестицискиот план и среднорочната фискална стратегија.

„Премиерот Заев се осврна на досегашните заложби и мерки на Владата за справување со ефектите од пандемијата, кои дадоа добри резултати, се поддржа стопанството, работните места, како и ранливите категории граѓани. Заев на средбата информираше и за позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите, како и за растот на извозот, на индустриско производство, внатрешниот промет, како и на просечната месечно исплатена нето плата,“ се вели во соопштението.


Во врска со проекцијата за економски раст, премиерот Заев информирал дека согласно владините проекции економскиот раст ќе остане на 4,1 проценти за 2021 година, што е на линија со проекциите на ММФ од 3,8 проценти, Народната банка од 3,9 проценти и на Европската комисија од 3,7 проценти.

На состанокот било заклучено и дека со стивнувањето на пандемијата и масовната вакцинација се дава силен стимул дека економијата се враќа на патеките на економски раст.

За 24 часа примени 12 нови ковид пациенти

Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 12 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 193 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники немало приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 2 примени пациенти и 10 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти. Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 45 пациенти.

Над 127 исчезнати во бродолом кај индиското западно крајбрежје

Илустрација - Пристаништето во Мумбаи

Повеќе од 127 лица исчезнаа во бродолом откако циклонот Тауктае го погоди бродот ангажиран од државна нафтена компанија крај брегот на Мумбаи, на западот на Индија, јави индиската морнарица, пренесе ДПА.

Во потрагата по исчезнатите учествуваат два брода и хеликоптери на морнарицата. Досега, како што наведува индиската морнарица, спасени се 177 лица од бродот, што полека отплови и потоа потона во близина на Бомбај Хај, крајбрежно нафтено поле со кое управува корпорацијата за нафта и природен гас.

„Многу од персоналот, што носи елеци за спасување, најверојатно се наоѓа во вода. Морето е немирно, со силни ветрови и високи бранови, па спасувањата во овие екстремно предизвикувачки околности ќе продолжат и во текот на денот“, изјави за ДПА портпаролот на морнарицата Вивек Мадвал.

Обилните дождови предизвикани од циклонот Тауктае во Арапското море, во последните неколку дена предизвикаа поплави во Индија. Циклонот, со налети на ветрот од над 140 километри на час, вчера го погоди индискиот брег во сојузната држава Гуџарат. Повеќе од 200.000 лица се евакуирани од своите домови.

Пристигна нова пратка ковид вакцини од Фајзер

Илустрација

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека вчера стигнале 9.360 дози вакцини од производителот Фајзер. Од нив 4.680 се преку директен договор што нашата земја го има со овој производител на вакцини против ковид-19. Според договорот Фајзер секој понеделник во нашата земја испорачува од 5.000 до 7.000 дози вакцини, односно 26.000 дози предвидени за цел месец.


„Останатите 4.680 дози вакцини Фајзер се добиени преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe). Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан, што ја координира Австрија, во нашата земја во месец мај треба да пристигнат вкупно 19.890 дози вакцини. Вчерашната пратка е втора по ред, а помошта за Македонија која ја обезбедува ЕУ се вкупно 119.213 вакцини“, соопшти Министерството за здравство .

Пендаровски и Радев заедно ќе одат за Рим на чествувањето на Кирил и Методиј

Стево Пендаровски

Македонска и бугарска делегација на 26-ти овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Делегациите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија предводени од претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев, оваа година заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски.

Државните делегации на двете земји веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим и Ватикан.

Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на Ковид-19.

Нов итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток

Седница на Советот за безбедност на ОН

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи уште еден итен состанок зад затворена врата за ситуацијата на Блискиот Исток, соопштија норвешки дипломатски извори.

„Невини цивили и натаму гинат. Повторуваме дека е потребен прекин на огнот. Прекинете ги непријателствата веднаш“, се вели во пораката од Норвешка, која заедно со Тунис и Кина последниве неколку дена повикува да се одржат состаноци на Советот.

Засега во тоа тело на ОН не е постигната согласност за заедничка декларација поради одбивањето на САД.

Според дипломатски извори, Вашингтон вчера третпат за една недела се спротивставил на усвојување декларација на Советот за безбедност за израелско-палестинскиот судир, во која се бара прекин на насилствата и заштита на цивилите, особено на децата.

Бајден: САД до крајот на јуни ќе поделат 80 милиони вакцини на други земји

Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека во наредните неколку недели 20 милиони дози на вакцини против коронавирусот ќе бидат испратени во други земји.

„САД ќе поделат дополнителни 20 милиони вакцини“, рече Бајден и додаде дека со тоа, земјата до крајот на јуни ќе подели вкупно 80 милиони вакцини.

Според него, ќе бидат поделени вакцини од производителите Модерна, Фајзер и Џонсон и Џонсон.

Во врска со ситуацијата во САД, Бајден соопшти дека 60 насто возрасни Американци досега примиле барем една доза вакцина, но истакна дека борбата против коронавирусот не е завршена.

На седница на Собранието интерпелации за Николовски и Маричиќ

Собрание на Република Северна Македонија

Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 41-та седница на чиј дневен ред се 70 точки – предлог одлуки и закони од повеќе области, како и интерпелации за работата на министерот за правда Бојан Маричиќ и на вицепремиерот за борба против корупцијата, за одржлив развој и за човечки ресурси Љупчо Николовски, поднесени од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според предложениот дневен ред, интерпелациите за Маричиќ и Николовски се 35-та и 36-та точка на седницата, а први точки се предлог одлуките за испраќање на припадници на македонската Армија за учество во меѓународните операции на Европската Унија „ALTEA“ во Босна и Херцеговина и „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Нетанјаху: Израел ќе ги продолжи нападите врз терористички цели во Газа

Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека Израел ќе ги продолжи „ударите врз терористички цели“ во појасот Газа, по еднонеделните судири со палестинските екстремисти.

По состанокот со највисоките одбранбени функционери, Нетанјаху најави дека Израел ќе продолжи да дејствува колку што е неопходно за да се вратат мирот и безбедноста за сите граѓани на земјата.

Во меѓувреме, Обединетите Нации соопштија дека повеќе од 38 илјади Палестинци се раселени во појасот Газа поради израелските воздушни напади, а оти над 2 илјади и 500 останале без домови.

Во Брисел средба на Борел со лидерите на земјите од Западен Балкан

Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска во Брисел ќе има работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано изјави дека Борел очекува на вечерата лидерите од Западен Балкан да му ги презентираат своите ставови за политичката состојба и развојот во регионот. Тој одговори на новинарско прашање во врска со тоа, имајќи предвид дека високиот претставник на ЕУ минатата недела им рече на шефовите на дипломатиите од Унијата дека ситуацијата на Западен Балкан претставува „сериозен геополитички проблем“.

„Самото одржување на состанокот е важно затоа што Борел оцени дека немало такви состаноци меѓу високи претставници на ЕУ и Западен Балкан“, рече Стано.

Според него, ова е „логично продолжение на дискусијата што министрите за надворешни работи на ЕУ ја одржаа минатата недела за регионот, кога дискутираа од поширок стратегиски и политички агол за Западен Балкан, а не само за проширувањето“.

Министрите за надворешни работи на Унијата, според Стано, сакале да ја разгледаат ситуацијата од поширока перспектива.

„Причината и целта на оваа средба е навистина да се слушне од лидерите на Западен Балкан како тие ја гледаат тамошната политичка ситуација“, изјави портпаролот на Борел.

Заседание на Воениот комитет на НАТО

Во седиштето на НАТО во Брисел денеска ќе биде одржано редовното заседание на Воениот комитет на Алијансата во формат на началници на генералштабови, на кое, согласно со агендата, ќе се разговара за стратегиското воено планирање и адаптацијата на НАТО до 2030 година, операциите, мисиите и активностите на овој блок.

На заседанието ќе учествува и Началникот на Генералштабот (ГШ) на Армијата на Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Тој, како што соопшти ГШ, за време на официјалната посета на Брисел, утре ќе учествува и на состанокот на Воениот комитет на Европската унија на ниво на началници на Генералштабови.

Времето претпладне променливо со дожд, попладне разведрување

Времето денеска во утринските и претпладневните часови ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Попладне облачноста ќе се намали.

Ќе дува слаб до умерен, а повремено и засилен ветер, во западните делови од западен, а во останатите од северозападен правец.

Максималната дневна температура ќе се движи од 14 степени во Маврово до 28 во Гевгелија.

Столтенберг: КФОР останува во Косово

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека нема никакви промени во мировната мисија на КФОР во Косово.

“Сите 30 сојузници на НАТО, вклучително и Соединетите Американски Држави се посветени на мисијата на КФОР. Мисијата е најопипливиот и најконкретниот израз на посветеноста на НАТО на целиот регион“, рече Столтенберг.

Тој го кажа ова по состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ кој на новинарите им рече дека е задоволен од одговорите кои ги добиле.

“Имавме неколку прашања за некои гласини и се останато, а тоа што го добивме од Столтенберг е јасен одговор за неопходноста на одржувањето на мирот и стабилноста во регионот и фокусирањето на силите на КФОР на тоа. Како што реков тоа е нешто што го баравме и што ќе ги смири луѓето не само во Косово туку и во целиот регион. Тоа има најголемо значење за државата Србија“, рече Вучиќ.

Повикувајќи се на разузнавачки извори Вучиќ минатата недела рече дека една од големите сили наскоро и јавно ќе побара повлекување на силите на КФОР и УНМИК од Косово.


Од јуни вакцинација во Германија за сите заинтересирани

Берлин- луѓе чекаат да бидат вакцинирани против Ковид19

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска рече дека постојниот систем на давање предност на најзагрозените групи да се вакцинираат први нема да важи по седми јуни за кога земјата планира да почне со вакцинација на сите заинтересирани.

Министерот прецизираше дека тоа нема да значи дека секој ќе добие термин тие денови, но значи дека секој што сака да се вакцинира ќе може. Шпан додаде дека се интензивира кампањата за вакцинација и дека очекува оти до крајот на мај 40 отсто од населението да има примено барем една доза вакцина. Тој соопшти дека околу 70 отсто од тие над 60 години имаат добиено една доза, а речиси една четвртина од нив се целосно вакцинирани.

Вкупно 40 милиони дози вакцини се аплицирани, а речиси 9 милиони луѓе имаат добиено две дози во земја која има околу 83 милиони жители.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG