Достапни линкови

Битолчани низ фотографии ја доловија љубовта за време на корона


Перица Поповски, „Пери- носи“ заштитни маски

Љубовта во време на ковид ги инспирираше битолчани да направат фотографии и да учествуваат на осмата традиционална изложба „Со љубов за Битола“ во организација на Центарот за европски развој и интеграција.

Корона-кризата нема да остави белег само во медицинските белешки и статистики во Битола, туку и во фотографската дејност. Битолчани преку фото објективите за време на летото ја насликаа љубовта во услови на коронавирус во Битола. Над стотина фотографии на ова тема учествуваа на конкурсот од осмата традиционална изложба „Со љубов за Битола“ во организација на Центарот за европски развој и интеграција.

Ангела Митковска улови момент на љубов и музика на Широк Сокак и ја понесе првата награда.

„Фотографијата е направена на Широк Сокак сосема случајно. На неа има љубов во време на корона, зашто има свирач од една страна и маж и жена од друга кои се држат за рака и носат маски", вели Митковска.

Втората награда ја доби Александар Буневски за фотографијата на која во преден план се вљубени, а во позадина кометата Неовајс, симбол на годинешното специфично лето.




Фотографот Димитар Стиснијовски направи фотографија од вљубени на Големо Езеро на Пелистер и ја наслови „1642 метри над Широк Сокак“.
Стефан Божинов фотографираше младенци штотуку стапени во брак со маски. Перица Поповски во фотографијата „Пери- носи“ заштитни маски како се сушат на 13 кат, а во позадина се гледа Битола.

„Токму таа невообичаеност не натера да дадеме сè од себе оваа наша традиција во која се обидуваме Битола да ја прикажеме преку фотографии да се одржи и годинава. Оваа манифестација е простор за овие млади луѓе да имаат каде да ги претстават своите фотографии. Ова е можност за секој оној кој можеби не е професионален фотограф, а ја сака фотографијата да се изрази себеси", рече организаторот Диоген Хаџи-Коста Милевски, претседател на ЦЕРИ.

Името на годинешната изложба на фотографии го смисли Маја Андоновска - Илијевски, директор на Центарот за култура во Битола токму во периодот додека траеле подготовките, инспирирана од книгата „Љубов во време на колера“

„Фотографот е привилегиран на дел од животот да му даде вечност која ќе сведочи и кога нас ќе не нема. Колку е сè миговно ни докажа животот изминатите осум месеци. Светот во кој го возевме животот со вртоглава брзина запре. Не натера после долго време да се погледнеме суштински, да видиме што не опкружува. И покрај се на она што сме сведоци во ова време –невреме секој од нас нашол парче радост, искра надеж и направил дело што ќе говори за оваа ситуација многу долго после нас„, рече Андоновска-Илијевски.

Во Македонија во моментов има над 6000 активни случаи на заразени со ковид-19. Во Битола досега се регистрирани 490 случаи на заразени, од кои во моментот активни се 152 случаи.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG