Достапни линкови

Вести

Новите мерки против ширење на ковид-19

Ковид-19

Македонската влада ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести. Со тоа, се ограничува работното време на угостителските објекти до 23 часот, а државната и јавна администрација да го организираат работењето од дома или во смени.

Меѓу новите мерки е и ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50%, а прифатена е и препораката се уште да остане во сила забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината.

СЗО: Ставете ги контактите во изолација

На седницата е одобрен и Протоколот за постапување при полагање стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со ковид-19.

Вчера Институтот за јавно здравје регистрира 280 оздравени пациенти. Починати се 4 лица- двајца пациенти од Скопје, еден од Ресен и еден пациент од Битола. Со последната статистика, вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 24.196, бројката на оздравени пациенти е 17.672, а на починати е 850.

види ги сите денешни вести

Димитров - не е доволно интервјуто на Заев, треба меѓународно-правен документ

Архивска фотографија- копретседателите на македонско-бугарската комисија Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров

Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС може да е игра на политичката сцена, рече за Бугарското национално радио Ангел Димитров, копретседавач на македонско-бугарската заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Според него луѓето во С. Македонија треба да се замислат колку и на каков безумен начин се одалечуваат од своето минато. Димитров вели дека за да се земе кажаното како сериозно, треба да има и нешто посериозно, како меѓународно-правен документ. Тој вели дека тоа што го кажа Заев треба да биде внесено и во официјален документ во кој јасно ќе се нагласат новите позиции, кои што вели, се во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство.

Копретседавачот на комисијата вели декаи тие документи треба да бидат усвоени и од македонското Собрание, но дека со актуелната политичка конструкција и несигурноста на владејачката структура не е јасно како тоа би се случило. Димитров е категоричен дека откако Заев го направи тој чекор, да признае дека двете земји имаат заедничка историја и дека Бугарите не се фашистички окупатор, треба неговата партија да направи напор, чекор напред, а не , како што вели, ова да остане да виси во воздух.

"Ако не се најде медиумска поткрепа на веќе кажаното од Зоран Заев ќе биде тешко да се остане на овие позиции“ рече Димитров за БНР.

Тој додаде дека по новиот развој на настаните во Скопје и тонот на разговорот во заедничката комисија ќе биде емотивен од страна на македонскиот тим. Тој тврди дека тие секогаш ги користат репликите разменети на политичко ниво за да создадат тон кој секогаш не е академски.

Инаку следниот состанок на заедничката комисија треба да се одржи, идната недела, на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата. Премиерот Заев во интервјуто за БГНЕС во средата рече дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а дека потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

МЗ- 811 пациенти со ковид19 се лекуваат во болниците низ државата

Архивска фотографија- Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 811 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопштија од Министерството за здравство.

„Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1248 и има колку 175 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, наведоа од МЗ.

Имено, како што посочија од МЗ, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

„И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, нагласија од МЗ.

Слика од Климт, исчезната со декади, повторно изложена во Италија

Италијански полицајци ја чуваат сликата од Густав Климт која беше исчезната од пред 23 години

Уметничка галерија во Италија ја изложи сликата од австрискиот сликар Густав Климт за првпат откако таа беше пронајдена по исчезнувањето пред 23 години. Галеријата Ричи Оди во Пјаченца денеска ја изложи сликата „Портрет на жена“ наведувајќи дека тоа е подарок за градот кој беше силно погоден од пандемијата на коронавирусот која ја зафати Италија и целиот свет.

Сликата, која е една од неколкуте портреи кои Климт ги заврши за време на својот живот беше украдена од галеријата во февруари 1997 година. Во декември 2019 година беше пронајдена во дворот на истата галерија од градинарите кои ја средуваа вегетацијата. Сликата беше скриена зад дебел слој бршлен зад метална вратана и обвиткана во пластична фолија. Остана нејасно што се случило со сликата додека беше исчезната ниту пак дали воопшто била изнесена од кругот на галеријата.

За СДСМ хистеричен е само Мицкоски

Архивска фотографија- Седиштето на СДСМ во Скопје

СДСМ преку соопштение реагира на обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој денеска рече дека на бугарските политичари кои го нарекувале предводник на македонска хистерија им порачува дека како претседател на опозициската партија предводи македонска хистерија и немало да престане да ја шири таа македонска хистерија.

Хистерија по сите дефиниции е карактеристика на нервно растројство, реагираат од СДСМ.

„Откако призна за самиот себе си дека е хистеричен, Мицкоски ги навреди граѓаните, ги навреди Македонците, без срам и перде за хистеричен го прогласи целиот македонски народ. Тоа воопшто не е точно и Мицкоски е најсоодветно да се извини. Македонците не се хистеричен народ, хистеријата е само кај губитникот Мицкоски“, наведуваат од владејачката партија.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ денеска поради коракризата организираше протест со автомобили кој заврши пред зградата на Владата. Таму Мицкоски рече и дека имал информација „дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

Протетстите на опозицијата почнаа неделава по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС кое предизвика силни политички и општествени реакции.

Шекеринска-црвената линија се македонскиот јазик и идентитет

Архивска фотографија- министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Можеби единствените кои немаат право да говорат многу за нашата антифашистичка борба е токму партијата којашто изгради кариера зборувајќи и работејќи против антифашизмот. Тоа се истите луѓе коишто уништуваа споменици на наши херои, истите коишто го избркаа Сојузот на борци на улица и истите кои што се трудеа да фрлат идеолошка сенка на таа горда епизода во нашата историја, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска во одговор на новинарско прашање околу најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за барање на доверба за премиерот Зоран Заев, по неговите изјави за бугарски медиум.

"Опозицијата има апсолутно право да поднесува иницијативи во Собранието и тоа ние никогаш нема да го критикуваме ќе го почитуваме како дел од политичката култура во нашата држава што не може да се каже за другите начини на нивно функционирање како што е последниот обид уште еднаш да го блокираат работењето на Парламентот“, истакна Шекеринска.

Таа рече и дека ќе направат се за да се најде решение за несогласувањата со Бугарија, но никако, како што нагласи, на сметка на прашањата кои се црвена линија, а тоа се македонскиот јазик и идентитет.

„Сакаме решение кое ќе биде одржливо и корисно за двете земји. Какво било решение кое задира во овие прашања, ќе биде причина за дополнителна недоверба, а не причина за нова енергија и верба во односите меѓу нас и Бугарија“, рече Шекеринска.

Филипче - нема потреба од дополнителни мерки

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Досегашните мерки даваат резултати и нема потреба од дополнителни рестрикции кои би биле без значаен ефект, изјави министерот за здравство Венко Филипче по денешната средба со приелепскиот градоначалник Илија Јованоски кој деновиве го пренесе заклучокот на прилепскиот кризен штаб за дополнителни мерки за заштита.

„Вака димензионираните мерки со затворени угостителски објекти по 21 часот, забраната за групирање во целото деноноќие, постепено ја олабавуваат ситуацијата. Заедно заклучивме дека нема потреба од дополнителна рестрикција која не би имала некаков позначаен ефект од мерките кои сега се на сила. Практично, во сите земји во Европа, ваква комбинација даде резултат. Во таа смисла, како за Прилеп, така и за територијата на целата држава, и по вчерашниот состанок со Комисијата за заразни болести, засега не доаѓа предвид да се воведуваат дополнителни мерки“, изјави Филипче.

Што се однесува до епидемиолошката состојба во Прилеп, градот е во третината градови со благ пораст на новозаразените, но на национално ниво еднаков е бројот на заразените последните недели, а се намалува притисокот врз болниците и во прилепската, за прегледи. Но ситуацијата се следи со внимателност, поради непредвидливоста на вирусот, како и во светот.

Филипче оцени дека ситуацијата во прилепската болница одлично се менаџира, има пет ковид-оддели, а за почит е одзивот на матичните лекари да помогнат во Инфективното.

Мицкоски- овој викенд се „распарчува“ Македонија во Софија

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Заев е во лична битка за задржување на фотелјата наместо во битка за спасување на Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест на партијата пред зградата на Владата во Скопје. Мицкоски пред насобранието Заев го нарече квинслинг, а владата квинслиншка. Порача дека ако го начнеле македонскиот идентитет заедно со народот „ тоа диво месо ќе биде прецизно хируришки отстрането, а дека потоа не само за криминалот, туку и за велепредавство ќе одговараат“.

На бугарските политичари, кои рече дека велеле дека тој е предводник на македонска хистерија, Мицкоски им порача да дошле во Скопје и пред споменикот на борците во близина на зградата на владата да клекнеле и да се извинеле по примерот на германскиот канцелар Вили Брант кој пред педесетина години, при посетата на Полска клекна пред споменикот на хероите и на тој начин побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна.

„А јас, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ предводам македонска хистерија и нема да престанам да ја ширам таа македонска хистерија“, рече Мицкоски.

Тој нагласи и дека навестувал оти Зоран Заев подготвува национален пораз, но дека од секој еден зависило дали тоа ќе се промени, повикувајќи го народот да излезе оставајќи ги настрана сите разлики и забелешки. Повика на внимателност деновиве.

„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден“, рече Мицкоски.

Партијата што ја предводи почна да организира протести по интервјуто на премиерот Зоран Заев во средата за бугарската агенција БГНЕС. Денешниот протест поради пандемијата со коринавирусот се одвиваше со автомобили и од две локации во Скопје заврши пред зградата на Владата.

Во интервјуто, кое поттикна силни политички и општествени реакции Заев рече рече дека со Бугарија немаме споделена, туку заедничка историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а дека потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

Инаку, откако официјална Софија на 17 ноември, на Советот за општи работи на Европската унија, ја блокираше преговарачката рамка за земјава со ЕУ со тврдења дека Скопје го прекршува Договорот за добрососедство од 2017 година, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји се обидуваат да најдат решение. Последната шанса за почнување на преговорите со ЕУ за време на германското претседателство кое завршува на 31 декември е на осми декември кога е последниот состанок на Советот за општи работи на унијата на кој може да се донесе одлуката.

Барние и Фрост со последни обиди за договор за Брегзит

Архивска фотографија- Преговарачот на Европската унија за Брегзит Мишел Барние и британскиот преговарач Дејвид Фрост

Преговарачот на Европската унија за Брегзит Мишел Барние пристигна во Лондон на директни разговори со претставниците на Обединетото кралство на само пет недели пред завршувањето на врската на Британија со ЕУ.

Барние и британскиот преговарач Дејвид Фрост денеска продолжуваат со работата за да обезбедат договор во клучните области на поврзувањето како рибарството, државната помош и резолуција за другите разлики пред завршувањето на британскиот транзициски статус со ЕУ кој истекува на 31 декември.

Двете страни предупредија дека има можност за неуспех, а Барине вчера на министрите на земјите членки на ЕУ им рече дека не се далеку од моментот „земи или остави“. Истиот ден Фрост на Твитер напиша дека луѓето го прашува зошто се уште разговараат.

Неуспехот да се постигне договор ќе резултира со излегување на Британија без договор што може да предизвика хаос на границите и финансиските пазари. Британија ја напушти унијата на 31 јануари но досега тргуваше под истистите услови.

Вкупно 437 луѓе се лекуваат во ковид центрите во Скопје

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 52 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 437 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а голем дел од нив се на кислородна поддршка, информираат од Министерството за здравство. Од таму наведуваат дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.

„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 70 тина слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември“, наведуваат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат и дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Вчера беа регистрирани 1093 нови случаи на заразени со ковид-19, а починаа 28 лица. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 59701, бројката на оздравени пациенти е 36825, на починати е 1658, а бројот на активни случаи изнесува 21218.

Влада- стапуваат во сила посебни мерки поради загадениот воздух во Тетово, Куманово и Кавадарци

Архивска фотографија- загадување на воздухот во Тетово

Владата преку соопштение информира дека поради прагот за надминување на алармирање за PM10 честички во воздухот во текот на два последователни денови стапуваат во сила посебни мерки во Тетово, Куманово и Кавадарци.

Мерките предвидуваат да им се препорача на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Оние кои работат на отворено да ги извршуваат своите обврски од 11:00 до 17:00 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Се задолжуваат државните и локалните органи да ја намалат за половина употребата на службените возила, да се обезбедат ограничувања на работите на градежните објекти, прифатилишта за сместување на бездомници.

Надлежните инспекторати, пак, треба да почнат со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А дозвола, а и на нив им се препорачува намалување на капацитетот на производство до 50 отсто, освен за инсталациите што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Иран повика на одмазда кон Израел за убиството на научникот

Иран- фотографија од државната иранска телевизија на која се гледа уништеното возило на научникот Фахризадех во нападот во близина на Техеран, 27.11.2020

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи повика на одмазда по убиството на врвниот ирански нуклеарен научник Мохсен Фахризадех. Хаменеи повика на „следење на ова злосторство и казнување на одговорните“. Тој ова го наведе во текст објавен на неговиот официјален интернет сајт денеска.

Иранскиот претседател Хасан Рохани го обвини Израел дека делува како „платеник“ на Соединетите Американски Држави.

“Уште еднаш злобните раце на глобалната ароганција, со узурпаторскиот Ционистички режим како платеник, се извалкани со крвта на син на нашата нација“ , напиша Рохани денеска.

„Глобална ароганција“ е термин често користен од иранските власти за САД, а „Ционистичкиот режим“ за Израел.

Шефот на иранската нуклеарна агенција Али-Акбар Салехи, пак, нагласи дека убиството на Фахризадех нема да има влијание врз иранската нуклеарна програма. Тој беше на чело на организацијата за истражувања и иновации во Министерството за одбрана, а западните разузнавачки служби го сметаа за организатор на тајната иранска програма за нуклеарно оружје.

Фахризадех беше убиен во близина на Техеран во напад за кој иранската влада веднаш го обвини Израел наведувајќи дека носел обележја на израелска операција. Министерот за надворешни работи на Иран Мохамад Џавад Зариф вчера рече дека има „сериозни индиции за израелска улога“ во атентатот. Тој исто така ја повика меѓународната заедница „да стави крај на нивните срамни двојни аршини и да го осуди овој чин на државен тероризам“.

Израел одби веднаш да го коментира убиството на Фахризадех, а истото го сторија и Пентагон, Белата куќа, Стејт департментот и ЦИА. Весникот Њујорк Тајмс, цитирајќи американски официјални лица и двајца други од разузнавањето наведува дека Израел стоел зад нападот, иако не е јасно што и дали воопшто знаеле нешто САД за операцијата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во 2018 година зборувајќи за иранските нуклеарни активности, го спомена Фахризадех доавајќи „запомнете го тоа име“.

МВР- 549 санкции за неносење маска

Илустрација- полиција и граѓани со заштитни маски во Скопје

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија за неносење лична заштита на лице, регистрирани се 549 прекршоци. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19.

Бројот на починати од ковид19 во Европа надмина 400 000

Архивска фотографија- медицински работник во Германија

Бројот на починати од ковид19 денеска во Европа надмина 400 000 луѓе. Како што јавува Агенцијата Франс прес вкупниот број починати изнесува 400 649. Најголемиот број се во Британија, вкупно 57 551, потоа следува Италија со 53 677, па Франција со 51 914 и Шпанија со 44 668 починати.

Иако ширењето на вирусот се забавува поради силните рестриктивни мерки што ги преземаа повеќе држави, Европа се уште е најсилно погодена од пандемијата, а минатата недела беа регистрирани повеќе новозаразени отколку во Соединетите Американски Држави.

Во светот, пак, до денеска се регистрирани повеќе од 62 000 000 заразени со ковид19, а 1 450 271 починаа. Активни случаи се околу 17 800 000.

Османи- Бугарија бараше да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска

Архивска фотографија- министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ако се констатира дека Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија не испорачува доверба, може се додадат механизми за следење на процесот.

„Можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, меѓутоа сметаме дека тоа не треба да биде дел од преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно“, вели Османи во интервју за емисијата „360 степени“.

Министерот додава дека патоказот, сепак, би бил дел од ЕУ-процесот, иако не би бил формално дел од Рамката, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји членки. Деновиве со Бугарија се разговара и на оваа тема, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања, рече Османи, додавајќи дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

„Реално, таа формулација е официјално предложена од Бугарија како решение на еден од КОРЕПЕР-ите (состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ) пред одржување на Советот за општи работи на ЕУ – дека доколку ние ја прифатиме историската реалност, Бугарија ќе ја прифати сегашната реалност. Меѓутоа, мислам дека тој став во моментот е рефлексија на недовербата создадена од Договорот и од процесот кој сме го создале. Бидејќи во право се тие што велат дека Договорот не ја предвидува оваа тема за разговори. Договорот предвидува дека историските комисии ќе ги разгледаат историските аргументи како основа за заедничко одбележување и градење на доверба“, истакна Османи.

Инаку, откако официјална Софија на 17 ноември, на Советот за општи работи на Европската унија, ја блокираше преговарачката рамка за земјава со ЕУ со тврдења дека Скопје го прекршува Договорот за добрососедство од 2017 година, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји се обидуваат да најдат решение.

Овој викенд, според дипломатски извори за РСЕ во Брисел е клучен за постигнување договор меѓу меѓу двете земји оти последниот состанок на Советот на Општи работи на ЕУ ќе се одржи на 8 декември и тој е последната можност да се деблокира македонскиот евроинтеграциски пат за време на германското претседателство со унијата кое завршува на 31 декември.

МНР го осуди скрнавењето на споменикот за загинатите бугарски туристи

Архивска фотографија- Зградата на Министерство за надворешни работи

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалскиот акт на скрнавење на споменикот во Охрид за жртвите на трагичната несреќа со бродот “Илинден”, во која настрадаа бугарски туристи, на 5 септември 2009 година.

„Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија“, наведуваат од Министерството за надворешни работи.

Во соопштението се додава дека вратите на историскиот Охрид остануваат ширум отворени за сите туристи, а посебно се секогаш добредојдени нашите пријатели од соседна Бугарија.

Пред 11 години при потонувањето на брод во Охридското Езеро загинаа 15 бугарски туристи.

Времето денеска- сончево, по котлините можна магла

Илустрација

Времето во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност, која во текот на денот ќе се зголемува. Во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла. Утринската температура ќе се движи од минус 8 до нула, а дневната од 10 до 17 степени.

Во Скопје, претпладне со појава на слаба магла, во текот на денот сончево со умерена облачност. Утринската температура ќе се спушти до минус 6, а дневната ќе достигне до 10 степени.

Во недела ќе биде значително облачно и ќе има локални врнежи од дожд, особено попладне. Под влијание на продор на студена воздушна маса во понеделник ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура ќе се намали. Во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно и студено време, од среда со повремени локални врнежи, кои на планините и на некои повисоки места ќе бидат од снег.

Нови 1093 заразени со ковид, 28 починати и 819 оздравени

Ковид-19 центар во Скопје

Регистрирани се 1093 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени
3084 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Најголем дел но новозаразените и натаму се во Скопје каде има 431 нови случаи. Потоа следуваат Гостивар-94, Прилеп-60, Куманово-57, Велес-55, Кавадарци-44, Штип и Тетово по 41, Битола и Охрид по 37, Струга-29, Свети Николе-20, Неготино-19, Струмица-18, Кичево-15, Гевгелија и Дебар по 14, Кочани-13, Радовиш-11, Ресен-10, Крушево-8, Крива Паланка и Делчево по 7, Валандово и Виница по 3, Пробиштип и Македонски Брод по 2 и Кратово 1 случај.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 819 оздравени пациенти.

Починати се 28 лица, девет пациенти од Скопје, пет пациенти од Тетово, четири од Куманово, двајца од Гостивар, по еден пациент од Дебар, Штип, Струга, Велес, Охрид, Струмица, Кратово и Ресен. Од нив двајца пациенти се починати вон, останатите во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 59701, бројката на оздравени пациенти е 36825, на починати е 1658, а бројот на активни случаи изнесува 21218.

Иран го обвинува Израел за „терористички напад“ во кој беше убиен важен нуклеарен научник

Возилото на научникот

Ирански врвен научник беше убиен во близина на Техеран од „вооружени терористи“ во напад за кој иранската влада вели дека носи обележја на израелска операција.

Мохсен Фахризадех, кој беше на чело на организацијата за истражувања и иновации во Министерството за одбрана, бил „сериозно ранет“ при нападот врз неговото возило и починал неколку минути подоцна, стои во соопштението на Министерството.

Западните разузнавачки служби го сметаа Фахризадех за организатор на тајната иранска програма за нуклеарно оружје.
Министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека има „сериозни индиции за израелска улога“ во атентатот. Тој исто така ја повика меѓународната заедница „да стави крај на нивните срамни двојни аршини и да го осуди овој чин на државен тероризам“.

Израел засега одбива да го коментира убиството на Фахризадех, за кого израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еднаш рече „запомнете го тоа име“.

Израел долго време беше осомничен дека извршил серија убиства врз ирански нуклеарни научници пред скоро една деценија.
Пентагон исто така одби да го коментира убиството.

Фахризадех ја предводеше иранската програма Амад(надеж). Израел и западот велат дека програмата е воена операција за проценка на можностите за производство на нуклеарно оружје во Иран. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирнодопска.

Иранската државна телевизија објави дека стар камион со дрва, во кој имало подметнато експлозив, експлодирал кога покрај него поминал автомобилот во кој бил Фехризадех. Кога автомобилот запрел, најмалку пет вооружени луѓе почнале да пукаат кој нив.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека програмата Амад завршила во раните 2000-ти години. Инспекторите на агенцијата сега ги мониторираат иранските нуклеарни постројки, како дел од договорот меѓу Техеран и шесте светски сили од 2015 година.

Мицкоски најави нов протест на опозицијата

ВМРО -ДПМНЕ протест

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утре најави нов протест „против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик“. Повод за протестите се ставовите за историјата на премиерот Зоран Заев искажани за бугарски медиуми, во кои меѓу другото тој рече дека во Втората светска војна немало бугарска окупација, туку бугарска администрација. Мицкоски бара оставка од Заев.

Протест во 7 градови: „Оставка на Заев, слобода на народот”

Протестот ќе почне во 12:30, а поради пандемијата на коронавирус, ќе се одржи со автомобили. Колоните со автомобили ќе тргнат од две локации – Спортскиот центар Борис Трајковски во Карпош и спортската сала Јане Сандански во Аеродром, а ќе заврши пред зградата на владата.
ВМРО-ДПМНЕ организираше протести со автомобили пред владата и во четвртокот, по интервјуто на премиерот Зоран Заев кое предизвика бурни реакции во јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше протести во Скопје, а денеска во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола.

Бразилскиот претседател нема да се вакцинира против ковид-19

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро рече дека нема да се вакцинира против ковид-19, а носењето маски заради спречување на ширењето на болеста го нарече „последното табу кое е урнато“. Неговите ставови објавени синоќа на социјалните мрежи ги вознемирија здравствените експерти кои рекоа дека може да ги подријат напорите за масовна вакцинација која е од суштинско значење за запирање на пандемијата. Болсонаро исто така рече дека секоја доза која ќе ја одобри бразилската здравствена агенција ќе биде бесплатна за граѓаните.

Бразилскиот претседател се зарази со коронавирусот во јули и долго се противеше на советите од мнозинството научници и здравствени експерти да ги ограничи социјалните и економски активности, тврдејќи дека штетата од затворањето на економијата би била поголема од штетата предизвикана од пандемијата.

„Ви велат: нема да ја земам (која било вакцина). Тоа е мое право и сигурен сум дека Конгресот нема да им прави проблеми на оние кои не сакаат да се вакцинираат“, рече Болсонаро.

Во студијата објавена на 15 јули во американскиот магазин за превентивна медицина се наведува дека мерките за физичко дистанцирање може да бидат укинати ако се вакцинира најмалку 75 отсто од населението со вакцина чија ефикасност е над 70 отсто. Финалните фази на тестирањата покажаа дека одредени кандидати имаат многу поголема ефикасност од 70 отсто.

ЕК се надева дека Македонија ќе ги почне преговорите за членство

Во Европската комисија и натаму доминира надеж дека е можен прогрес со кој ќе се овозможи старт на преговори за членство на Македонија во ЕУ.

„Ги поттикнуваме двете страни да продолжат со напорите за пронаоѓање решение за своите отворени билатерални прашања. И понатаму се надеваме дека наскоро ќе се постигне договор за преговарачката рамка, за да се одржи што е можно поскоро првата меѓувладина конференција, идеално, уште годинава“, изјави денеска за РСЕ Ана Писионеро, портпаролка на ЕК.

Претстојниот викенд е клучен за постигнување договор меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е единствената земја која го блокира отворањето на преговори со Унијата, велат дипломатски извори за РСЕ во Брисел. Притиска времето за договор, оти последниот состанок на Советот на Општи работи на ЕУ ќе се одржи на 8 декември. Ова е форматот во кој е можно да се усвои преговарачката рамка и да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, и на која формално ќе бидат отворени претпристапните преговори. Друг дипломатски извор нагласува дека сите земји членки, освен Бугарија и понатаму се надеваат дека е можно отворање на преговорите за членство.


Извори од Европската комисија потврдуваат дека и покрај бугарската блокада, продолжуваат со работа на отворањето на преговорите со државата која на ова чека 11 години.

Бугарија го блокира отворањето на преговорите за членство, инсиситрајќи на адекватно спроведување на договорот за добрососедство и бара во преговарачакта рамка добрососедските односи да бидат дел од приоритетните поглавја.

Германија забрани пластични ќеси

Илустрација

Германскиот парламент изгласа закон за забрана на пластичните ќеси во малопродажба од 2022 година, со тоа што и понатаму ќе биде дозволено да се користат тенки пластични ќеси за пакување овошје и зеленчук.

Забраната се однесува на пластични ќеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, односно за стандардните ќеси кои се користат во малопродажба.

Од забраната се исклучени ќесите од подебел материјал наменети за повеќекратна употреба.

„Пластичната ќеса е синоним на беспотребното трошење ресурси“, рече министерката за заштита на животната средина Свења Жулце.

Таа рече дека платнените торби, корпи и пластичните кутии за повеќекратна употреба се „добра алтернатива“.

Организацијата за заштита на околината WWF ја поздрави забраната, но соопшти дека има „само симболична тежина“, зашто помалку од 1 отсто од потрошената пластика во Германија отпаѓа на пластичните ќеси.

Зелените исто така го поддржаа законот, но сметаат дека трендот за употреба да еднократни пакувања не е сопрен.

Опозициските партии Алтернатива за Германија и Либерално-демократската партија гласаа против, зашто сметаат дека тоа е неправедна мерка за германската малопродажба без видлив ефект за животната средна.

Во изминатите две години, мнозинство од големите супермаркети во Германија целосно ги исфрли пластичните ќеси од употреба.

Грција ја ограничи цената на тестовите за ковид

Грчката влада за да спречи профитерство ја огранички цената на тесотвите за ковид-19. Центата на ПЦР не смее да биде повисока од 40 евра, а на брзите тестови не смее да биде повисока од 10 евра.

Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис на денешната редовна прес конференција за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција ја соопшти одлуката, објаснувајќи дека во моменти кога голем дел од бизнисите се затворени поради карантинот, а Владата поддржува здрава конкуренција, неопходно е да се спречат случаи на профитерство.Во наредните денови ќе се достави и амандамо со кој ќе се одредат нивото до каде може да оди цената на добрата и услугите неопходни за заштита на јавното здравје и економските интереси на граѓаните.

Цените на ПЦР тестовите во приватните лаборатории во Грција сега се од 70 до 90 евра.

Ковид-19 го одложи и третото рочиште против Усеини од Охрид

Не се одржа ниту третото по ред рочиште од судскиот процес што пред Основниот суд во Охрид се води против браќата Нефи и Ибраим Усеини. Рочиштето се одложи оти на Нефи Усени има ковид-19, па му е изречена мерка домашна изолација.

Инаку, првото рочиште од процесот беше одложено за 26 октомври, поради влошената здравствена состојба на Ибраим, брат на советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ – Нефи Усеини. Второто рочиште не се одржа поради тоа што второобвинетиот Ибраим Усеини беше на оперативно лекување во странство и стоматолошка интервенција на оштетениот Спиро Топалоски.

Покрај денешното, предметот што сега го води судијката Билјана Белеска имаше закажано уште едно рочиште на 3 декември што, исто така е одложено, со појаснување дека процесот треба да продолжи во јануари 2021 година.

Обвинителството покрена постапка против браќата Усеини за физички напад на Спиро Топалоски.

Ахмети - Заев ја ризикуваше кариерата со тоа што беше директен

Али Ахмети и Зоран Заев

Кај премиерот Зоран Заев има добра волја за да се реши бугарското прашање, што е многу важно за иднината на нашата земја за отворањето на преговорите за интеграција во Европската унија, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи ја изјавата на премиерот Заев за БГНЕС. Ахмети смета дека Заев лично се жртвувал ризикувајќи ја политичката кариера со искажувањето толку директно на нештата со едиствена причина, како што рече, што подобро да биде за нашата земја, нашата држава и граѓаните на Северна Македонија.

„Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори. Ние сакаме решение што е можно побрзо, да не бидеме под влијание на емоциите, да не влегуваме во фолклоризмот, но да бидеме рационални и разумни за да го решиме ова прашање што е можно побрзо“, рече Ахмети.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG