Достапни линкови

Вести

Бројката на дневно заразени со ковид надмина 500

Клиника за инфективни болесни во Скопје.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2445 тестирања, а регистрирани се 535 нови случаи на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Повеќе од половина од новите регистрирани случаи се во Скопје, каде има 277 новозаразени. Потоа следуваат Струмица со 30, Прилеп со 26, Гевгелија со 24, Штип 22, Тетово 18, Куманово 17, Битола 13, Кочани 12, Велес 10, во останатите градови има едноцифрена бројка на нови случаи.

Во болнички услови починати се 6 лица, пациенти од Битола (66г), Куманово (57г), Прилеп (72г), Свети Николе (69г), Велес (67г) и Неготино (55г).
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 168 оздравени пациенти од:
Досега во земјата се направени вкупно 214.235 тестирања на ковид -19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 22170, бројката на оздравени пациенти е 16758, на починати е 815, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4597.

види ги сите денешни вести

Американски санкции за украински тајкун

Украинскиот тајкун и поранешен функционер Ихор Коломојски, архивска фотографија



Американскиот Стејт Департмент денеска соопшти дека на листата за санкции е додаден и украинскиот тајкун и поранешен функционер Ихор Коломојски кој е обвинет за вмешаност во корупција.

„Овој потег се заснова на дејства за време на неговото извршување на фукнција, но сакам да ја посочам и загриженоста поради неговите тековни дејства и напори за да ги поткопа демократските процеси и институции во Украина, кои претставуваат сериозни закани за иднината на државата, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

ФБИ со рација во американски компании на украински тајкуни

Покрај олигархот на листата се додадени неговите деца и сопругата Ирина Коломојска со што им е забранет влез во САД. Во објаснувањето за новите санкции е наведено дека Коломојски за време на извршувањето на функцијата гувернер на регионот Днипропетровск од 2014 до 2015 година бил вклучен во коруптивни дела што го поткопуваат владеењето на правото и довербата во демократските институции.

„Таквите акти вклучувале и користење на политичко влијание и службената моќ за негова лична корист“ се вели во објаснувањето.

Украински тајкун во битка за зголемување на медиумската моќ

Коломојски е еден од највлијателните тајкуни во Украина. Неговите медиуми се заслужни што Волидимир Зеленски победи на претседателските избори во 2019 година, како и тоа дека ужива поддршка и лојалност од десетина парламентарци.

Нови 843 заболени од ковид-19 и 11 починати

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминативе 24 часа во земјава се регистрирани 843 новозаразени со коронавирус од вкупно 3.519 тестирања. Најголем број од новозаразените доаѓаат од Скопје, 360, потоа најмногу евидентирани нови случаи има во Прилеп 66, Неготино 54, и Куманово 51. Во изминатово деноноќие починале 11 пациенти од последици од ковид – 19. Досега во земјата се направени вкупно 537.024 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 106.110, бројката на оздравени пациенти е 94.275, на починати е 3.176, а бројот на активни случаи изнесува 8.659.

Грција со рецесија помала од очекуваното

Илустрација, туризам грчка плажа на Халкидики

Рецесијата во Грција е помала од очекуваното, покажуваат статистичките податоци. Според првата проценка на БДП за минатата година, според обемот изнесува 168,5 милијарди евра, што е за речиси 15 милијарди евра помалку од 2019 година.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е задоволен од исходот и на својот официјален профил на Твитер напиша дека „Грција е на добар пат кон успехот“. Рецесијата во земјата е подобра од очекуваното, со оглед на тоа дека грчкиот буџет предвидуваше 10,5 отсто.

Екстрадиран Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски

Меѓународната потерница за Игор Спасов на веб сајтот на Министерството за внатрешни работи

Поранешниот полициски службеник Игор Спасов денеска беше екстрадиран од Бугарија во Македонија и вратен во затворот Идризово на доиздржување на 14-годишната затворска казна што му е одредена за убиството на тинејџерот Мартин Нешковски на 5 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на тогашните предвремени парламентарни избори.

Екстрадицијата на Спасов следи откако тој на 1 февруари годинава беше приведен од страна на бугарската полиција во Софија по пријава за семејно насилство. Според соопштението од македонското Министерство за правда, Градскиот суд во Софија на 26 февруари донел одлука за итна екстрадиција на Спасов во Македонија, а по барање на министерот за правда Бојан Маричиќ, поднесена на 10 февруари.

Спасов за македонските истражни органи стана недостапен во 2019-та кога го напушти затворот во Идризово поради здравствени проблеми и потреба од операција и оттогаш му се изгуби секаква трага. За издржување на затворската казна на Спасов му преостануваат уште 7 години и 3 месеци.

Зголемена платата на судската полиција

Министерот за правда, Бојан Маричиќ

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска, на средба со претставниците на УПОЗ и Независниот синдикат на судска полиција, го потпиша правилникот за зголемување на платите на судската полиција. Ова почакување на платите на судските полицајци следува по повеќемесечни протести и преговори на синдикатите и претставниците на власта.

Со денеска потпишаниот правилник, јави МИА, се предвидува процентуално зголемување на платата во зависност од тоа во кој суд работат службениците, а зголемувањата се од 8 до18 проценти, при што најголемо зголемување на платите ќе добијат судските полицајци во Основниот Кривичен и Основниот граѓански суд во Скопје.

Синдикалните претставници на судската полиција, како што пренесе МИА, рекле дека се задоволни што после многу апели и протести конечно се решил нивниот проблем и порачале дека ова е конкретен чекор за решевање на нивните проблеми.

Папата пристигна во Ирак - Историска средба на „минариња и ѕвона“

Жена со постер од папата Франциск на багдатскиот аеродром за веме на слетувањето на авионот со римокатоличкиот поглавар кој денеска (5 март 2021) допатува во историска посета на Ирак

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, пристигна во посета на Ирак, пренесоа новинските агенции. Папата имаше заштитна маска на аеродромот во Багдад, а по слетувањето, го пречекаа две деца во традиционална облека, пишува АП.

Посетата на папата Франциск на Ирак е прва папска посета на оваа земја. Средбата на Папата со премиерот на Ирак, кој го пречека на аеродромот, беше придружена со настап на хор. АП наведува и дека здравствените мерки во внатрешноста на аеродромот се чинеле „лабави“, и покрај влошувањето на епидемијата на коронавирусот во земјата, бидејќи десетици луѓе не носеле маски.

Ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин рече дека Ирачаните со нетрпение ја поздравуваат „пораката за мир и толеранција“ на папата и ја опиша посетата како историска средба меѓу „минариња и ѕвона (камбани н.з.)“.

Стотици луѓе се собраа покрај патот на аеродромот во надеж дека ќе го видат авионот на папата како слета и ќе успеат да го поздрават папата Франциск. Дрво украсено со амблемот на Ватикан е поставено на централниот плоштад Тахрир во Багдад, а знамиња на Ирак и Ватикан се наредени насекаде низ градот. За безбедноста се ангажирани повеќе илјади припадници на безбедносните служби.

Истечените пасоши на дијаспората ќе важат до крајот на 2021

Илустрација - Пасоши

Ако мобилните тимови на Министерството за надворешни работи (МНР) отидат во Кина за да ги сликаат за нов пасош нашите 12 државјани таму, ќе треба да бидат 30 дена во карантин и затоа најдовме друго решение - Министервото за внатрешни работи да го продложи рокот на важноста на пасошите до крајот на годината, со измена на Законот, за да можат граѓаните да ги искористат сегашните пасоши со изминат рок.

Вака денеска шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, објасни како ќе се реши проблемот со отежнатото издавање на патни исправи поради ситуацијата со ковид пандемијата во светот.

„Мобилните тимови од МНР за издавање на пасоши за нашите иселеници, работат насекаде во Европа. Тие ги сликаат нашинците во странство за да
им издадат нови пасоши, со што досега се издадени над 7000 патни документи. Но, за во Кина и Австралија има потешкотии“, рече денеска Османи.

Според него, наједноставен начин е со законска измена да се продолжи важноста на пасошите на нашите граѓани до крајот на годината.

„Светот е во кризна ситуација и ние мораме да се адаптираме на кризните услови“, изјави Османи.

СДСМ ќе поддржи една изборна единица на следните парламентарни избори

Премиерот Зоран Заев, денеска, изјави дека СДСМ ќе даде поддршка на предлогот на помалите политички партии за избор на пратеници во една изборна единица, што, како што нагласи е и нивно изборно ветување, бидејќи тоа, според него, значи унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии за рамноправност.

„Ние сме за една изборна единица. Уште еднаш напоменувам тоа е унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии, особено, посебно што во државата покрај помали политички партии, имаме и политички партии со етнички признак. Така што тоа дава поголема шанса за поголема застапеност во самиот Парламент“, рече Заев.

Според него, со ова губат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, а во мал дел и ДУИ, како поголеми партии, веројатно и Алијансата за Албанците, „но добива државата и демократијата“.

Предлогот за една изборна единица официјално го покрена Демократски сојуз на Павле Трајанов, коалициски партнер на СДСМ во Владата.

Заев: До крајот на март вакцини од Ковакс, има понуда и од АстраЗенека

Премиерот на македонската Влада, Зоран Заев

Стигна и од Ковакс механизмот информацијата дека ќе испочитуваат до крајот на првиот квартал, тоа значи до крајот на месец март да стигнат првите количини, веројатно меѓу 20-30 илјади вакцини, информираше денеска премиерот Зоран Заев и додаде дека 3000 вакцини, прва тура од руската вакцина Спутник V, ќе стасаат за неколку дена.

„ Страв ми е да кажам дека ќе стасаат, а што ако не стасаат“, рече Заев за пристигнувањето на 3000 руски вакцини

Тој за овој месец најавува масовна имунизација против ковид-19.

„Во март месец ќе почне масовната вакцинација. Покрај здравствените работници, нормално тука се возрасните граѓани, па оние со хронични болести. Секој ден се носи некоја нова информација. Знаете дека се уште очекуваме од Кина, каде што дури плативме аванс, па повлековме аванс, се со цел да потврди Министерството за надворешни работи дека е во ред“, изјави премиерот.

Според него, има и нови понуди на производителот на вакцини против ковид Астра Зеника.

„Денеска имам разговор со британски претставници од највисоко ново, да видиме дали може за 7 до 10 дена и тие да стигнат заради тоа што се работи за ервропска, квалитетна вакцина, така што верувам дека за многу брзо време оваа, со право, летаргија, која што се јавува во општеството, да биде отклонета и да продолжи процесот на вакцинација“, кажа Заев.

Вчера од Фајзер пристигна договорот за испорака на вакцини против ковид-19, според кој овој производител се обврзува на Македонија во 2021 да ѝ испорача околу 800 илјади вакцини во 4 етапи, од кои првата етапа од 21 илјада до крајот на март.

Белорусија побара од Литванија да ѝ ја екстрадира Циханускаја

Илустрација - Светлана Циханускаја и Александар Лукашенко

Белорусија побара екстрадиција на опозициската лидерка Светлана Циханускаја, која е во егзил во Литванија. Циханускаја, која го предизвика автократот Александар Лукашенко на претседателските избори минатата година, останува во членката на Европската унија, Литванија, по интензивирањето на демонстрациите против Лукашенко, на што владата одговори со репресија. Протестите во Белорусија започнаа по претседателските избори на 9 август, на кои Лукашенко прогласи победа, што опозицијата ја отфрла, тврдејќи дека Лукашенко го поставил изборниот резултат.

Белоруското обвинителство на 5 март објави дека побарало од Литванија да ја испорача Циханускаја „со цел да се соочи со кривично гонење за злосторства против владејачкиот поредок, јавната безбедност и државата“.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис одговори дека неговата земја „била и ќе биде ѕид од тули зад кој ќе се засолнат сите демократски сили прогонувани од режимите“.

„Можеме да му кажеме само на белорускиот режим една работа: прво пекол мора да се замрзне, па да ги разгледаме вашите барања“, рече тој.

Ако треба ќе ги спомнеме Бугарите и во Уставот, вели Османи

Бујар Османи

Ако треба Бугарите ќе бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница, иако досега никој тоа не го побарал, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој во изјава на ТВ21 рече дека „Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани“.

„Немам никаква резерва по однос на прашањето Бугарите да бидат спомнати како посебна етничка заденица во Уставот ако тоа им значи“, рече Османи и додаде дека официјално не чул за такво барање, ниту било разговарано за тоа.

За додавање на Бугарите во македонскиот Устав е потребна негова измена, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Оваа изјава на Османи доаѓа во време кога се финализира т.н. Акциски план маѓу Македонија и Бугарија за надминување на споровите поради кои, според Софија, Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на Македонија и Европската унија.

Решавањето на билатералниот спор со Бугарија е нотиран и во најновиот Извештај на европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент кој денеска беше усвоен. Оваа Комисија, како што јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, го повика денеска Брисел што побрзо да ги отвори пристапните преговори со Македонија.

Се бара истрага за институционални пропусти во случајот со Мијалков

Илустрација - Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Три здруженија - Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Фондацијата Отворено општество Македонија - бараат темелна и брза истрага за институционалните пропусти околу недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

„И покрај епилогот на овој случај, кој значеше обезбедено присуство пред судските органи на обвинетиот и сега веќе притворениот Мијалков, сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата“, се наведува во соопштението од овие три организации.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, пред една недела беше првостепено осуден на 12 години затворска казна во предметот Таргет-тврдина, кој се однесува на незаконското масовно прислушување на над 20.000 граѓани. Пред да биде осуден тој два дена беше недостапен за надлежните органи кои го бараа да му го врачат решението за притвор. Издржувањето на казната Мијалков го чека во притвор во затворот Шутка.

Тие сметаат дека бегството се случило токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможиле бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица од високо-профилираните кривични постапки.

„Истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот“, се наведува во заедничкото соопштение.

Токму затоа, додаваат тие, „инсистираме на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност“. Здруженијата, соодветно на резултатите од истрагата, бараат да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, со што помогнале во бегството на Мијалков.

Од ЕП повик до Брисел што побрзо да ги отвори пристапните преговори со Македонија

Европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (ЕП) гласаа за извештајот за северна Македонија дека Европската унија (ЕУ) треба да покаже јасна политичка волја и да ја одржи првата меѓувладина конференција, што официјално ќе го означи почетокот на пристапните преговори, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓеракина Тухина.

„Ова треба да се направи што е можно поскоро со цел да се спречат понатамошни одложувања, потврдувајќи ги кредибилитетот, објективноста и веродостојноста на процесот на пристапување, но исто така и да се спречат понатамошните одложувања да му наштетат на помирувањето постигнато во регионот“, се вели во извештајот на европратениците.

Овој документ ги повикува властите и политичките партии во Македонија да продолжат со заедничките напори за зајакнување на демократијата, борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, добрососедските односи и регионалната соработка, истовремено подобрувајќи ја климата за слобода на медиумите и граѓанското општество.

Во поглавјето за билатералните односи во извештајот се наведува дека „Северна Македонија покажала јасен стратешки фокус и посветеност кон интеграцијата во ЕУ, бидејќи продолжува да ги спроведува реформите поврзани со пристапувањето и да работи на решавање на билатералните прашања со соседните земји“.

Исто така, се потсетува на „кооперативниот и конструктивниот пристап“ на Македонија за време на преговорите за Договорот од Преспа со Грција, како и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Европратениците, како што јавува дописничката на РСЕ од Брисел, жалат што Бугарија и Северна Македонија сè уште не постигнале договор за отворените билатерални прашања. Наведувајќи дека продолжувањето на дијалогот е клучно, европските претставници ги повикуваат двете земји да постигнат компромис за Акциониот план што вклучува конкретни мерки.

Осврнувајќи се на усогласувањето на надворешната политика, членовите на Европскиот парламент официјално го повикуваат Скопје да го зајакне усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Во овој поглед, „специјална покана се испраќа на Северна Македонија да ја усогласи својата политика со неодамнешната одлука за ограничувачки мерки против Русија“. Во Извештајот, исто така, се изразува загриженост дека земјата станува „се повеќе енергетска и економски зависна од трети земји“.

Автор на овој Извештај е европскиот претставник и известувач за Македонија во ЕП, Илхан Ќучук, кој по гласањето оцени дека пратениците постигнале широк компромис.

„Се согласивме дека е клучно да се најде решение за билатералните прашања во текот и спроведувањето на Договорот за добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија. Конечниот текст испраќа силен сигнал до Северна Македонија за нејзината иднина во ЕУ и повикува на одржување на меѓувладината конференција што е можно поскоро за да се спречат понатамошни одложувања “, рече Ќучук.

Овој извештај беше изгласан со убедливо мнозинство - Гласаа 61 европратеник, од кои 4 беа против, а 2 воздржани. Подоцна оваа година, овој извештај на Комитетот за надворешни работи, ќе биде ставен на гласање на пленарната сесија на ЕП, кога ја доби и верзијата на Европскиот парламент.

Молдавија прва во Европа доби вакцини преку системот Ковакс

Молдавија го почна вакцинирањето против ковид пред три дена со вакцини подарени од Романија

Молдавија е првата европска земја што доби вакцини против коронавирус од глобалната програма Ковакс, соопшти денеска молдавската претседателка, Маја Санду.

Таа на Твитер доцна синоќа напиша дека во Молдавија пристигнала првата транша од 14.000 дози вакцини. Во Молдавија имунизацијата почна пред три дена со вакцини од АстраЗенека, кои на Молдавија ѝ ги подари Романија.

Распределбата на вакцините преку механизмот на Обединетите нации - Ковакс, почна пред десетина дена со испораката на анти ковид вакцини во Гана. Иницијативата Ковакс беше воспоставена за да се спречи посиромашните земји да не останат без вакцини. Преку неа, вакцини треба да стигнат во 190 држави, а главната цел е 92 сиромашни земји да добијат вакцини во исто време кога и 98 побогати нации.

Ковакс досега собра шест милијарди долари, а за да се исполнат целите за оваа година, потребни се уште најмалку две милијарди. До крајот на годината, преку Ковакс, треба да бидат поделени две милијарди дози низ цел свет, вклучувајќи ја и Македонија.

Фидес разговара со италијански и полски партии за нова групација во ЕП

Виктор Орбан

Унгарската владејачка партија Фидес разговара со конзервативните политички сили, вклучувајќи го и италијанскиот популист Матео Салвини, во барањето нова група во Европскиот парламент, изјави денеска премиерот Виктор Орбан. Во средата, Фидес на Орбан ја напушти најголемата централно-десничарска политичка група во парламентот, откако фракцијата се насочи кон нејзино суспендирање поради лошите оценки за развојот на демократијата во земјата.

Орбан се заканува со излез на Фидес од конзервативната ЕПП во Европскиот парламент

Орбан вели дека целта е да има политички дом за Фидес и слични сили во Европа кои не сакаат мигранти и сакаат да ги „заштитат“ традиционалните семејства. ЕУ го критикува Орбан за ставање под владина контрола на судови, медиуми, академици и невладини организации. Орбан, кому му претстојат избори следната година, ги негира критиките и одби да го смени процесот.

Девет мајмуни во САД вакционирани против ковид-19

Горили во зоолошката градина во Сан Диего, Калифорнија, САД, 10 јануари 2021 година.

Девет мајмуни во зоолошка градина во Сан Диего, Калифорнија станаа првите нечовечки суштества во светот кои се вакцинирани против ковид-19. Официјални лица во зоолошката градина во Сан Диего на 5 март изјавија дека вакцината им била дадена во изминативе неколку недели. Животните добија по две дози на експериментална вакцина првично наменета за кучиња и мачки, изјави портпаролката на зоолошката Дарла Дејвис за Ројтерс. Сите добро се чувствуваат, рече таа.

Вакцините-толку блиску, а сепак далеку


Службениците на зоолошката градина ја одобрија вакцинацијата откако осум горили во зоолошката градина Сафари во Сан Диего се здобија со ковид-19 во јануари, означувајќи го првиот познат пренос на вирусот на големите мајмуни.

Седница на Кинескиот народен конгрес

Завршната сесија на Националниот народен конгрес во Пекинг, 28.05.2020

Во Пекинг денеска започна годишниот состанок на највисокото законодавно тело. Одлуката беше донесена од Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес, а предложениот дневен ред вклучува разгледување на извештајот за работа на Владата и нацрт на 14-тиот петгодишен план за економски и социјален развој на Кина.

Кинескиот парламент го усвои законот за Хонг Конг

Собирот на Националниот народен конгрес обично се одржува на почетокот на март во Пекинг, но лани беше одложен за во мај годинава поради епидемијата на коронавирус. Националниот конгрес обично трае најмалку 10 дена.

Американски сентори: односите со Бугарија се соочуваат со „сериозни предизвици“

Протест, Софија, Бугарија

Американски сенатори ја повикаа Бугарија да ги почитува демократските вредности и владеењето на правото додека се подготвува за парламентарни избори во следниот месец. Тие предупредуваат дека моменталната состојба во нејзините внатрешни работи претставува „сериозен предизвик“ за билатералните односи. Во изјавата издадена вчера - еден ден пред официјално да започне кампањата за бугарските парламентарни избори на почетокот на април – сенаторите рекоа дека би сакале да видат посилни односи со источноевропската нација, вклучително и за безбедносни и енергетски прашања. Сепак, „постојаната корупција, намалувањето на слободата на медиумите, политизацијата на судството и другите закани за владеењето на правото претставуваат сериозни предизвици за билатералните односи меѓу САД и Бугарија“, оценуваат во изјавата претседателот на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, Боб Менендез, демократ од Њу Џерси и членот на овој комитет Џим Риш, републиканец од Ајдахо. „Како што се приближуваат парламентарните избори во април, императив е владата на Бугарија да ги заштити овие вредности“, наведуваат тие.

Брнз: прашањата со Бугарија да останат надвор од преговорите со ЕУ

Бугарија беше потресена од демонстрации минатото лето, додека илјадници граѓани излегоа на улиците во знак на протест против растечката перцепција за корупција под времето на премиерот Бојко Борисов, кој ја води земјата во поголемиот дел од изминатата деценија. Бугарија, членка на Европската унија и НАТО, постигна најнизок резултат во блокот и на Индексот за перцепција на корупцијата во 2019 на Транспаренси Интернешнл и на Светскиот индекс на слобода на печатот на Репортери без граници.

Папата Франциск во посета на Ирак

Мурал на папата Фрањо се гледа на ѕидот на црква за посета на Ирак, во Багдад, Ирак на 22 февруари 2021 година

Поглаварот на Римокатoличката црква папата Франциск од денеска до 8 март ќе престојува во Ирак. Тоа е негово прво патување во странство во изминативе 16 месеци, што е поврзано со пандемијата на коронавирусот. 84-годишниот понтиф, кој е вакциниран против ковид-19, очигледно има намера да продолжи со патувањата и покрај пандемијата. Главната причина на Франциск да го направи првото папско патување во Ирак е да ги охрабри христијаните во земјата, кои се соочуваа со децении дискриминација од ирачките муслимани пред да бидат прогонувани од групата Исламска држава, почнувајќи од 2014 година.

Папа Франциск: Жално е ако богатите имаат предност за вакцина

Франциск имаше намера да го посети Ирак таа година, како и Свети Јован Павле Втори во 2000 година, но и двајцата мораа да ги прекинат своите патувања поради безбедносни проблеми. На неговиот прв ден во Багдад, Франциск ќе се сретне со католички свештеници и монахињи во црквата „Богородица на спасот“, местото на масакрот во 2010 година, во кој загинаа 58 лица, а за кој одговорноста ја презеде групата Ал Каида во Ирак, која подоцна прерасна во ИД.

Каракачанов ја брани одлуката Бугарија да не учествува на вежба на НАТО

Министерот за одбрана Красимир Каракачанов

Министерот за одбрана Красимир Каракачанов ги нарече неодговорни обвинувањата дека Бугарија ja саботирала вежба на НАТО одбивајќи да учествува. Воената вежба Посејдон 21 започна во саботата во романските водите на Црното Море. Во последен момент, бугарските екипи одбија да учествуваат поради 11 позитивни случаи на ковид-19. Посејдон 21 е прва мултинационална вежба во регионот годинава и вклучува екипажи од сојузниците на НАТО, САД, Турција, Грција, Франција и Шпанија, а подоцна ќе биде вклучена и украинската морнарица. Еден ден пред почетокот, Бугарија ги извести сојузниците дека се откажува. Отсуството на Бугарија од вежбата на НАТО доаѓа во услови на остар став на Русија кон „американските маневри“ во регионот на Црното Море.

Борисов: Со Каракачанов имаме ист став, Македонија во ЕУ и НАТО

Некои експерти изјавија дека одбивањето на Софија во последен момент покренува многу прашања – од тоа како се почитуваат правилата во армијата и дали не постои друга политичка причина зад објаснувањето со коронавирусот. „Написите од тој вид дека со нашето неучество саботираме вежба на НАТО се апсолутно неодговорни“, рече Каракачанов. Според него, вообичаена е практиката во НАТО да се повлекуваат делови од вежби кога има слични случаи. „Повторно имаше обиди за шпекулации, не можам да разберам какви се овие луѓе кои во секоја работа гледаат некаков вид на светски заговор или го измислуваат“, рече Каракачанов, додавајќи дека позитивни случаи на заразени во армијата имало околу 2 процента.

Во светот од ковид-19 лани починале 17.000 здравствени работници

Здравствени работници чекаат луѓе да примат вакцина против ковид-19 на саемот во Белград претворен во центар за вакцинација, 4 февруари 2021 година

Најмалку 17.000 здравствени работници починаа од ковид-19 во текот на минатата година, соопштија Амнести Интернешнл, Паблик сервисис Интернешнал и УНИ Глобал јунион. Затоа овие организации повикаа на итни мерки за забрзување на вакцинацијата на милиони здравствени работници од прва линија низ целиот свет. Огромното предупредување дојде кога глобалните нееднаквости во пристапот до вакцините продолжија да се шират. Повеќе од половина од светските дози досега биле администрирани во само 10 богати земји, што претставува помалку од 10% од светската популација, додека над 100 земји допрва треба да почнат да вакцинираат.

Инфодемијата го намалува успехот на вакцините во Србија

Бидејќи многу посиромашни земји треба да ги добијат своите први групи вакцини во следните недели и месеци, организациите ги повикаа владите да ги вклучат сите здравствени работници од првите редови во нивните планови за дистрибуција - вклучително и оние кои честопати се игнорираат во пандемијата, како што се чистачи и работници за социјална заштита - со цел да се спасат животи и да се обезбедат безбедни услови за работа. „Тоа што еден здравствен работник умира од ковид-19 на секои 30 минути е истовремено трагедија и неправда. Здравствените работници ширум светот ги ставаат своите животи во ризик во напорите да ги заштитат луѓето од ковид-19, но сепак многумина останаа незаштитени и ја платија крајна цена “, рече Стив Кокбурн, раководител на одделот за економска и социјална правда во АИ.

Русија е подготвена да обезбеди вакцини Спутник V за 50 милиони Европејци

Руската вакцина против ковид-19 Спутник V

Руската вакцина против ковид-19 Спутник V ја помина клучна фаза за употреба во ЕУ, бидејќи Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера започна со тестирање, а руските власти изразија подготвеност да обезбедат вакцини за 50 милиони Европејци.Шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции кој придонесе за развој на оваа вакцина, Кирил Дмитриев, изјави дека веднаш штом Европската агенција за лекови ја одобри руската вакцина, Русија ќе биде способни да обезбедат вакцини за 50 милиони Европејци од јуни годинава.

Полска не планира да купува руска вакцина против коронавирус

„Целта е Спутник V да даде значителен придонес за спасување милиони животи во Европа. Партнерствата со вакцини треба да бидат одделени од политиката, а соработката со ЕМА е одличен пример бидејќи здружувањето на силите е единствениот начин да се стави крај на пандемијата“, рече Дмитриев, посочувајќи дека Спутник V е веќе одобрен во околу четириесет земји во светот. Европската агенција за лекови изјави дека времето потребно за одобрување на вакцината треба да биде пократко од вообичаеното, поради веќе завршената подготвителна работа. Првата фаза се состои од континуирано испитување на податоци и клинички испитувања. Ова треба да биде проследено со официјално барање за издавање на условно одобрение за ставање во промет за една година. Досега, времето помеѓу континуирано тестирање и одобрување беше помеѓу два и четири месеци.

Русија ја регистрира и третата вакцина против ковид-19

Скептично пречекана на Запад, првата руска вакцина против ковид-19 во меѓувреме ги убеди експертите, особено откако резултатите беа објавени во специјализираното списание „Лансет“, според кое ефективноста на руската вакцина е 91,6 проценти за симптоматските форми на болеста. Европската комисија одделно соопшти дека нема намера да го вклучи Спутник V меѓу вакцините што планира да ги купи. „Нема преговори за вклучување на вакцината Спутник во тоа портфолио“, соопшти Европската комисија. Засега, вакцините Фајзер / БиоНТек, Модерна и АстраЗенека се одобрени во ЕУ.

ЕУ не може сама да ја брани Европа од закани од тероризам и Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди на обиди за „поделба на Европа од Северна Америка“ и рече дека Европската унија „не може да го брани“ Континентот сама во услови на закана од тероризам и „дестабилизирачко однесување“ на Русија. „Секој обид за поделба на Европа од Северна Америка не само што ќе го ослабне НАТО, туку и ќе ја подели Европа“, рече тој во говорот на Колеџот на Европа во Бриж, Белгија. Во својот говор, тој рече дека силната трансатлантска врска е „основата“ на безбедноста на Европа. „Повеќе од 70 години, НАТО го отелотворуваше овој уникатен однос. Нашиот сојуз е единственото место што ги собира Северна Америка и Европа секој ден за да разговараат за заедничките безбедносни предизвици “, рече тој.

САД ќе ѝ помогнат на ЕУ да го забрза распоредувањето сили пред предизвикот од Русија

Столтенберг ја наведе обновената важност на НАТО пред „бруталните форми на тероризам“ и на „дестабилизирачкото однесување“ на Русија. „Преку глобалната коалиција предводена од САД за пораз на Исламска држава, помогнавме во ослободувањето на огромна територија и милиони луѓе во Ирак и Сирија. „По незаконската анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година, НАТО го спроведе најголемото засилување на нашата колективна одбрана во една генерација. Распоредување на борбени готови трупи на истокот на нашиот сојуз, за да спречи каква било агресија “, рече тој, додавајќи: „Овој обид за прецртување на границите насилно, како што видовме во Украина и Крим, се случи пред само неколку години“, што ја прави потребата да се спречи конфликтот и да се брани Европа „многу реална“.

Столтенберг го отфрли барањето Франција да биде центар на европската одбрана

Столтенберг, во одвоено интервју за АФП, додаде дека иако ги поздравува напорите на Брисел да ги зголеми трошоците и да ја насочи нејзината одбранбена индустрија, тој се сомнева во врска со повиците Европа да развие „стратешка автономија“ од типот што го турка францускиот претседател Емануел Макрон.

Времето денеска: сончево со умерена облачност

Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне облачноста ќе се зголемува. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Дневната температура ќе биде од 9 до 20 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 17 степени.

Нов земјотрес во Грција почувствуван и во земјава

Илустрација

Вечерва е почувствуван земјотрес на целата територија на земјата со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ. Земјотресот е регистриран во 19 часот и 38 минути со епицентар 260 километри јужно од Скопје, во соседна Грција.

Како што претходно јави дописничката на МИА од Атина, епицентарот на земјотресот бил близина на грчкиот град Лариса, јужно од Еласонас, каде што вчера беше регистриран потрес со јачина од 6 степени според Рихтер, кој предизвика материјални штети.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG