Достапни линкови

Вести

Кандидатката за американскиот Врховен суд Барет на сослушување во Сенатот

Ејми Кони Барет

Потврдата на Сенатот за кандидатката за Врховниот суд на САД, Ејми Кони Барет започна во обид на републиканците да ја назначат пред претседателските избори во наредниот месец. Четиридневното сослушување пред сенатските комитети е клучен чекор пред последното целосно гласање на Сенатот до крајот на октомври за нејзината номинација како доживотен член на Врховниот суд судот. 48-годишната Барет изјави дека ќе ѝ биде „чест целиот живот“ да служи покрај сегашните осум судии.

Трамп ја номинираше судијката Барет за Врховниот суд

Нејзината потврда како замена на покојната либерална судијка Рут Гинсбург ќе создаде конзервативно мнозинство од 6-3 што може да доведе до пресуди за враќање на правата за абортус, проширување на правата на религијата и оружјето и зачувување на ограничувањата на гласањето поддржани од републиканците, меѓу другото. Републиканците имаат мнозинство во Сенатот од 53-47, така што потврдата на Барет изгледа скоро сигурна.

види ги сите денешни вести

Нови 336 позитивни и 32 починати од коронавирус во Македонија

Илустрација

Во изминатите 24 часа се регистрирани нови 336 случаи на коронавирус во Македонија, а 32 луѓе починале, соопшти Министерството за здравство на полноќ. Направени биле 1181 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 95, па потоа следуваат Гостивар со 41, Битола 34, Велес 30, Прилеп 27, Кичево 14, Штип 12, Тетово 11, Куманово и Радовиш по 10, Кавадарци, Гевгелија и Струмица по 7, Свети Николе и Неготино по 6, Крива Паланка, Берово и Виница по 3, Ресен 2, и по еден нов случај е регистриран во Струга, Охрид, Крушево, Пробиштип, Демир Хисар, Валандово, Делчево и во Кратово.

Починатите се на возраст меѓу 51 и 85 години. Двајца починале во домашни услови, а 30 во болница.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 544 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 332.286 тестирања за ковид-19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 61878, бројката на оздравени пациенти е 38946, на починати е 1763, а бројот на активни случаи изнесува 21169.

Нова рунда сириски мировни разговори во Женева

Заедничка руско-турска воена патрола во Сирија

Претставници на сириската влада, опозициски лидери и претставници на граѓанското општество денеска се среќаваат во Женева на нова рунда мирoвни разговори за окончување на конфликтот во земјата.

„Се надевам дека она што го постигнавме е почеток на градење на довербата меѓу страните“, рече специјалниот пратеник на ОН, Гиер Педерсон во пресрет на разговорите.
Тој рече дека клучно прашање ќе бидат принципите за нов Устав на земјата.

Разговорите треба да траат пет дена, а во јануари треба да следува нова рунда.

Повеќе од 400 илјади луѓе загинаа, а над 12 милиони се раселени од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година по задушувањето на антивладините протести од страна на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Русија и Иран му пружаат клучна поддршка на Асад за да остане на власт, додека САД и Турција поддржуваат различни бунтовнички групи.

Екстремистички организации, меѓу кои и Исламската држава, исто така беа вклучени во борбите, но во голема мера беа протерани од териториите што ги држеа под контрола.

Земан побарал список на сите руски шпиони во Чешка

Чешкиот претседател Милош Земан

Чешкиот претседател Милош Земан наводно побарал листа на сите активни руски шпиони во Чешка, потег за кој безбедносните експерти велат дека може да ги загрози тајните извори на чешката контраразузнавачка служба.

Чешкиот јавен радиодифузер ЦРо денеска објави дека Земан го упатил барањето до директорот на Чешката безбедносно разузнавачка служба Михал Коуделка. Според медиумот, Земан исто така побарал документација за сите познати руски разузнавачки операции во Чешка.

Земан, кој често изразува проруски ставови и се смета дека е пријателски расположен кон Русија, не ги коментираше информациите на јавниот радиодифузер.

Во минатото Земан ја обвинуваше чешката разузнавачка служба за некомпетентност.

Чешките пратеници денеска соопштија дека комисиите од двата дома на Парламентот ќе разговараат за ова прашање. Претседателот на Комитетот за безбедност во Сенатот, Павел Фишер, рече дека барањето на Земан може да ја загрози безбедноста на земјата.

Поранешниот министер за внатрешни работи Франтишек Бухлан рече дека доставувањето на таквите информации до Земан „ќе доведе многу луѓе и тековни операции во опасност“.

Тој смета дека нема причина Земан да ги добие информациите.
Чешката служба со години известува за зголемена активност на руските шпиони во земјата, велејќи дека тие ги таргетираат земјите-членки на ЕУ и НАТО. Сепак, службата објави само неколку конкретни детали за руските шпионски активности во земјата.

Поглаварот на ГПЦ пуштен од болница

Поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос


По 12 дена лекување со ковид-19, поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос денеска беше пуштен од атинската болница „Евангелисмос“.

Архиепископот Јеронимос на 19 ноември, со благи симптоми на коронавирусот, беше примен во болница откако добил позитивен резултат на тестот за ковид-19, направен два дена претходно.

Турција седум дена по ред бележи црни рекорди со коронавирусот

Илустрација: Полицајци со маски во Турција



Седми ден по ред во Турија има зголемување на бројот на жртви од коронавирусот и секојдневно се редат само црни рекорди, и покрај напорите на турските власти за запирање на вториот бран од ковид-19, јавуваат британските медиуми.

Турција очекува неделава да дојде до закрепнување на економијата по големиот пад од почетокот на годината, но тоа закрепнување може да биде загрозено од ширењето на коронавирусот.

Турците ги заострија мерките, па дури и воведоа полициски час за време на викендите, но досега тие не дадоа значајни резултати во запирање на ширењето на болеста.

Само вчера во земјата од ковид-19 умреа 185 лица, 45 проценти повеќе отколку во пикот на првиот бран во април, а црните рекорди почнаа да растат од 23 ноември, кога починаа 153 лица, и оттогаш бројот на смртни случаи се зголемува секој ден.

Во последните 24 часа во земјата се пријавени повеќе од 29 илјади нови случаи, а во саботата беше урнат рекордот од 30.103 случаи. Но, тука мора да се каже дека властите ги бројат само пациентите со симптоми, додека во овој број не се вклучени асимптоматски случаи.

Лекарите и опозициските политичари предложија уште посилни ограничувачки мерки, но владата сака да избегне ескалација, бидејќи кафулињата, рестораните и хотелите веќе беа сериозно погодени од мерките.

Опозицијата со над 3000 амандмани ги блокира измените на Деловникот кои треба да овозможат онлајн седници

Илустрација: Собраниска седница во време на пандемија на коронавирус

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците/Алтернатива поднесоа над 3000 амандмани на предлог измените на собранискиот Деловник, кои треба да овозможат одржување на онлајн седници.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања требаше да го разгледа предлогот на претседателот на Собранието Талат Џафери, но прво ќе мора да бидат преведени сите амандмани. Според предлогот, пратениците заболени од ковид-19 ќе може да се вклучуваат во работата на Парламентот онлајн.

Опозицијата обвинува дека предлогот ја нарушува довербата меѓу партиите и дека нема технички услови за тоа. Власта обвинува за опструкции.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1350, Левица 1400, а Алијанса/Алтернатива околу 400 амандмани. Предлогот треба да добие поддршка од мнозинството пратеници, но пред тоа треба да заврши амандманската расправа во матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Компанијата Модерна ќе побара итно одобрување на нивната вакцина против коронавирусот

Илустрација

Американската компанија Модерна соопшти дека денеска ќе поднесе барање за итно одобрување на нивната вакцина против ковид-19 во САД и во Европа, откако тестирањата потврдија дека нивната вакцина има ефикасност проценета на 94,1 проценти.
„Веруваме дека нашата вакцина ќе обезбеди нова и моќна алатка која може да го смени курсот на пандемијата и да помогне да се спречат тешки случаи на болеста, хоспитализација и смрт“, рече директорот на компанијата Стефан Бансел.

Ако американската Управа за храна и лекови се согласи дека вакцината е безбедна и ефикасна, првата од двете дози од вакцината може да почне да им се дава на Американците кон средината на наредниот месец.

Американската компанија Фајзер и германската БиоНТек поднесоа слично барање минатата недела, а нивната вакцина би можела да биде одобрена во САД по 10 декември.

Вакцината на Модерна, која беше развиена во соработка со американскиот Национален институт за здравство, беше тестирана во клиничко тестирање врз повеќе од 30 илјади учесници во САД.

Велика Британија претходно соопшти дека обезбедила уште 2 милиони дози од ветувачката вакцина додека се подготвува да почне масовна вакцинација во наредните неколку недели. Британија, која е една од најтешко погодените земји од вирусот, се надева дека ќе стане една од првите земји во светот која ќе ја почне вакцинацијата. Владата се согласи да купи над 350 милиони дози од вакцината од седум различни производители, доколку тие се покажат како ефикасни, и се надева дека во земјата со 67 милиони жители ќе се вакцинираат што е можно повеќе луѓе. На болниците им било кажано дека првите вакцини може да ги добијат најрано на 7 декември, објавија Гардијан и Фајненшл тајмс.

Болеста почна забрзано да се шири во Европа во САД во изминатите два месеци.

Осуммина мртви во затворски бунт поради коронавирусот во Шри Ланка

Илустрација: Шри Ланка

Во судири меѓу полицијата и затвореници кои се побуниле поради ширењето на коронавирусот во нивниот затвор биле убиени осуммина затвореници, а 71 се повредени, соопштија денеска властите.

Затворениците од затворот Махара во близина на Коломбо, кој е под силно обезбедување, ноќеска се побуниле, ја запалиле кујната и една управна зграда и зеле двајца чувари како заложници, наведува полицијата.

Денеска и понатаму се слушаат повремени истрели, иако околу 800 припадници на безбедносните сили ја повратија контролата врз затворот.

Со недели во затворите во Шри Ланка избиваат нереди поради растот на бројот на заразени со коронавирус и забраната за посети. Двајца затвореници умреа, а повеќе од 1200 затвореници и затворски чувари, според надлежните, се инфицирани со вирусот.

Министерот за реформи на затворите Сударшини Фенандопуле рече дека властите немале друг избор отколку да пукаат во затворениците за да спречат масовно бегство.

„За жал, осуммина затвореници беа убиени“, рече тој пред парламентот и наведе дека властите ја повратиле контролата врз затворот.

Бунтот во затворот, во кој се сместени околу 10 илјади затвореници, избил кога бројот на заболени од коронавирус надмина 180.

Во Шри Ланка досега има над 23 илјади заразени од коронавирус, а 116 луѓе починаа.

Мицотакис очекува првите вакцини против ковид-19 да пристигнат во Грција пред Нова година

Илустрација

Процените се дека првите вакцини, откако ќе бидат одобрени од надлежните европски организации, ќе пристигнат во Грција пред крајот на годината, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешната владина седница.

Уште еднаш повтори дека вакцината ќе биде бесплатна за сите и нема да биде задолжителна, а ќе постои кампања за информирање на јавноста за потребата што повеќе граѓани да се вакцинираат.

Говорејќи за актуелната ситуација со пандемијата во земјата, Мицотакис рече дека има мало подобрување, со намален број нови случаи и постепено намалување на притисокот врз здравствениот систем во северна Грција, но потенцира дека сепак претстојат тешки денови, со оглед на тоа дека набргу ќе започне дискусија за начинот на олабавување на строгите рестрикции.

„Сакам уште еднаш да истакнам дека не треба да зборуваме со датуми, треба да говориме со податоци. Тие ја одредуваат нашата политика. Најважниот податок што треба да го оцениме во овие околности се можностите на Националниот здравствен систем. Според тоа, морам да истакнам дека треба да бидеме многу внимателни во одлуките што треба да ги донесеме, земајќи ги предвид препораките на експертите. Можеби патот ќе биде побавен, но ќе биде посигурен и побезбеден, порача Мицотакис и уште еднаш повтори дека индивидуалната одговорност е должност на сите граѓани.

Премиерот Зоран Заев пред десетина дена рече дека Грција нарачала вакцини и за нас, а Македонија ќе биде вклучена и во набавката од страна на ЕУ.

Бектеши: Во пандемијата изгубивме 15000 работни места

Крешник Бектеши

Во земјава околу 15.000 работни места се изгубени за време на корона пандемијата, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, повикувајќи се на податоците од Агенцијата за вработување. Бектеши не верува дека враќањето на дијаспората го зголемува бројот на
невработени, ниту досега, како што рече, имал прилика да види такви
анализи.

„Секако дека имало многу наши сограѓани кои биле дел на сивата
економија и во време кога се правеше регистрацијата во Агенцијата за
вработување ја користеа можноста да се пријават и сега одат да добијат
државна помош или гарантирана минимална помош и додатоци. Но, не
сум видел такви анализи дека нашите сограѓани кои живеат надвор го
зголемуваат бројот на невработени.

Министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска, во вчерашното неделно интервју за радио Слободна Европа, рече дека „бројот на невработени го кренале нашинците кои се вратиле од странство“.

Македонија моментно има невработени околу 15.000 граѓани, истакна
министерот, одговорајќи на новинарски прашања по денешното
потпишување Меморнадум за соработка со Стопанската комора на
северозападна Македонија.

Бугарија нема да даде зелено светло ни на министерскиот совет на ЕУ на 8 декември

Илустрација

Северна Македонија, како што потврдуваат за МИА повеќе високи дипломати од земјите членки на Европаката унија (ЕУ), речиси сигурно ќе биде блокирана од Бугарија на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа денеска да ги разгледуваат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи.

Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ, јави МИА од Брисел.

„Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Северна Македонија оваа година поради ветото на Бугарија“, изјавил за МИА дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Северна Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.

За Албанија ситуацијата е нејасна, велат од Советот, поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови. Сепак одреден број земји членки сметаат дека треба „посилна одлука за Албанија“, но неизвесно е дали Тирана сепак ќе добие почеток на преговорите оваа година, велат дипломатите.

Македонски производи ќе се продаваат во најголемиот ланец хипермаркети на Блискиот Исток

В.Д. амбасадорка на Македонија во Катар, Елма Алторок и Мохамед Алтхаф, директор на хипермаркетите Лулу од Катар

Вршителката на должност амбасадорка на Македонија во Катар, Елма Алторок потпишала вчера меморандум за соработка со Мохамед Алтхаф, директор на хипермаркетите Лулу. Станува збор за најголемиот ланец на хипермаркети на Блискиот Исток и еден од најголемите во Азија, со годишен приход од околу 7,4 милијарди долари, со кој ќе се промовира деловна соработка за увоз на земјоделски производи, месо, производи од месо, македонски ајвар и повеќе сорти сирење во Катар, соопшти Кабинетот на заменик претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Првите производи што ќе бидат извезени од Северна Македонија во Катар се овошје и зеленчук, јагнешко месо и месни производи, традиционален македонски ајвар, сорти на сирење и здрави прехрамбени производи. Директорот на хипермаркетите Лулу рече дека ова е првата можност за извоз на македонски производи во Катар.

Лулу хипермаркетите се дел од меѓународната групација Лулу (Lulu Group International), која поседува околу 195 објекти за малопродажба, вработува 57.000 лица, со годишен приход од околу 7,4 милијарди долари. Лулу хипермаркетите се најголем малопродажен ланец во земјите од Блискиот исток и еден од најголемите ланци во Азија

Во скопските ковид центри за 24 часа 38 нови пациенти

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа, во Ковид-центрите во Скопје, се хоспитализрани 38 пациенти поради компликации од коронавирусот и вкупно 480 лица сомнителни и потврдени се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

Според МЗ, во последното деноноќие на интерните клиники имало 22 приема – тројца пациенти биле примени на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден во КОВИД-центарот на Клиниката за неврологија, шестмина болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, двајца пациенти на Клиниката за нефрологија, седум во новиот центар на Клиниката за уво, нос и грло и тројца болни на Клиниката за очни болести.

„Вкупно 480 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40-ина слободни места“, соопшти Министерството за здравство.

110 мртви во последниот напад на Боко Харам во Нигерија, соопштија ОН

Илустрација

Бројот на жртвите во неодамнешниот напад на терористите на Боко Харам во североисточна Нигерија се искачи на најмалку 110, изјави претставник на ООН.

„Во нападот во саботата врз земјоделци кои работат на полиња со ориз во селото Гарин Квашебе во државата Борно, беа убиени најмалку 110 лица“, рече на неделната прес-конференција Едвард Калон, координатор на ООН во Нигерија.

Претходно, локалните медиуми објавија дека најмалку 44 земјоделци биле убиени во нападот, а имало и многу ранети.

„Инцидентот е најнасилен директен напад против невини цивили оваа година. Повикувам извршителите на овој грозоморен и бесмислен чин да бидат изведени пред лицето на правдата”, рече Калон.

Плевнелиев: Заев да го елиминира вешачкото прашање за македонско малцинство во Бугарија

Росен Плевнелиев

Заев мора да покаже добра волја со елиминирање на вештачкото прашање за македонско малцинство во Бугарија, а Борисов да ја прифати статус-кво состојбата во Северна Македонија, вели поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев во анализа на најновите случувања на релација Софија - Скопје за бугарскиот „24 часа“, пренесе МИА.

Тој вели дека односите меѓy Софија и Скопје треба итно да деескалираат со одлучен чекор направен од двете страни. Според него, доброто сценарио е македонскиот премиер Заев да почне длабоки реформи, воведувајќи ги европските вредности и принципи во политиката, институциите, учебниците, тајните служби, општеството и пристапот кон историјата. Плевнелиев е дециден дека ќе биде добар чекор доколку Заев и Борисов продолжат да разговараат и да прават компромиси, пренесе МИА.

Угостителите сакаат да работат во недела, ќе дале друг слободен ден

Илустрација

Разговаравме со угостителите и компаниите од туристичката дејност, и тие мислат дека не треба да се направат никакви измени во периодот кој следува, вели министерот за економија Крешник Бектеши за неработната недела која беше најавена од Владата.

Тој и Неби Хоџа, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, денска потпишаа Меморандум за соработка меѓу Министерството за економија и Стопанската комора на Северозападна Македонија.

„Во моментот сме при крај со анализата, ќе отвориме дискусија, а секако дека и овој меморандум за соработка ќе придонесе бизнис заедницата да даде свој придонес“, рече Бектеши.

Неби Хоџа рече дека во петокот имале состанок во Владата со заменик премиерот за економски прашања Битиќи и министерката Шахпаска. Тој вели дека е разговарано дел од бизнисите кои оперираат за викенди да можат да си ја вршат дејноста, но да се запази вработените да имаат еден ден одмор во неделата.

„Стопанската комора располага со многу анализи кои доаѓаат од страна на бизнисот и малите микро претпријатија. Тие ќе ни користат за политиките кои ќе се креираат да бидат во таа насока каде што на рационален начин ќе се користат средствата“, рече Бектеши.

Грчката граница останува затворена и следните две недели

Илустрација - Грчкиот граничен премин Евзони

Грција ја продолжи забраната за влез на државјани на трети земји до 14 декември поради пандемијата на коронавирус, пренесе МИА. Одлуката на грчката влада да им забрани на граѓаните на трети земји, освен земјите од ЕУ и шенген-зоната, да влезат во Грција со цел да се намали ширењето на коронавирус е продолжена до 14 декември.

За туристите и странските државјани за кои нема забрана, влезот на грчка територија е овозможен само преку Бугарија, односно преку грчко-бугарскиот премин Промахонас-Кулата, со негативен тест на Ковид-19 не постар од 72 часа.

Другите гранични премини, како што се Какавија со Албанија, Евзони со Македонија и Кипија со Турција, остануваат отворени само за одредена категорија и исто така со негативен ПЦР-тест.

За 24 часа во Македонија 538 пријави за неносење заштитна маска

Илустрација

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 538 прекршоци, соопшти денеска МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19. Носењето заштитна маска за лице е задолжително и на отворено на јавни места, а забрането е и групирање на повеќе од четири лица.

ВМРО - ДПМНЕ најави нови протести во 11 градови

Фотографија од протестот пред Владата по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС

Протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изразување на незадоволство од работата на Владата и по изнесените ставови на премиерот Зоран Заев во неодамнешното интервју за БГНЕС за македонско-бугарските односи, денеска попладне продолжуваат со нови собири во 11 града.

„Заедно со народот продолжуваме против продажбата на татковината. Народот се буди и нема назад. Срамот на Заев не е заеднички. Да не дозволиме да ја менува историјата, туку да пратиме порака тој да замине во историјата. Протест сега, за да не биде предоцна“, напиша лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Опозицијата и дел од јавноста остро протестираа против изјавите на премиерот Заев во интервјуто за БГНЕС во кое тој вели дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја“.

Поради тоа, денеска, со почеток во 18 часот, се најавени протести во Струга, во Гостивар, во Кичево, во Македонски Брод, во Крушево, во Крива Паланка, во Кратово, во Свети Николе, во Неготино, во Струмица и во Гевгелија.

Бајден претстави нов тим за комуникации во Белата куќа, составен целосно од жени

Џен Псаки

Избраниот претседател на САД Џо Бајден, претстави нов тим за комуникации во Белата куќа, составен целосно од жени. „Горд сум што го презентирам првиот тим на високи службеници за комуникации во Белата куќа, чии членови се жени“, рече тој. Бајден ја номинираше Џен Псаки, поранешен портпарол на Стејт департментот во времето на поранешниот претседател Барак Обама, за секретар за медиуми во Белата куќа. Псаки на Твитер напиша дека ова е најразновидниот тим на Белата куќа во историјата, кој, како што истакна, го сочинуваат шест мајки. Кејт Бедингфилд, портпарол на кампањата на Бајден, е номинирана за директор за комуникации во Белата куќа.

Бајден се здобил со фрактура на стапалото додека си играл со куче

Симон Сандерс, висок советник во кампањата Бајден-Харис, е номинирана да служи како портпарол на потпретседателката Камала Харис, додека Елизабет Александар, поранешен главен портпарол и прес-секретар на Бајден во времето кога тој беше потпретседател, ќе биде директор за комуникации на првата дама. Карин Жан Пјер, постар советник во кампањата Бајден-Харис, ќе ја извршува функцијата заменик-секретар на Белата куќа, додека Ешли Етјен, поранешен висок советник на спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, е предложена за нејзин заменик.

Лондон и Париз постигнаа договор за борба против илегалната имиграција

мигранти во обид да го преминат Ла Манш, архивска фотографија

Дополнителни патроли и нови технолошки средства ќе бидат распоредени по должината на францускиот брег, како дел од новиот договор меѓу Британија и Франција за борба против илегалната миграција преку Ла Манш, соопштија министрите за внатрешни работи на двете земји. Договорот предвидува двојно зголемување на бројот на патроли на францускиот брег од 1 декември со помош на беспилотни летала и радари за да се идентификуваат оние што ќе се обидат да го преминат Ла Манш. Британија вети дека ќе инвестира 31,4 милиони евра за да им помогне на напорите на Франција да ја спречи илегалната миграција.

Орбанизација на Европа или заштита на границите?

Предвидено е резултатите од спроведувањето на договорот да бидат разгледани во текот на следните шест месеци, со можност за воведување дополнителни мерки. Во последниве месеци, се повеќе мигранти се обидоа да стигнат до Британија преку Ла Манш. Ова прашање ги крева тензиите меѓу Лондон и Париз, бидејќи Британија ја обвинува Франција дека не е доволно вклучена во спречување на илегална миграција. Француските власти во септември објавија дека спасиле повеќе од 1.300 мигранти во текот на месецот, во обид да го преминат Ла Манш со брод.

Трамп: нема да го сменам ставот дека претседателските избори се наместени

Доналд Трамп

Доналд Трамп изјави дека нема да „ја смени својата позиција“ дека биле наместените претседателски избори одржани на 3 ноември. „Никој не може да влијае врз мене да ја сменам мојата позиција. Јас нема да го променам мислењето во следните шест месеци“, изјави Трамп за „Фокс њуз" во првото телевизиско интервју по изборите. Трамп, кој не даде конкретни докази, повтори дека „изборите биле наместени“ и дека тој победил.

Трамп помилува екс советник кој се изјасни виновен во истрагата за руското мешање во изборите

И покрај овие обвинувања, адвокатите на Трамп претрпеа неколку судски порази во земјата, а последниот беше во сојузната држава Пенсилванија, каде што Врховниот суд ја отфрли тужбата на неговиот тим, што значи дека тој речиси и да нема можност да го смени изборниот резултат. Демократот Џо Бајден освои 306, а Трамп 232 гласачи во Изборниот колеџ. Потребни се 270 вакви гласови за да се победи. Традиционално, поразениот кандидат скоро веднаш признава дека не победил, но Трамп одбива да го признае поразот и тоа е преседан во историјата на американската политика.

Бајден ќе го добие првиот разузнавачки брифинг

Џо Бајден

Избраниот американски претседател Џо Бајден денеска ќе го прими својот прв претседателски дневен брифинг, се вели во краткото соопштение од неговиот кабинет. Извештаите, познати како President's Daily Brief, содржат информации за големи закани за националната безбедност ширум светот. Одобрението за Бајден да започне да ги прима дојде на 24 ноември, еден ден откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп рече дека официјално може да започне транзицијата.

Трамп рече дека ќе ја напушти функцијата кога победата на Бајден ќе биде официјална

Бајден беше блокиран да добива разузнавачки брифинзи и на неговиот тим му беше забрането да контактира со нивните колеги во администрацијата на Трамп сè додека шефот на управата за општи служби (ГСА) на 23 ноември не објави дека транзицијата може официјално да започне. Кабинетот на избраниот претседател соопшти дека по завршувањето на брифингот, Бајден ќе се состане со неговите советници. Бајден треба да биде инаугуриран на 20 јануари.

Медицински персонал на Армијата се приклучува во борбата против ковид-19

Ковид-19 центар во Скопје

Од денеска се очекува одреден број доктори и медицински сестри кои работеле за војската, да се приклучат кон здравствениот персонал од јавните здравствени установи во борбата против ковид-19. По прогласувањето на кризната состојба, како поддршка во обезбедување на ред во ковид центрите низ државата распоредени се и припадници на Армијата. Изминатото деноноќие беа регистрирани нови 820 случаи од направени 2019 тестови. Министерството за здравство соопшти дека починати се 32 пациенти, а оздравени 895 пациенти.

Во ковид центрите се лекуваат вкупно 1282 пациенти, слободни кревети има

Според информациите што вчера ги објави Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1282 и има колку 190 празни болнички кревети, но, како што посочува, бројките се менуваат од час во час во зависност од направените приеми и исписи.

Израел ја критикуваше ЕУ за осудата на убиството на ирански научник

Иранскиот министер за одбрана Амир Хатами и неодамна убиен Мохсен Фахризадех

Израелскиот министер одговорен за разузнавачки информации Ели Коен изјави дека не знае кој е одговорен за смртта на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризадех, критикувајќи ги европските земји за осудата на неговото убиство. Коен оцени дека тие земји се свесни и за иранските нуклеарни амбиции и за кршењето на договорите со светските сили. „Ги гледаме како повторно ги закопуваат главите во песок“, рече тој, алудирајќи на ЕУ, која убиството го нарече „криминален чин“.

Иран повика на одмазда кон Израел за убиството на научникот


Израелскиот министер исто така изјави дека нема да пушти солзи за убиството на Фахризадех, бидејќи, како што рече, „неговото отстранување од светот придонесува за Блискиот исток и целиот свет“. „Кој активно учествува во создавањето на нуклеарно оружје е мртов човек што оди“, рече Коен. ; Британија, Турција и Оман се приклучија на меѓународната осуда за убиството на Фахризадех, кого Израел и САД го нарекоа татко на иранската нуклеарна програма. Тој беше убиен во петокот од бомба и вооружен напад од заседа во близина на Техеран. Убиството кое му се припишува на Израел предизвика критики од европските и арапските земји, како и од ОН. Израел не ја презеде одговорноста.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG