Достапни линкови

Вести

Во функција и модуларната болница за заболени од Ковид-19

Модуларната болница кај Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека од денеска во функција е пуштена и модуларната болница, која според него, е со доволен број на медицински кадар од Клиниката за пулмологија и алергологија и Градската општа болница „8 Септември“. Тој посочи и дека нема да се преоптоварува капацитетот за да не трпат останатите одделенија и здравствени работници.

Капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е речиси исполнет, модуларната болница има капацитет од 72 болнички легла и е поставена во близина на клиничката зграда.

Министерството за здравство соопшти дека активно се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот кадар по системот на ротација во јавното здравство за да се одговори на претстојниот период и можното зголемување на бројот на хоспитализации на пациенти со Ковид-19.

Од Министерството соопштија дека здравствениот систем е подготвен и апелираат до граѓаните на максимална одговорност и целосно почитување на мерките за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.

види ги сите денешни вести

Лани без работа останаа речиси 7 илјади луѓе од текстилната индустрија

Работнички шивачки во текстилна индустрија

Речиси 7 илјади работни места во текстилниот сектор се згаснати поради пандемијата, покажуват податоците на Здружението за истражување и анализи . Според нивната анализа вкупниот број нови невработени лица во 2020 година во однос на 2019 година се зголемил за 128 отсто.


„Конкретно, во 2020 година има 6783 нови невработени лица. За споредба, во 2019 година имало 2971. Истовремено, процентот на невработеност кај младите е значително повисок во однос на останатите години. Дури 15 проценти од младите учествуваат во невработеноста„ се вели во анализата.


Нивното истражување покажува дека пет општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Во овие пет општини текстилната индустрија е и најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. Кај младите лица до 29 години, бројот на невработени, исто така, се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста кај младите се: Штип, Струмица, Радовиш, Прилеп и Кочани.

Бугарија бара од Грција да не ги тестира превозниците на граница

Илустрација

Бугарија бара од Грција веднаш да престане со тестирање против ковид-19 на возачите на камиони на нејзината граница затоа што е во спротивност со регулативите на ЕУ. Поради заострување на мерките за влез во Грција со ПЦР-тестови за возачи на меѓународни камиони од 22 до 7 часот наутро, доаѓа до загуби и казни и значително се забавува распоредот на бугарскиот транспортен бизнис, се вели во соопштението до бугарското министерство за надворешни работи.
Потпретседателот на Сојузот на бугарски транспортни работници Веселин Дангов смета дека тоа е дискриминаторски однос кон превозниците. Според бугарските превозници, ова е уште едно кршење на европскиот договор за зелени транспортни коридори од страна на Грција, поради што Дангов предупреди дека движењето на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција, може да биде блокирано.

Одобрена вакцината на Џонсон и Џонсон во САД

Единечната доза на вакцината против ковид-19 на Џонсон и Џонсон

Американски регулатор на лекови ја оддобри вакцината против ковид-19 со единечна доза Џонсон и Џонсон за итна употреба, со што станува трета вакцина во борбата против коронавирусот во САД. Американскиот претседател Џо Бајден ги поздрви „охрабрувачките вести “ и ги повика Американците да ги следат здравствените протоколи.

„ Како што реков и многу пати претходно, работите е веројатно дека ќе се влошат повторно, се шират нови варијанти, и сегашното подобрување на состојбата може да се влоши,“ изјави Бајден. Бројот на новозаразени во САД падна од 250 илјади во средината на јануари на околу 70 илјади денеска. Но појавата на новите варинати на коронавирусот и натаму го активира аларамот, со што се очекува таканаречената британска варијанта да стане доминантна во САД до средината на март. Британската варијанта позната како Б.1.1.7 брзо се шири низ Европа, зголемувајќи ја можноста за трет бран на пандемијата во неколку земји, додека процесот на вакцинација е во тек.

Голем дел од земјите во Европа презедоаа некаква форма на рестриктивни мерки меѓу кои и целосно заклучување и ограничување на движењето на граѓаните.


Навални преместен во затвор во близина на Москва


Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални наводно ќе ја издржува затворската казна во близина на Москва, јавуваат руските медиуми. Новинската агенција Тасс објави дека Навални бил однесен во регионот Владимир, каде што ќе биде сметен во затворот во градот Покров кој се наоѓа на 100 километри источно од Москва.

Претходно федералната казнена -поправна служба потврди дека Навални бил преместен од притворскиот центар во Москва каде што се беше сместен од средината на јануари. Но, оттаму не прецизираа каде бил однесен Навални и каде ќе ја отслужи казната затвор од 2 ипол години која судот неодамна му ја одреди.

Директорот на Фондацијата за борба против корупција на Навални, Иавна Жданов изјави дека Навални бил испратен во озогласен затвор ни дека се уште нема точни информации за неговата локација.

Портпаролот на Навални, Кира Јармиш на социјалната мрежа Твитер напиша дека немаат добиено никакво известување за локацијата на Навални и дека единствени инфорации кои ги добиваат се од анонимни извори на медиумите.
„Затоа прашањето каде е Навални, се уште важи , напиша таа на Твитер.

Бугарија нема да учествува на НАТО-маневрите во Црното Море

Илустрација, архивска фотографија


Бугарското Министерство за одбрана го извести НАТО и Генералштабот на Романија дека Бугарија нема да може да учествува во маневрите „Посејдон 21“ поради случаи на коронавирус на два брода на морнарицата на земјата. Официјалната церемонија на отворање на маневрите „Посејдон 21“ се одржа во романското пристаниште Констанца. Претходно беше планирано во нив да учествуваат седум сојузнички земји – Бугарија, Грција, Шпанија, Романија, САД, Турција и Франција. Во вежбите, кои траат од 27 февруари до 6 март, учествуваат повеќе од 700 војници, 13 бродови и девет воени авиони.

ДУИ: Гласините за поделби на партијата се само заговори

Али Ахмети


ДУИ ги отфрла гласините за поделби во партијата, нарекувајќи ги заговор во јавноста. Во соопштението од паријата по вчерашиот одржан состанок на Централното раководство, е наведено дека средбата имала за цел да се разговара за последните случувања во извршната власт и внатре во партијата. Во него е наведено дека состаноците до сега на ова ниво не се оддржувале поради пандемијата, но сега имало потреба од дебата и дискусија, во која биле расчистени сите дилеми и немало простор за делби.

„ДУИ е на пат да преземе нови одговорности. Не се зборуваше за оставки, туку само за напредок“, рече претседателот на партијата Али Ахмети по состанокот на централното раководство на ДУИ.

Во однос на протестите против пресудата за судскиот случај „Монструм“ Ахмерти изјави дека „овие луѓе се користат за политички цели“ и дека од ДУИ секогаш охрабрувале, барале меѓународна истрага за овие случаи и дека ДУИ ќе продолжи да го прави истото. Тој додаде дека се обидуваат да им обезбедат контакти од меѓународните инститиции на луѓето засегнати од случајот.
„Побаравме меѓународна истрага за прашањето за вчерашните протести до странски експерти на оваа област, каде добивме позитивен одговор од нашите американски пријатели, како и од Европската Унија. Постојат и повисоки инстанции каде за ова прашање може да се поднесе жалба и што се однесува до нас, ќе сториме се што можеме “, рече претседателот Ахмети.

Израел:Веројатно Иран стои зад експлозијата на бродот

Илустрација,

Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц изјави дека најверојатно Иран стои зад експлозијата која се случи во почетокот на оваа недела во товарниот брод кој е во државна сопственост. МВ Хелиос Рај е носач на возила кој патувал кон од саудиското пристаниште Дамам кон Сингапур кога се случила експлозија.


„Локацијата на бродот во близина на Иран го покренува сомнежот дека Техеран е одговорен за експлозијата, но сепак мора да се провери. Во моментов тоа е моја првична проценка со оглед на близината, но и на контекстот,“ изјави Ганц за израелска телевизија.


Претходно Иран го обвини Израел за убиство на нуклеарен научник во ноември и вети дека ќе возврати. Експлозијата не предизвика жртви, но остави две дупли со дијаметар од 1,5 метри од страна на бродот, додаде Генц.

Едномесечна вонредна состојба во Чешка стартува утре

Илустрација, чешки паб

Забраната за движење во Чешка стартува од утре. Граѓаните не смееат да ги напуштат своите општини, како дел од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на ковид-19. Чешката влада донесе одлука со која граѓаните ќе мора да носат маски на работните места во затворени простории, но и на отворено во населените места. Во карантинот ќе бидат затворени училиштата и трговските центри, освен продавниците кои продаваат егзестенцијлани добра.

За да можат да ја напуштат својата општина жителите на Чешка ќе треба да имаат со себе потврда за локацијата на нивното работно место, или пак за адресата на роднините за кои ќе треба да се грижат, или лекарот што треба да го посетат.

Тие мерки се дел од едномесечната вонредна состојба во земјата.
Бројот на новозаразени со ковид-19 од почетокот на пандемијата достигна до 1 227 595 заразени и над 20 илјади починати од компликации од коронавирусот.

Почина градоначалникот на Загреб, градот до избори ќе го води заменичката

Илустрација, плоштадот во Загреб, Хрватска

Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ почина ненадејно рано утрово на 66-годишна возраст како последица на срцев удар. Бандиќ подолг период имал здравствени проблеми, а во 2003 година доживеал тежок мозочен удар. До локалните избори во мај годинава, со Градот Загреб ќе управува Јелена Павичиќ Вукичевиќ, заменичка на градоначалникот Бандиќ.

Партијата на трудот и солидарноста на Бандиќ потврди дека Павичиќ Вукичевиќ, долгогодишен соработник на Бандиќ, една од двете заменички на градоначалникот, ќе го преземе управувањето со Градот Загреб до изборите. Јелена Павичиќ Вукишевиќ е исто така потпретседател на Партијата за труд и солидарност.


Сончево и посвежо време

Денеска не очекува сончево и посвежо време. Во текот на денот ќе дува умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен и северозападен правец. Тепературите ќе се движат од – 2 па се до 16 степени. Во Скопје се очекува температурата да биде од 3 до 14 степени.


Денес попладне, како и во следните два дена ќе дува умерен, вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, кој ќе предизвика позначителен пад на температурите, така што дневните ќе опаднат за 7-10 степени во однос на денешната, а утринските од почетокот на следната седмица на повеќе места ќе се спуштат под нулата.

Непосредни избори во СДСМ со еден кандидат - Заев

СДСМ соопшти дека Зоран Заев е единствен кандидат за нов партиски претседател и дека над 80 000 членови со право на глас ќе може да гласаат на првите непосредни внатрепартиски избори на 21 март.
Централната изборна комисија вчера одржала седница на која биле потврдени и објавени кандидатурите за претседател на СДСМ.

Во СДСМ пристигнала само една пријава за кандидат за претседател на партијата, па Централната изборна комисија донесела Одлука за прифаќање на пријавата за кандидатурата на Зоран Заев. Внатрепартиски избори ќе се одржат на 21 март.

Претходно беше отворен јавен повик за поднесување кандидатури за претседател на кој, наведува СДСМ, можеше да се пријави секој член кој ги исполнува условите согласно Правилникот.

Притвор за двајца демонстранти поради насилство на протестите против пресудата за „Монструм“

Протест на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Основното обвинителство достави предлог за притвор за две лица кои насилно се однесувале на вчерашниот протест против пресудата за случајот „Монструм“,каде што беа осудени 5 етнички Албанци за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година. Тие се осомничени за кривично дело учество во толпа која ќе изврши кривично дело. Осомничените, на возраст од 22 и 19 години, учествувале на вчерашниот јавен собир на граѓани во Скопје.

Новинар бил повреден на протестот против пресудата за „Монстум“

Од обвинителството во соопштението наведуваат дека по завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на тоа, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.


„ Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени,“ се наведува во соопштението.

Демонстрантите со камења, полицијата со шок-бомби на протестот за Монструм
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Во продолежение се наведува дека откако Министерството за внатрешни работи ќе ги комплетира кривичните пријави и за други лица кои извршиле насилнички дејствија за време на протестот, Основното јавно обвинителство Скопје и за нив ќе поведе кривична постапка.

Нови 721 новозаболени и 7 починати од коронавирус

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта


Во изминатово деноноќие се регистрирани нови 721 случаи на ковид-19 од 3816 тестирања. Најголем број на евидентирани нови случаи има во Скопје, вкупно 334 , потоа во Прилеп – 56 и Кавадарци – 52. Од министерството за здравство пријавени се седум починати лица од кои најмладиот имал 43 години а најстариот 81.


Бројот на активни случаи во земјава е 8290, од кои во Скопје се 3681. Бројот на ковид- 19 дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 102 482 од 519 985 направени тестирања. Оздравени се 91 066, а починаа 3126 пациенти.


Во болниците низ државата и во главниот град се лекуваат вкупно 669 ковид-пациенти и има околу 380 празни болнички кревети.Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се хоспитализирани вкупно 427 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 36 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 242 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Куќен притвор за малолетникот кој со автомобил го удри лекарот Јота

Илустрација - Полиција

Основниот суд Скопје определи мерка куќен притвор од 15 дена за малолетникот кој го прегази лекарот неодамна. Јавното обвинителство побара од Судот мерка куќен притвор и одземање на пасошот. Во соопштението на Јавното обвинителство е наведено дека до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднеселе барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во ризик постаро од 14 години, за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ како и кривично дело „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.


Како што соопшти Јавното обвинителство, на 25 февруари, детето во ризик, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето.


„Иако немал возачка дозвола, тој управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот „Мајка Тереза“ во Скопје и кога дошол на раскрсницата со улицата „Елисие Поповски Марко“ не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина која би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животно-загрозувачка состојба, а детето во ризик веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош“ се вели во соопштението.


Министерот за здравство Венко Филипче вчера беше во посета на повредениот доктор Ѓорѓи Јота кој беше удрен со автомобил. Филипче изјава дека неговата состојба е стабилна.


„Верувам дека ќе се избори и ќе закрепне иако повредата е многу сериозна,“ соопшти на својот фејсбук-профил министерот Филипче.

Новинар бил повреден на протестот против пресудата за „Монстум“

Протест за Монструм

Тешки телесни повреди „ заработил “ новинар на вчерашните протести против пресудата за случајот Монструм, каде што беа осудени 5 етнички Албанци за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година. 49 годишниот новинар вчера во полициската станица Бит пазар пријавил дека бил удрен со тврд предмет од толпа демонстранти. Во Градската болница „Св.Наум Охридски му биле констатирани тешки телесни повреди. Новинарот за време на протестот бил работно ангажиран, односно известувал за него.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Претседателот на Ерменија одби да разреши воен генерал

Ерменскиот претседател Армен Саркисијан


Ерменскиот претседател Армен Саркисијан одби да го потпише решението за разрешување на шефот на генералштабот на армијата генералот Оник Гаспариан. Претходно такво решение донесе премиерот Никол Пашинијан со што се предизвика политичка криза во земјата.


Според соопштението објавени на веб страницата на претседателот, потпишувањето на решение за отпуштање на генералот е неуставен потег.
Паширијан на својот официјален профил на Фејсбук напиша дека одлуката на претседателот не е погодна за решавање на ситуацијата.
Претседателот има рок од три дена да го потпише решението или да го достави до Уставниот суд на разгледување.

Во неговата пишана изјава е наведено дека со потегот не поддржува ниту една страна, но сметак дека „вооружените сили мора да одржат политичка неутралност“
На опозицискиот протест во Ереван, поранешниот премиер Вазген Манукијан изјави дека претседателот покажал дека стои покрај Армијата.

Левица бара мислење од Венецијанската комисија за личните карти

илустрација, лого на Левица

Политичката партија Левица денеска соопшти дека испратиле писмо до претседателот на Венецијанската комисија, Џани Букикио, во кое бараат правно мислење околу прашањето за планираното впишување на податоци за „етничка припадност“ во личните карти на македонските граѓани.


Причината за ова писмо, е како што велат дека во во ова советодавно тело на Советот на Европа членуваат независни и угледни експерти по уставно право. Со писмото бараат Венецијанската комисија да се произнесе за предлог измените на законот од аспект на усогласеност или неусогласеност со европската пракса и со легислативата на земјите-членки на Советот на Европа, како и во светло на компаративните искуства од други држави.

Руската опозиција ја одбележа шестгодишнината од убиството на Немцов

Руските опозициски активисти денеска ја одбележа шестгодишнината од убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов во центарот на Москва. Шестгодишнината од убиството на Немцов се поклопува со затворската казна за рускиот опозициски политичар Алексеј Навални и сузбивање на неговите сојузници.Приврзаниците на Навални ги повикаа своите подржувачи да оддадат почит со едноминутно молчење и положување цвеќе на мостот во Москва каде што беше убиен Немцов.

Денеска Фондацијата за слобода на Борис Немцов му ја додели на Навални наградата „Борис Немцов“ за храброст.

Нов меморандум за соработка во одбраната со САД

Знамиња на Северна Македонија и САД

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Мара Карлин, во Скопје и во Вашингтон денеска го потпишаа новиот Меморандум за соработка во одбраната помеѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. На потпишувањето на Меморандумот во Министерството за одбрана присуствуваше амбасадорката на САД, Кејт Брнз.


Новиот Меморандум ја отсликува исклучително блиската одбранбена соработка помеѓу двете земји која низ последните години стануваше сè поинтензивна и го заменува постојниот Меморандум за соработка кој беше потпишан во далечната 1994 година, соопштиja од Министерството за одбрана.


Со него се најавува унапредување на стратешкото партнерство преку заеднички обуки и вежби, унапредување на можностите за борба против тероризмот, поинтензивна размена во професионалното воено образование, како и подобрување на интероперативноста.

ВМРО-ДПМНЕ: Братот на Николовски не издава фискални сметки

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека братот на Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски не издава фискални сметки, односно наплаќа во кеш со „каса прими“. Портпаролот Димче Арсовски обвинува дека фирмата на братот на Николовски врши криминал и нелегално зема готовина.


„Доколку било кој друг граѓанин беше на местото на братот на Љупчо Николовски, првин ќе добиеше глоба од 5000 евра, а потоа ќе имаше и постапки против него од страна на УЈП. И така човекот глава немаше да крене од инспекции и казни, но кога се работи за личните бизниси на врвот на СДСМ, вклучително тука за вториот човек во СДСМ и во власта, закон не важи, важно е само да се прават пари“вели Арсовски.


ВМРО-ДПМНЕ ги повикува УЈП и Државната комисија за спречување на корупција да преземат мерки.
„Каде се пропустите, и дали Љупчо Николовски влијаел со својата функција за неговиот брат да може непречено да работи нелегално, спротивно на законот?“ прашува Арсовски.


Опозицијата бара оставка од Николовски од позицијата вицепремиер за борба против корупцијата, како институциите непречено без страв од него и неговата позиција и влијание и моќта која му ја пружа позицијата ќе го истражат случајот.

Во реакцијата на СДСМ се вели дека на ВМРО-ДПМНЕ им пречи тоа што Николовски бил, како што велат, сериозно посветен на борбата против корупцијата на сите нивоа и затоа им бил цел на лажни вести и неосновани напади.

„Ниту Николовски, ниту неговиот брат, ниту кој било член на неговото семејство нема ниту добиено, а најмалку злоупотребено ниту еден денар од државата,како што лаже опозициската ВМРО-ДПМНЕ Додека Николовски, Владата, СДСМ остануваат посветени на ред, правда и дисциплина, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се посветени на одбрана на криминал и корупција во своите редови. Затоа се опозиција и затоа уште долго ќе останат таму“ се вели во писмената реакција на СДСМ.

При експлозија на бомба загинале две лица во Кабул

Илустрација, архивска фотографија, Кабул, Авганистан


Авганистанските власти соопштија дека најмалку две лица загинаа, а неколку други се ранети при одделни експлозии на бомби во земјата. Една од бомбите експлодирала во областа Баграм, во периферијата на главниот град.

Полицијата соопшти дека таргети на нападите биле безбедносните сили, судии, граѓански активисти и новинари.

Во изминатиов период во Кабул е зголемен бројот на напади со бомби кои се прикачени односно залепени на автомобили и активирани од далечина. Ни една организација засега не презеде одговорност за нападите.

Повеќе новороденчиња и починати во време на пандемија

Илустрација, архивска фотографија

Новите податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2020 година изнесува 4 935 и во споредба со истиот период од претходната година, е зголемен за 4.8 отсто.
Бројот на умрените лица во четвртиот квартал лани, пак, бележи зголемување од 89.1.% во споредба со 2019 година и изнесува 9 465 лицa, а од нив 12 се умрени доенчиња. Ваквиот раст, според Државниот завод за статистика е поради доцнењето на извештаите од одделни матични подрачја од претходните квартали како последица на пандемијатa со КОВИД-19.

Природниот прираст изнесува минус 4 530, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.
Од друга страна пак, бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 19.7 % во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 2 689 бракови. Податоците на статистика покажуваат и дека бројот на разведените бракови во ова тримесечје е 540, што претставува намалување од 19.3 % во споредба со истиот период од 2019 година.

Власта не знае кога ќе стигнат вакцините, опозицијата обвинува вратен бил авансот

Првата вакцина против ковид-19 ја прими д-р прим. Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за Инфективни болести

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека во следните неколку денови ќе може точно да каже кога ќе пристигнат двете количини вакцини против Ковид – 19, односно и кинеските и руските. Тој изјави дека не сака да шпекулира, па затоа датумот ќе го соопшти кога ќе биде потврден од двете страни. Филипче изјави дека очекува разговорите да завршат што е можно поскоро.
„ Од Фајзер за којшто го очекуваме драфт договорот. Со руската компанија интензивно разговараме сега овие денови после поптишувањето на договорот и секако со кинеската“, изјави министерот Филипче, кој денеска беше во посета на гостиварската болница каде е пуштен во употреба модуларниот КОВИД центар.


Тој додаде дека преку сајтот и преку матичните лекари се пријавени малку граѓани во онаа прва категорија над 70 години. Филипче апелираше до до матичните лекари да ги пријавуваат граѓаните своите над 70 години со хронични болести со првата следна приоритетна следна група да се пријавуваат и да ги внесуваат податоците во системот мој термин затоа што тие ќе бидат првите веднаш после лекарите и медицинските сестри.


Од друга страна, по прес конференцијата на Филипче, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека причината за доцнењето на кинеските вакцини лежи во македонската власт. Оттаму обвинуваат дека Владата постојано лаже за набавката на вакцини.

„ Имам информација дека е вратен авансот кој владата го платила до кинеската фирма, па затоа прашуваме јавно дали е вистина дека е вратен авансот за кинеските вакцини и воедно кои се причините доколку е вистина дека е вратен, иако нашите информации говорат дека е вратен и не само што ќе доцнат туку ние нема да добиеме вакцини од кинеската фирма во идниот период, “ изјави портаролот на ВМРО-ДПМНЕ Душко Арсовски.

Во Хрватска регистрирани два случаи од „јужноафриканскиот сој“

Илустрација, архивска фотографија, Хрватска

Првите два случаи на мутацијата на коронавирусот, познати во јавноста како јужноафрискански сој се регистрирани во Хрватска. Дополнително е забележано и значително зголемување на бројот на лица заразени со британскиот сој на вирусот.

„Вчера ги добивме резултатите од секвенционирањето на примероците што ги испративме до Европскиот центар за контрола на болести. Од 300 примероци чии резултати пристигнаа, 60 беа позитивни за британскиот сој, што е 20 проценти позитивни примероци. Тоа е прилично висок процент. Потврдена е и јужноафриканската варијанта кај две лица кои се вратиле од Африка, од Занзибар“, изјави епидемиологот Горанка Петровиќ.

Османи: Не може по секоја средба на комисиите да се очекува спектакуларен резултат

.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција изјави дека не може после секоја средба на мешаната македонско – бугарска комисија за историски и образовни прашања да се очекуваат спектакуларни резултати. Затоа е интенцијата овие средби да бидат почести за да се дојде до решенија, додаде тој, по вчерашната средба на која не беше постигнат позначителен напредок за отворените прашања.


„ Имало прогрес вчера, усвојување на записникот, разговарано е отворено, конструктивно, но не е постигнато одредено усогласување за прашањето за препораките во делот на учебниците итн. што не значи дека разговорите од вчерашната и завчерашната средба не се добра основа за следната веќе која што е закажана за месец дена да може да се најде одредено решение,“ рече Османи.


Тој додаде дека во меѓувреме проодлжува и усогласувањето со Софија околу акцискиот план. За тоа пред два дена разговарал во Софија со бугарската колешка Екатерина Захариева со цел да може да се одржи меѓувладината средба.


„Нашата интенција е дека треба да се вратиме на Договорот, на начелата на Договорот или инструментите коишто ги предвидува Договорот. Мислам дека се повеќе од бугарска страна се потврдува таа интенција дека само Договорот е решението, а Договорот има јасни утврдени насоки кои се разликите и како треба да се надминат разликите. Мислам дека отворање на дополнителни прашања не е во интерес ниту на двете страни,ниту на процесот“, изјави Османи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG