Достапни линкови

Уапсен екс претседателот на Киргистан, пратениците расправаат за нова Влада


Поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаев

Киргистанските безбедносни сили го уапсија поранешниот претседател на земјата Алмазбек Атамбаев, додека пратениците се состанаа да разговараат за новата влада во услови на континуирани превирања околу спорните парламентарни избори. Апсењето на Атамбаев е во услови на зголемени тензии во главниот град на Киргистан и следеше по повикот за вонредна состојба од сегашниот претседател Соронбај Јенбеков.

Оклопни воени возила се распоредени во некои делови на Бишкек, еден ден откако избувнаа судири меѓу ривалските фракции кои се борат за моќ по неисправните избори на 4 октомври. По трет пат во последните 15 години демонстранти се обидуваат да ја соборат владата во централноазиската држава со 6,5 милиони жители, една од најсиромашните од поранешниот Советски сојуз.

Немирите беа предизвикани од обвинувањата за купување гласови за време на изборите на кои првично провладините партии беа прогласени за победници. Опозициските партии одбија да ги прифатат резултатите, а илјадници демонстранти излегоа на улиците и зазедоа владини згради. Опозициските групи тогаш ја принудија владата да си даде оставка, а изборната комисија да ги поништи резултатите. Но, тие не успеаја да се договорат кој би ја предводел привремената влада.

Пратениците денеска се собраа во претседателската палата да се обидат да постигнат договор за формирање нова влада и да одлучат дали ќе ја одобрат наредбата за вонредна состојба на Јенбеков.

XS
SM
MD
LG