Достапни линкови

Меркел го посетила Навални додека бил во берлинската болница


Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел лично го посети рускиот опозиционер Алексеј Навални, додека тој беше на лекување во берлинска болница поради труење, изјави денеска портпаролот на канцеларката.

Веста за состанокот веројатно ќе ја изнервира Москва, која го отфрла наодот на германските, француските и шведските експерти дека Навални бил отруен со нервен агенс во Русија минатиот месец. Русија постојано ја критикуваше Германија за, како што рече, неуспехот да се споделат информации за случајот, јави новинската агенција Ројтерс.

„Тоа беше лична посета на Навални во болница“, изјави портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт, на редовната прес-конференција, одбивајќи да открие детали за тоа што е кажано или колку траела средбата.

Навални минатиот месец беше пренесен од Русија во Берлин, откако се разболе на домашен лет. Тој се лекуваше од труење во болницата во Харита 32 дена пред да биде отпуштен минатата недела. Москва официјално негираше каква било одговорност за состојбата на Навални.

„Германија сè уште очекува објаснување од Русија за случајот“, додаде портпаролот на Меркел, Зајберт, на денешната прес-конференција.

Навални денеска на Твитер напиша дека станува збор за „приватен состанок и разговор со семејството“. Тој додаде: „Јас сум многу благодарен на канцеларката Меркел што ме посети во болница“.

Случајот Навални дополнително ги влоши односите меѓу Москва и голем број западни земји. Меркел се соочи со повици да го запре речиси завршениот гасовод „Северен поток 2“ со кој рускиот гас се донесува во Германија.

XS
SM
MD
LG