Достапни линкови

Медиуми- Ковид и полициска бруталност


Училиштата се подготвуваа за настава според протоколи за ковид.

Отворањето на градинките и коронавирусот се едни од главните теми во дневниот печат. Состојбата со ковид-19 се влошува, а власта најавува нови рестриктивни мерки. Полициската бруталност, откако полицајци претепаа Роми во Битола исто така е во фокусот на медиумите.

„Вирусот се шири во сите правци, потфрли заедничката соработка“ - гласи најновото предупредување од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој повика на соработка меѓу народите, глобалните и регионалните организации, меѓународните финансиски институции, синдикатите и други актери.

Неговата изјава ја пренесува порталот на Нова Македонија. И во другите електронски изданија на печатените медиуми и интернет порталите, главно, доминираат вестите за зголемувањето на новозаразените од корона вирусот, и во светот но и кај нас, откако во летниот период луѓето се олабавија и престанаа да ги почитуваат мерките за заштита.

Речиси сите електронски и пишани медиуми ја пренесуваат изјавата на министерот Венко Филипче. Порталот СДК.МК во насловот го цитира конкретно: „Состојбата со ковид-19 се влошува, и сам човек на улица ќе мора да носи маска, ќе се ограничи бројот на гости во кафеаните и кафулињата“. Вечер со насловот „Владата ги стави во ќош мајките, бираат или децата или работата“ информира за вториот протест пред Владата на мајките кои беа на продолжено породилно отсуство поради корона вирусот и алармираат дека „немаат решение каде да ги остават нивните деца, а во градинките не им ги примаат“. Нова Македонија, пак, пишува дека „Надлежните не попуштаат, мајките даваат откази за да ги чуваат децата дома – Со отворањето на градинките, се губи смислата мајките да останат дома, велат надлежните во Министерството за труд и социјална политика“. СДК.МК објави дека Владата одобрила во 169 основни и во 4 средни училишта да има настава со физичко присуство.

Медиумите информираат и за петтиот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ „против реваншизмот и политичкото насилство“ што почна од Министерството за правда и заврши пред Кривичниот суд. Слободен печат на насловната напиша: „Опозиционерот Мицкоски си „нарача“ обвинител од премиерот Заев – јавниот обвинител и натаму политичка монета за тајно поткусурување“, во врска со барањето на Мицкоски опозицијата да предложи нов јавен обвинител. Порталот Курир.мк сумира: „Владата на Заев на удар на различни масовни протести. Ако протестите продолжат како досега и во ваков обем се чини дека на стаклени нозе е Владата и лошо ѝ се пишува...“

Вечер објавува за две тешки обвинувања од страна на припадници на ВМРО-ДПМНЕ: Рашела Мизрахи, инаку нова членка на Извршниот комитет на Партијата го спореди ставот на СДСМ дека „таа е опасност за европската перспектива на земјата“ со оној на Хитлер за Евреите, а Тони Менкиноски, што ја води правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, му порача на новиот министер за правда, Бојан Маричиќ дека „програмата на СДСМ во делот на правото била препишана од „фашистичката партија на Мусолини“.

Претепувањето на тројца Роми во Битола од страна на полицијата и на друг граѓанин, исто така од ромската заедница во Скопје, го инспирира порталот Курир.мк Македонија да ја спореди со Дивиот Запад и да го нападне првиот човек на МВР: „Полицијата на Спасовски брутално на секој чекор тепа граѓани, МВР на чело со Оливер мудро молчи“. Порталот СДК.МК, пак, информира: „МВР го испитува случајот за полициско претепување на битолчанец“. Нова Македонија со наслов: „Хелсиншки комитет бара најстроги казни за полицајците што брутално претепаа Ром во Битола“.

Македонскиот револуционер Гоце Делчев и натаму е камен на сопнување помеѓу Македонија и Бугарија, па во изминатата недела и подолго најновите изјави од бугарски функционери доминираа како тема во домашните медиуми. Премиерот Зоран Заев и претседателот на државата, Стево Пендаровски реагираа со смирени изјави дека „Делчев е македонски револуционер но дека е факт дека и Бугарија го смета за свој“, како што изјави Заев. Порталот Република со следниов наслов ја објави најновата изјава на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов: „Стигна новиот шамар од Бугарија: Ќе кажеме дека не е време за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ“. Неделникот Фокус во една колумна, покрај другото, забележува: „Злоупотреба на историјата за политички и за лични цели – Бугарските тези за Македонците како дел од бугарскиот народ и за македонскиот јазик како западен бугарски дијалект, замислете во 21 век, ги прави смешни и ги сведува на ниво на национален пубертет“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG