Достапни линкови

Пораст на полициската бруталност во Македонија


Илустрација- Зградата на Министерството за внатрешни работи
Илустрација- Зградата на Министерството за внатрешни работи

Според податоците на Народниот правобранител, лани имале три отворени предмети за полициска бруталност, а годинава досега дури 15. Темата за полициската бруталност стана актуелна по видео снимката на која се гледа како полицајци тепаат Ром. За полицаецот е поднесена кривична пријава.

Додека политичарите и невладините организации ја осудуваат полициската бруталност во случајот се тепаните Роми во Битола, а надлежните велат дека вршат истрагата, податоците покажуваат дека во земјава во пораст е полициска бруталност. Народниот правобранител Иџет Мемети за Радио Слободна Европа вели дека имало период од две- три години во кои се намалиле поплаките од граѓаните за полициската бруталност, нешто што не е случаj и сега.

„Лани третиравме само три случаи за полициска бруталност, но за жал не можеме да кажеме дека тој тренд продолжи и во 2020 година. Само за овие девет месеци во 2020 година имаме 15 такви постапки во кои граѓаните се жалат дека полицијата ги злоупотребува средствата за присилба надвор од професионалните стандарди“, вели Мемети.

Темата со полициската бруталност стана повторно актуелна откако се појави видеото на кое се гледа како полицајци тепаат двајца Роми во Битола. Премиерот Зоран Заев, министри, опозициски политичари, невладини, речиси сите излегоа со остра осуда и барање за расчистување на случајот, а Мемети вели дека и тие почнале постапка за овој случај. Според нивната статистика најголем дел на предметите за кои отвориле постапка за полициска бруталност жртвите се Роми. Набројува дека од вкупниот број предмети минатата и оваа година во десет жртви се Роми, во пет Македонци, во два Албанци, во еден Србин и најновиот случај во кој жртва е еден Авганистанец кој бил тепан од полицаец во прифатниот центар Винојуг.

Според правобранителот, за растот на полициската бруталност има неколку причини.

„Од секогаш сме барале да има перманентна обука на полицајците за начинот како да се постапува со граѓаните. Има периоди во нашето општество кога полицајците групно се примаа на работа само со обука, а не и со редовно образование и бараме да се врати редовното образование “, вели Мемети кој посочува дека е неопходно да функционира и системот на казни бидејќи само еден случај завршил со судска одлука во која е казнет полицаец.

Кебир Авзиу, пак, е поранешен вработен во комисијата за внатрешната контрола на МВР за реонот на Тетово и Гостивар, а сега е професор на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет. Тој вели дека од снимката од Битола не можел да заклучи што точно се случувало, но од она што се гледа физичка сила и не морало да биде употребена.

„Во секој случај кога законската цел може да се постигне без употреба на сила тогаш полицискиот службеник треба да употребува други ненасилни методи, но кога одлучува да употребува сила тогаш таа мора да биде професионална. Видео снимката што ја видовме вчера ми остава впечаток не е тоа професионална сила затоа што лицето лежеше на земја и можеше законската цел да се постигне и на друг начин“, вели Авзиу.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, однесувањето на полицијата, дури и во случај кога е провоцирана од граѓани го поврзува со психичката подготвеност.

„Полицаецот ако биде испровоциран и ако не може да се совлада ќе реагира исто како и секој граѓанин што реагира и тогаш ќе направи повреда за правилата на физичко дејствување. Тука е проблемот. Тие се обучуваат, се спремаат, но мислам дека психичката подготвеност не е секогаш соодветна на улогата што ја имаат полицајците“, вели Трајанов.

Од Министерството за внатрешни работи за последниов случај во Битола информираа дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе го утврдло идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана. Од невладината организација Аваја која го откри настанот, пак, веќе најавија дека ќе организираат протести против полициската бруталност.

Еден од најпознатите случаи на полициска бруталност во Македонија е убиството на Мартин Нешковски при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година кога беше брутално претепан од припадник на специјална полициска едница Тигри. Поради неговата смрт тогаш почнаа и низа протести со барање да престане полициската бруталност.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG