Достапни линкови

Безбедносната состојба стабилна, корона кризата останува предизвик


Седница на Националниот совет за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски

Советот за безбедност ја оцени како стабилна политичко-безбедносната состојба во земјава. Советот заклучил дека корона кризата останува најголем предизвик, но не се очекува развојот на настаните во таа сфера да влијае врз општата безбедност во државата.

Откако Северна Македонија стана членка на НАТО, Националниот совет за безбедност ја оцени политичко-безбедносната состојба во земјава како стабилна, и без индиции да биде загрозен територијалниот суверенитет. По денешната седница на Советот, претседателот Стево Пендаровски изјави дека безбедносните служби ќе продолжат да ги следат евентуалните безбедносни ризици и закани и истакна дека кризата со ковид 19 останува најважниот предизвик за македонското општество.

„Советот заклучи дека состојбата во земјата и регионот е стабилна и нема индиции да биде загрозен нашиот територијален интегритет и суверенитет. Надлежните институции во континуитет ги следат сите ситуации кои потенцијално би можеле да прераснат во посериозен безбедносен проблем, вклучувајќи го тука го и евентуалниот бран од мигрантска криза. Сепак пандемијата со ковид 19 останува најважниот предизвик за нашето општество, но според денешните проценки кои беа презентирани, не очекуваме дека ќе има развој кој би влијаел на општата безбедност“, изјави претседателот Пендаровски.

На состанокот се зборувало и за безбедносните импликации од воведувањето на 5г мрежата, а во тој контекст претседателот најави дека сега како членка на НАТО сите надлежни институции се обврзани да ги применуваат правилата кои во овој домен ги препишува Алијансата.

Во меѓувреме од седиштето на НАТО соопштија дека Северна Македонија работи на засилување на сајбер безбедноста, алудирајќи на неодамна завршените обуки на експерти од земјава, чија цел е да се зајакнат капацитетите на земјава да одговорат на евентуални сајбер закани. Како што информираат од Алијансата, учесници на седум владини институции успешно завршиле два курса во рамките на „Програмата на Нато за мир и безбедност“.

Обуките, како што информираат понудиле корисни информации за разбирање и прилагодување на средината на сајбер заканите, како и размена на информации и подобра комуникација во оваа област. Понатаму, менаџерите и техничарите ќе можат да го применат своето знаење за подобро разбирање на потенцијалните слабости на мрежните системи.

„Вештините обезбедени од овие курсеви ќе ја зајакнат сајбер одбраната на националните инфраструктури и мрежи во Северна Македонија“, изјави Денис Бетен, виш советник во Програмата за мир и безбедност и партнерска соработка во седиштето на НАТО.

Од Министерството за одбрана потврдуваат дека нивни претсавници биле дел од обуките, заедно со претставници од Воената академија, МНР, МВР, МИОА, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Агенцијата за национална безбедност и ЦИРТ. Воената академија била коорганизатор на двете напредни десетнеделни обуки за “Мрежна безбедност” и “Проценка на ранливост на мрежи и намалување на ризици”. Оттаму додаваат дека по завршувањето на обуката триесеттина експерти од земјава се здобиле со светски признати сертификати од областа на сајбер безбедноста.

Инаку министерството за одбрана годинава ја усвои Националната стратегија за сајбер безбедност, која меѓудругото предвидува развој на единици со сајбер капацитети во различни делови во Владата и Армијата и основна рамка за координација и комуникација при одговор на сајбер напади на воените системи, но исто така и на критичната инфраструктура.

Токму заштитата од сајбер напади, како реална закана во светот и кај нас, е еден од приоритетите на кои се фокусира и Агенцијата за разузнавање.

„Градење на капацитети за сајбер безбедност што е новина и посебен фокус на заштита и безбедност во врска со техничка опрема и технологии од држави кои претставуваат безбедносен ризик за НАТО се дел од реформите кои од Агенцијата ги очекуваат партнерските земји од НАТО“, изјави неодамна во интервју за РСЕ, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

За заштита од овој тип на напади досега како конкретни чекори на овој план државата и невладиниот сектор заеднички изработија стратегија и акциски план, кој е усвоен кон крајот на 2018 та година и кој тековно се имплементира и со кој се предвидени активности на национално ниво за заштита од сајбер напади.

Инаку, за заштита на државните институции од сајбер напади е задолжен тимот од Националниот центар за одговор на комјутерски инциденти ЦИРТ кој е дел од Агенцијата за електронски комуникации. Тимот на МКД. ЦИРТ е формиран во 2016 година. Фирмите, пак, од интернет напади се штитат индивидуално со свои механизми и ресурси. Министерство за информатичко општество ги поставува правилата што треба да се имплементираат во другите институции за заштита од интернет напади, Министерството за одбрана е вклучено со посебен вид на сајбер заштита, особено за воениот систем, а МВР се задолжени за истрагите при сајбер напади.

Дека земјава не е имуна на сајбер заканите, покажува и нашето искуство летово, кога за само една недела во јули, се случија 4 напади на интернет страници, од кои три на државни институции како Државна изборна комисија, потоа Министерство за здравство и Министерство за образование и една на најголемиот македонски интернет агрегатор тиме.мк. Експертите во оваа област велат дека едноставна промена или недостапност на одреден сервис не претставува тежок сајбер напад врз институциите. Тие посочуваат дека ние немаме централизирана заштита на сите институции под една капа, а тоа значи дека секоја институција засебно си ја води заштитата дали со свои, дали со надворешни ресурси и секоја е одговорна за сајбер заштитата за својата институција сама по себе.

Сајбер експертите советуваат да ги ископираме и да ги примениме посоодветните типови на сајбер заштита кои функционираат во европските земји и да ги примениме со цел да направиме една глобална заштита на ниво на држава која ќе ги штити сите државни институции и ресурси во сајбер светот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG