Достапни линкови

Без пари и стратегија ништо од олимписки медали


Македонија треба да креира стратегија за развој на врниот спорт. Додека во светскиот спорт се вложува и речиси нема мала нација која нема резултати, земјата на Олимпијади праќа учесници со вајлд карта. Од осамостојувањето имаме освоено само еден медал.

Системската поставеност на спортот, слабата организација и немањето на државна стратегија за развој, се само дел од факторите за слабите резултати на македонските олимпијци на изминатите седум летни Олимпијади.

Вака дел од спортските работници ги објаснуваат состојбите во македонскиот oлимпизам по завршувањето на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Македонија во периодот од осамостојувањето освои само еден медал, бронзата на борачот Могамед Ибрагимов во Сиднеј 2000 година.

Косово на првиот свој настап, летово, освои златен медал во џудо. Другите земји од соседството, како Србија, Хрватска, Словенија, традиционално на Олимпијадите учествуваат со десетици спортисти и освојуваат медали.

Годинава во Рио, сите олимпијци од Македонија настапија со вајлд карта, односно без исполнета А олимписка норма.

Атлетичарот Ристе Пандев трчаше на 100 метри. Во предквалификациите беше прв во групата, со резултат 10.72, а во квалификациската трка беше последен во групата со 10.71. Тој истрча послабо од своето најдобро време (10.61). Пандев е стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК), и во подготвителниот период тренираше во Швајцарија.

Атлетичарката Дрита Исљами во квалификациите на 400 метри со пречки имаше 45-ти резултат 1:01.18, од вкупно 48 атлетичарки. Таа беше претпоследна во својата група и не го истрча своето најдобро време.

Пливачката Анастасија Богдановски, на 200 метри слободно исплива 2:02.52 што е македонски рекорд, но со овој резултат таа беше 33–та од 42 пливачки.

Марко Блажевски на 200 метри мешано го исплива своето најдобро време: 2:02.52, резултат со којшто на крајот беше 26–ти од 27 пливачи. Неговото време е за скоро осум секунди послабо од победничкото во оваа дисциплина. Марко, како и Анастасија, е стипендист на МОК којшто издејствува да оди на студии во САД и да работи со американски тренери.

На Блажевски ова му е втора Олимпијада на која се натпрeварува со вајлд карта. Тој со исполнета Б норма пливаше и во Лондон пред четири години и на 400 метри мешано заврши 34-ти од 36 пливачи во оваа дисциплина. Постигнатиот негов резултат (4:32.38) беше за скоро 27 секунди послаб од оној на победникот.

Во стрелаштво, Нина Балабан стрелаше во дисциплина 10 метри со воздушна пушка. Таа истрела 407.7 кругови, послабо од нејзиниот најдобар резултат, и во квалификациите беше 42 - ра од 51 натпреварувачка.

Катерина Николовска во џудо се натпреваруваше во категорија до 63 килограми. Во првото коло беше елиминирана од Бусра Катипоглу од Турција.

МОК во изминатиот олимписки циклус имаше 11 стипендисти. Меѓу нив беа и борачите кои не исполнија олимписка норма, а во борењето не е дозволено учество со вајлд карта. Стипендиите на МОК изнесуваат околу 800 долари месечно за четиригодишен период.

Без исполнета олимписка норма, со таканаречената вајлд карта, кајакарот Лазар Поповски учествуваше на четири изминати Олимпијади.

Овие бројки покажуваат дека македонските рекорди и резултати не се мерило за квалитет. За постигнување успеси на големите натпреварувања Македонија прво треба да креира стратегија за развој на врниот спорт и на олимпизмот, вели претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски.

„Државата има обврска во Собранието на Македонија, на предлог на Владата, да усвои стратегија за развој на врвниот спорт. Таа би ги согледала сите наши проблеми и би дала некои правци, но таков документ ние немаме. Ние го изготвивме во МОК, но едноставно општеството не сака или не е подготвено да го прифати, барем за дебата. Тој сигурно не е најдобар, но е единствен што го имаме. Така да ние ќе кубуриме со резултати, бидејќи премногу се вложува во светскиот спорт, извонредно е организиран и скоро веќе нема ниту мали нации коишто не постигнуваат резултати“, вели Тупурковски.

Тој истакнува дека МОК досега не добил никаква финансиска помош од државата. Коментирајќи го косовскиот успех во џудо, тој потенцира дека македонските каратисти имаат потенцијал за резултат на следната Олимпијада во Токио.

Кајакарот Атанас Николовски, кој беше дел од македонската олимписка репрезентација на Олимпијадата во Пекинг пред осум години, вели дека треба да се направи опсежна анализа за да се утврдат пропустите во македонскиот спорт.

„Дефинитивно треба да се седне и да се работи. Треба секој да си ја сноси одговорноста и мислам дека е крајно време Македонија за следните Олимписки игри во Токио да почне да работи по друг принцип и според други стандарди и за неколку години да направиме некоков резултат, бидејќи вака само тонеме надоле и во оние спортови кои беа традиционално на Олимписките игри. Мислам дека е крајно време да се освестиме и да почнеме да работиме како што треба“, вели Николовски.

Тој додава дека Македонија има талентирани спортисти, но според него еден од приоритетите е повисоко ниво на комуникација меѓу спортските федерации, тренерите, МОК и Агенцијата за млади и спорт.

Сепак, Олимпијадата во Рио е последниот настан по кој се отсликува квалитетот и состојбите во кои се наоѓа македонскиот спорт, колку земјата цели и ја сфаќа важноста на остварувањето на фундаменталните принципи на Олимпизмот, наведени во Олимписката повелба, не само спорт, туку и филозофија на живот: воздигнување и баланс меѓу квалитетите на телото, волјата и умот, спојување на спортот, културата и образованието.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG