Достапни линкови

Проф. Ѓоргиев: Прашањето за Делчев може да се реши со мултиперспективност


Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Македонско-бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања ќе одржи состанок на крајот на септември, најави копретседавачот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, јави МИА.

Тој, во изјава за бугарската ТВ Европа, вели дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и оти дијалогот за тоа треба да продолжи, а за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ смета дека би била погрешна политичка одлука што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји.

„Секогаш ќе има дебати за идентитетот на Гоце Делчев и во Македонија и во Бугарија, со оглед на неговото место во пантеонот на националните херои. Ако постои добра волја од двете страни, може да се постигне резултат. Еден начин е „мултиперспективноста“. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да постојат паралелно. И тоа нема да биде пречка тој да се слави од двете страни“, рече проф. Ѓоргиев, пренесе МИА.

Тој посочува дека кога се зборува за Гоце Делчев, емоциите во Македонија се на највисоко ниво и според него, работата на заедничката комисија треба да продолжи, но проблемите не можат да се решат без дијалог.

„Јас и моите бугарски колеги имавме онлајн состанок на почетокот на летото и се согласивме да имаме средба на крајот на септември или почетокот на октомври. Таа треба да се одржи во Скопје. За неколку дена ќе испратам покана до моите колеги во Бугарија, има неколку технички прашања што треба се завршат од македонска страна и потоа ќе биде испратена поканата“, вели Ѓоргиев, пренесе МИА.

XS
SM
MD
LG