Достапни линкови

Димитров: Изјави што можат да ги навредат соседите не помагаат


Македонскиот вицепремиер Никола Димитров

Во 21 век во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Тој за Радио Слободна Европа вели дека договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничка историја што ги поврзува двата народа.

„Прифаќањето на минатото, но и на сегашноста, еден благороден процес што го почнавме со Бугарија, мора да се темели токму на ова право, како за хероите од минатото кои се од големо значење за двете страни, така и за денешните генерации. Договорот зборува за заемно почитување и пријателство. Зборува за помош од страна на Софија на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ“, вели вицепремиерот.

Тој нагласува дека имајќи ја предвид визијата за заедничка европска иднина како блиски народи и соседи, убеден е дека со заеднички сили треба да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни.

„Тоа е одговорна и зрела политика, тоа се европските вредности. Изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат. Историјата ќе не’ памети според тоа како сме се однесувале кон иднината“, наведува Димитров.

Оваа негова изјава следува ден по изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачов, кој се закани дека Софија ќе го блокира македонскиот пат кон Европската унија ако заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања не почне со работа.

XS
SM
MD
LG